„Секои избори слушам - ќе ја шириме улицата „Цветан Димов“ на шест коловозни ленти, ама уште е 'тесно грло' за возила, ќе има катна гаража кај Чаирчанка... Нека не трошат хартија, нека ја земат програмата од претходните избори и нека излезат пред луѓево. Како да имам верба дека нешто ќе се направи?, се прашува пензионерот Владимир Василевски кој живее во Чаир.
Но, вели, и понатаму сака да се информира за да види дали сепак има некаква надеж за промена.
Затоа и одговорил на повикот на Град Скопје да учествува на една од јавните дискусии за изработката на Генерален урбанистички план (ГУП) 2022–2032, за, како што велат од градот, да ги вклучат на граѓаните во процесот на планирање и уредување на просторот.
„ГУП дава една смерница за изработката на ДУП (детален урабнистички план) што е законска обврска на секоја општина да ги донесе и тие да бидат усогласени со новиот ГУП“, им појасни на граѓаните кои беа дел од дискусијата, Искра Ефремова, архитект и советник за урбанистичко планирање во Град Скопје.
ГУП како мапа всушност е план што покажува како градот ќе се развива во следните десет години, каде ќе има згради, но и каде ќе има училишта и паркови, а каде патишта и индустрија.
Од него зависи дали градот ќе има ред и зеленило или хаос со многу гужви и бетон, а малку паркови.
Велимир Василевски, жител на Чаир
„Од каде да почнам, дали паркот во Чаир е среден? Хаос е! Која улица е средена? Кој тротоар е направен?“, прашува Василевски во разговорот со Радио Слободна Европа.
Граѓаните од различни општини можеа да се вклучат во јавната дискусија изминативе десет дена, во зависност од тоа за кои општини се дискутира тој ден.
Раководителката на Секторот за планирање и уредување на просторот во Град Скопје, Ивана Бајкова-Шаља, за медиумите коментираше дека граѓаните не покажале голем интерес за уредување на јавните простори и повеќе се интересирале за своите имоти.
Мила К. од општина Карпош ја поздрави иницијативата, но забележа дека граѓаните не биле информирани.
„Да знаев, ќе отидев. Иако мислам дека на крајот пак тие сами ќе си направат како што си сакаат, ама барем да бидеме запознаени со тоа што се случува. А ако бидеме во поголем број и согласни, па може и можеме да смениме нешто“, вели скопјанката.
Александар Атанасовски, пак, иако го пропуштил денот за Кисела Вода, сепак дојде на денот предвиден за дискусија со граѓани од Чаир и Бутел во салата на Советот на Град Скопје.
„Се испровоцирав кога слушнав преку медиумите дека има забелешки за слабата заинтересираност кај граѓаните“, вели Атанасовски.
Тој патувајќи со велосипед од „Чешма“ во Кисела Вода до бараките на Град Скопје, „собирал забелешки“ попатно.
Александар Атанасовски, жител на Кисела Вода
„Милина е да се вози по Илинденска и по Партизанска, инаку другото... Сѐ е тоа авантура, меѓу автомобили, без вело-патеки низ Скопје. Имам милион забелешки и прашање во врска со проблем на две, три улици околу мене, но тоа не е проблем само околу мене, тоа е проблем за целата држава. Сообраќај, хигиена, тие се основни работи“, вели Атанасовски.
Градот ги повика граѓаните освен лично да споделат предлози и мислења писмено во архивата на Град Скопје (барака број 16) или електронски на адресата gup@skopje.gov.mk.
„Ние во последните три години ги прибираме сугестиите на граѓаните. Она што го организиравме сега е за да има поголема транспарентност, да ги натераме сите да слушнат, за да се јават и да учествуваат активно во изработка на новиот ГУП“, рече архитектката Ефремова.
Зошто сега пред избори?
Пензионерот Коле Н. од Карпош не верува дека ова ќе биде ефикасно, но и тој смета дека вреди да се проба, ама не сега, туку после локалните избори во октомври.
„Сега е најлош момент, пред избори и во сезона на одмори. Треба после избори да се направи и граѓаните добро да се информираат преку медиумите за тоа што предвидува градот“, смета пензионерот.
Новиот ГУП требаше да биде готов пред пет години, а сега не е ни приближно готов, посочува Мартин Пановски, архитект и екс претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
„Тоа значи дека град Скопје не се развива согласно потребите на своите жители, согласно економските потреби, согласно социолошките потреби“, посочи Пановски.
Според него, ваквиот повик за јавни дискусии е политички начин за собирање поени кај граѓаните.
„Не велам дека не треба да се слушнат, напротив, тој што го изготвува планот, треба да си направи анкети со граѓани и тоа не мора да биде објавено и организирано од град Скопје, бидејќи вака им давате на граѓаните една лажна надеж дека нивните идеи се тие што ќе бидат имплементирани. Ако ги прашувате за ГУП, зошто не ги прашувате за носење на каков било закон, бидејќи ГУП-от е повеќе или помалку закон. Kаква транспарентност? Кој граѓанин ќе ви каже кај треба да има индустрија на пример? Oва е едноставно политиканство, типично македонско политиканство“, смета архитектот.
Видете и ова: Чаирската романтика растегната меѓу криминал и политикаПановски ова го гледа и како деградирање на стручната фела која се занимава со Генералниот план и забележува дека изгледа како да е модерно, особено пред локални избори, политичарите да се занимаваат со урбано планирање.
Актуелниот ГУП формално истече пред три години бидејќи беше со важност од 2012. Додека да се донесе новиот, главниот град продолжува да се планира по „стариот“. Засега, нема прецизирана рамка кога тоа ќе се случи.
Предлог-одлуката за изработка на нов ГУП за периодот 2022–2032, беше усовоена од Советот на Град Скопје во ноември 2019.