Наша политичка цел е да ги започнеме преговорите со Северна Македонија по Кластерот „Основни вредности“, штом ќе бидат усвоени потребните уставни измени, порача денеска (3 јуни) еврокомесарката за проширување Марта Кос во воведното обраќање на дебатата со членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент посветена на проширувањето на ЕУ, состојбите во Украина и соседската политика на блокот.
„Бугарија и Северна Македонија треба да почнат да разговараат интензивно и да најдат решение за ова билатерално прашање и јас стојам на располагање како олеснувач, ако е потребно“, рече Кос.
Таа, меѓу другото, рече и дека Европската комисија разгледува начини за поедноставување на процедурите за пристапување во Европската Унија, со цел да се избегне ризикот билатерални прашања да го забават процесот, особено во овој чувствителен геополитички контекст.
Како стојат другите земји кандидати, според Кос?
Еврокомесарката потсети дека со Албанија веќе се водат преговори по 24 поглавја, а на Србија ѝ било укажано дека мора да продолжи со реформите и да ја врати довербата на јавноста. Таа му порачала на српскиот претседател Александар Вучиќ дека неговата посета на Москва за прославите на 9 Мај ги усложнува напорите на ЕУ за напредок на Србија.
„Европскиот пат на Косово води преку нормализација на односите со Србија“, изјави Кос, повикувајќи на брзо формирање на нови институции по последните избори.
Во Босна и Херцеговина, според Кос, политичката блокада продолжува, но вратата за влез во ЕУ останува отворена.
Црна Гора брзо напредува во преговорите – шест поглавја се веќе затворени и се очекува преговорите да завршат до следната година.
Кос нагласи дека Турција останува стратешки партнер на ЕУ и оти е од заеднички интерес земјата да остане поврзана со европските вредности.
За Грузија пак, предупреди дека тамошните власти ја оддалечуваат земјата од ЕУ и создаваат ризици за темелите на демократијата.
„Мораме веднаш да ги направиме следните чекори со Украина и Молдавија – сè е подготвено и сега е на Советот на ЕУ да ги започне преговорите. Ако сакаме мир и стабилност во Европа, мора да бидеме независни и да го довршиме европското обединување – тоа е морална обврска“, рече Кос пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент.
Таа додаде дека денес живееме во време на длабока трансформација на меѓународниот поредок, и дека само за шест месеци од стартот на нејзиниот мандат глобалниот пејзаж се променил драматично, па затоа во интерес на безбедноста и иднината на континентот потребно е „да заврши обединувањето на Европа“.
„За мене проширувањето е многу повеќе од само проширување. Туку станува збор за обединување на Европа. Тоа не е само морална неопходност, туку јасен услов за посилна и побезбедна Европа. Проширувањето во овој контекст оди подалеку од традиционалниот поглед и станува средство за обединување на Европа околу заеднички вредности и принципи“, рече Кос.
Во тој контекст, според неа, ЕУ треба да биде подготвена да проектира стабилност и мир низ целиот континент и во европското стратешко соседство во Централна Азија и Медитеранот.
Еврокомесарката за проширување изрази надеж дека во следните четири години барем уште една земја ќе стане членка на Европската Унија.