Достапни линкови

Вести

По една деценија најави, европскиот број 112 ставен во функција

Симболично денеска ( 11. 02) е пуштен делумно во употреба Европскиот број за итни случаи – 112. Станува збор за еден телефонски центар кој ќе ги обединува службите за итни случаи – полицијата, брзата помош и противпожарната заштита на територија на државата. Сега во земјава има четири броеви на кои може да побараат помош граѓаните тоа е броевите за полиција 192, противпожарна единица на 193 , 194 за брза помош и 195 за центарот за управување со кризи. Во прво време ќе бидат во употреба сите овие броеви и со тек на време ќе се мигрира кон 112.

Европскиот број за итни случаи 112 етапно ќе стартува годинава

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, на денешната промоција на системот Е-112, истакна дека на единствениот повикувачки број ќе работи посебен тим од Центарот составен од најстручните и најобразованите службеници. Системот е дизајниран операторот при добивање на повикот да ја знае локацијата на граѓанинот кој го упатува повикот.

„Еден од најилустративните примери кои го користиме за објаснување на овој број е една тешка сообраќајна несреќа, во која луѓето можеби се заглавени во возилото. Со вртење на 112 нашиот оператор, кој го прима повикот, веднаш ја известува полицијата, брзата помош, а доколку има потреба и противпожарната единица. Значи граѓанинот со вртење на еден број ќе добие целосна грижа од државата – полицијата ќе го обезбеди местото, брзата помош ќе му помогне, а пожарникарите ќе го изгаснат пожарот или ќе го извлече лицето доколку е заглавено во возилото“, рече Ангелов.

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека системот обезбедува вклучување на сите служби за итна помош и асистенција на полиција за спроведување на ред и мир, за обезбедување редовен сообраќај, како и комуналните служби, кои по потреба се активираат, поради опасности по животот на граѓаните и поради загрозување на материјалните добра и имотот на граѓаните и државата.

Стартување на системот 112 доаѓа по доцнење со реализацијата речиси една деценија. Тој првично беше најавуван пред повеќе од 10 години. Лани најавите беа дека овој систем ќе стартува по летниот период по завршувањето на обуките на 30-те вработени, а потоа се одложи за в декември.

Над 10 години доцни системот за итна помош „Е-112“

Единствениот европски број 112 е проект кој секоја земја аспирант за ЕУ мора да го воведе во својот систем. Македонските обиди за создавање на целиот систем за негово воведување е од периодот кога земјава стана и кандидат за членство во ЕУ во 2005-тата година.

Прв пат овој проект започнал да се подготвува уште во 2005-тата година, но формално е најавен од владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во 2013 година. Уште тогаш во медиумите било објавено дека системот е речиси готов иако тоа не било точно. Опремата за овој систем е добиена како донација од ЕУ во 2018 година. Проектот е вреден 2,3 милиони евра, а подготовките траеја повеќе од 15 години.

види ги сите денешни вести

Израелската армија повикува на евакуација на градот Газа

Зграда погодена од израелски воздушен напад, во градот Газа на 5 септември 2025 година.
Зграда погодена од израелски воздушен напад, во градот Газа на 5 септември 2025 година.

Во сабота, 6 септември, израелската армија ги повика жителите на градот Газа да се евакуираат во „хуманитарната зона“ на југот од Појасот Газа, во очекување на претстојниот копнен напад врз најголемиот град на палестинската територија, како што јавува АФП.

„За да се олесни заминувањето на жителите на градот, ја прогласуваме (крајбрежната) област Ал-Маваси“ за хуманитарна зона, на југот од Појасот Газа, објави портпаролот на израелската армија на социјалните мрежи.

Портпаролот им се обрати на „жителите на Газа и на сите оние што се таму“ на арапски јазик.

„Искористете ја оваа можност да се преселите во хуманитарната зона без одложување и да им се придружите на илјадниците луѓе што веќе отишле таму“, додаде таа.

Обединетите нации (ОН) проценуваат дека околу еден милион луѓе се во градот Газа и предупредуваат на претстојна „катастрофа“ во случај на израелска офанзива врз градот.

ОН проценува дека има околу еден милион луѓе во и околу градот Газа, предупредувајќи на претстојна „катастрофа“ ако израелската армија продолжи со своите планови за освојување на градот.

Израел е под зголемен притисок дома и во странство да ја прекине офанзивата и војната во Газа.

Хамас, прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ, минатиот месец се согласи на предлог за прекин на огнот, кој вклучуваше привремено примирје и постепено ослободување на заложниците што ги држи во Газа.

Сепак, Израел побара палестинската милитантна група веднаш да ги ослободи сите заложници, да го положи оружјето и да се откаже од контролата врз Газа, меѓу другите услови.

Во посебна изјава во саботата, армијата соопшти дека хуманитарната зона на југот има потребна „инфраструктура како што се теренски болници, водоснабдување и постројки за десалинизација, заедно со континуирано снабдување со храна, шатори, лекови и медицинска опрема“.

Додадено е дека хуманитарните напори во зоната „ќе продолжат континуирано во соработка со ОН и меѓународните организации, паралелно со проширувањето на копнената операција“.

Израел првпат го прогласи Ал-Маваси за безбедна зона на почетокот на војната, што беше предизвикано од напад на Хамас на 7 октомври 2023 година.

Сепак, војската оттогаш изврши бројни бомбардирања во областа, велејќи дека целта биле борци на Хамас кои се криеле меѓу цивилите.

Трамп вели дека верува оти Белорусија ќе ослободи стотици политички затвореници во „блиска иднина“

Американскиот претседател Доналд Трамп и белорускиот лидер Александар Лукашенко
Американскиот претседател Доналд Трамп и белорускиот лидер Александар Лукашенко

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, кој изненади многумина во август со телефонски разговор со белорускиот лидер Александар Лукашенко, рече дека верува оти оваа источноевропска нација ќе ослободи многу од стотиците политички затвореници што ги држи.

„Верувам дека ќе ослободат многу од тие 1.400“, изјави Трамп пред новинарите на 5 септември, додавајќи дека тоа би можело да се случи „во прилично блиска иднина“.

Тој не даде детали.

На 15 август, американскиот претседател рече дека го повикал авторитарниот Лукашенко само неколку часа пред неговиот самит во Алјаска со рускиот претседател Владимир Путин, кој има блиски врски со Лукашенко.

Во тоа време, Трамп напиша на социјалните мрежи, при тоа опишувајќи го Лукашенко како „многу почитуван претседател“, дека разговорот се фокусирал на ослободувањето на политичките затвореници.

За Лукашенко, кој долго време е критикуван и изолиран од Западот како диктатор и верен сојузник на Путин, поканата на Трамп претставуваше дипломатски пробив.

Според Валеро Кавалеуски, раководител на протеран експертски тим, Агенција за евроатлантски прашања, акцентот на Трамп врз политичките затвореници е длабоко симболичен.

„Трамп го стави хуманитарното прашање, ослободувањето на политичките затвореници, на самиот врв на својата порака“, изјави Кавалеуски за Радио Слободна Европа.

„Ова нагласува дека хуманитарните преговори се погодни и за Минск и за Вашингтон. Тие избегнуваат тешки прашања како што се геополитиката или војната во Украина, додека дејствуваат благородно и достоинствено затоа што се однесуваат на животите на луѓето.“

Марина Касинерава од организацијата „Дисидентби“, која ги поддржува политичките затвореници, рече дека точниот број на политички затвореници во Белорусија е непознат.

„Системот направи сè за да ги скрие злосторствата против човековите права, вклучително и затворањето на распоредот за судења“, рече таа.

Белорускиот центар за човекови права „Вјасна“ соопшти дека документирал 1.197 лица во Белорусија кои се сметаат за политички затвореници од 6 септември.

„Повеќето од овие луѓе беа цел на политички мотивирани гонења поврзани со настани што се случија за време и по претседателските избори во август 2020 година“, соопшти групата.

Земјата беше потресена од масовни протести поради спорните претседателски избори на кои долгогодишниот авторитарен Лукашенко дојде на власт за шести последователен мандат. Опозицијата и западните влади тврдат дека гласањето било наместено.

Ова доведе до брутална репресија од страна на белоруските власти и масовни апсења на луѓе поврзани со уличните протести.

Во изминатите пет години, 8.532 лица се соочија со политички мотивирани кривични обвиненија, а 7.299 беа осудени, според „Вјасна“.

Активистите за човекови права велат дека ослободувањето на стотици политички затвореници би било многу добредојдено. Но, тие истакнуваат дека, доколку репресијата не престане, таков потег ќе биде повеќе тактички маневар отколку системска промена.

Истражители од ОЈО ГОКК на увид во АНБ за аферата за прислушувањето

Прислушување, илустрација
Прислушување, илустрација

Обвинители и истражители од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) на 5 септември влегле во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) како дел од предистрагата за наводите за незаконско прислушување. Според соопштението од обвинителствоо била договорена динамиката за спроведување на увидот во документацијата со која располага АНБ, а која се однесува на наводите содржани во известувањата доставени до ОЈО ГОКК.

„Со оглед дека станува збор за обемна и сензитивна документација врз основа на која треба да се обезбедат релевантни докази, како и фактот дека истата има степен на доверливост, увидот ќе трае во наредниот период, а ќе се преземаат и други предистражни дејствија“, се вели во соопштението од ОЈО ГОК.

Во меѓувреме, на сајтот на Собранието беше објавено дека Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање ќе одржи седница на 10 септември во 11 часот со точка на дневен ред Предлог на заклучок за вршење на надзор над работата на АНБ.

Претходно денеска истата седница беше закажана во 11 часот и во 17 часот, но не се одржа.

„Истовремено, за истиот ден е предвидена и надзорна посета во просториите на Агенцијата за национална безбедност“, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши.

Од Обвинителството информираа на втори септември дека по насоки на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, оформиле предмет во кој се преземаат дејствија на проверки на наводите за следење на премиерот Христијан Мицкоски, како и дека детално ќе бидат испитани и наводите во последните известувања од АНБ.

Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски претходно изјави дека за случајот е информирано надлежното јавно обвинителство не откривајќи детали колку лица биле опфатени со прислушувањето бидејќи се работи за класифицирани документи. За периодот кога е вршено прислушувањето, Христовски рече дека во 2019 година АНБ била се, само не реформирана агенција.

„Повеќе било фасада од реформирана институција. Тоа што се случувало внатре било да една помала група составувајќи ја од еден поранешен директор и помала група вработени и тоа како имаме индиции дека ја злоупотребиле својата службена положба. За истото е известено надлежното јавно обвинителство и повеќе детали за ова не би можел да споделам, се со висока квалификација и се сензитивни, и не би сакале да нарушиме некој законски процес и воедно да попречиме процес кој е или би бил отпочнат од јавното обвинителство, рече Христовски.

Премиерот Христијан Мицкоски,во изминатиот период трврди дека бил следен во периодот кога бил опозициски лидер. Тој се надева дека оние што ја злоуотребиле службената положба во тоа време, ќе одговараат.

„Очекувам овие глодари да завршат онаму каде што им е местото, позади решетки, еднаш засекогаш да се ставио крај на злоупотребата на ваквиот тип на агенции и ресурсите со кои тие располагаат, изјави Мицкоски.

Коментирајќи ги наводите за следење на премиерот и други функционери, лиерот на СДСМ, Венко Филипче денеска рече дека „јавноста заслужува одговори и транспарентност.

„Да ве потсветам имаше најава некаква за поткуп на премиерот, понатаму дека бил следен со дронови, понатаму дека ќе има дестабилизација и еве сега некакво следење. Денеска има изјава и од поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност, и тој самиот вели, еве, барем нека се декласифицираат информацијата, па да видиме каква е вестината. За да нема лов на вештерки, лов на вештерки, лов во матно мислам дека граѓаните јавноста го заслужуваат тоа“, рече Филипче.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на 2-ри септември соопшти дека по насоки на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски оформило предмет во кој се преземаат дејствија на проверки на наводите за следење на премиерот. При тоа, од Обвинителството посочуваат дека детално ќе бидат испитани и наводите во последните известувања од АНБ како и дека Јавното обвинителство нема никаква можност за незаконско следење на комуникациите.

ЕУ во Косово загрижена за криминализацијата на невладините организации

Илустрација, Белгија, знамето на Европската Унија пред зградата на Европскиот совет во Брисел, понеделник, 17 јуни 2024 година.
Илустрација, Белгија, знамето на Европската Унија пред зградата на Европскиот совет во Брисел, понеделник, 17 јуни 2024 година.

Канцеларијата на Европската Унија во Косово изрази загриженост во врска со неодамнешните медиумски извештаи кои, според соопштението, „се обид за заплашување и криминализирање на работата на невладините организации“.

Реакција на ЕУ уследи по емисија емитувана на телевизијата Клан Косова на 4 септември, во која српската невладина организација Актив од Северна Митровица беше обвинета за „напад врз полицијата и државата Косово“.

„Како и медиумите, невладините организации се клучен столб на косовското граѓанско општество, а нивната улога е да ги следат, анализираат и да ги повикуваат властите, вклучително и косовската полиција, на одговорност“, се вели во соопштението на Канцеларијата на ЕУ во Косово.

Се додава дека на крајот на 2024 година, Актив, во соработка со неколку други српски невладини организации, објавил јавен извештај во кој го привлекува вниманието кон несоодветното однесување на одредени припадници на косовската полиција и употребата на „неовластени симболи“.
„Министерството за внатрешни работи и косовската полиција го признаа овој проблем и формираа работна група за негово решавање, во партнерство со меѓународната заедница, вклучително и ЕУ“, се наведува понатаму во реакцијата.

Невладината организација Актив, исто така, реагираше претходно, истакнувајќи дека силно ги осудува и категорично ги отфрла како неточни, злонамерни и неодговорни наводите изнесени во емисијата „Ора Стате“ на телевизијата Клан Косова.

Во соопштението, Актив наведува дека новинарот Куштрим Беколи изнесе низа неосновани обвинувања против нив, осврнувајќи се на извештајот „Етнизација на косовската полиција: Уривање на темелите на Ахтисари на граѓанска и мултиетничка институција“, кој беше заеднички објавен од пет организации на граѓанското општество - Нова социјална иницијатива, Центар за афирмативна социјална акција, Институт за територијален економски развој, Актив и Центар за застапување на демократска култура.

„Најсериозното обвинување беше тврдењето дека невладината организација Актив се занимава со „шпионажа“ и претставува закана за уставниот поредок на Косово. Ваквите клеветнички изјави претставуваат сериозна навреда и опасно се претставуваат како факти, со што нашата организација и другите српски невладини организации во Косово се ставаат во потенцијална опасност, особено во чувствителната и нестабилна социо-политичка средина во која работиме“, се наведува во студијата.
Во студијата „Етнизација на косовската полиција“, српските невладини организации истакнаа дека полицајците прикажуваат симболи на Албанија и Ослободителната војска на Косово на своите униформи и дека такво нешто не придонесува за мир и толеранција, туку напротив ги зајакнува постојните поделби и тензии.

Објавено е по низа поплаки за полицијата во северно Косово од граѓани и предупредувања од граѓанското општество дека полицијата користи „сила“ за воспоставување власт.
Косовското Министерство за внатрешни работи во тоа време изјави за Радио Слободна Европа дека се свесни за поплаките од граѓани од српската заедница во врска со работата на полицијата и дека тесно соработуваат со Инспекторатот на косовската полиција по ова прашање.

Актив, во својот одговор, нагласи дека нападот врз нив го поткопува граѓанското општество, го делегитимира гласот на српската заедница во Косово и ги загрозува темелите на мултиетничко и демократско општество.

Организацијата ги повика регулаторните институции на Косово, како што се Независната комисија за медиуми (МММ) и саморегулаторното тело Косовскиот совет за печат, како и меѓународната заедница, да реагираат, а институциите на Косово, особено Обвинителството, да ги истражат постапките на Клан Косова, „да покренат соодветни постапки и да преземат конкре

Итни чекори за заштита на граѓанското општество од кампањи за клевета и наративи на омраза“.
Невладината организација Сбункер, која промовира демократски вредности во Косово и регионот, исто така, презентираше студија претходно оваа година насловена како „Борба против екстремизмот во Косово: Трендови, предизвици и контрамерки“, која исто така укажува на порастот на етнонационализмот и неговиот придонес кон поделбите во општеството.

Истражувањето наведува дека интервјуата и фокус групите покажале дека кај младите Албанци, национализмот има повеќе одбранбен карактер – се фокусира на заштита на суверенитетот на Косово и барање правда за минатото, наместо на исклучување на другите етнички групи.

Притвор за момче осомничено за полови дејствија врз петгодишно девојче

илустрација
илустрација

Вкупно 30 дена притвор дови осомничено 24 годишно момче по барање на Основното јавно обвинителство под сомнение дека злоставувал пет годишно девојче. Според соопштението на Основното јавно обвинителство истрага е поведена против младо момче за кое постои основано сомнение дека вршело други полови дејствија врз девојче родено во 2020 година.

„Осомничениот 24-годишник, во неговиот дом во Волково, неколку пати извршил полови дејствија кои што не се состојат во вагинална, анална или орална пенетрација, врз оштетеното дете со кое е во роднинска врска. Тој го користел моментот додека девојчето било во неговиот дом затоа што живееле во одвоени куќи во ист двор, а потоа и се заканувал да не му кажува на татко и бидејќи ќе ја караат и ќе ја тепаат“, е наведено во соопштението на Обвинителствоо.

Спорд соопштението јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, особено имајќи ја предвид можноста за остварување контакт со детето и потребата за заштита на жртвата од осомничениот.

Според последниот извештај на Министерството за внатрешни работи за 2023 година во земјава се евидентирани 25 кривични дела извршени од 34 сторители на полов напад и силување на малолетници кои не наполниле 15 години.

Според полициската статистика се бележи и пораст на полово вознемирување на и задоволување на полови страсти пред друг.

Раст на БДП без нови работни места: Фајнанс тинк со макроекономски предупредувања

Илустратрација
Илустратрација

Растот во вториот квартал благо забрза, но не создаде нови работни места, соопшти на 5 септември Институтот за економски истражувања и политики Фајнанс тинк.Според нивното истражување сотанува во игра нивната проекција за реален раст на брутодомашниот производ(БДП) во 2025 од 3.5 проценти, додека проекцијата за растот на цените се ревидира на 3.7 проценти (од 3.1 процент).

„Во вториот квартал од 2025, БДП се зголеми за 3.4 проценти на годишна основа, благо забрзувајќи ја динамиката од претходните квартали.Остварувањето е во линија со нашите очекувањата изразени во претходниот Макроекономски монитор и проекцијата од 3.5 проценти за целата 2025 година. Забрзувањето е, во голема мера, водено од растот во личната потрошувачка (3 проценти),која продолжи да го отсликувапозитивниот реален раст на платите, растот на пензиите и другите доходи и интензивираната кредитна поддршка на домаќинствата. Додека,јавната потрошувачка (-1 процент) се намали по интензивирањето во текот на 2024“, наведува Фајнанс тинк во Макро-мониторот 14(2), за вториот квартал од 2025.

Според нивното истражување растот на бруто инвестициите од 6 проценти останува високо варијабилен, додека извозот од 9 проценти и увозот од 8 проценти закрепнаа по продолжен период на стагнација и падови.

Како што наведува Институтот во нивното соопштение невработеноста во вториот квартал од 2025 понатамошно благо се намали на 11.5 проценти од 11.7 проценти. Но, цо него се посочува дека во овој квартал, се намали и активноста на населението.

„Овие движења упатуваат на зголемување на воздржаноста на пазарот на труд. Сепак, губењето 1,000 работни места во нето износ во однос на претходниот квартал е секторски хетерогено. Најмногу работни места се изгубени во ИТ секторот (над 4 илјади, поради глобални секторски трендови) и јавната администрација (над 3 илјади), а креирани се работни места во градежништвото (над 4 илјади), хотели и ресторани (близу 4 илјади) и земјоделството (над 3 илјади), односно секторите со солиден реален раст на додадената вредност“, посочуваат од Фајнанс тинк.

Во вториот квартал од 2025, инфлацијата благо забави на 3.8 проценти на годишна основа (од 4.2 проценти), но, истакнува Институтот, и понатаму остана висока.

Овие ризици налагаат потреба од понатамошна претпазливост и од фискалната и од монетарната страна.

Јаневска: Има предизвици во основното образование со учебниците

Министерката за образование Весна Јаневска
Министерката за образование Весна Јаневска

Министерката за образование Весна Јаневска на 5 септеври призна дека сепак има проблеми со учебници за кои минатата недела изјави дека нема. Станува збор за учебници во различни одделенија,.

Токму генерацијата осмоодделенци се соочува со најголем број недостојни учебници, затоа што тие се печатени пред повеќе од 10 години, а нивното предавање од генерација на генерација, досега два пати ги амортизирале. Овие деца се дел од генерацијата која не беше целосно опфатена со новата концепција на поранешната министерка за образование Мила Царовска.

„Во четврто одделение има проблем со учебникот по математика и ќе се обидеме да го решиме. Во петто, имаат нов учебник по историја и општество, во шесто имаат учебник по историја нов, а учениците во седмо, добиваат нови учебници по сите предмети. Во осмо одделение, предизвик е учебникот по историја, одобрен од минатите влади, а повлечен од 2019 година од МНР поради барањето на мешовитата комисија. Зошто никој од претходните министри не презеле нешто за учебникот, да биде испечатен нов, ќе мора да ги прашате нив. За 14 дена ќе биде објавен конкурсот за новите наставни програми за осмо одделение, а тоа значи дека догодина ќе има комплетно нови учебнци вклучувајчи и нова историја. Учебникот кој сега се дели по училишта не е одобрен учебник“, рече Јаневска.

Министерката кажа дека до неа стасале поплаки од родители кои се пожалиле дека нивните деца добиле несоодветни и оштетени учебници, по што кажа дека тие, согласно закон, се обновуваат на секои 5 години.

„Секако, можно е учебник да биде оштетен, затоа сме превиделе училишна комисија која го прима учебникот по користењето, па ако е оштетен, цената треба да ја плати родителот. Комисијата и директорите се должни да имаат евиденција и да побараат рефундирање на средствата. МОН не може да проверува учебници кај секој ученик“, рече Јаневска.

На новинарско прашање, колку пари досега се потрошени за учебници, Јаневска кажа дека вкупната сума која била одвоена годинава за оваа намена е околу 11 милиони евра.

На први септември, тврдејќи дека МОН и општините се погрижиле да бидат обезбедени сите услови за квалитетна настава, Јаневска кажа дека ќе има учебници за сите ученици.

„Обезбедени се учебници за сите ученици и ова повеќе нема да биде предмет на дискусија“, беше децидна Јаневска.

МОН реагираше и по прес-конференцијата на СДСМ, на која беше кажано дека не е точно дека учебници има за сите ученици.

„Учебници има, за сите ученици. Министерството за образование и наука годинава го испечати целиот тираж кој го побараа сите училишта, преку посебната електронска апликација за пријавување на потребни количини на учебници. Испечатени се претходно одобрените учебници по сите предмети, новите за седмо одделение и за прва година во гимназиите, но и новите по странските јазици по кои недостасуваа седум години“, беше наведено во соопштението од МОН.

Оваа учебна година во Северна Македонија започна во понеделникот, 1 септември, и во неа се запишани вкупно 245.000 ученици, 177.800 во основно и 67.200 во средно образование.

Брунер: Ние одлучуваме кој може да дојде во Европа, а кој не

Помина деценија откако започна растот на миграцијата кон Европската Унија вклучувајќи многу луѓе што бегаат од војната во Сирија, по што миграциската политика на блокот повторно е на пресвртница.

За комесарот за миграција на ЕУ, Магнус Брунер, ова е момент да размисли за лекциите научени во текот на изминатата деценија, и за тоа што претстои додека мигрантите и барателите на азил продолжуваат по својот пат за влез во блокот.

Австрискиот фунцкионер Брунер смета дека сега ЕУ одлучува кој ќе ги премине, а кој не ги премине нејзините граници.

За да управува со понатамошното пристигнување на мигранти од надвор од ЕУ, тој во одговор на прашањата на германската новинска агенција ДПА повика на поефикасно враќање на оние кои немаат право на азил и посилна соработка со трети земји надвор од блокот.

Десет години по бранот бегалци во 2015 година, ЕУ спроведе значајни политички реформи, вклучувајќи го и новиот Пакт за миграција и азил. Сепак, многу предизвици - како што се нееднаквата распределба на пристигнувањата и постојано високиот број - остануваат нерешени.

„Европа се соочи со низа предизвици во областа на миграцијата во текот на изминатите 10 години и покажа извонредна одговорност. Овие предизвици јасно ги открија слабостите во нашиот систем за азил. И ние се справуваме со нив. Мислам дека најголемата лекција што ја научивме е дека во Европската унија од 27 земји-членки, миграцијата е прашање на кое мора заеднички да се одговори. По 10 години преговори, воспоставуваме современ миграциски систем кој ја враќа контролата врз тоа кој може да дојде во Европа - а кој не“, изјави тој.

Во моментов, ЕУ сè уште ја применува старата законска рамка. Со целосното стапување во сила на Пактот за миграција и азил во јуни 2026 година, заедно со нашите други предлози за поефикасно враќање и посилна соработка со трети земји по должината на рутата, ова се менува. Тој посочи дека во областите каде што европските земји ја засилиле меѓусебната соработка е забележлив пад на нерегуларните пристигнувања како што се Западен Балкан со пад од -95% од 2022 година и Централен Медитеран со пад од -60% од 2022 година.

„За да ги спречиме луѓето да одат на опасни патувања, треба да се ангажираме со трети земји по должината на [миграциската] рута, како и во земјите на потекло. За ова, треба да работиме на сеопфатни партнерства за да обезбедиме решавање на миграциските проблеми,“ изјави Брунер.

Фронтекс ги поддржува земјите-членки во заштитата на нивните надворешни граници преку обезбедување техничка и оперативна поддршка. Фронтекс беше опремен со нов мандат во 2019 година, кој веќе многу помогна во зајакнувањето на системот за заштита на фундаменталните права на агенцијата, вклучително и преку службеникот за фундаментални права, кој е одговорен за следење на усогласеноста со фундаменталните права и поединечно ја обработува секоја жалба.

Според Брунер потребно е да се ажурира мандатот на Фронтекс со цел ЕУ да се осигура дека граничната агенција на ЕУ е опремена за иднината.

„Комисијата спроведува двонасочен пристап за спроведување одржливи структурни реформи заедно со целни оперативни одговор, вклучително и преку сеопфатни партнерства со земјите-партнери. Договорот за реформите на Пактот за миграција и азил ѝ овозможува на ЕУ да сврти страница на минатите фрактури и да консолидира заеднички пристап кон миграцијата и управувањето со границите. Со други зборови, ја средуваме нашата европска куќа и осигуруваме дека имаме соодветна правна рамка за да можеме да воспоставиме брзи, ефикасни и поедноставени процедури за азил и враќање и хармонизиран систем за управување со пристигнувањето на државјани кои не се членки на ЕУ,“ изјави Брунер за ДПА.

Реџепи: Седницата на Комисијата за надзор на АНБ не беше одложена, туку поништена

Претседателот на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, Скендер Реџепи
Претседателот на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, Скендер Реџепи

Претседателот на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, Скендер Реџепи, денеска на прес-конференција рече дека денешната седница не била одложена, туку поништена и најави дека ќе постапува само согласно Деловникот на Собранието.

„Денеска за малку ќе бевме сведок на нов скандал од страна на претседателот на Собранието, кој исто како Владата, која секојдневно ги прекршува и Уставот и законите, сакајќи да ги имитира и нив очигледно и претседателот на Собранието сакал да свика седница, без претходно да биде поднесено барање до мене како претседател на Комисијата за агенцијата за национална безбедност“, рече Реџепи.

За денеска беше најавена да се одржи седница на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, а по наводите и пријавите до Обвинителството дека, како што изјави и премиерот Христијан Мицкоски, „дел од структурите на АНБ, за време на претходната власт, незаконски биле следени тој, неколку новинари и еден обвинител“.



Деловникот е јасен, како што рече денеска Реџепи, согласно член 126 од Деловникот јас свикувам седница по барање од една третина од членовите на комисијата или по барање на претседателот на Комисијата.

„До мене ниту вчера, ниту денеска не е стигнато такво барање, ни до Комисијата, ниту од претседателот на Собранието затоа денешната седница не беше одложена, туку поништена бидејќи е против Деловникот и седница ќе свикам јас кога за такво нешто ќе има барање. Жалосно е што станавме банана држава, во која секој секого прислушува и во која секој знае за тоа. Како може премиер да има такви информации дека е прислушувам кога се знае дека државните безбедносни служби класифицираните информации се знае по кој ред на законот се изнесуват во јавноста и затоа јас нема да бидам дел од еден ваков скандал“, рече Реџепи, нагласувајќи дека ќе постапува само согласно Деловникот.

Одговорајќи на новинарско прашање зошто до него не е доставено барање, изјави дека вчера ги контактирал сите служби кои, како како што рече, истовремено велат дека поднеле приговор кон Кабинетот на претседателот на Собранието дека такво барање е против Деловникот.- Јас имам потполно право да поднесам пријава против него и тоа му го пренесов нему преку нашиот координатор и затоа тој денеска мораше да ја поништи седницата, рече Реџепи, додавајќи дека доколку денеска се одржел состанокот, ќе поднел кривична пријава.

Прашан за безбедносниот сертификат, Реџепи вели дека 10 или 11 месеци се уште нема одговор зошто тој и неговиот заменик на комисијата, немаат сертификат и додаде дека нема портреба од проверки.

„Во Словенија мандатот на пратеникот почнува и со безбедносен сертификат. Нема потреба од проверка. Истото важеше и за претседателот на Собранието, се изгласа и автоматски доби безбедносен сертикфикат, без да биде проверн во нашата држава“, додаде Реџепи.

Деветнаесет убиени во денешните израелски напади во Газа

Илустрација - Израелски тенк во подрачјето на Газа
Илустрација - Израелски тенк во подрачјето на Газа

Агенцијата за цивилна одбрана на Газа објави дека 19 лица биле убиени на 5 септември во серија израелски воздушни напади во и околу градот Газа, населба што израелската војска се обидува да ја стави под целосна контрола.

Портпаролот на агенцијата, Махмуд Басал, рече дека нападите погодиле згради и шатори во кои се сместени раселени Палестинци во неколку населби и на периферијата на градот, каде што Обединетите нации велат дека повеќе од еден милион луѓе страдаат од глад.

Израел го засили бомбардирањето на градот Газа откако објави офанзива со цел преземање целосна контрола врз областа.

Портпаролот на израелската војска, Надав Шошани, еден ден претходно изјави дека нема да има најава за почеток на офанзивата за да се „зачува елементот на изненадување“.

Друг портпарол рече дека Израел веќе контролира 40 проценти од градот.

Израел очекува новата офанзива да принуди околу еден милион луѓе да се преселат во јужниот дел на Појасот Газа.

Војната во Газа започна на 7 октомври 2023 година, кога Хамас - палестинска група која се смета за терористичка организација од страна на САД и Европската Унија - го нападна јужен Израел, убивајќи околу 1.200 луѓе и киднапирајќи 251.

Како резултат на израелската офанзива, според Министерството за здравство управувано од Хамас, повеќе од 64.000 Палестинци се убиени во Газа - бројка која Обединетите нации ја сметаат за веродостојна.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG