„Банкарски тајни“ за имињата на фирмите што земаа од унгарскиот кредит

Тајна е кои фирми и колку пари земале од унгарскиот кредит, за кој се задолжи државата, а македонските граѓани ќе плаќаат камати следните 15 години. Ниту Владата ниту Развојната банка не откриваат податоци за приватните фирми. ДКСК следи дали има можност за корупција, додека кредити веќе се одобрени

Дадени се 125 милиони евра што е половина од парите наменети за компаниите од унгарскиот кредит. Ова за Радио Слободна Европа го потврдуваат од Развојната банка на Северна Македонија преку која парите земени како кредит од Унгарија, треба да завршат кај македонските компании.

Но, од банката не откриваат кои се приватните фирми кои веќе добиле пари особено бидејќи кредитите кои ги земаат сепак не се од државната банка, туку преку комерцијалните банки.

„Информациите кои се бараат од Развојна банка, се информации со кои банката се стекнала при вршење на банкарски и други активности за поединечни лица и истите согласно Законот за банките, член 111 и член 112, претставуваат банкарска тајна која банката е должна да ја заштити и чува“, велат од Развојната банка.

Од средината на мај Владата овозможи да се користат парите од кредитот кој државата го зема од Унгарија. Предвидено е дека 250 милиони евра ќе бидат финансиска поддршка за компании преку поволни кредити кои ќе ги земаат од комерцијалните банки, кои пак преку Развојната банка ќе ги користат парите од унгарскиот кредит. Од Владата велат дека интересот за користење на средствата од компаниите е голем, но дека сите надлежности се во Развојната банка.

Видете и ова: Одобрени првите кредити на компаниите од унгарскиот заем

„Владата ги воспостави условите за користење на оваа кредитна линија на најтранспарентен начин што само по себе им овозможува на институциите да го спроведуваат процесот согласно утврдени процедури. Достапноста на оваа можност за сите домашни компании кои се заинтересирани, го потврдува сосема спротивното – оваа Влада носи мерки и политики кои согласно правила и процедури важат подеднакво за сите“, велат во одговорот за РСЕ од Владата.

Инаку неодамна опозициската партија Левица објави дека ги барала податоците за приватните компании кои ќе ги користат народните пари, и тоа по Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, но дека не ги добиле со образложение дека се работи за банкарска тајна.

Антикорупциска го следи процесот

Државната комисија за спречување на корупцијата смета дека мора да се откријат имињата на фирмите кои ги користат народните пари. Според ДКСК ова е процес од висок јавен интерес кој не може да биде нетранспарентен.

„ДКСК смета дека станува збор за прашање од висок јавен интерес, поради што будно ја следиме состојбата и ја разгледуваме можноста за постапување, во рамки на нашите надлежности. Сметаме дека секое трошење на јавни средства, во случајов средства добиени преку задолжување на државата, мора да биде целосно транспарентно“, велат од Антикорупциската комисија.

Инаку развојната банка се плаши да ги открие информациите кои се бараат од неа и поради казните. Според банката откривањето на информациите се санкционира со глоба во износ од 15.000 евра за банката и 30% од изречената казна за одговорното лице.

„Освен санкцијата, објавувањето на овие заштитени информации ќе предизвика негативна репутација за банката, како и можност за покренување на низа правни процеси од страна на крајните корисници“, велат од банката.

Според економскиот аналитичар Зоран Јовановски би требало граѓаните да знаат како се трошат нивните пари, но дека клучнато е што сепак банките ги одобруваат кредитите.

Видете и ова: Зајакната соработка со Унгарија - утешна награда за бавната интеграција на Северна Македонија во ЕУ

„ Транспарентноста, мислам дека сите сме за транспарентност, тоа е генерален принцип, јас немам ништо против. Сепак ќе помине време, ќе помине година, ќе поминат две, па ќе видиме како ќе оди наплатата на тие кредити. За мене битна е одлуката што банките ја проценуваат кредитната способност на компаниите кои што ќе го земат кредитот, бидејќи банките имаат знаење за таа работа. Тоа е многу подобро одошто државата да даваше проценки за оние компании кои ќе аплицираат со своите проекти дали ќе имаат капацитет да ги сервисираат тие кредити“, вели Јовановски.

Условите за земање кредит за фирмите се со 1,95 % камата, грeјс период од 3 години и рок на отплата до 15 години. Тие за проектот кој ќе го финансираат од кредитот мора да имаат сопствено учество од 20 %. Одлуката за финансирање е во рацете на комерцијалните банки.

За унгарскиот заем, Собранието на 17 септември изгласа посебен Закон по што на 8 октомври во Будимпешта се потпиша договорот.

Кредитите за компаниите се дел од милијарда евра заем кој Северна Македонија го доби од Унгарија. Двесте и педесет милиони евра се за компаниите, исто толку за локалните власти, а 500 милиони за враќање стари заеми на државата.

Македонскиот премиер Мицкоски и неговиот унгарски колега, Виктор Орбан, го договорија кредитот на НАТО самитот во Вашингтон, во јули 2024 година.

Рокот за отплата е 15 години со три години грејс период, каматата за државата е 3,25 проценти.

Видете и ова: Само бизнисот чека на својот дел од унгарскиот кредит

Производство и трговија најчесто финансирани области

Развојната банка до сега исплатила125,8 милиони евра во три транши од кредитната линија за подршка и развој на домашните компании кон деловните банки. Најголемиот износ кој една фирма може да го добие е 10 милиони евра. До сега парите кои се доделени се за 470 проекти од кои најголем дел односно 269 се за мали фирми, 113 средни, 60 големи и 28 микро компании.

Инфографика - Исплата на првите три транши од унгарскиот кредит

Според дејностите 171 проект се од производството, 113 од трговијата, 88 за транспорт, а останатите се за градежништво, хотели и угостители. За останати дејности банката во одговорот до РСЕ навела 15 проекти од останати дејности, но не е потенцирано за какви дејности станува збор.

По вид на инвестиција, 48% од исплатениот износ е за инвестиции во градежни фирми, 40% за инвестиции во опрема, 7% за инвестиции во обновливи извори на енергија и околу 6% за инвестиции во транспортни средства.

Инаку тие пари компаниите не смеат да ги користат за да враќаат стари долгови кон банките бидејќи каматната стапка од државниот кредит е многу пониска од оние на комерцијалните банки.

Инфографика - Проекти по структура на претежна дејност за кои се доделени средства во првите три транши од унгарскиот кредит

Првично имало огромна заинтересираност за парите од кредитот, дури и поголема од она што го проектираше државата. Дел од банките одлучиле да финансираат повеќе фирми со помали средства за да може што е можно повеќе компании да искористат од кредитот на државата, а остатокот од парите да ги добијат преку комерцијалните кредити. Кредити добиле само приватни фирми.