Дебата за разделба во ЕУ: Патот на Молдавија и Украина кон членство под лупа

Претседателот на Украина Володимир Зеленски и претседателката на Молдавија Маја Санду, Киев 2023

  • Преговорите за пристапување на Украина и Молдавија во Европската унија (ЕУ) се запрени поради ветото на Унгарија, која се спротивставува на начинот на кој Украина се однесува кон унгарското малцинство.
  • Министрите на ЕУ ја отфрлија можноста процесите за членство на двете земји да се раздвојат, наведувајќи стратешки недостатоци и загриженост од унгарското влијание.
  • Франција, Германија и балтичките држави се спротивставуваат на раздвојувањето, истакнувајќи дека членството на Украина во ЕУ претставува клучна безбедносна гаранција, имајќи ги предвид застојите во нејзиното пристапување кон НАТО.


Во текот на летото имаше многу шпекулации и назнаки од страна на официјални лица од Брисел дека Украина и Молдавија би можеле да бидат разделени на нивниот пат кон членство во ЕУ.

Двете источноевропски земји се поврзани откако двете поднесоа барање за членство во Унијата по руската инвазија врз Украина на почетокот од 2022 година.

И двете истовремено го добија статусот на кандидати, во текот на летото истата година, а кон крајот на 2023 година земјите членки на ЕУ сигнализираа дека преговорите за пристапување би можеле да започнат.

Сепак, преговорите сè уште не се започнати ниту со една од нив — а причината е блокадата на процесот од страна на Унгарија, која смета дека Украина ја дискриминира унгарската заедница.

Видете и ова: Есенски предизвици на ЕУ: Руските средства, Украина, Молдавија и назадувањето на Грузија

Централноевропската земја (Унгарија) одржа советодавен референдум оваа година, на кој 95 проценти од испитаниците беа против членството на Украина во ЕУ.

Додека повеќето други членки на ЕУ овој референдум го отфрлија како уште еден политички потег на Будимпешта, малкумина веруваат дека земјата е подготвена наскоро да го укине ветото и да овозможи почеток на преговорите.

Некои сметаат дека тоа е неправедно кон Молдавија, бидејќи ниту една од 27-те членки на ЕУ нема забелешки за почеток на преговори со Кишињев.

Европската комесарка за проширување, Марта Кос, го отвори прашањето за формално разделување на двете земји за време на разговорите за РСЕ оваа пролет, а идејата доби поддршка во текот на летото, кога Брисел накратко беше потресен од ненадејниот потег на претседателот Володимир Зеленски во јули да ја ограничи независноста на двете клучни антикорупциски агенции.

Факт е дека вакви политички „разделби“ веќе се случувале, а најновата беше минатата година, кога на Албанија ѝ беше дозволено да продолжи со преговорите за членство, додека Бугарија продолжи да ги блокира истите чекори за својот сосед Северна Македонија.

Сепак, кога министрите за европски прашања, кои се занимаваат со проширувањето на ЕУ, се состанаа во Данска на 1 и 2 септември, немаше разговор за разделување на Молдавија и Украина – освен што таа опција беше отфрлена, барем засега.

Причини за отфрлањето на разделбата

Причините се тројни: желбата да не се попушти пред она што многу членки го гледаат како унгарска уцена, чувството дека таквиот потег би бил стратешки неповолен и за ЕУ и за Украина во овој момент, како и уверувањето дека би имал ограничено влијание врз Молдавија.

Првата причина е сè поголемото незадоволство од тоа што Будимпешта настојува премногу да влијае врз политиката на ЕУ кон Украина.

И може да се каже дека во тоа беше успешна.

Институционалното финансирање од ЕУ за украинското вооружување, преку Европскиот мировен фонд (EPF), е блокирано веќе две години, а подоцна оваа недела се очекува европските дипломати најверојатно да го прифатат предлогот на Будимпешта, со поддршка на Братислава, одредени олигарси да бидат отстранети од листата на санкции против Русија за да се постигне едногласност за продолжување на мерките за уште шест месеци.

Размислувањето е дека, наместо повторно да ѝ се попушти на Унгарија, би било помудро да се почекаат парламентарните избори во Унгарија во април 2026 година, имајќи предвид дека анкетите покажуваат дека опозицијата има реални шанси да ја преземе власта.

Видете и ова: ЕУ формира центар за борба против медиумските дезинформации во Украина и Молдавија

Тоа не би значело автоматски целосен пресврт во унгарската политика кон Украина, но малкумина во ЕУ веруваат дека неколку дополнителни месеци чекање е значајно, додека Украина губи драгоцено време во процес кој може да трае со години, па дури и со децении.

Второ, многу од најжестоките украински сојузници во рамките на ЕУ, како што се балтичките земји и Чешка, веднаш започнаа дипломатска контраофанзива против било какво разделување, штом се појавија гласини дека таа опција се разгледува.

Литванија подготви документ за расправа, кој го видел РСЕ, во кој се предлага ЕУ-26, односно сите членки освен Унгарија, во меѓувреме неформално да водат преговори со Украина и Молдавија, а поголемиот дел од 33-те поглавја на пристапните преговори да се отворат „забрзано кога повторно ќе се изгради поддршката на сите 27 членки на ЕУ“.

Клучно е дека и Франција и Германија, двете највлијателни членки на ЕУ, се спротивставија на било какво разделување токму сега, особено бидејќи Соединетите Американски Држави дадоа сигнал дека членството на Украина во НАТО најверојатно нема да биде дел од никакви идни мировни преговори со Русија.

Во тој контекст, членството на Украина во ЕУ станува уште поважно, според мислењето на мнозинството европски дипломати, кои го гледаат тоа како најјасна политичка и безбедносна гаранција што европските земји можат да ѝ ја понудат на земја погодена од војна во иднина.

Молдавија против разделувањето – засега

На крајот, пристигнаа и сигнали од Молдавија дека ниту Кишињев моментално не е премногу наклонет кон разделување.

Многу европски функционери сакаа да ѝ дадат поддршка на проевропската влада на таа земја пред парламентарните избори што се очекуваат на 28 септември, така што би се отвориле преговорите за членство неколку дена или недели пред гласањето.

Сепак, други, како во европските престолнини, така и во Кишињев, сметаат дека тоа би имало ограничен ефект од две причини.

Видете и ова: Унгарското вето го става во сенка проширувањето на ЕУ

Прво, малкумина надвор од бриселските институции ги разбираат техничките детали или значењето на почетокот на преговорите за членство во ЕУ.

Како што рече еден европски дипломат: „Луѓето ги интересира кога нивната земја може да стане членка и што тоа значи за нив, а не кога се состануваат некои непознати дипломати.“

Второ, меѓу сите земји кандидати за членство во ЕУ, а особено во Молдавија, постои признавање дека токму Украина и нејзиниот отпор на руската инвазија повторно го поттикнаа процесот на проширување на ЕУ.

Всушност, Молдавија ѝ се придружи на Украина во поднесувањето барање за членство во ЕУ во 2022 година. Засега тие ќе останат поврзани, но не треба да се исклучи можноста дека расправата за разделувањето повторно ќе се отвори подоцна оваа година.