Предизборна општинска „дарежливост“, меѓу јавниот интерес и изборниот профит

Колаж од фотографии со политичари на средби со граѓани пред кампањата за Локални избори

Во пресрет на локалните избори, јавноста е сведок на засилени најави за милионски инвестиции во инфраструктурни проекти, финансиска поддршка на пензионери и млади спортисти во повеќе скопски општини, но и кривични пријави за опозициски градоначалници. Според аналитичарите тенка е линијата меѓу јавниот интерес и изборниот профит.

По милион евра за изградба на базен и реставрација на Саат Кулата во Чаир, најави вицепремиерот Изет Меџити, на само еден ден откако соопшти дека ќе биде кандидат за градоначалник на оваа скопска општина. Тој на својата фан страна на социјалната мрежа Фејсбук, во пресрет на изборите, најави инвестиција од партија, не од државна институција за Гостивар.

„Влен носи конкретна инвестиција од 5 милиони денари (80 илјади евра) за улицата Мара Угринова“ во Гостивар“, напиша тој во објавата на Фејсбук.

Видете и ова: Изборната трка почна предвреме: Министри и градоначалници на терен

Во меѓувреме градоначалници кои ќе бараат втор мандат од граѓаните, на терен поставуваат камен темелници за изградба на нови градинки и доградба на училишта, сечат летни на километар асфалтирана улица и ги известуваат медиумите за „успешно спроведен проект од поплочување на тротоар“.

На само два месеци пред локалните избори градоначалникот на скопската општина Бутел Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ потпиша решение со кое 525 пензионери ќе добијат еднократна помош од 2000 денари.

„Финансиската поддршка значи повеќе сигурност и достоинство за нашите највозрасни сограѓани!“, напиша Костовски на социјалната мрежа Фејсбук.

Неговиот колега Горан Герасимовски од СДСМ кој е во трка за уште еден мандат во Центар на пензионерите ќе им додели по 500 денари повеќе од Костовски.

За првпат годинава и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на Кисела Вода, воведе финансиска помош за пензионерите од 2.500 денари. Герасимовски пак е во трка за татко на град Скопје.

Општините оваа еднократна пензионерска помош во вредност од 120 илјади евра вообичаено ја доделуваат во ноември за време на грејната сезона. Годинава подранија, помошта ја доделија летово во пресрет на локалните избори кои ќе се одржат на октомври.

За разлика од неговите колеги, градоначалникот на општина Илинден летово им подели пари на младите спортисти. И Градоначалникот Александар Георгиевски подрани со поддршката за спортистите. Според соопштенијата од општината изминатите две години оваа помош била доделувана во ноември.

Меѓу јавниот интерес и изборниот профит

Политичките аналитичари сметаат дека линијата меѓу легитимна јавна помош и партиско-политичка дарежливост во пресрет на локалните избори е исклучително тенка.

Аналитичарот Џељал Незири смета дека актуелните граодначалници и функционери со државните пари прават политички маркетинг.

„Актуелните градоначалници ги злоупотребуваат државните ресурси, или даноците на граѓаните, за себепромоција, која е дел од нивната предвреме започната кампања. Улици и други инфраструктурни проекти намерно се пролонгираат и се оставаат да се пуштат во пресрет на изборите. Во меѓувреме, граѓаните се движат низ сообраќаен хаос, а бизнисите трпат огромни штети,“ вели Незири.

Видете и ова: Независните советници „сардисани“ во правна битка пред избори

Од друга страна, политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски смета дека пред изборите не е спорно да се дели финанаска помош ако таа е веќе претходно предвидена во буџетот или во предизборната програма.

„За мене многу поголем и посериозен проблем е тоа што многумина градоначалници во предизборниот период ветуваат нереални работи и проекти, се,, расфрлаат "со секакви ветувања, за потоа да се оправдуваат дека не можат ради Х причини да ги спроведат. Тоа за мене е веќе (не)свесно мамење на граѓаните, и изневерување на довербата и легитимитетот кој го добиле од нив“, додава тој.

Ред пари ред кривични пријави

Паралелно со „општинската дарежливост“, на две месеци пред избори расте бројот на поднесени кривични пријави градоначалници. Станува збор за градоналникот од Кичево Фатмир Дехари кој додоаѓа од редовите на ДУИ и неговиот колега од опозоциската СДСМ, Сашко Митовски кој е градоначалник на Крива Паланка. Првиот за „несовесно работење“ и загрозување на животна средина, затоа што, дозволил формирање депонија, а вториот е осомничен дека дозволил доизградба на објект без важечко одобрение и со тоа ја злоупотребил службената положба.

Политички реакции- од криминал до репресија

Реакциите на партиите дополнително ја поларизираат сликата. Опозициската СДСМ обвинува дека владејачката коалција води инстументализирана кампања за притисок врз нивните градоначалници со инспекции и прекршоци.

„Додека (Министерот за внатрешни работи Панче )Тошковски срамно го брани криминалот на Висар Ганиу од 225 милиони евра, на оние кои чесно работат им измислува кривични пријави за да врши терор и заплашување“, се вели во партиската реакција на СДСМ.

Видете и ова: Чаирската романтика растегната меѓу криминал и политика

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ тврди дека завршува времето на скандали, насилство, празни ветувања и нереализирани проекти во Крива Паланка.

„Ако во нешто може да се каже дека Митовски постигнал некој рекорд, тоа е бројот на поништени тендерски постапки. Во тоа е најдобар“, се вели во партиско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Аналитичарот Анатасовски посочува дека довербата во системот кај граѓаните може да се врати само ако одговараат „сите инкриминирани, од актуелни до поранешни премиери, од актуелни до поранешни градоначалници, министри, директори и сите јавни функционери“.

„За жал, македонскиот судско-обвинителски систем во овие три и пол децении на македонска независност е подвластен под политичките и бизнис центри на моќ. Секоја кривична пријава за евентуално сторен криминал или несовесно работење се третира како политички прогон и притисок доколку станува збор за актуелни градоначалници кои доаѓаат од редовите на опозицијата или пак кон поранешни функционери“, вели Анатасовски.

Проектирањето и реализацијата на инфраструктурни и капитални проекти како и парична помош непосредно пред избори ја замаглува границата меѓу јавниот интерес и партиската корист за предизборни политички поени. Дел од аналитичарите кометираат дека оваа три децениска пракса како модел ја храни недовербата, политичката поларизација и апатијата кај граќаните, кои себе си се доживуваат како „целна група“ за изборен маркетинг. Според Незири проблемот не е во поединечните случаи и партии туку во системот кој што дозволува изборната манипулација да биде стандард, а не исклучок.