Вести
Судски совет ќе ја разгледува пресудата на Управниот суд за разрешувањето на Дамева

Судскиот совет денеска ќе одржи работен состанок, на кој како што е најавено, ќе ја разгледа пресудата на Управниот суд со која се поништува одлуката за разрешување на поранешната претседателка на Советот, Весна Дамева.
По пресудата, како што информираа од Судскиот совет, треба да се постапи во рок од 30 дена и нема право на жалба.
Весна Дамева беше разрешена од функцијата претседателка на Судски совет во април минатата година, кога нејзиниот заменик, Селим Адеми, побара да се гласа за нејзино разрешување.
По разрешувањето, таа поднесе тужба до Управниот суд.
Ова разрешување го наруши кредибилитетот на Судскиот совет на кој имаше повеќе реакции во јавноста, а беше и испратена Оценска мисија од Европската Унија која изготви 40 препораки за подобрувањето на функционирањето на Судот.
види ги сите денешни вести
Градоначалничката на Скопје Арсовска нападната во Чаир

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска била физички нападната во Општина Чаир, додека вршела увид на терен – на локација каде што се гради дивоградба спроти Полициската станица Чаир, потврдуваат од Министерството за внатрешни работи.
Според информациите, инцидентот бил пријавен денеска во 12:15 часот од страна на лице со иницијали А.Ј., кое навело дека градоначалничката била нападната додека извршувала службени задачи на улица Кумбара.
Според пријавата, неколкумина и упатиле и вербални закани. Арсовска не поднела кривична пријава, но самата се упатила во Градската болница „8 Септември“.
Медиумите објавуваат изјави од вработени во Ургентниот центар кои рекле дека градоначалничката била примена видно вознемирена и со телесни повреди – модрици и оток од удирање со клоци и тупаници и дека била прегледана од специјалисти и дека ѝ се укажува помош.
Вработени во нејзиниот Кабинет рекле дека дека Арсовска била нападната од група од околу 30 лица додека била на увид кај објект што повеќепати бил пријавуван како дивоградба и дека нападот се случил токму пред полициската станица.
Дипломатски тензии меѓу Скопје и Софија: Повик на амбасадор и меѓусебни критики

Македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија упати дипломатски протест до официјална Софија поради, како што се вели, навредливите изјави на бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев.
Министерството денеска го повика бугарскиот амбасадор во Скопје Жељаско Радуков на разговор, каде што му била врачена официјална нота на протест, соопшти Македонското МНР. Повод беше јавниот настап на Георгиев на бугарската телевизија БТВ, каде што тој го нарече премиерот Христијан Мицкоски „северномакедонски премиер“ и порача дека Северна Македонија треба да има предвид дека Бугарија веќе е фактор во ЕУ и регионот.
Од македонското МНР порачаа дека изјавите со кои се користи навредлив речник и се омаловажуваат претставници на една суверена држава претставуваат директно кршење на меѓународните дипломатски стандарди и не придонесуваат за градење на добрососедски односи.
„Очекуваме официјална Софија да упати извинување, како чекор кон зачувување на достоинствена и принципиелна билатерална комуникација“, се вели во реакцијата.
Реагираше и бугарското Министерство за надворешни работи, кое наведе дека изјавата на премиерот Мицкоски – во која Георгиев беше наречен „момче со задача да се задева со него“ и беше спореден со „глушец кој го задева лавот“ – е некомпатибилна со елементарните норми на дипломатскиот и политичкиот дијалог, како и со принципите на добрососедство.
Тензичната реторика меѓу двете страни се засили по извештајот на Европскиот парламент, кој предизвика бранувања и политички толкувања и во Скопје и во Софија.
Следуваше интервјуто на Георгиев, а потоа и одговорот на Мицкоски.
Бугарскиот премиер Росен Жељасков побара од македонскиот премиер јавно извинување за „глушецот и лавот“, оценувајќи дека таквите споредби ја разнишуваат и онака кревката доверба меѓу двете земји.
Орбан: Заблуда е да се мисли дека Украина е подготвена за членство во ЕУ

Колосална заблуда е да се мисли дека Украина е подготвена да се приклучи кон Европската Унија, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан во интервју за јавното радио Лајош Кошут, цитирано од унгарските медиуми.
Орбан рече дека лидерите на ЕУ на секој самит, како и јавно, велат дека Украина ги исполнила критериумите за членство во унијата.
„Европските лидери тврдат дека Украина ја елиминирала корупцијата, дека е управувана од владеењето на правото, ги почитува човековите права и има здрава економија. Тие зборуваат за Украина како сега преговорите за пристап да се само формалност. Како Украина да си ја завршила работата и сега е наш ред. Дека Украина мора да биде примена во 2030 година без оглед на сè“, рече премиерот.
Според Орбан, сепак, тврдењата дека Украина е подготвена да се приклучи кон ЕУ „се далеку од реалноста“.
„Можеби ги заведувате луѓето во Брисел, но таму каде што живееме, близу до украинската граница, оваа изјава е или колосална заблуда или целосна бесмислица“, додаде унгарскиот премиер.
Во меѓувреме, Орбан рече дека унгарските политички партии кои ја поддржуваат Европската комисија и европските лидери, како што се опозициската Демократска коалиција и Тиса, со право можат да се наречат „воени партии“.
Споед него, тие се членови на воената коалиција во Брисел, а додаде и дека постојат и антивоени мировни партии кои се во таборот на ФИДЕС.
Фон дер Лајен: Сребреница е меѓу најмрачните поглавја во колективната меморија на Европа

Некои историски настани фрлаат сенка што се пренесува со генерации - геноцидот во Сребреница е еден од нив, кој е меѓу најмрачните поглавја во колективната меморија на Европа, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по повод 30-годишнината од масакрот во Сребреница.
„Поминаа 30 години од овие злосторства. Денеска, сакам да им оддадам почит на повеќето од 8.300 бошњачки момчиња и мажи кои беа убиени и на оние кои се уште се водат како исчезнати. Бидејќи некои од последните жртви на Сребреница се погребани со достоинство, им оддавам почит и на мајките, сопругите и ќерките кои продолжуваат да тагуваат, носејќи ја тежината на загубата во текот на три децении“, се наведува во писмената изјава на Фон дер Лајен.
Според неа, должност на денешните генерации е да се сеќаваат и да ја зачуваат вистината за Сребреница, со цел идните поколенија точно да знаат што се случило.
„Тие мора да знаат дека во летото 1995 година, жртвите беа систематски погубени и закопани во масовни гробници во рамките на „безбедната зона“ на Сребреница, одредена од ОН. Град за кој веруваа дека ќе ги заштити во бруталната војна што ја уништуваше Босна и Херцеговина. Европската унија никогаш нема да заборави што се случи во овој град. Го признаваме нашето минато и ја признаваме нашата одговорност за тоа што не успеавме да го спречиме и запреме геноцидот“, додава Фон дер Лајен.
Таа нагласува дека ЕУ нема никогаш да дозволи менување на историјата и цврсто ги отфрла и осудува секое негирање, искривување или минимизирање на геноцидот во Сребреница, како и глорифицирањето на воените злосторници.
„Политичките лидери имаат голема одговорност во тој поглед, особено во Босна и Херцеговина и низ целиот Западен Балкан. Тие мора да бидат пример во признавањето на утврдените факти и искрено давање почит на жртвите и мора активно да работат на помирување преку соочување со корените на омразата што доведоа до овие злосторства. Ова е единствениот пат кон посветла и просперитетна иднина за следната генерација“, вели претседателката на Еврокомисијата.
Таа додава дека во исто време сака да им порача на луѓето на Босна и Херцеговина дека Европската Унија е со нив.
Во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари денеска (11 јули) се одбележува 30-годишнината од геноцидот врз Бошњаците извршен од српските сили во јули 1995 година. На комеморацијата ќе бидат погребани посмртните останки на седум жртви од Сребреница, пронајдени на различни локации, меѓу кои и две 19-годишни момчиња, најмладите меѓу денешните погребани.
Лавров: Русија ја повтори позицијата за Украина во разговорот со Рубио

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека на состанокот со американскиот државен секретар Марко Рубио во Малезија повторно ја изложил руската позиција за решавање на конфликтот во Украина, врз основа на ставовите претходно изнесени од претседателот Владимир Путин.
„Разговаравме за Украина. Го потврдивме ставот што го изнесе претседателот Путин, вклучително и на 3 јули во разговорот со претседателот Доналд Трамп“, изјави Лавров на прес-конференција по регионалниот форум на АСЕАН.
Лавров наведе дека му предал на Рубио делови од изјави на украински претставници, меѓу кои и претседателот Володимир Зеленски, што, според него, повикуваат на „уништување на Русите“.
„Му предадов извадоци од изјави на Зеленски, Шмигал, Јермак и Подољак, каде директно зборуваат за потребата да се „уништат Русите“. Правно, а уште подобро – физички“, рече Лавров.
Тој оцени дека Украина сака да ги потисне правата на руското и рускојазичното население и да ги елиминира сите кои не се согласуваат со, како што рече, киевскиот режим.
Две средби се одржаа меѓу Лавров и Рубио на маргините на состаноците на министрите за надворешни работи во рамки на Источноазискиот самит и безбедносниот форум на АСЕАН.
Рубио изјави дека разговарал со Лавров за нов пристап во мировните преговори за Украина.
„Мислам дека ова е нов и поинаков пристап. Не би рекол дека гарантира мир, но тоа е концепт што ќе му го изложам на претседателот“, рече Рубио во Куала Лумпур.
Тој додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп е „разочаран и фрустриран од недостигот на флексибилност од руската страна“ за прекин на конфликтот.
Руското МНР соопшти дека двајцата дипломати разговарале и за нормализација на дипломатските мисии, како и за ситуации во Иран, Сирија и билатералните односи.
Киев ќе издвои 6,2 милиони долари за програма за пресретнување дронови

Киев ќе издвои 6,2 милиони долари за програма за пресретнувачи на беспилотни летала за одбрана на небото на главниот град од руски беспилотни летала, соопштија градските власти.
Русија ги засили своите комбинирани напади врз украинскиот главен град во последните недели, лансирајќи стотици беспилотни летала и ракети во ноќни напади што траеја со часови, што предизвика штета во повеќето градски области.
„Овие средства ќе се користат не само за купување опрема, туку и за создавање ефикасен систем за одговор“, напиша началникот на воената администрација на градот Киев, Тимур Ткаченко, на апликацијата за пораки Телеграм.
Градот соопшти дека планира да вклучи дополнителни средства надвор од постојниот буџет, без да прецизира колку ќе бидат потребни.
Ткаченко рече дека пилот-проектот ја докажал својата почетна ефикасност со пресретнување на речиси 550 беспилотни летала лансирани од Русија за да го нападнат регионот Киев во последните неколку месеци.
Смртоносните напади ги поттикнаа украинските лидери да ги обноват итните повици за помош за воздушна одбрана од сојузниците.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, извести за успешната употреба на дронови-пресретнувачи за да се одвратат големи напади и рече дека се работи на проширување на технологијата.
На Конференцијата за закрепнување на Украина оваа недела, тој спомена инвестиции во овој вид воздушна одбрана на состаноците со холандските, германските и американските партнери.
Ткаченко додаде дека властите планираат да отворат центар за обука на оператори на дронови-пресретнувачи и да создадат дополнителни мобилни единици во главниот град и неговите предградија.
Царини од 35 проценти за Канада, Трамп размислува за 15 до 20 проценти за другите земји

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе воведат царини од 35 проценти на канадскиот увоз следниот месец и дека планираат да воведат општи царини од 15 или 20 проценти за повеќето други трговски партнери.
Во писмо објавено на неговата социјална платформа Truth Social, Трамп му кажал на канадскиот премиер Марк Карни дека новите стапки ќе стапат на сила на 1 август и ќе се зголемат доколку Канада возврати, пренесува Ројтерс.
„Наместо да соработува со Соединетите Држави, Канада воведе свои царини. Почнувајќи од 1 август 2025 година, ќе воведуваме царини од 35 проценти за канадските производи извезени во СоединетитеДржави“, напиша Трамп во писмото.
„Тие царини можат да се променат, нагоре или надолу, во зависност од нашиот однос со вашата земја“, предупреди Трамп.
Во писмо од една страница, американскиот претседател повторно ја обвини Канада дека не успеала да го спречи протокот на фентанил во САД, иако податоците покажуваат дека само маргинална количина на овој опиоид влегува во земјата од нејзиниот северен сосед.
Во последните денови, Трамп ја прошири својата трговска војна со воведување нови царини за голем број земји.
Околу 20 претежно азиски земји веќе добија слични писма од почетокот на неделата, со царини од 25 проценти применети на производи од сојузници како Јапонија и Јужна Кореја, а до 40 проценти за некои други земји од Југоисточна Азија.
Сепак, Бразил, кој претходно не беше засегнат од дополнителни царини над 10 проценти, забележа најголемо зголемување на своите производи.
Американскиот претседател најави царина од 50 проценти како одговор на кривичното гонење на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, обвинет за обид за државен удар по поразот на изборите.
Седум активни пожари, четири под контрола и 27 изгаснати

До 7:30 часот денеска (11 јули) има вкупно 38 пожари на отворен простор низ државава, од кои седум се активни, четири се под контрола и изгаснати се 27 пожари.
Како што соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК), активни се пожарите во: Општина Чучер Сандево - помеѓу селата. Блаце и Горњани, место викано Рамна шума (шумски пожар); Општина Прилеп - село Бешиште, место викано Бешишки Рид (приземен во мешана шума); Општина Македонски Брод - помеѓу селата Црешнево и Локвица (деградирана дабова шума и грмушки); Општина Македонски Брод - село Крапа (нискостеблеста шума); Општина Дојран: село Николиќ (нискостеблеста шума); Општина Чашка - под Солунска Глава, помеѓу Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (само чад, карпест терен) и во Општина Тетово: кај бензинска пумпа „Окта Петрол“ (нива).
Од четирите пожари што се ставени под контрола, три се на територијата на Општина Македонски Брод: село Рамне – село Ковче (ниска вегетација, проширен од фабриката Самоков); село Слатина (мешана шума); и Слатина (нискостеблеста мешана шума), како и во Општина Делчево - Градска депонија Острец (депонија).
За справување со пожарите во летниот период, Владата овој месец најави вработување на 400 пожарникари.
Во функција се ставени 38 стари армиски и полициски возила кои биле неупотребливи и расходовани, за да се интервенира на тешко пристапни места.
Почна, па се одложи судењето против поранешниот директор на Онкологија, Васев и тројца онколози

Судскиот процес против четворица лекари онколози, меѓу кои и поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев за несовесно лекување на пациенти, во предметот „Онкологија“, се одложи за 5 септември поради отсуство на второобвинетата Мери Пешевска.
Во Основниот кривичен суд Скопје денеска на обвинителна клупа седна првообвинетиот Никола Васев и двајца обвинети онколози Симонида Црвенковска и Драган Јакимовски, додека за Пешевска нејзиниот бранител, адвокат Јовица Страшевски до Судот достави медицинска документација од 10 јули и барање за одлагање на денешното рочиште.
Одбраната, пред почетокот на денешното рочиште, достави дополнение на докази со кои се спорат вештачењата на Обвинителството.
Адвокатот на Нино Васев, до Судот доставил дополнителен доказ, со кој, како што наведе, се докажува дека лицето Маја Радник, нема статус на лице судски вештак во Словенија.
„Сметам дека доказите обезбедени од Обвинителството кои се однесуваат на вештачење од Словенија треба да бидат издвоени и да не бидат ценети во постапката“, реагираше адвокатот.
Јавната обвинителка Ана Гоговска Јакимовска, на тоа наведе дека Обвинителниот акт ја поминал процедурата за оцена и нејасно е зошто ова не било акцентирано во тој дел.
„Во конкретниот случај е обезбедена замолница до Србија и Словенија со што е обезбедена законитост на доказите. Не се спори содржината на вештачењата туку процедурата. Сметам дека ваквите наводи на одбраната се беспредметни, дотолку што се поминати во фаза на оценка на обвинителен акт“, изјави обвинителката Гоговска Јакимовска.
Судијката Снежана Марковска, која го води случајот, го прифати барањето за одлагање на денешното рочиште поради отсуството на второобвинетата, а со цел, како што наведе и Судот да се запозна со барањата на одбраната за отфрлање на дел од доказите, прибавени од Обвинителството.
Инаку според обвинението, првообвинетиот Васев како директор на Клиниката, во соизвршителство со друг лекар на истот оддел, се товари дека извршил продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување болни“.
Во обвинителниот акт стои дека со медицинските вештачења е утврдено дека кај 29 пациенти првообвинетиот применил очигледно неподобен начин на лекување и спротивно на тековните онколошки упатства, со отстапувања во дозирањето и во фазата на лекување, давал лекови од новите генерации на таргет и имунотерапија со што тешко го нарушил здравјето на пациентите. Во дел од случаите ова му било овозможено од втората обвинета која му ставила на располагање свој факсимил со кој одобрувал и препишувал терапија и свое корисничко име и лозинка со кои радолжувал терапија во ХИС системот на Јавна здравствена установа Универзитетска клиника за онкологија и радиотерапија.
Другите двајца лекари се товарат за основното кривично дело „несовесно лекување болни“, сторено како продолжено кривично дело.
Врз основа на медицинските истории за овие двајца обвинети лекари е утврдено дека одредувале терапија со лекови од новите генерации на таргет и имунотерапија во фаза на лекувањето кога било многу очигледно дека пациентите од таквиот лек воопшто нема да имаат корист поради лошиот перформанс статус и немањето време да се развие механизмот на дејство, без да биде наведена телесна тежина и висина на пациентите, со отстапувања во дозирањето, со што дополнително ја влошиле нивната состојба.
Во случајот „Онкологија“, обвинителство поднесе уште едно обвинение кое се уште е на оценување во Кривичниот суд, и се однесува за економското работење на Клиниката, во кое првообвинет, исто така, е поранешниот директор Васев, заедно со поранешниот економски директор на Клиниката. Двајцата директори се обвинети за злоупотреба на службена положба, измама и проневера во периодот од 2018 до 2022 година, при што со незаконски постапки за набавка на лекови му нанеле штета на државниот буџет од над 2,2 милијарди денари. На Васев и Нухи, за овој случај им беше определен 30 дневен притвор на 20 јуни годинава.
Во обвинителниот акт стои дека тие, спротивно на законите и без валидна документација, овозможувале исплати од Фондот за здравствено осигурување, со што добавувачите прибавиле корист од над 430 милиони денари. Дополнително, медицинскиот директор фиктивно раздолжувал лекови и присвоил дел од нив, со што лично прибавил имотна корист од најмалку 13 милиони денари.
Предметот „Онкологија“ беше оформен во јануари годинава по допрен глас врз основа на повеќе новинарски истражувања, кои укажуваа на определени неправилности, констатирани и во извештајот на Државниот завод за ревизија во врска со работењето на Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија – Скопје.
Истрагата ОЈО Скопје ја заврши на 22 мај годинава и до Кривичен поднесе две обвиненија за предметот „Онкологија“.
Триесет години од геноцидот во Сребреница

Во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари денеска (11 јули) се одбележува 30-годишнината од геноцидот врз Бошњаците извршен од српските сили во јули 1995 година. На комеморацијата ќе бидат погребани посмртните останки на седум жртви од Сребреница, пронајдени на различни локации, меѓу кои и две 19-годишни момчиња, најмладите меѓу денешните погребани.
Претходно беше објавено дека се очекува повеќе од 150 000 луѓе да присуствуваат на одбележувањето на 30-годишнината од геноцидот.
Пристигнувањето во Поточари го најавија бројни делегации, а во Босна и Херцеговина пристигна висока делегација на американскиот Стејт департмент, предводена од вршителот на должноста помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија Брендон Ханрахан, војвотката од Единбург Софи Хелен Рис-Џонс, шефовите на дипломатиите на Шведска и Данска, како и потсекретарот на Обединетите Нации за политички и мировни прашања.
Досега, во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари се погребани 6765 лица, додека на други локации, според желбите на семејствата на жртвите, се погребани околу 250 жртви на геноцидот.
Во јули 1995 година, силите на војската на Република Српска убија околу 8000 мажи и момчиња во и околу Сребреница, што беше окарактеризирано како геноцид пред меѓународните и домашните судови.
Меѓународниот суд на правдата во Хаг во 2007 година утврди дека во јули 1995 година, во Сребреница, која тогаш беше заштитена зона на ООН, војската на Република Српска изврши геноцид.
Истиот суд ја прогласи Србија за виновна за неспречување на геноцидот и дека ја прекршила обврската за казнување на сторителите на геноцидот.
Во мај минатата година, Генералното собрание на ОН усвои резолуција со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница. Пред разни судови, повеќе од 50 лица се осудени за геноцид и воени злосторства во Сребреница, на повеќе од 700 години затвор.
Меѓу другите, воениот претседател на Република Српска и командантот на војската на тој ентитет, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, беа осудени на доживотен затвор.
За време на војната во 1990-тите, во Босна и Херцеговина беа убиени повеќе од 100 000 луѓе, повеќе од 32 000 исчезнаа, а потрагата по останките на 7600 луѓе сè уште е во тек, вклучувајќи уште околу илјада жртви кои не беа пронајдени по геноцидот во Сребреница.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете