Достапни линкови

Николовски: Државните објекти со законот за градење нема да станат приватни


Илустрација
Илустрација

Предлогот за измени на законот за градење ја разбранува јавноста дека дел од државните објекти ќе влезат во приватна сопственост. Министерот за транспорт Александар Николовски е дециден дека приватен инвеститор нема да добие сопственост во државен објект. Но, стручна фела има дилеми.

Завршување на изградбата на факултетите за информатички науки(ФИНКИ)и за физичка култура (ФФК), новата зграда на Народна Банка, спортската сала на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, се дел од причините поради кои Владата предлага измени на законот за градење, вели министерот за транспорт Александар Николовски за радио Слободна Европа.

Најава за довршувањето на дел од објектите од проектот Скопје 2014 даде премиерот Христијан Мицкоски неколку месеци откако победи на изборите во мај минатата година.

Николовски сега објаснува дека со новите измени во законот е предвидено олеснување на процедурата за довршување на, како што вели, проекти во Скопје кои „зјаат како лоши споменици на претходни неуспешни обиди за изградба“.

Но, во предложеното законско решение постои еден член кој отвора дилеми кај стручната фела за крајните намери на Владата со овие измени.

Што значи пренесување право на градба?

Станува збор за одредба од законот со која се предвидува државните институции и претпријатија да имаат право да го пренесат правото за градба на приватни лица и фирми со одредени клаузули при изборот на тендерот.

„Минимален процент од бруто развиената површина на делот од објектот кој по изградбата треба да биде предаден во сопственост на органот, односно субјектот кој го пренесува правото на градење. Единствен критериум за избор на најповолен понудувач е висината на понудениот процент од бруто развиената површина на делот од објектот кој по изградбата ќе биде предаден во сопственост на органот, односно субјектот кој го пренесува правото на градење“, се наведува во предлог-законот.

Според измените, постапката за избор на најповолен понудувач се спроведува доколку е стигната најмалку една понуда.

Министерот Николовски тврди дека пренесувањето на правото на градба се однесува на изведувач кој би се јавил на тендер, не и на инвеститор.

„Тој што ќе си го добие тендерот за изведба ќе си наплати за тоа што ќе го сработи, парите ќе бидат од државата и сопственоста ќе остане на државата“ тврди Николовски.

Законски измени за таргетирани објекти

Поранешниот претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија Мартин Пановски не се согласува со начинот на кој Николовски ги толкува измените.

„Не пишува така во законот. Во законот пишува дека го предава правото на градба по пат на понуда, како фирма ќе се јавите на тендер и ќе се оценува колку ќе дадете бруто површина од објектот на државата, односно на субјектот, дали е тоа општина, дали е Град Скопје или институција. Тоа значи дека отуѓувате дел од објектот кој што е предвиден, на пример 70 отсто ќе оди кај приватникот, а 30 отсто ќе оди кај државниот субјект“, вели Пановски.

Според него толкувањето на законот отвора правни дилеми токму во делот на пренос на право на градба. Тој додава дека предавањето на правото на градба како опција го имало и претходно во законите и тоа се опишува како јавно-приватно партнерство. Според него сега е отворено прашањето зошто сега се прават овие измени.

„Оваа измена ми личи дека е направена за некои објекти како што Универзална сала, мислам дека отсекогаш биле намерачени на тоа место да се направи некој голем објект, каде што би имало јавно-приватно партнерство, такви обиди имаше и претходно, така што мислам дека не е добро. Не само што не е добро, туку отвара и можност, да се меша бизнис со држава, со објекти од државно значење. Тоа значи дека за дел од објектите, не сте способни да ги направите сами, што е уште пострашно, сами кажуваат дека е не е работено на проектите за да се реализираат, па сега ќе ги даваме на приватни инвеститори да ги доработуваат“, вели Пановски.

Во предлог измените на законот е посочено дека поводот за промена на регулативата е недоволна екипираност на институциите, нивна неажурност и недоволната јаснотија на дел од законските одредби кои оневозможиле продолжување на градбата на дел од објектите.

„Истата работа беше и за Театар Комедија, за Драмски Театар, беа планирани пред десетина години. Поразителен е фактот дека државата не може да направи театар, сами кажуваат дека не можат да направат театар и тоа поради административно закочување. Ова не ги откочува, очигледно дека остава простор за, ајде да кажеме, еден вид манипулации, и мислам дека е наменски направено за одредени објекти и локации во центарот на Град Скопје“, вели Пановски.

Николовски објаснува дека идејата на измените на законот е да се решат состојби кои се провлекуваат со години и дека законот има одредби кои се однесуваат „исклучиво на стопроцентна државна или општинска сопственост“, нагласувајќи дека законот на ниеден начин нема да им помогне на кој било што е во приватниот дел.

„На пример Министерство за образование распишало тендер за изградба на ФИНКИ, на изведувачот му истекол договорот но и одобрението за градба кое трае 10 години. За да може МОН да продолжи да го гради треба да распише нов тендер и ново одобрение. Изведувач ќе биде можеби истиот, а може и нов, затоа што има фирми кои пропаднале во меѓувреме и затоа мора да се распише нов тендер и ново одобрение“, вели Николовски.

Ќе се довршува Скопје 2014

Николовски додава дека со другите членови од законот е замислена миграција на носител, тоа би значело дека носител на одобрениот за градба може да се менува само меѓу институциите.

„На пример, сакаме да ја доградиме жичарата на Водно, таму е дадено одобрение за градба кое е истечено. Во 2009-та година носител на одобрението е Министерство за транспорт. Во меѓувреме се менуваат закони и прилики во државата и сега носител ќе биде СОЗР и тоа го дозволува законот ако е државен со државен орган да може да го пренесете правото и останува во државна сопственост“, објаснува Николовски.

Според него со новите измени ќе може да се заврши браната во Гевгелија позната како „Коњско“ која како идеја за изградба е начната во 70-тите години од минатиот век, но нејзината изградба заврши минатата година. Првиот проект за нејзината изградба датира од 1979 година, а со изградба е започнато во 2017 година со инвестициска вредност од 40 милиони евра.

Факултетите ФИНКИ и Факултетот за физичка култура до сега ја чинат државата над 20 милиони евра. Нивната изградба започна во 2015 година.

Објектот на Народна банка, пак, беше дел од проектот „Скопје 2014“. Според договорот склучен тогаш со градежната фирма „Бетон“, изградбата требаше да чини 23 милиони евра. Но, ниту тој не е завршен. Досега, според последните објаснувања оттаму, изведени се над 60 отсто од градежните работи предвидени со основниот договор, а на фирмата се исплатени 15 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија во 2008-та година. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје. Во 2015-та година е добитничка на награда од УНХЦР за професионално известување за состојбата со бегалците, како и на неколку признанија за истражувачки стории. Од 2023 година работи како истражувачки новинар во Радио Слободна Европа, главно на теми поврзани со високо-профилен криминал и корупција.

XS
SM
MD
LG