Во Кочани денеска по деветти пат се одржа „Марш за ангелите“ каде што родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ побараа правда и неселективна одговорност за изгубените животи на нивните деца.
Тие од протестот им порачаа на институциите, како и на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова дека им ја потрошиле и последната трошка надеж и доверба.
Тие од пред зградата на кочанскиот суд се обратија до Обвинителството од каде што побара одговори, но и одговорност од оние што се виновни.
Родителите го изразија својот револт кон сите институции за кои рекоа дека се корумпирани нагласувајќи дека тоа што се случило со нивните деца не е грешка, туку е системски криминал.
Тие порачаа дека нема да застанат се додека неселективно сите виновници не одговараат за пожарот во „Пулс“.
Со родителите од Кочани денеска на маршот излезе и Драги Георгиев, татко на загинатиот тапанар од ДНК, Ѓорги, кој упати критики до премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Тој побара оставки од функционерите, поставувајќи симболичен рок.
„Јас ќе ви кажам кога да си дадете оставка, а вие бирајте го месецот. Нашите деца на 16-ти загинаа. На 16-ти вие тројца да си дадете оставка. Вие немате срца“, додаде револтираниот родител.
Владата воведува нова телефонска линија, 070 355 526, преку која повредените во трагедијата во Кочани и нивните семејства ќе можат директно да ги изнесат своите барања и потреби. На бројот во Владата поврдените во пожарот во дискотеката „Пулс“ че може да се јавуват од понеделник, 9 јуни, а со неа ќе ракповоди Канцеларијата на премиерот.
„Ја воспоставуваме новата телефонска линија за директна комуникација, која ќе функционира непрекинато и достапно за сите повредени и нивните семејства. Оваа линија нема да биде само контакт, туку жив канал на комуникација преку кој ќе се одржува дневна, неделна и месечна координација, со редовно информирање и со персонализиран пристап за секој случај“, изјави на денешната прес-конференција владината портпаролка Марија Митева.
Во првата фаза, како што кажа Митева, се повикуваат сите засегнати да се јават и да ги изнесат своите предлози и потреби. Целта е барањата да се соберат, сублимираат и веднаш да се проследат до надлежните институции за нивно решавање во најкус можен рок.
Митева вели дека оваа иницијатива е резултат на директната комуникација на терен на работната група за евалуација на состојбата на повредените.
„Свесни сме дека досега беа преземени повеќе активности – итна здравствена грижа, институционална мобилизација, финансиска и логистичка поддршка, но свесни сме и дека постојат сегменти кои се повторно неопходни“, рече Митева, додавајќи дека поддршката не треба да биде еднократна, туку континуиран процес.
Таа додаде дека Владата ја разгледува и можноста за отворање на канцеларија во Кочани или подобрување на условите во локалната болница, со цел повредените да не мораат за сите интервенции да патуваат во Скопје.
„Ова е тема на дискусија во рамките на Владата и е резултат на информациите од работната група. Наскоро ќе објавиме и план како сето ова треба да се реши“, најави Митева.
Во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Уште 12 повредени во пожарот остануваат на лекување во болниците во други држави.