Достапни линкови

Мицкоски: Бидете трпеливи, наскоро ќе номинираме нови имиња по излегувањето на крилото на Таравари


Христијан Мицкоски, премиер на РСМ
Христијан Мицкоски, премиер на РСМ

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека во периодот што следува ќе бидат номинирани нови имиња на местото на Алијанса за Албанците, крилото на Арбен Таравари, откако излегоа од владината коалиција.

„На редовниот Извршен комитет синоќа разговаравме за актуелната економска и политичка состојба во државата. Членовите на ИК ме овластија во периодот којшто следи да номинираме нови имиња кои ќе ги заменат имињата на оние коишто одлучија да одат во прегратките на Али Ахмети и на ДУИ односно од партијата на Арбен Таравари“, рече Мицкоски по поставувањето камен-темелник на училишна спортска сала во село Долно Лисиче, Општина Аеродром.

Мицкоски, одговарајќи на новинарско пршање дали ресорите што ги напушти Таравари ќе останат во Вреди или ќе се поделат, рече дека во наредниот период ќе бидат појасни многу работи, повика на трпеливост и изрази уверување дека ќе биде постигнат договор.

Синоќа на седницата Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на која се дискутираше за актуелната економска и политичка состојба во државата, го овласти лидерот на партијата и претседател на Владата Христијан Мицкоски, да предложи нови кадровски решенија на позициите што досега ѝ припаѓаа на Алијансата за Албанците, по одлуката на Арбен Таравари да ја напушти владината коалиција.

„Овој чекор на Таравари беше оценето дека претставува уште еден доказ дека групата на заштитници на криминалот и корупцијата добива нови редови – уште една маска падна, уште една илузија беше разоткриена. На политичката сцена се појави нов, добро координиран марионетски квартет: СДС, Алијанса, ДУИ и Левица – различни имиња, но ист газда. Различни маски, но ист сценарист“, информираа вчеравечер од партијата.

Вчера министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски истакна дека доколку Арбен Таравари има намера да соработува со ДУИ, тогаш ВМРО-ДПМНЕ нема да соработува со него, додавајќи дека владиното мнозинство е стабилно.

Во понеделникот вечерта, по состанокот на Алијансата на Албанците, Арбен Таравари на прес-конференција изјави дека ја напуштаат владината коалицијата и дека одат во опозиција.

Според него, едногласна била одлуката во партијата на оваа средба на која беа партиските функционери и претседателите на ограноците. Тој тогаш рече дека се горди на промената во албанскиот политички блок која ја направиле после две децении, но оти промените не биле доволни.

Таравари најави дека ќе има уште една средба со премиерот Христијан Мицкоски.

XS
SM
MD
LG