Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ќе продолжи со плановите за размена на затвореници со Москва, иако изрази сомнежи за успешен исход, додека неговите воени водачи ги негираа руските тврдења дека нејзините сили за прв пат напредувале во источниот регион на Дњепропетровск.
„Украина продолжува да прави сè што е можно за да обезбеди ослободување на нашите воени заробеници и враќање на нашите паднати украински воини“, рече Зеленски во своето вечерно видео обраќање.
„За жал, целосните списоци од Русија за размена на над 1000 луѓе, како што е договорено во Истанбул, сè уште не се доставени. На типичен начин, руската страна повторно се обидува да ги претвори дури и овие прашања во валкана политичка и информативна игра“, додаде Зеленски.
Доколку Кремљ „не ги почитува договорите, дури и за вакви хуманитарни прашања, тоа ќе фрли сериозно сомнение врз сите меѓународни напори - особено оние на Соединетите Држави - во врска со преговорите и дипломатијата“.
Одделно, Зеленски за американската телевизиска мрежа ABC изјави дека само „силен притисок“ од Вашингтон и Европа може да го принуди рускиот претседател Владимир Путин да се повлече.
„Тогаш ќе ја прекинат војната“, рече тој.
Еден ден претходно, украинските власти ги отфрлија руските обвинувања дека Киев ја одложува размената на воени заробеници и репатријацијата на паднатите војници.
Негирањето дојде откако помошникот на Кремљ, Владимир Медински, тврдеше дека Украина неочекувано ја одложила и размената на заробеници и прифаќањето на телата на војниците на неопределено време.
Медински рече дека Русија веќе ѝ доставила на Украина список од 640 затвореници - давајќи приоритет на ранетите, тешко болните и младите луѓе - за да го започне процесот на размена.
Координативниот штаб на Украина за третман на воени заробеници тврди дека тврдењата на Русија не се совпаѓаат со реалноста или претходно утврдените договори.
Според украинските власти, иако двете страни во принцип се согласиле да ги репатрираат телата на приближно 12000 загинати војници по мировните преговори во Истанбул, не е одреден конкретен датум за размена.
Министерството за одбрана на Украина ја обвини Москва дека се обидува да ги „преработи“ договорите постигнати во Истанбул и дека создава „вештачки пречки и лажни изјави“ за да го одложи процесот. Министерството предупреди дека доколку Русија не ги исполни своите ветувања, тоа ќе покрене прашања за кредибилитетот на рускиот преговарачки тим.
Во своите забелешки од 8 јуни, Володомир Зеленски, исто така, ги предупреди Украинците да бидат внимателни на предупредувањата за воздушен напад по серијата тешки руски воздушни напади.
„Во наредните денови мора да обрнеме внимание на предупредувањата за воздушен напад. Грижете се за себе, грижете се за Украина“, рече Зеленски.
Американскиот претседател Доналд Трамп изврши притисок врз двете страни да стават крај на војната.
Киев изрази согласност со повикот на САД за 30-дневен прекин на огнот. Москва се спротивстави и рече дека прво мора да се исполнат одредени услови - неприфатливи за Украина.
На бојното поле, портпаролот на украинскиот Генералштаб, Андриј Ковалев, ги негираше тврдењата на руското Министерство за одбрана дека неговите сили напредувале во источниот украински регион Дњепропетровск.
Ковалев изјави за РБЦ-Украина дека тврдењата се „руски дезинформации“ и дека борбите продолжуваат во соседниот регион Донецк.
Москва, која веќе контролира речиси 20 проценти од украинската територија, во текот на изминатиот месец зазеде повеќе од 190 квадратни километри од регионот Суми во источна Украина, според проукраинските мапи со отворен код.
„Оние кои не сакаат да ги препознаат реалностите од војната на преговорите, ќе добијат нови реалности на терен“, рече поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев на социјалните медиуми.
Регионот Дњепропетровск е значаен центар во Украина за рударство и индустрија. Воените аналитичари стравуваат дека подлабоките напредувања на Москва во регионот би можеле да ја загрозат војската и економијата на Киев, кои се во криза.
Тој не е меѓу петте украински региони за кои Русија формално тврди дека се дел од нејзината територија.
Немаше непосредна независна потврда за ова трдење. Извештаите и од групата за мониторинг со отворен код DeepState и од американскиот Институт за проучување на војната не го потврдија тврдењето според нивните последни ажурирања на 7 јуни.
Во меѓувреме, доцна на 8 јуни, властите во Киев соопштија дека украинскиот главен град повторно е цел на масовни руски нападисо беспилотни летала и дека се слушнале предупредувања и во регионите Суми, Чернигов, Полтава и Харкив.
Засега, нема информации за жртви или штети.
Русија, исто така, ги засили своите напади во Украина. Според Националната полиција на Украина, најмалку 14 цивили беа убиени, а уште 68 ранети во регионите Харкив, Херсон и Донецк поради руските напади на 7 и 8 јуни.