Според тврдењата на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска има масовно незаконско легализирање на објекти кои се високи згради, елитни станбени комплекси, а не ситни градби и реконструкции во Општина Чаир. Но, тврди и дека тоа е единствена општина во која има толку голем број на фалсификати за легализација на дивоградби.
Во изјава за Радио Слободна Европа, Арсовска вели дека гарантира дека такво нешто нема на друго место, но дека ако има документација и за други општини веднаш би пријавила.
„Еве и во Град Скопје ако сакате да зборуваме политички опортуно би било еве да кажам дека некој градоначалник на ВМРО ДПМНЕ тоа го правел или дека некој градоначалник на СДСМ тоаго правел, ама не го правеле. Не фалсификувале никој документи како што тоа го прави Висар Ганиу и никој не дозволил во 2024-тата година да се градат 12, 13 катници со по 70, 80 стана како што го прави тоа Висар Ганиу. Верувајте кога ви кажувам дека стојам против организирана криминална банда која што беше ДУИ, а сега е ВЛЕН наспроти мене и коишто со секакви закани против мене и против моето семејство се обидуваат да ме натераат да молчам“, вели Арсовска.
Од друга страна градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу ја обвини Арсовска дека одработува за ДУИ кои се плашат од пораз на локалните избори.
„Арсовска одработува за ДУИ, таа не комуницира со ниту еден градоначалник освен со градоначалникот на Сарај. Бујар Османи и Блерим Беџети престанете да се криете зад Арсовска. Ова што го правите е паника затоа што знаете дека ќе изгубите на локалните избори во Чаир“, рече Ганиу на 25 мај 2025.
Чаир некогаш и сега
Данела Арсовска дојде на позицијата градоначалник на Град Скопје како независен кандидат поддржан од владејачката ВМРО ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски. Но, за кусо време настана кавга меѓу нив, па започнаа меѓусебни обвинувања. Во меѓувреме таа беше обвинета дека коалицира со ДУИ, откако направи повеќе измени на директорски позиции во градските претпријатија.
Најави дека нема да се кандидира на претстојните локални избори, но дека ќе ги открие сите криминали на сегашната владејачка гарнитура предводена од коалицијата на ВМРО ДПМНЕ и ВЛЕН во која се и поранешни функционери од ДУИ.
Еден од нив е и актуелниот вицепремиер Изет Меџити, сега лидер на партијата Демократско движење, кој пак беше градоначалник на Чаир од 2005 до 2017 година. Со него беа поврзани неколку афери кои ги објавуваа медиумите за нелегални градби во општината.
Арсовска тврди дека секојдневно добива закани, дека нема никаква заштита и не се чувствува безбедно. Вели дека таа, семејството и вработените во градот Скопје, ќе бидат безбедни кога Висар Ганиу ќе биде приведен.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Недоличната реторика Арсовска – Ганиу ќе ја одбележи предизборната кампања
Искрена или таргетирана борба со криминал?
Речиси цел мандат Данела Арсовска го помина на критикувана од јавноста откако градот често остануваше и останува без автобуски превоз, а таа се скара и со приватните превозници и со вработените во ЈСП. Во нејзиниот мандат се случи градот да се дави во ѓубре откако службите на Комуналното претпријатие откажаа послушност.
Од друга страна, деновиве започна да објавува и видеа на социјалните мрежи каде е во лов на диви приклучоци на водоводната мрежа. Викендот објави див приклучок во Општина Сарај, додека вчера објави дека секој ден се фаќаат по 30 диви приклучоци од кои си наводнуваат цели ниви, на дивоградби, за полнење базени.
Поради ова таа тврди дека нема доволно вода па деновиве во главниот град или нема притисок во повисоките зони или има рестрикции на вода во дел од населбите. За независниот советник во Град Скопје од Зелен хуман град, Горјан Јовановски битката со секаков криминал треба да се почитува, но дека треба да се даде одговор зошто баш сега се почнува со неа.
„Многу е круцијално да се има континуираност во борбата. Ако се нема континуираност, тогаш не може да се знае дали таа борба е искрена или е таргетирана. Но, доколку тоа е многу фиксирано и стационирано во одреден момент, треба да се објасни зошто “, вели Јовановски.
Сепак според него добро е да се појавуваат овие битки со криминалот, но мора тоа да се случува секоја година, со што ќе се докаже дека е кристално јасна намерата да се извади криминалот од општеството.
Видете и ова: Меџити најави кривична пријава за АрсовскаДржавниот инспекторат во 2024 издал специјално соопштение за Чаир, а денес молчи
Градоначалниците во Општина Чаир не ги исполниле законските надлежности и дозволиле хаотично бесправно градење. Ова е насловот на соопштението издадено од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам во април 2024 година. Според инспекторатот во општината повеќе се граделе дивоградби отколку што се издале легални решенија за градба и тоа за период од 2013 до 2020 година.
„Дозволено е изградба на голем број на згради и деловни објекти со што е причинета штета кон јавниот интерес со неплаќање на комуналии за истите и е дозволено самоволие на поединци да профитираат на грбот нa чесните граѓани со поигрување на законите. Тука не станува збор за минорни прекршувања на Законот за градење, кои и те како треба да се санкционираат, тука станува збор за грубо кршење на сите закони со дозволување на градби на колективни станбени згради без соодветни одобренија и на места каде истите не се предвидени со Детален урбанистички план“, пишува во извештајот на инспекторатот од април 2024 година.
Инспекторатот направил вонреден инспекциски надзор во Чаир бидејќи имало пристигнато 327 претставки од луѓе или фирми, кои пријавуваале дивоградби. Инспекторатот нотирал дека во општината нема Општински градежен инспектор кој би го спровел Законот за градење и би спречил бесправно градење во самата општина.
Исто така според инспекторатот, Општината имала законска можност да склучи меѓуопштински договор со некоја од соседните општини кои имаат Општински градежни инспектори или да овласти некој административец да ја врши дејноста на инспектор, но тоа не го сторила.
„Градоначалниците на Општина Чаир не ги исполниле законските надлежности дадени од Закон за локална самоуправа, со што во територијата на Општина Чаир е дозволено хаотично бесправно градење без истите да се санкционират согласно законските одредби од Закон за градење и Закон за инспекциски надзор а во врска со Кривичниот законик поточно во согласност со чл.244-а од истиот закон“, пишува Инспекторатот
До Инспекторатот пристигнале и кривични пријави за бесправни градби кои се изведени или се изведуваат во Општина Чаир, кои од страна биле доставени до надлежните се вели во соопштението.
РСЕ испрати прашања до инспекторатот и се обиде да контактира и со директорот, но безуспешно па одговори на прашањата не доби.
Видете и ова: Општински проекти од унгарскиот кредит – Милиони евра за асфалтОбвинителствата отворија предмети за дивоградби и фалсификат во Чаир
Неколку случаи поврзани со дивоградбите во Општина Чаир се отворени во скопското обвинителство и во обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Од ОЈО Скопје велат дека веднаш по приемот на предметот кој до нив го достави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска е извршена проверка и идентификација на конкретните парцели.
„На 5 јуни јавниот обвинител издаде детална наредба до Управата за финансиска полиција, од која побара, согласно нејзините законски овластувања, да ја прибави целокупната документација од општина Чаир за наведените парцели, да се прибави документација поврзана со постапките за легализација на наведените објекти, да се прибави документација од Град Скопје и Агенцијата за катастар за недвижности, да се извршат разговори со конкретно наведени лица, како и да се направат и други проверки и да се обезбедат докази во однос на статусот на градба на наведените локации од 2010 година до денес“, се вели во одговорот од Обвинителството.
Видете и ова: Конфискација на дивоградби- признание за немоќта на институциитеВо истото Обвинителство е отворен и предмет по допрен глас откако медиумите објавија за сомнежи за легализирање на дивоградби кои воопшто не биле почнати да се градат во времето на легализација. Таква беше сторијата на 360 Степени, објавена во септември 2023 година кога прикажа повеќе згради кои пред да биде законот за дивоградба воопшто не постоеле, а се легализирани токму по тој закон иако не можеле да бидат опфатени со него. Како доказ за ова беа земени сателитски снимки.
Од Обвинителството велат дека и тие користат вакви снимки во процесите, но дека судот често ги отфрла како доказен материјал.
Инаку, според обвинителството, наредени се проверки и во определени фирми како и во Министерството за транспорт и врски за да се откријат кривичните дела и сторителите. По наредбата се уште се постапува, велат оттаму.