Премиерите на Северна Македонија и Обединетото кралство, Христијан Мицкоски и Кир Сатрмет денеска на маргините на самтитот во Тирана соопштија дека двете земји постигнале согласност за стратешко партнерство.
По средбата со Стармер, премиерот Мицкоски изјави дека овој договор е историски и тој ќе овозможи инвестициски циклус во вредност од околу шест милијарди евра во инфраструктурата, железницата, транспортот, здравството и други области.
„Со овој меѓувладин договор сигурен сум дека ќе имаме уште поголема билатерална соработка, ќе ги зацврстиме нашите врски и со ова ќе се не само искуството туку и ќе се сподели искуството на Обединетото кралство во тој дел на ЕУ и сметам дека Балканот е навистина инспиративно место“ изјави Мицкоски.
Премиерот Кир Стармер за стратешкиот договор истакна дека е од голема важност и со него ќе се решаваат многу важни работи меѓу двете држави.
„ Фактот што можевме да го потпишеме овој меѓувладин договор сметам дека е од голема важност и тоа покажува дека ние ќе решаваме многу работи меѓу двете држави. Се радувам на оваа билатерална средба и билатералниот договор и мислам дека имаме многу да направиме заедно“ изјави британскиот премиер Стармер.
За договорот се преговарало повеќе месеци меѓу тимови од двете држави.
Мицкоски рече дека македонската јавност ќе ги дознае сите детали од договорот во наредните денови, а веќе за утре е најавена и прес конференција во Владата.
Во соопштението од британската влада се наведува и дека двајцата лидери дискутирале „за неодамнешното приклучување на Северна Македонија кон заедничката миграциска работна група, иницијатива која има за цел да ја зајакне регионалната соработка во спречување на нерегуларната миграција низ Балканот и да ги наруши криминалните мрежи кои ја олеснуваат“.
Едно од прашањата ќе биде дали овој договор со Обединетото кралство опфаќа прифаќање на одбиени баратели на азил од таа земја.
Стармер во четвртокот од Тирана соопшти дека Велика Британија е во преговори со повеќе земји за создавање „центри за враќање“ на одбиени баратели на азил.
„Во тек се разговори со повеќе држави за воспоставување вакви центри за враќање“, рече Стармер.
Британскиот „Дејли Мејл“ објави дека албанскиот премиер Еди Рама го одбил британскиот премиер Кир Стармер за градење на камп за мигранти, односно лица кои Велика Британија ги одбила за азил или сака да ги депортира.
Денеска во Тирана се одржа шестиот Собир на Европската политичка заедница под наслов „Нова Европа во новиот свет: единство - соработка - заедничко дејствување“ на кој присустваа 47 шефови на држави или влади од Европа.