Уште еден пациент им подлегна на повредите од пожарот во Кочани, со што бројот на жртви во трагедијата се искачи на 62 лица.
Од Министерството за здравство попладнево (17 март) информираа дека согласно информации од Воено-медицинската академија во Белград, денеска претпладне, на повредите им подлегнал Стојанче Стефанов од Кочани, роден во 2001 година.
„Станува збор за пациент, кој од првиот ден, согласно извршената првична тријажа од медицинските тимови, веднаш е упатен на лекување во Воено-медицинската академија во Белград и кој беше интубиран и во критична состојба во изминатиот месец“, велат од Министерството за здравство.
Станувало збор за пациент со 27 отсто зафатеност со изгореници и сериозни повреди од вдишување чад.
Во ВМА е опериран на 4 април и поставен на ЕКМО - апарат, преку што се оксигенира крвта преку машина, заради вдишаниот чад. Но, заради сериозноста на повредите, тој поголем дел од хоспитализацијата бил нестабилен и во тешка општа состојба, додаваат надлежните.
Во меѓувреме, уште двајца повредени од пожарот кои се лекуваат во странство, се во релативно тешка здравствена состојба, изјави попладнево на прес-конференција заменик министерот за здравство Јовица Андовски.
Во моментот во странските клиники се лекуваат 45 пациенти. Во текот на денов треба да пристигне пациент од Солун, кој ќе го продолжи лекувањето на Клиниката за пластична хирургија. На оваа клиника моментално се лекува една пациентка.
Од Ниш утре (18 март) треба да си дојде еден пациент, кој ќе го продолжи лекувањето во Стара градска, каде што моментално се лекуваат двајца. Две лица се лекуваат во приватна болница во Скопје.
Пожарот избувна ноќта на 15 наспроти 16 март при што загинаа 62 млади луѓе, а речиси 200 беа повредени.
Вкупно 52 лица и три фирми се опфатени со проширената истрага на Обвинителството за системски пропусти кои доведоа до тешки последици од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Истрагата уште не е готова, а според најавите на државниот обвинител Љупчо Коцевски таа ќе трае уште најмалку два месеца.