Вкупно 13 години ниту еден инспектор од општината Кочани не спровел проверка на објектот кој од лесна индустрија бил пренаменет во дискотеката „Пулс“ каде во пожарот на 16 март загинаа 61 лице, рече државниот обвинител Љупчо Коцевски на заедничката прес конференција со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Пожарот настана ноќта на 15 наспроти 16 март при што загинаа 59 луѓе, по што во изминативе две недели двајца од речиси 200 повредени им подлегнаа на повредите.
Со проширувањето на истрагата бројот на осомничени се зголеми за 19 луѓе меѓу кои и екс-министри за економија кои биле на власт од 2012 година до 2024 година, потоа државни секретари во министерството за економија, потоа градежни инспектори и поранешни директори во Дирекцијата за заштита и спасување.
Од 19-те ново осомничени, Обвинителството бара од Судот во Кочани да изрече за четворица мерка притвор, за седум мерка куќен притвор во комбинација со забрана за остварување на комуникација, а за уште седум лица се бараат мерки на претпазливост, а еден осомничен не е во Македонија.
Под истрага се одговорните кои овозможиле „Пулс“ незаконито да добива лиценца
Меѓу приведените се поранешните министри за економија уште од минатата влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ Беким Незири, Дритон Кучи и Ваљон Сарачини, како и поранешниот директор на пазарен инспекторат Виктор Дерменџиев.
Причината за проширување на истрагата во оваа насока се повеќето линии на одговорност кои укажале на незаконити дејства и пропусти во континуитет кои довеле до тоа кабарето Пулс од самиот почеток, па се до настанување на пожарот да се занимава со угостителство без при тоа воопшто да исполнува законски услови со нарушување на сите безбедносни правила и загрозувајќи го животот на сите што го посетувале.
„Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата, бидејќи досега нема ниту еден доказ дека од него било побарано продолжување на лиценцата на објектот на клубот „Пулс“ во Кочани“ изјави Коцевски.
Кога станува збор за одговорноста на локалните власти, обвинителите утврдиле сомнеж дека покрај тројцата поранешни градоначалници, постои и можна одговорност кај тројцаопштински градежни инспектори кои воопшто не извршиле инспекциска контрола во објектот кој бил незаконски пренаменет без почитување на безбедносните стандарди. Општина Кочани немала ниту инспектор за заштита и спасување и угостителската дејност никогаш не била предмет на контрола во сите општини.
„ Граѓаните биле под потенцијална загрозеност во сите угостителски објекти во сите општини во државата. Во ова нешто на човек му е тешко да верува, но така е“, вели Коцевски.
Од исти причини истрагата е проширена и кон ракодителите на Дирекцијата за заштита и спасување.
Меѓу осомничените е и актуелниот министер без ресор кој од 2008-мата до 2017 година беше директор на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу, како и неговиот наследник Аднан Џаферовски и актуелниот директор Џеват Селами.
„Постои сомневање дека тие целосно ги запоставиле своите надлежности и не спровеле инспекција ниту во овој клуб, туку и во останатите угостителски објекти во државата. Низ годините ниту еднаш согласно ризиците кои постоеле не спровеле мерки на следење, набљудување, и инспекциски контроли над објекти кои вршат угостителски дејности, дискотеки и кабареа“, вели Коцевски.
Според тоа, со неработењето на својата работа, директорите на Дирекцијата за зашита и спасување, го нарушиле системот за заштита и спасување и со тоа го загрозиле животот на граѓаните.
Меѓу осомничените се и пазарни инспектори кои не си ја вршеле правилно својата работа.
„Најголемиот проблем е што 13 години во Кочани никој не се ангажирал и никој не презел ништо за ова дискотека, односно кабаре“, заклучи Коцевски.
Тошковски: Заврши времето кога кабелот и пајакот беа криви
Министерот Тошковски посочи дека Министерството за внатрешни работи покажало дека законот важи за секој што ќе се огреши, а при тоа да се собрани соодветни докази. Тој додаде дека со таков пристап постои шанса да се „рестартира “ системот.
„Времето кога кабелот и пајакот беа криви заврши“, изјави Тошковски.
Тој додаде дека нема да дозволи истрагата да биде под влијание на политичките препукувања од, како што вели, недобронамерниците кои сакајќи на гневот на македонските граѓани да заработат некој политички поен, можат да го изместат текот на настаните во непосакувана насока од аспект на спроведување на законита, темелна и професионална истрага.
Обвинителството сите 45-мина ги сомничи за тешки дела против општата сигурност
Обвинителот Коцевски изјави дека истрагата не е готова, ќе им бидат потребни уште најмалку два месеца. Досега се собрани добар дел од доказите и увидот е завршен. Но во однос на тоа со какво дело ќе се теретат осомничените понатаму ќе покаже истрагата, засега сите се водат под делото „ тешки дела против општата сигурност“ поради каузалноста во нивните преземени дејства.
За споредба ги посочи судовите во Романија, САД и Бразил каде што по слична трагедија, пресудиле и за одговорноста кај надлежните во системските пропусти кои довеле до тешки смртни последици по пожарите во дискитеките. Тој додаде дека за ова дело нема опасност од застарување со последните измени на кривичниот законик.
Паралелно на оваа истрага се води уште една во Обвинителството за гонење на организиран криминал каде што се опфатени седумина полициски службеници.