Достапни линкови

Треба да се направи конзорциум од сите домашни градежни фирми


Јовановски: Не може произволно зголемување на платите без поголема продуктивност
please wait

No media source currently available

0:00 0:21:10 0:00

Јовановски: Не може произволно зголемување на платите без поголема продуктивност

Целокупниот капацитет на градежната индустрија во земјата преку конзорциум, да се стави во функција на изградба на планираните инфраструктирни проекти, вели економскиот аналитичар Зоран Јовановски во интервју за РСЕ. Тој зборува и за улогата на Народната банка во смирување на инфлацијата и за задолжувањата.

Инфлацијата повторно расте. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика во мај била 3,3 отсто споредено со истиот месец лани. Колку е тоа загрижувачки?

Граѓаните и компаниите се загрижени во однос на растот на цените веќе неколку години. Ако во раната фаза, тогаш кога беше ковидот и привршуваше ковидот, инфлацијата беше движена од надворешни фактори, кога Народна банка имаше малку маневрски простор нешто да направи. Тоа беше периодот кога глобалните синџири на снабдување се пореметија, имаше голем пораст на цената на енергенсите, голем пораст на цената на храната.

Потоа дојде еден период во кој што навистина нешто можеше да се направи. Тоа беше клучен момент и тогаш требаше Народна банка да делува многу робусно, много одлучно, со една силна енергија, меѓутоа претходната гувернерка го пропушти тоа и како последица на тоа дојде до втемелување на инфлаторни очекувања во главите на граѓаните. Таа е она ситуација во која инфлацијата станува секојдневие и граѓаните само очекуваат дека цените постојано ќе растат.

Со оглед дека Славевски беше критикуван од опозицијата, дека е избран како партиски човек на чело на Централната банка, ќе може ли тој да спроведа такви резови?

Јас инфлацијата ја ставам во контекстот на Народна банка која вели дека ценовната стабилност е основна цел на монетарната политика на Централната банка. Законодавецот го утврдил тоа. Затоа малку беше и неразбирливо што изминативе години постојано беше насочувано вниманието за инфлацијата на владата, која е да е, а не на Централната банка, која што всушност е одговорна за стабилноста на цените.

За жал, кај нас, ние за што и да разговараме, разговараме низ призмата на власт, опозиција, политика, може и лични интереси. За економските прашања се разговара со податоци, со бројки, со аргументи.

Мене ме охрабрува факт дека првите две изјави кои што ги даде новиот гувернер се во суштината на работите и тоа се баш теми за кои што ви очекувате дека ќе зборува еден гувернер.

Зошто мислите дека ќе се смирува инфлацијата? Со оглед на фактот дека таа прилично се должи на зголемување на цените на храната откако престана владините мерки за ограничување на маржите?

Инфлацијата може да се реши на два начина. Краткорочно да смирувате ситуација и долгорочно да ја намалувате во зависност од како се одвиваат цените на производите во странство, вие тоа го увезувате со зголемените цени во странство, вие увезувате странска инфлација.

На краток рок, може да се искористат, на пример, стоковите резерви по одредени производи кои што се исклучително важни за потрошувачката на граѓаните. Државата да ги извади од стоковите резерви, да ги стави на пазарот и да влијае на тој начин смирувачки во однос на потрошувачката на некои клучни, основни, прехранбени производи.

Кој ќе ја смири?

Еден од факторите ќе биде да се забави растот на платите, бидејќи тоа е домашниот фактор кој што ја движи инфлацијата. Ако земете во периодот од 2023. наваму, значи која ќе тргнете инфлацијата, реално платите обезбедиле поголема куповна моќ за 12%. Тоа е двоцифрена стапка на раст само во 2023 година. Во 2024 година некаде 4,4%. Во 2025 година првите неколку месеци 5,3 %. Тоа се релативно високи стапки на раст во ситуација кога вие немате продуктивност која што ќе оди рака под рака.

Независността на Централната банка се огледа во тоа. Мора да постапите некогаш и непопуларно, мора да постапите на начин на кој што може би во тој момент на таа влада, која и да била нема да и се допаѓа. Платите продолжија да растат, реакцијата изостана во клучниот момент.

Сега администрацијата ќе добие покачување од 13 отсто на платите, дали тоа дополнително влијае на инфлацијата?

Платите се означени како фактор кој што влијае во насока на зголемување на инфлацијата. Да, тие од една страна го подобруваат економскиот раст, доколку тоа зголемување на платите и на пензиите оди за зголемување на домашната потрошувачка, меѓутоа на македонски производи.

Ако тоа го правите, тогаш зголемувањето на таа куповна моќ ќе придонесе одреден дел од компаниите да имаат поголем обрт, подобро да работат, повеќе да произведуваат. Ако тоа заврши со поголем увоз, ние, всушност, таа зголемена куповна моќ не предизвикала некој позначен позитивен ефект за домашната економија.

Во секој случај, ние мораме да разбереме една работа, а тоа е дека не можеме платите да ги качуваме произволно, без тоа да биде придружено со пораст на продуктивноста.

Според статистика, растот на БДП за првиот квартал на година е 3,2%. Владата вели дека Македонија е четврта најбрзо растечка економија во Европа.

За оваа година растот е проектиран на 3,7% од страна на Министерството за финансии, може би ке биде нешто пониско, можеби ке биде 3,5%, меѓутоа мислам дека генерално во добра насока се движат работите, генерално гледано.

Оно што е добро е што и мислам дека и владата таму го гледа растот во инвестиции и инфраструктурни проекти. Тоа е патната инфраструктура, железничката инфраструктура.

Клучниот елемент во тој разговор за мене е зборот конзорциум. Мора да се направи некаков конзорциум на сите градежни компании во земјава. До последниот работник, до последната машина, апсолутно целокупниот капацитет кој што го има градежната индустрија во земјата, преку своевиден конзорциум, да се стави во функција и се ова што се планира да се направи, дали е тоа пругата, дали се тоа патиштата, што и да е, дали се тоа браните, тоа да се направи со апсолутно ангажирање на целокупната домашна градежна оператива.

И многу е битно да се најдат системски решенија за индустријата. Индустријата не успеа да заздрави. Во годината на ковидот, во 2020 година, имаше пад од 9,5% и таа не може да се врати на нивото кое што беше. Стапките на раст после тоа беа 1,4, малку над 0, малку под 0, минатата година 3,6% пад на индустријата.

За кредитите и од Унгарија и Британија. Нема бесплатни пари, ќе платиме камати, како тоа ќе се одрази на јавниот долг на државата?

Мојата генерална позиција секогаш во однос на задолжувањето е, не е пресудно колку се задолжувате, клучно е за што се задолжувате.

Една фирма може да земе и не многу голем кредит и да го раздаде за плати на вработените, ама вредност не се создала за да може да го врака и тој релативно помал кредит. Ако ние се задолжиме и парите останат преку конзорциум на градежни компании од земјава тука со плати за вработените, со купување на нова механизација и така натаму, и се направат патиштата, се направи пругата, се направат други работи, кои што потоа ќе овозможат да се генерираат приходи за да можат да се отплаќаат кредитите, за мене е тоа разумна комбинација.

Лошо ќе беше ако вие земете кредит, не знаете за што сте го земале, за две години сте го потрошиле и долгот остане на идните генерации. Целото интервју е на следниот линк.


  • 16x9 Image

    Сања Васиќ

    Новинарската кариера ја почнува во весникот „Нова Македонија“ во 1991, а потоа продолжува во телевизија Телма како уредник  и водител во информативната програма каде минува најголем дел од кариерата. Работела и во македонската редакција на Гласот на Америка во Вашингтон, била локален дописник на странски новински агенции, како и предавач и обучувач на медиумски проекти. Во Радио Слободна Европа е од јули 2022.

XS
SM
MD
LG