Достапни линкови

Кошта: Не ви треба план Б за влез во ЕУ, фокусирајте се на планот А


Антонио Кошта, претседател на Европскиот Совет, Скопје, 15 мај 2025 година
Антонио Кошта, претседател на Европскиот Совет, Скопје, 15 мај 2025 година

Речиси истите пораки кои ги слушнавме од претходните посети во соседните земји, беа упатени и денеска од страна на претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта, кој како дел од балканската турнеја го посети и Скопје. Проширувањето е заедничка цел и ова е најдобрата геостратешка инвестиција во мирот и безбедноста, порача Кошта повторувајќи го она што и другите меѓународни претставници ни го кажуваа досега, а тоа е дека местото на Северна Македонија е во Европската Унија.

„Северна Македонија заврши многу работа, треба да останете на патот на евроинтеграциите, Знаете, пристапниот процес е повеќе маратон, а не брза трка, знам дека тој пат може да биде и напорен, може и да фрустрира, но сите претходни земји кандидати ја постигнаа целта, а секако тоа ќе го направите и вие. Го охрабрувам премиерот да продолжи со напорите на тој план, ние ви стоиме на располагање, клучни се реформите во делот на владеење правото и борбата против корупцијата“, рече претседателот на Европскиот Совет.

Во Скопје доаѓа по посетата на Белград, Сараево, Подгорица и Приштина, а балканската турнеја, ќе ја заврши во Тирана.

Првиот човек на Европскиот Совет јасно порача дека постојат обврски кои мора да се реализираат за да се оствари напредок во пристапниот процес на нашата земја. Тоа што е договорено во 2022 година, треба да се исполни, рече Кошта, алудирајќи на обврската за уставни измени со која Бугарите треба да се вметнат во македонскиот Устав.

„Кога прашувате за гаранции, јасно е дека тоа што е договорено е договорено и сега веќе нема за што друго да преговараме, нема простор да се бара нешто повеќе. Не треба да го потценуваме планот А и треба да се фокусираме на тој план. Знаеме кои се Копенхашките критериуми, знаеме кои реформи теба да се завршат, знаеме што беше договорено во 2022 година и сега мора да го испорачате тоа“, рече Кошта.

Ставовите на премиерот Христијан Мицкоски за ова прашање остануваат непроменети. Повтори дека евроинтеграциите треба да се темелат на европски вредности, не на билатерални прашања и дека овој процес треба да биде двонасочен.

„Не можам да се сложам на било што ако знам дека една земја на ЕУ го доведува во прашање мојот мајчин јазик и македонскиот идентитет. Ние тоа нема да го прифатиме без добра волја, не може да менуваме устав без јасна испорака од бугарска страна. Никој нема проблем да ги вметне другите малцинства затоа што имаме принципиелен однос со тие држави. Но, тука имаме проблем и подготвен сум да разговараме. Ова е двонасочна улица, ако едната испорачува а другата не, тогаш нема цел, нема поента“, рече премиерот Мицкоски.

Кошта се среќава и со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова. И според неа, оценувањето на напредокот на нашата земја треба да биде врз принципот на заслуги, односно со фокус на исполнувањето на Копенхашките критериуми.

„Се преговара за рационални, а не за ирационални работи“, рече деновиве Сиљановска-Давкова и додаде дека оваа неодржлива состојба говори и за интегритетот и кредибилитетот на ЕУ во областа на проширувањето.

Претседателот на Европскиот Совет минатиот месец ја посети и официјална Софија, каде што исто така разговараше за проширувањето на Унијата и за македонско-бугарските односи. Детали од разговорите не беа соопштени.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос, која исто така како приоритет во својот мандат го става проширувањето на Унијата со нови членки, беше поконкретна кога неодамна кажа дека нема никакви гаранции дека и кога би биле усвоени уставните измени, нема да има нови блокади од Бугарија за Северна Македонија. Во поглед на евроинтегративниот пат, Северна Македонија ја посочи како тажна приказна на Балканот.

Сепак додаде дека тоа не значи дека ЕК не работи на тоа да и помогне на земјава да ги започне преговорите по кластери и потенцираше дека лично е ангажирана околу билатералното прашање со Бугарија.

Кон крајот на следната недела Северна Македонија прв пат ќе ја посети и високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас.

Инаку македонско-бугарските односи се нарушени по бугарското вето за старт на македонските преговори за влез во ЕУ, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот јазик и делови од историјата и се жали на дискриминација на свои граѓани во земјава.

Софија во 2022 го повлече ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако Скопје го прифати францускиот предлог кој меѓу другото, предвидува внесување на бугарското малцинство во македонскиот Устав.

По посетата на Скопје, Кошта и Мицкоски попладне ќе заминат за Албанија, каде утре (16 мај) ќе присуствуваат на шестиот самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ) во Тирана.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG