За 11- мина кои првично беа осомничени обвинителството ја запрело постапката со образложение дека нема докази, еден од првично осомничените е починат, додека за членот на групата ДНК поради лошата здравствена состојба, истрагата во моментов е прекината. Според Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во моментов се опфатени сите за кои има сигурни докази дека го сториле делото „Предизвикување на тешки дела против општата сигурност“.
„Обвинетите делото го сториле со свесно непостапување според прописите и техничките правила за заштита, а дел од нив и со директно општоопасно средство и дејствие со кое бил предизвикан пожарот“, рече Коцевски.
На 16 март 2025 година во два часот после полноќ се случи една од најголемите трагедии во Северна Македонија. Во дискотеката „Пулс" во Кочани, која беше исполнета со над 500 гости, избувна катастрофален пожар за време на концертот на поп-група ДНК.
Загинаа 62 млади луѓе, 157 беа со тешки телесни повреди а 54 полесно повредени.
Трагедијата се случи кога искри од пиротехничките средства кои биле користени за време на настапот го запалиле лесно запаливиот таван на клубот, предизвикувајќи огнот брзо да се прошири. Паниката меѓу присутните создала стампедо на излезот кој се блокирал.
Кои се обвинетите и каква улога имале?
Тројца обвинети се одговорни лица, сопственици и управители на фирмата КЛАСИК ДМ - Кочани со подружница Кабаре ПУЛС и фирмата ММММ КАФЕ – Кочани. Тие од декември 2012 година до случувањето на пожарот во објектот кој изгоре вршеле угостителска дејност. Според обвинението објектот не ги исполнувал минимално техничките услови за вршење угостителска дејност, немал одобрение за реконструкција, немал основен проект за реконструкција и елаборати како и посебен елаборат за заштита од пожари, експлозии и опасни материи, а не бил изработен и план и процена за заштита и спасување.
„Првообвинетиот во временскиот период во 2012 и 2024 година во повеќе наврати преземал градежни дејствија со кои извршил реконструкција при што неконтролирано без стручен надзор вградувал несоодветни материјали-синтетички, полимерни материјали и полиуретански сунгер кои носат ризик од лесно започнување и брзо ширење на пожар, па не биле исполнети минимално-техничките услови ниту основните стандарди и барања за заштита од пожар и за безбедност и заштита од пожар за да во него се врши угостителска дејност“, се наведува во обвинението.
Меѓу обвинетите е и братот на сопственикот на Пулс бидејќи бил одговорен за продажба на билети и контрола на бројот на посетители и нивната возраст. Обвинителството го обвини дека во договор со својот брат продавал поголем број влезници и дозволил во објектот да влезат деца помлади од 18 години.
Обвинителството во обвинението ги опфати и тројцата градоначалници на Кочани, двајца поранешни и актуелниот во моментот кога се случи трагедијата. Тие се товарат дека иако знаеле дека во нивната општина работи кабаре за кое нема дозвола и сепак не преземале ништо.
„Без овој објект да биде впишан во регистарот на општината согласно Законот за угостителска дејност, овозможиле на првообвинетиот да плаќа надоместок за вршење на угостителска дејност-кабаре во износ од 4.000 евра, од кои половина биле уплаќани на сметка на општината“, рече Коцевски.
Двајца министри за економија обвинети, за двајца запрена постапка
Меѓу обвинетите има пет државни службеници од економија, еден државен секретар во истото министерство, но и двајца министри кои во континуитет издавале лиценци за вршење угостителска дејност - „Кабаре ПУЛС“ во Кочани, рече обвинителот Коцевски.
Сепак тој потенцираше дека во истата група имало и други двајца осомничени министри кои сега не се опфатени со обвинението.
„За пет лица, меѓу кои двајца поранешни министри, постапката е запрена, бидејќи обемот на прибраниот доказен материјал до овој момент не е доволен за да се покрене обвинение против нив“, рече Коцевски.
Тој не сакаше да открие кои се обвинетите министри,а кои се оние што куртулиле, но рече дека во секој момент постапката за нив може да продолжи ако се обезбедат докази. За сега обвинителството не успеало да ги обезбеди.
Инаку за пожарот во Кочани уапсени беа четворица поранешни министри за економија Беким Незири, Ваљон Сарачини, Дритон Куќи и Крешник Бектеши.
Како поединечен случај беше истакнат еден државен службеник кој постојано ги изготвувал лиценците за "Пулс" кој побарал и примил поткуп до газдата на Пулс.
„Во 2019 од првообвинетиот побарал и добил 12.000 денари кои му биле исплатени на неговата банкарска сметка. Во 2024 година, пак, за 226.000 денари на првообвинетиот му изработил две фалсификувани лиценци, кои ги заверил со службениот печат на Министерството за економија, а на кои своерачно се потпишал како да се потпишала обвинетата државна секретарка“, рече Коцевски.
Инспекциите затаиле, но на различно ниво
Меѓу обвинетите се и четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување кои биле на функција од 2012 и еден генерален инспектор кој за целиот тој временски период бил раководител на инспекциската служба во ДЗС. Дел од овие директори е и актуелниот министер без ресор Шабан Салиу.
Но од обвинителстото велат дека во однос на Државниот пазарен инспекторат и претходно појасниле дека доказите упатуваа на поинакво ниво на одговорност, па така не се гонат директори туку локални инспектори.
Меѓу обвинетите се и тројца градежни инспектори од општината, и една сопственичка на фирма. Таа во 2012 изработила проект за пренамена на објектот без потребната документација. Истото го сторила и во 2023 за да може инвеститорот ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани да го употреби документот за да добие лиценца.
За пиротехниката виновни, синот на газдата, обезбедувањето и групата ДНК
Јавните обвинители тврдат дека го знаат потеклото, начинот на внес, поставување и активирање на три пиротехнички фонтани. Тие биле без одобрение за набавка, а за употребата, покрај дел од членовите и придружбата на ДНК, од кои еден дел се починати, а за еден постапката е прекината поради неговата се уште лоша здравствена состојба,одговорност е лоцирана и кај првообвинетиот сопственик, неговиот син - управител на фирмата и кај четворица членови на обезбедувањето на клубот.
Коцевски детално опиша како фонтаните исфрлале искри на плафонот, како лесно се запалил полиуретанскиот сунгер со кој бил обложен и дека поради вградените материјали почнал стихијно да се шири кој предизвикал чад и висока температура.
„Поради ова настанало масовно, некотролирано и панично бегање преку единствениот излез за евакуација, кој не бил безбеден затоа што на патот за евакуација во правец на напуштање на објектот од внатре кон надвор имало двокрилна двонасочна врата која претставувала пречка за движењето. Самата надворешна врата немала евакуациона намена со систем за кочење во отворена положба и хоризонтален ракофат со пропишани димензии и заради што дополнително била отежната евакуацијата“, рече Коцевски.
Поради турканицата ходникот бил целосно блокиран и на тој начин загинале голем број од жртвите.
Обвинение е поднесено и против управителот на агенција за обезбедување од Скопје и уште четири припадници на обезбедувањето, од кои еден воопшто не поседувал лиценца за да врши физичко обезбедување. Против реалниот сопственик на агенцијата за кого истрагата беше отворена пред неколку дена таа продолжува до нејзиното завршување, рече Коцевски.
На сите обвинети ќе им се суди во ист судски процес бидејќи обвинителството проценило дека 34 обвинети не се премногу за да се отежнува судењето.
Инаку денеска се приведени уште 13 полициски службеници, кои според Обвинителството не постапиле не постапиле според прописите за мерките за заштита во дискотеката Кочани.