Достапни линкови

Вести

САД тестираа далечинско лансирање од воздух на нуклеарна ракета

балистичка интерконтинентална ракета „Минитман три“
балистичка интерконтинентална ракета „Минитман три“

Американските воздушни сили соопштија дека успешно лансирале од далечина, со команда од авион, балистичка интерконтинентална ракета „Минитман три“, способна да носи три нуклеарни боеви глави. Ракетата била лансирана од Воздухопловната база Ванденберг во Калифорнија и по лет од 6.760 километри над Пацификот паднала крај брегот на Маршалските острови. Акцијата билакомандувана од „Боинг Е-6“ - адаптирана верзија на „Боинг 707“.

САД и Русија во нова трка во вооружување

„Минитман три“ е единствениот преостанат тип на нуклеарна ракета земја-воздух во американскиот нуклеарен арсенал од 2005 година. Инсталиран е во подземни силоси во три воени бази: во Вајоминг, Јужна Дакота и Монтана.

види ги сите денешни вести

Трамп ќе го скрати рокот што го даде на Путин за договор со Украина

Претседателот на САД Доналд Трамп разговара со новинарите во друштво на британскиот премиер Кир Стармер и неговата сопруга Викторија во Тарнбери, Шкотска, 28 јули.
Претседателот на САД Доналд Трамп разговара со новинарите во друштво на британскиот премиер Кир Стармер и неговата сопруга Викторија во Тарнбери, Шкотска, 28 јули.

Поради растечката фрустрација околу континуираното бомбардирање на Украина од страна на Русија и немањето напредок за мировен договор, претседателот на САД, Доналд Трамп, вели дека ќе го скрати рокот за прекин на огнот даден на рускиот претседател Владимир Путин.

Во разговор со новинарите во Тарнбери, Шкотска, на 28 јули, Трамп изјави дека е „многу разочаран“ од Путин и дека „не треба да чека“ до крајот на почетниот рок од 50 дена што им го даде на двете страни претходно овој месец.

„Ќе одредам нов рок за околу 10 или 12 дена од денес“, им рече Трамп на новинарите за време на средбата со британскиот премиер Кир Стармер.

„Кога се справувате со некого доволно долго, знаете што ќе направи – или нема да направи“, рече тој. „Му дадов шанса [на Путин]. Тој не ја користи.“

Белата куќа не прецизираше какви чекори може да следат ако Русија не одговори, иако Трамп рече „можеби сепак ќе склучиме договор со Русија, но е многу доцна во процесот“.

Минатиот петок, државниот секретар Марко Рубио рече дека Трамп „губи трпение“ со Москва и „ја губи желбата да продолжи да чека“, алудирајќи на потенцијални сериозни последици.

Украина ги поздрави забелешките на Трамп. Андриј Јермак, шеф на Кабинетот на претседателот на Украина Володимир Зеленски, напиша на Телеграм:

„Му благодариме на претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп за неговата цврста позиција и јасниот сигнал – мир преку сила“, рече Јермак.

„Претседателот Трамп изјави дека го скратува рокот што му го даде на Путин за да ја заврши војната затоа што верува дека одговорот е очигледен. Путин разбира само сила, а таа порака сега е јасно и гласно доставена. Ова е став што целосно го дели и претседателот Володимир Зеленски“, наведе тој.

Русија сè уште официјално не ја коментираше последната изјава на Трамп.

Украинските и руските делегации се состанаа за мировни преговори на 23 јули. Тоа беше третата рунда од серијата преговори што започнаа на 16 мај, но постигнаа мал напредок.

Бугарија распиша тендер за пругата кон Северна Македонија

Коридор 8 - делница од Бељаковце до Крива Паланка (фотоархива).
Коридор 8 - делница од Бељаковце до Крива Паланка (фотоархива).

Национална компанија за железничка инфраструктура на Република Бугарија денеска (28 јули) објави тендер за доизградба на железничката пруга кон Северна Македонија.

Тендерот се однесува на проектирање и изградба нова железничка траса од Ѓуешево до границата со Северна Македонија во должина од 2,4 километри – единствената делница што недостасува од железничкиот Коридор 8 на бугарска територија, како и за модернизација на 17-километарската делница од Перник до Радомир.

Објавата на тендерот доаѓа десетина дена откако беше објавено дека Бугарија и Северна Македонија на разговори во Брисел се договориле да го финализираат договор за Коридорот 8.

Според бугарското Министерство за транспорт, двата проекта за кои е објавен тендер се важен дел од имплементацијата на Коридорот 8 на бугарска територија, а со објавувањето на тендерите Бугарија ги исполнува своите обврски за целосна изградба на железничка врска меѓу двете земји.

Тендерот за делницата од Ѓуешево до границата опфаќа и реконструкција на железничката станица Ѓуешево, а последните 420 метри од таа траса се издвоени како посебна ставка во тендерот со образложение дека нивната изградба ќе започне по завршувањето на прекуграничниот тунел што Бугарија и Северна Македонија треба да го градат заедно.

Само на тој начин, посочува Министерството, нема да биде попречено работењето на тешката механизација што се користи за тунелските работи. Рокот за завршување на активностите е до крајот на 2028 година за целата делница, со исклучок на 420-те метри, што ќе се градат дополнително.

Овој тунел меѓу Ѓуешево и границата се смета за стратешки објект со кој преку Коридорот 8 ќе се поврзат Црното со Јадранското Море. За него, Бугарија и Северна Македонија се договорија да формираат работни групи кои до крајот на месец јули ќе го финализираат текстот на меѓувладиниот Договор со цел да се утврдат конкретните обврски на двете страни за техничките, финансиските, градежните и оперативните аспекти.

Проектот за модернизација на делницата од 17 километри од Перник до Радомир, пак, вклучува изградба на двојна железничка линија за брзина од 160 километри на час, реновирање на станиците и постојките по трасата и отстранување на сите нивелирани премини со патен сообраќај и пешаци за поголема безбедност. Рокот за завршување на оваа делница е средината на 2029 година.

Македонскиот и бугарскиот министер за транспорт, Александар Николоски и Гроздан Караџов, на крајот на јуни одржаа средба на маргините на Министерскиот форум за транспорт во Истанбул, каде што беше постигнат напредок за откочување на изградбата на железничката пругата. По ова, делегации на двете држави имаа разговори во Брисел на 16 јули.

„На состанокот на високо ниво се договорија чекорите во следните месеци, при што беа идентификувани приоритети меѓу кои и повторно објавување на тендерот за работите на железничкиот дел помеѓу Крива Паланка и влезот на прекуграничниот тунел до крајот на 2025 година од страна на Македонија“, соопштија од Министерството за транспорт на Северна Македонија по состанокот.

Источниот дел од Коридорот 8 ги поврзува Македонија и Бугарија и е дел од Европскиот транспортен коридор Западен Балкан – Источен Медитеран.

Словенија и Франција понудиле помош на Северна Македонија за пожарите

Пожарникари (фотоархива).
Пожарникари (фотоархива).

Преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, Словенија и Франција испратиле понуда до властите во Северна Македонија со свои тимови да помогнат во справувањето со пожарите кои беснеат низ земјава изминатиот период, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

„Предмалку добивме понуда од Словенија да испрати помош од тим од 50 пожарникари со специјални возила за гаснење пожари. Слична понуда имаме и до Франција, да ни испратат тим со сличен број на пожарникари со специјални возила. Ја разгледуваме оваа можност и дополнително ќе одлучиме како ќе постапиме“, изјави Ангелов.

Претходно во текот на денот, премиерот Христијан Мицкоски посочи дека преку овој механизам не може да се ангажираат воздухоплови од други држави бидејќи во овој момент нема слободни со оглед дека пламените јазици беснеат насекаде во медитеранскиот дел на Европа, како што се Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Србија, Шпанија, Италија, Кипар, Грција, Турција…

Последните официјални информации од Центарот за управување со кризи (ЦУК) се дека на територијата на државата активни се девет пожари, а шест се под контрола. Но, бројката, вели Ангелов, се менува од час во час.

И директорот на ДЗС, како и Мицкоски, ги истакна сомнежите дека дел од пожарите се подметнати.

„Мотивите се различни, постои можност да има економско-криминални мотиви. Можеби некој се надева дека ќе може да ја сече изгорената шума бидејќи на некои места имаме пожари кои на необјаснив начин се појавија во висококвалитетна шума. Постојат можност и за патолошки мотиви – пиромани, но тие не би запалиле оган до населено место каде би биле видени, фатени, снимени. Дел од подметнувањата се на места каде нема квалитетна шума и тука нема логично објаснување зошто некој упорно пали пожари на вакви места“, рече Ангелов.

Директорот на ДЗС апелираше до граѓаните да не се крева паника бидејќи таа е „најлош непријател и може да предизвика носење лоши одлуки“.

Ангелов тврди дека „како држава имаме целосна контрола над сите ресурси“. Тие, вели, никогаш нема да бидат доволни, но оптимално се распоредуваат, а прв критериум е заштитата на човечките животи, потоа имотот на граѓаните итн.

Во текот на изминатото деноноќие, според пресекот што утрото на 28 јули го направи ЦУК, на територијата на Северна Македонија биле регистрирани вкупно 51 пожар. Оваа бројка, за првиот човек на ДЗС, е алармантна.

Моменталните температури, кои се пониски во споредба со минатата недела кога беа над 40 степени Целзиусови, според него, сè уште се погодни за пожарите. Сепак, надлежните очекуваат дека најавените обилни врнежи од дожд најавени за во текот на претстојната ноќ ќе помогнат во справувањето во пожарите, пред сè, во источниот дел од државата.

Тајланд и Камбоџа договорија прекин на огнот

Malaysia - Agread ceasefire between Thailand and Cambodia in Putrajaya, Malaysia, Monday, July 28, 2025.
Malaysia - Agread ceasefire between Thailand and Cambodia in Putrajaya, Malaysia, Monday, July 28, 2025.

Лидерите на Тајланд и Камбоџа се согласија на итен и безусловен прекин на огнот за да се стави крај на граничните судири, изјави малезискиот премиер Анвар Ибрахим на 28 јули, по разговорите што двата соседа од Југоисточна Азија ги водеа во Малезија.

На состанокот во малезискиот главен град Путраџаја присуствуваа и амбасадорите на САД и Кина.

Тајланд и Камбоџа меѓусебно се обвинија за започнување на конфликтот минатата недела, кој оттогаш ескалираше во борби со тешки артилериски напади на повеќе локации долж нивната копнена граница од 817 километри.

Тоа беше најсмртоносниот конфликт меѓу двата соседа од Југоисточна Азија во последната деценија.

Камбоџанскиот премиер Хун Манет претходно изјави дека состанокот бил заеднички организиран од Малезија и САД и оти ќе присуствува и Кина.

„Целта на овој состанок е итно да се постигне прекин на огнот. Тој беше инициран од американскиот претседател Доналд Трамп, а беше договорен од премиерите на Камбоџа и Тајланд“, напиша Хун Манет во објава на X (Икс) пред да замине на состанокот за разговорите.

На 27 јули, Трамп изјави дека верува оти и Тајланд и Камбоџа сакаат да ги решат своите разлики откако им кажа на лидерите на двете земји дека нема да потпишува трговски договори со нив сè додека не го завршат конфликтот.

Активни се девет пожари, власта со сомнежи дека дел се подметнати

Пожари во Северна Македонија (фотоархива).
Пожари во Северна Македонија (фотоархива).

На територијата на Северна Македонија, заклучно со 12:30 часот на 28 јули, активни се вкупно девет пожари, а шест се ставени под контрола, информираше Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Пожарите, кои и ова лето беснеат на отворено, според сомнежите на власта, во најголем дел се подметнати или се од невнимание.

„Имаме од 30 па и повеќе пожари секој ден. Вчера беа над 50. Најголемиот дел од нив, постојат основани сомневања дека се подметнати или пак од негрижа се имаат случено. Досега можам да кажам дека во јули месец ја држиме работата целосно под контрола“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на 28 јули.

Деветте активни пожари се на териториите на општините: Василево, Радовиш и Берово; Прилеп; Прилеп и Кавадарци; Македонски Брод; Желино; Крива Паланка; Македонска Каменица; Илинден; Чашка.

За помош во справувањето со пожарите Северна Македонија го активираше и Европскиот механизам, но премиерот Мицкоски посочи дека „во овој момент нема слободни воздухоплови кои би се активирале“ поради тоа што пламените јазици беснеат насекаде во медитеранскиот дел на Европа, како што се Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Србија, Шпанија, Италија, Кипар, Грција, Турција…

„Во моментов повеќе од 200 припадници на армијата се на терен. Полицајците ги возат оние специјални возила – бетери, пицгауери и хермелини. Се организираме, работата е под контрола, ќе се случува цело лето. Ќе има и во август месец. Во овој момент немаме огнена стихија која е надвор од контрола“, изјави Мицкоски.

Во текот на изминатото деноноќие, според пресекот што утрото на 28 јули го направи ЦУК, на територијата на Северна Македонија биле регистрирани вкупно 51 пожар.

Мицкоски очекува убави вести од преговорите за царините со САД

Христијан Мицкоски, премиер на Северна Македонија (фотоархива).
Христијан Мицкоски, премиер на Северна Македонија (фотоархива).

Претставници на македонските институции досега имале три рунди преговори со институциите во рамки на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во однос на царините за извоз во САД, соопшти денеска (28 јули) премиерот Христијан Мицкоски кој очекува „убави вести“.

„Тоа што можам да го кажам е дека сме најнапред од европските земји и очекувам убава вести за македонски граѓани, македонските извозници во САД. Да почекаме од Вашингтон да дојде веста“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека неговите очекувања се оваа недела целиот процес да биде завршен. Последната од трите рунди преговори за царините била одржана во петокот, 25 јули.

Најавите за договорот за царините на САД кон Северна Македонија Мицкоски ги даде коментирајќи го договорот што Соединетите држави го постигнаа со ЕУ вчера, 27 јули.

Американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен објавија дека постигнале трговски договор за 15% царина за поголемиот дел од европските производи што се извезуваат во САД. Со тоа беше отстранета заканата на Трамп за царини од 30% од 1 август доколку не се постигне договор.

А, ваквиот договор, смета Мицкоски, е добар и за македонските компании.

„Ние ја поздравуваме одлуката (договорот меѓу САД и ЕУ) бидејќи голем дел од нашите производни капацитети преку компаниите во ЕУ извезуваат во САД. Ако Унијата е задоволна од овој договор, а очигледно таква беше изјавата на претседателката на ЕК, тогаш и ние сме задоволни“, изјави премиерот.

Трамп на почетокот на април воведе основна царина од 10 отсто за целиот увоз во САД и повисоки царини за некои земји. Царината за Северна Македонија што ја воведе американската администрација се зголеми на 33%. Но, набрзо потоа ја одложи примената на новите царински давачки за 90 дена.

Вкупно 12 години затвор за тројца обвинети за напад врз косовската Изборна комисија

Пресудата беше изречена во Основниот суд во Приштина, 28 јули.
Пресудата беше изречена во Основниот суд во Приштина, 28 јули.

По пет години затвор добија двајца од обвинетите, Милун Миленковиќ и Александар Влајиќ, за нападот врз просториите на Општинската изборна комисија во Северна Митровица во декември 2022 година. Уште еден обвинет, Дејан Пантиќ, беше осуден на двегодишна затворска казна.

Поради недостаток на докази, пак, еден обвинет – Миомир Вакиќ, беше ослободен од обвинение.

Ваквата пресуда денеска, 28 јули, ја изрече Основниот суд во Приштина.

Ниту еден од обвинетите не беше присутен на изрекувањето.

За овој случај, кон средината на декември 2023 година косовското обвинителство поднесе обвинение за терористички акт, обвинувајќи ги лицата за извршување напад со рачни гранати и шок бомби врз просториите на Централната изборна комисија (ЦИК) „со цел дестабилизација или уништување на основните политички и уставни структури на Република Косово“.

Исто така, со обвинението се тврдеше и дека животите на вработените во ЦИК и полицајците биле сериозно загрозени во таа пригода.

На првото рочиште, одржано кон крајот на јануари минатата година, сите обвинети се изјаснија за невини.

Миленковиќ и Влајиќ се наоѓаат се во притвор, додека Вакиќ и Пантиќ се бранеа од слобода.

Адвокатите на одбраната ги изнесоа своите завршни зборови во петокот, во кои нагласија дека обвинението делумно се базира на комуникација преку апликацијата Вибер, и ја негираа вината на нивните клиенти.

Порталот „Заклетва за правда“, кој редовно ги следи судењата, објави дека адвокатот Љубомир Пантовиќ рекол оти сите докази врз кои се заснова обвинението се базираат на полициски извештаи и документи, и дека нема конкретен опис на какви било дејствија.

Кои се обвинетите за тероризам?

На 6 декември 2022 година, во просториите на Општинската изборна комисија во Северна Митровица беа фрлени две експлозивни направи, од кои едната експлодираше.

Поради овој случај, Дејан Пантиќ, поранешен припадник на косовската полиција, беше уапсен на 9 декември на преминот Јариње, што предизвика криза во северно Косово и поставување барикади од страна на Србите.

Барикадите беа отстранети на 29 декември откако судот дозволи Пантиќ да биде пуштен во домашен притвор.

Во меѓувреме, на 13 јуни 2023 година, Милун Миленковиќ – Луне беше уапсен во Северна Митровица, што беше причина да се слушнат сирените за тревога, а граѓаните да се соберат во градот. Во периодот на тензии во северно Косово, сирените за тревога се вклучуваа кога од локалното население беше барано да организира настан односно кога организирани групи луѓе излегуваа на улиците, затвораа продавници, аптеки, деловни простории или организираа барикади.

Не беше познато кој ги управуваше, а во декември 2023 година, косовската полиција објави дека конфискувала сирена за јавен аларм со шест засилувачи во Северна Митровица.

Александар Влајиќ беше уапсен под сомнение за собирање и доставување класифицирани информации до Српската безбедносно-разузнавачка агенција (БИА).

Тој беше обвинет во посебен случај за шпионажа, за што беше осуден на пет години затвор на почетокот на јуни. Влајиќ се изјасни за виновен за шпионажа, но го негираше нападот врз Централната изборна комисија.

За време на судењето, обвинителството изјави дека има докази дека Миомир Вакиќ, исто така, учествувал во нападот и презентираше пораки што ги разменил со обвинетиот Дејан Пантиќ, имено дека на пораката од Пантиќ дека „таму се тресат круши“, тој одговорил со „фрли им јаболко“.

Обвинителството тврдеше дека овој кодиран јазик алудирал на локацијата на полицијата и фрлањето бомби.

Град Скопје повторно го постави споменикот на Ќосето

Повторно поставен споменикот на Ќосето во Скопје.
Повторно поставен споменикот на Ќосето во Скопје.

Споменикот на Андон Лазов-Ќосето повторно е поставен во Скопје, информираше скопската градоначалничка Данела Арсовска, преку соопштение на социјалните мрежи.

Како што може да се забележи од фотографиите што таа ги објави, споменикот овој пат е поставен во близина на кружниот тек кај хотелот „Континентал“ во Скопје.

Според Арсовска, со поставувањето на споменикот на Ќосето му се „оддава почит за неуморниот дух и саможртва во борбата за слободна и независна Македонија“.

„Андон Лазов Ќосето, познат по својата борбеност и непокор, е симбол на македонската историја и еден од истакнатите учесници во Илинденското востание. Неговата улога во револуционерното движење е од непроценливо значење за денешната слобода и независност на нашата држава“, пишува Арсовска во објавата на 28 јули.

Споменикот на Андон Лазов-Ќосето првпат беше поставен во 2014 година кај Судската палата во време кога градоначалник на Скопје беше Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Поставувањето тогаш предизвика поделени реакции во јавноста околу ликот и делото на Ќосето. Дел од историчарите сметаат дека се работи за револуционер и еден од најверните соработници на ВМРО-ДПМНЕ, а други дека станува збор за сериски убиец кој го ликвидирал и сопствениот брат.

Во 2018, споменикот беше отстранет откако локалната власт во Скопје ја презеде СДСМ на чело со тогашниот градоначалник Петре Шилегов. Официјалното образложение за отстранување на споменикот беше дека тој е дивоградба.

Воздушни напади низ Украина, повредени пет лица

Напад со руски дронови во Киев (фотоархива)
Напад со руски дронови во Киев (фотоархива)

Пет лица се повредени, а една станбена зграда е оштетена во Киев во руски воздушен напад извршен доцна вечерта на 27 јули, објави на Телеграм шефот на киевската воена администрација, Тимур Ткаченко.

Откако се слушнаа експлозии во украинскиот главен град и неговите предградија градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, ги повика луѓето да останат во засолништа. Нападот врз Киев беше дел од поширок напад врз целата земјата.

Тревога беше прогласена за поголемиот дел од Украина во 23:50 часот по локално време на 27 јули. Предупредувањето важеше за целиот источен дел од земјата, како и регионот околу Киев.

Оперативната команда на вооружените сили на Полска соопшти дека биле активирани и нивните авиони за да се обезбедни безбедноста на полскиот воздушен простор.

Во последните недели руските сили извршија голем број напади со беспилотни летала врз Украина.
Претходно на 27 јули, во руски напад беше погоден автобус што превезуваше цивили во село во североисточната украинска Сумска област. Како што соопшти регионалната воена администрација, загинале три лица, а 19 биле повредени.

Овој напад се случил околу 16:30 часот по локално време, во близина на селото Иволжанске во општината Јунакивска, изјави Олех Хригоров, началник на регионалната воена администрација. Во автобусот имало вкупно 39 патници.

Загинатите биле жители на општината Јунакивска кои биле евакуирани оттаму, но периодично ги посетувале своите домови и фарми во пограничната заедница. Автобусот со кој патувале, неколку пати бил погоден од непријателски оган.

Голем шумски пожар кај Крива Паланка, огнот се шири кон Србија

Пожари - илустративна фотографија.
Пожари - илустративна фотографија.

Според информациите објавени од Општина Крива Паланка, од вчера гори обемен шумски пожар во атарот на селото Нерав, кој зафаќа површина од над 50 хектари борова шума. Пожарот се проширил и на делови од територијата на општина Ранковце, во близина на селото Герман, како и кон општина Трговиште на територијата на соседна Србија.

Во гаснењето се вклучени екипи од Територијалните противпожарни единици на Крива Паланка, Ранковце и Трговиште (Р. Србија), како и вработени од ЈП „Македонски шуми“ – Подружница Крива Паланка, заедно со жители од селата Нерав и Трговиште.

Поради тешко пристапниот терен и густата шума, пожарот сè уште не е ставен под контрола и претставува сериозна опасност. Надлежните служби најавија дека акцијата за гаснење ќе продолжи и во утринските часови.

Општината апелира граѓаните да се воздржат од движење во шумски и планински предели заради сопствена безбедност и за да им се олесни работата на службите на терен.

Крива Паланка останува во постојана координација со сите надлежни институции и најави редовно информирање на јавноста за понатамошниот развој на ситуацијата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG