Достапни линкови

Трагедијата во Кочани - рефлексија на руинираниот систем


Недоличната реторика Арсовска – Ганиу ќе ја одбележи предизборната кампања
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:21 0:00

Александар Кржаловски, директор на МЦМС

Високиот пад во довербата во институциите и партиите, изминативе години, е резултат на руинираниот систем и неказнивоста на корупцијата, вели Директорот на МЦМС, Александар Кржаловски за РСЕ. Тој смета дека тоа што владата го прави, на тој план вклучително и со истрагата за трагедијата во Кочани е чекор во добра насока, но дека треба да се види како сето тоа ќе се заврши.

Господине Кржаловски што мислите под тоа дека е потребна целосна реформа на политичкиот систем за зголемување на довербата на граѓаните во институциите?

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) со години ја мери довербата на граѓаните во граѓанското општество што е примарно на наши интереси, меѓутоа паралелно и во институциите, бидејќи генерално секој политички систем е базиран врз довербата. Така се формулираат и демократските системи за мнозинската волја да одлучува како ќе се одвиваат работите во државите. Она што е дисторзија, посебно во последно време, а вклучително и кај нас, е што довербата во државните институции но, и во партиите кои конкурираат за таа доверба со цел да ја водат државата, се повеќе паѓа и веќе цела декада мислам дека е на ниво од 20-25%. Особено кај нас правосудството е на доста ниско ниво, иако не им се придружувам на оние кои велат дека е едноцифрен тој процент. Тој (едноцифрен) процент е само делот од граѓаните кој има целосна недоверба, а оние кои имаат делумна недоверба се меѓу 15-20% за правосудниот систем. Меѓутоа, и партиите и државните институции, вклучително и владата и Собранието, ретко надминуваат над 25%, што е исклучително ниска доверба на електоратот. Нас не загрижи тоа што довербата и во граѓанските организации е доста падната, од 48% на 38%. Ова е релативно висок пад и претпоставуваме дека на некој начин е одраз на нефункционалноста на системот. Граѓанските организации, пак не придонесоа да се случи промена за нешто позначајно да се средат работите.

Недовербата доведува до сомнежи, протести, незадоволства. И тука не станува збор само за случајот со трагедијата во Кочани и сомнежите на кочанчани за селективна истрага и правда, туку и воопшто? Има ли чаре?

Чаре има секако. Други земји ги решиле тие работи, затоа се успешни и понапредни. Особено скандинавските. Јас ги земам секогаш како пример, бидејќи се во првите 10 во скоро сите статистики на истражувањата на јавното мислење, вклучително и она за среќа, што не ми се веруваше во Скандинавија некој да е среќен со толку малку сончеви денови, а ние тука да не сме. Но, кога имате средена држава, очигледно тоа влијае и на довербата на граѓаните меѓутоа, и на чувството на среќа. Кај нас една од главните работи е неказнивоста. Повеќе децении ретко кој одговара за она што го прави или не го прави, особено функционерите во државните институции и органи. И со таква ситуација паѓа довербата. Меѓутоа, проблемот е што и со толку малку доверба накрај се избираат 120 пратеника и личи дека самите партии викаат што ние гајле колку и каква ќе биде излезноста, дали 40 или 30 проценти, бидејќи накрај 120 пратеника ќе бидат избрани. И на крај прашањето им е кој ќе го добие владејачкиот колач, што е погрешно, бидејќи генерално треба да се борат за поголема доверба и број на гласови на изборите. А довербата ќе се зголеми со реагирање на неказнивоста и ставање на тој проблем под контрола. Прво со мали чекори, а потоа и со поголеми зафати во борба против корупцијата.

И оваа влада дојде со ветувања за голема борба против корупцијата, која според сите па и вашите истражувања, беше и останува проблем број еден. Сметате дека сега има видливи резултати за граѓаните?

Генерално, кај корупцијата веројатно требаат 2-3 години за да има поголеми резултати за воопшто да се рефлектира. Сѐ уште кај нас е голем проблем. Ние истражуваме на регионално ниво во сите балкански држави. Ние сме на просекот на Балканот, каде скоро на секој трети граѓанин му било побарано мито во некоја форма, а скоро сите, на кои им било побарано, и дале. Значи 35 со 30 негде. Сега е малце подобрено кај нас. Соодносот е 37 со 26. Но, тоа е многу големо ниво на корупција и дури е општо прифатена како однесување. А тоа не влече надолу и тонеме. И да, во право сте дека буквално на секоја влада борбата против корупцијата и е една од 5 те приоритетни точки. И реално, од 20 години истражувања, до пред 3 години не беше најголем проблем, ама овие 3 години е најголем проблем. Корупцијата и како што рековте и Кочани го рефлектира тоа, бидејќи е очигледно е случај на, можеби не голема корупција, како што јас викам за коридорите, да платиме 15 милијарди за нешто што сме платиле 6 милијарди пред само 5 години, 6 милиони евра по километар, но е следствено на веројатно голем број мали коруптивни работи кои доведоа до голема трагедија, за жал. Она што гледаме дека владата го прави, вклучително и со тој случај е, да речеме, чекор во добра насока и со истрагата и со притворите и слично, меѓутоа треба да видиме како тоа ќе се заврши, бидејќи имавме ние и специјално обвинителство и обвиненија и процеси, и скоро ништо не се ефектуира од сето тоа.

Да но, меѓутоа, кога ја спомнавте сега и истрагата за Кочани, тие, секоја недела излегуваат со нивни барања и обвинија за селективна правда, конкретно за некои министри во владата и началници на полицијата?

Да, но, самата ситуација е премногу емотивна за сите нас што бевме сведоци на тоа и јасно е дека има голема реакција, особено од најзасегнатите. Јас направив многу консултации во првиот месец, со многу граѓански организации, прво за помош на жртвите и семејствата, меѓутоа, и за барање на одговорност. Генерално, иако, имаше повици и од некои од граѓанските организации со кои многу соработуваме, за одговорност на актуелната министерска постава за кој и да е одговорен за тоа. Генерално 90% сметаа дека е ова рефлексија на руиниран систем од многу порано и дека, сепак, треба да и се даде шанса на оваа гарнитура, која е 8-9 месеци на власт, да се справи со ситуацијата. Иако, да, во право сте, а во право се и родителите, дека сепак, тие сега се на власт.

Кога станува збор за доверба или недоверба на македонските граѓани таа е во благ пад и кон ЕУ. Според истражување на Евробарометар за 2024 година, 56 насто имале доверба во Европската Унија, а сега во 2025 има пад за 2 процента, односно 54 проценти и веруваат на ЕУ? Ова веројатно повеќе поради трнливиот пат со пречки, отколку дека е недоверба во вредностите на ЕУ?

Јас би ги поврзал тие две работи. Инаку да, ние бевме меѓу првите во 2004 година. Тогаш беше признавањето на името од Америка. Тогаш мислам дека беше најголема довербата. 97,2% беше тогаш довербата во ЕУ и желбата да се пристапи. И од тогаш некако континуирано паѓаше што е за очекување, бидејќи нема никакво придвижување. И колку да сме ние виновни за тоа, особено нашите институции, државните органи, сите влади кои сметаа вака или така треба да се решава или не се решава тој проблем, јас дел од вината секако и припишувам и на Европската Унија, токму заради вредностите кои ги споменавте, бидејќи генерално овие работи што се случуваат, не се во согласност со европските вредности, кои патем, како Европејци си ги запишале во нивниот договор за Европската Унија. И точно навеле шест вредности, меѓу кои, првиот е човечко достоинство. Ако ова не е го нарушува нашето достоинство, и со името со Грција и ова што го бара Бугарија од нас, не знам за што тогаш зборуваме за какви вредности, но очигледно е дека и Унијата е збир на земји каде примарни се интересите на државите, барем тоа го научивме сите овие години, а потоа се принципите и вредностите. Доколку можеме да се придржуваме, во ред , но, ако една земја членка смета дека нешто треба да добие или да спречи друга кандидатка во тоа, очигледно сите се ставаат на страна за тој консензус, единство, за таа членка.

Кога станува за политичката култура што може да очекуваме во предизборието за локалните избори на есен?

Па, јас лично, после 30 години занимавање, односно, следење на општествените случувања, не сум голем оптимист дека тоа брзо ќе се промени, а треба и тоа, многу треба се промени. Веќе гледаме деновиве со настапите на градоначалниците на Скопје и на Чаир, дека таа реторика и однесувањето е недолично и на ниско ниво. Тоа веројатно ќе го одбележи и натамошниот тек на кампањата. Многу илустративно беше и исфрлањето на ѓубрето. Фактички, тоа е сликата за нашата политичка култура овие неколку последни, не само години, тука и децении веројатно. Многу имаме да се поправиме на тој пат, и за жал не очекувам тоа брзо да се случи, бидејќи културата не се менува преку ноќ.

Значи, ова што се случува сега меѓу град Скопје и Чаир, односно меѓу градоначалничката, Арсовска и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу го ставате во контекст на предизборието?

Па, секако. Имаше градоначалничката три години да го направи ова, ако било така, и ако имала 150 случаи. Зошто чекала на три месеци до предизборието. Иако, најави дека нема се кандидира, три-четири месеци колку има, пет максимум до изборите, сега ова да се обзнанува на ваков начин. Значи, немаше причина да не се направи тоа и порано, бидејќи работите беа вакви и лани и преклани и во годината кога настана конфликт меѓу неа и партијата која ја предложи. Така да, не очекувам подобрување на реториката и на однесувањето до изборите.

  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG