Достапни линкови

Јаневска: Учебници ќе има за секое дете


илустрација
илустрација

Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека наредната учебна година ќе има учебници за секое дете и оти дотогаш ќе се надминат одредени недоразбирања што постојат на релации министерство-општини-училишта.

„Очигледно има некакви недоразбирања меѓу раководствата на училиштата, па и меѓу некои општини и централната власт. Учебници треба да има за секое дете. Министерството ќе обезбеди учебник за секое дете. Постојат нeкои недоразбирања каде што се бара учебници кои реално ги нема и реално нема ни учебници затоа што училиштата не ги побарале од министерството. Оваа година сериозно ќе се потрудиме тој предизвик да го надминеме“, истакна Јаневска на последниот ден од учебната година и по повод завршената реконструкција на ОУ „Андреја Савески - Ќиќиш“ во Тетово.

Проблемот со немање нови учебници се повторува на почетокот на секоја учебна година. Учебниците или не се секаде навреме доставени, или пак дел од тие што се доставени се стари и речиси неупотребливи.

Учебниците се печатат во тираж кој пред почетокот на учебната година, секое училиште го пријавува преку посебна електронска апликација на МОН, зависно од потребите како што е зголемен број на ученици или оштетени учебници.

На прашање до кога ќе се чекаат одредени реконструкции или нови згради за училишта низ државата, Јаневска посочи дека новата влада постојано вложува во инфраструктурата, но оцени дека за една година може да се направат само определени работи.

Министерката информираше дека со 32 000 000 евра се инвестира во повеќе инфраструктурни проекти и дека во моментов се градат седум училишни згради, 20 училишта се реновираат, а во тек е изградба на четири спортски сали и реконструкција на два студентски дома.

XS
SM
MD
LG