Во Скопје еврокомесарката Кос и балкански лидери дискутираат за Планот за раст

Средба на лидерите на Западен Балкан и ЕУ, Скопје 1 јули 2025

Во Скопје почна лидерскиот самит на Европската Унија и земјите од Западен Балкан посветен на Планот за раст. Самитот треба да биде можност за евалуација на постигнатиот напредок и дефинирање на следните чекори за зајакнување на европската интеграција на регионот.

На настанот, чиј домаќин е премиерот Христијан Мицкоски, учествуваат еврокомесарката за проширување и добрососедска политика Марта Кос и лидерите од Западен Балкан, како и министри, високи претставници од Европската Унија, регионални организации и меѓународни институции. Во Скопје синоќа пристигнаа премиерите на Албанија Еди Рама, на Косово Албин Курти, премиерот на Црна Гора Милојко Спајиќ, претседавачката на Советот на министри на Босна и Херцеговина Борјана Кришто и српскиот министер за евроинтеграции Немања Старовиќ. Црногорскиот премиер Спајиќ во Скопје присуствуваше само на вечерата на 30 јуни, по што замина, додека делегацијата ја преводи вицепремиерот за надворешни и европски работи Филип Ивановиќ.

Европа не може да биде обединета без Западниот Балкан, порача еврокомесарката за проширување, Кос во воведното обраќање на самитот. Вели дека во ЕУ има јасен консензус за идно проширување и дека шансата мора да се искористи, сега.

„Клучните реформи што ги бараме од вас не се едноставни. Тие задираат закоравени структури на моќ и интереси и бараат длабока општествена трансформација. Бенефитот е многукратен – безбедност за сите ваши граѓани. Планот за раст е целосно во ваши раце, нема мешање од политичките динамики. Ова е алатка што ќе ви помогне со важните реформи и овие реформи се неопходни за да ве подготват за членство“, рече еврокомесарката Кос.

Осврнувајќи се на тоа дека Македонија е првата земја од Западен Балкан што го заврши договорот за предфинансирање во рамки на Планот за раст, Мицкоски истакна дека тоа е рефлексија на укажаната доверба поради, како што рече, заложбата, посветеноста, владеењето на правото и економската модернизација.

„Овој европски пат им припаѓа на сите граѓани, на сите бизниси, на секоја заедница, сите да бидеме дел од оваа трансформација. Кредибилитетот на Планот на ЕУ се заснова на исполнување на ветувањата и испорачување на придобивките, граѓаните треба да ги почувстуваат продобивките од интегрирањето сега во нивните бизниси, во институциите, во секојдневниот живот. Сите имаме заедничка иднина и за да обезбедиме единство и стабилност потребно е да работиме заедно како соседи, како партнери, како регион. Заедно можеме да изградиме силен и поврзан регион, кој е просперитетен, инклузивен и европски“, порача Мицкоски.

Во рамки на лидерската средба планирано е да се одржат два панела од кои првиот ќе биде посветен на Планот за раст на Западен Балкан и на него ќе се обратат премиерот Мицкоски и еврокомесарката за проширување, по што ќе следи заедничка прес-конференција.

Вториот панел ќе биде посветен на конкретните механизми и поддршка за спроведување на Планот за раст.

Кос на средба со македонските власти

Премиерот Мицкоски и еврокомесарката за проширување Кос вчера во Владата одржаа тет-а-тет средба. На неа македонскиот премиер, како што соопштија од „Илинденска“ број 2, ја истакнал определбата на Владата за достоинствена интеграција на земјава во Европската Унија, преку спроведување на суштински реформи во клучните области.

Кос, која на скопскиот аеродром ја пречека министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија Тимчо Муцунски, веќе ја одржа првата средба со македонската делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски.

„На средбата се разговараше за европската перспектива на регионот, со фокус на спроведувањето на реформите, реализацијата на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и унапредувањето на соработката со европските институции. Ја истакнав цврстата определба на Владата за интеграција во ЕУ, достоинствено и преку спроведување на суштински реформи во областите на владеењето на правото, економскиот развој и дигиталната трансформација“, посочи Мицкоски по средбата.

Видете и ова: Лидерска средба ЕУ-Западен Балкан во Скопје, еврокомесарката Кос во посета на земјава

Во соопштението кое го објави премиерот на социјалните мрежи се наведува и оти „Кос ја поздрави реформската агенда на Владата и ја потврди поддршката на Европската комисија за напредокот на регионот на европскиот пат“.

Со слично соопштение излезе и шефот на македонската дипломатија кој наведе дека како Влада ги реафирмирале ставовите и позициите „за потребата од што поскора интеграција на во европското семејство и за одбивање на непринципиелните и неевропските услови кои го отежнуваат тој пат“.

„Нашата држава активно ја спроведува реформската агенда, потписник е на Партнерството за безбедност и одбрана со Унијата, и е целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што претставува уште една силна потврда за европските темели на кои се гради нашето работење во изминатата година“, додаде Муцунски.

Од Дирекцијата за проширување и добрососедство на Европската комисија, пак, само кратко објавија дека Кос пристигнала во Скопје за да се сретне со лидерите од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.

„Тие ќе разговараат за Планот за раст за Западен Балкан, фокусирајќи се на тоа како да се унапредат реформите и да се забрза нивната интеграција во единствениот пазар на ЕУ“, посочија од Дирекцијата.

Државите на Западен Балкан се на разчични нивоа на пристапување кон ЕУ, а Планот за раст има за цел да ги забрза нивните реформи и да ги подготви за моментот кога ќе станат членки на ЕУ.Албанија и Црна Гораизминативе месеци забрзано отвораат нови поглавја во пристапните преговори со цел да станат членки во 2028 година, додека Северна Македонија е условена со уставни измени со внесување на бугарското малцинство во Преамбулата за формално да ги почне преговорите со ЕУ.

Опозицијата критикува дека државата губи пари од Планот за раст, власта негира

Токму Планот за раст и реформската агенда која произлезе од него беа причина лидерот на најголемата опозициска партија СДСМ, Венко Филипче, да испрати критики кон македонската влада во пресрет на доаѓањето на Кос во Скопје.

Според него Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ „не покажала ниту волја ниту капацитет да ја реализира реформската агенда“.

„Рокот се проби – 43 милиони евра од Планот за раст пари наменети за реформи останаа неискористени. Не го ставија во функција ниту авансот од 52 милиони евра од Планот раст. Нула реформи, закони или проекти имаат министерствата за економија, правда и енергетика. Единствено Министерството за дигитализација има реализација, но и тоа благодарение на реформите подготвени уште во време на Владата на СДСМ“, вели Филипче.

Видете и ова: Кос се понуди да посредува меѓу Северна Македонија и Бугарија за решавање на билатералното прашање

Но, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, пак, иако посочи дека процентот на имплементација на реформите во јуни ќе биде малку понизок од тој што бил во декември, смета дека парите што државата ги добива преку Планот за раст односно со исполнување на реформската агенда не се под закана. Тие ќе бидат под закана да се изгубат ако, како што рече, во дополнителниот рок од 12 месеци не се завршат успешно потребните реформи чиј првичен рок беше овој јуни.

„Тоа значи дека во јуни во 2026 година ќе бидат под ризик, бидејќи тогаш ќе ги изгубиме, но дотогаш средствата ќе ни бидат на располагање“, рече Муртезани.

Што содржи Планот за раст?

Планот за раст што Европскиот парламент и Советот на Европската унија го усогласија во мај 2024 година, а беше одобрен во октомври истата година е во вкупна вредност од шест милјарди евра. Тој опфаќа инвестиции и реформи на државите од Западен Балкан, како дел од реформската агенда 2024-2027 година.

Земјите ќе добијат еден дел од овој пакет во форма на грантови, а другиот дел во форма на поволни заеми.

За Северна Македонија се предвидени вкупно 750 милиони евра, доколку Владата успешно се придржува до реформите предвидени во реформската агенда кои самата ги вети пред европските институции.

Видете и ова: Кос: Во поглед на евроинтеграцијата, Северна Македонија е тажна приказна на Балканот