Достапни линкови

Вишокот „зелена струја“ тест за македонскиот електро-енергетски систем


Фотоволтаична централа Теново - архива
Фотоволтаична централа Теново - архива

Балансирањето на производството и потрошувачката е полесно ако струјата доаѓа од термоцентралите, но предизвик се фотоволтаичните централи, каде од еден облак зависи колку струја влегува во системот. Регулаторите и експертиите алармираат побрзо да се озовможи складирање на вишокот струја, но и изградба на гасни централи

Целата држава остана без струја некаде и повеќе од два часа во текот на минатиот викенд. Тогаш интервенираше Бугарија која соопшти дека се работи за технички проблем поврзан со реактивната енергија што предизвикала нестабилност на мрежата, но дека причината не е струјата од обновливите извори на енергија.

Бугарскиот министер за енергетика Жечо Станков рече дека енергетскиот систем на Југоисточна Европа бил ставен на сериозен тест по големата несреќа во Шпанија и Португалија.

„Системот се соочи со големи предизвици, со високи напони поради мала потрошувачка и голема количина на реактивна енергија“ , изјави Станков.

Два дена подоцна поголемите градови во источниот дел од државата, како Кочани, Струмица, дел од овчеполието останаа без електрична енергија.

„Испадот најверојатно се случил поради висок напон, односно неможноста да се прими електричната енергија од големиот број инсталирани фотоволтаици, а мала потрошувачка. Ние немаме големи индустриски капацитети кои трошат многу струја“, изјави во Собранието Мирослав Лабудововиќ, заменик министер за енергетика.

Електричната енергија произведена од фотоволтаичните централи достигна 41 отсто од вкупно произведената струја во Северна Македонија во 2024 година. По колапсот на електроенергетскиот во Шпанија и Португалија во април, расте загриженоста дека такво нешто би можело да се случи и во Северна Македонија.

Во април, за време не велигденските празници МЕПСО прв пат исклучи дел од соларните централи за да се спречи ваков колапс.

Има простор за уште соларни централи

Во моментов, во употреба се фотоволтаични централи со инсталирана моќност од околу 1.000 мегавати, но има простор во системот да се вклучат и нови.

„Потенцијалот на македонската електропреносна мрежа е околу 1.500 мегавати“, тврди претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.

Според извештајот на Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси, минатата година биле изградени и пуштени во употреба 349 нови електроцентрали кои работат со обновливи извори на енергија.

Бислимовски смета дека се случува револуција со обновливи извори, нешто што се случуваше во телекомуникациски сектор во 90-ите.

„Сега ова е нова ситуација за цел регион. Затоа што прв пат се соочуваме со ситуација да имаме толку високи напони. Повеќе енергија има отколку што е потрошувачката. Во Македонија не работи ФЕНИ, којшто е релативно голем потрошувач, не работи ни Фероникел во Косово, има и големи металуршки комбинати што порано работеле, сега не работат и дополнително затоа има енергија“, објаснува Бислимовски.

Потребни се нови гасни и хидроцентрали

Колку македонскиот електро-енергетски систем е способен да се справи со проблемите што може да доведат до нестабилност на системот?

“Не е во многу завидна положба“, вели Рубин Талески, професор на електро-техничкиот факултет во Скопје.

Објаснува дека станува збор за ситуации кога ЕЕС треба да одговори на големи и брзи промени во производството и потрошувачката на електрична енергија затоа што системот не располага со доволно резерва за балансирање на производството и потрошувачката.

„Кога проблемот треба да се реши, да речеме за 15 минути, тогаш треба да го обезбедат хидроцентрали или гасни централи, кои за жал ги немаме многу. Хидроцентрали имаме но прашање е дали акумулациите имаат во моментов доволно вода, а гасна централа имаме само една“, вели професорот Талески.

Балансирањето на производството и потрошувачката е полесно ако струјата доаѓа од електроцентралите на нуклеарно гориво или јаглен, бидејќи тоа производство лесно се планира. Но, предизвик се фотоволтаичните централи, каде еден облак прави огромна разлика – колку струја влегува во системот.

Без складирање, фотоволтаиците ја предаваат целата произведена енергија директно во системот.

Изградбата на хидроцентралите Чебрен и Галиште би го решиле проблемот, но по 14 пропаднати тендери нема многу надеж дека би се реализирале.

„Побрзо може да се прави гасна електрана, а најбрзо, за да ни помогне во оваа ситуација, треба да се направат батериски системи за складирање на вишокот енергија“, вели Бислимовски.

Според инсталираната моќност на сите електрани во земјава, на обновливите извори на енергија отпаѓаат 55,72 отсто, по што следат термоелектраните со 34,65% и остатокот од 9,63% е на ТЕ-ТО (конгеренативна централа).

Кога е во прашање производството на електрична енергија во Северна Македонија , 41,03% отпаѓа на обновливите извори, 38,43% на термоелектраните, а останатите 20,54% се на гасната централа ТЕ-ТО.

Колкава е опасноста од „блек аут“ како во Шпанија и Португалија?

„Теоретски може, но ние сме во нешто малку подобра ситуација. Многу сме мали како електроенергетски систем и не можеме да бидеме причина за „блек аут“, затоа што има заштита и ќе бидеме исклучени од системите на Србија, Грција или Бугарија. Ако пак се случат проблеми во соседството тоа може да се пренесе кај нас и тука не можеме многу да направиме, но може да ни помогнат системите од соседството да се спаси системот“, вели професорот Талески.

Институтот за енергетика на Југоисточна Европа ИЕНЕ со седиште во Грција издаде предупредување дека постои закана од сличен прекин во овој дел од Европа ова лето заради „застарените системи за пренос, нееднаквите инвестиции во технологии за паметни мрежи и ограничените капацитети за складирање на енергија.“

Во Северна Македонија и регулаторите и експертите очекуваат решенија од новиот Закон за енергетика донесен минатата недела. Во него пропишано е задолжително обновување на мрежата на МЕПСО во наредните години, а ќе се знае и кои инвеститори во обновливи извори ќе можат да бараат приклучок. Законот ќе овозможи и регулација на батериските системи за складирање на вишоците произведена струја.

  • 16x9 Image

    Сања Васиќ

    Новинарската кариера ја почнува во весникот „Нова Македонија“ во 1991, а потоа продолжува во телевизија Телма како уредник  и водител во информативната програма каде минува најголем дел од кариерата. Работела и во македонската редакција на Гласот на Америка во Вашингтон, била локален дописник на странски новински агенции, како и предавач и обучувач на медиумски проекти. Во Радио Слободна Европа е од јули 2022.

XS
SM
MD
LG