Достапни линкови

Власта планира мерки за цените ако забележи „трикови“ од трговците


Илустрација (фотоархива).
Илустрација (фотоархива).

Владата има план да носи мерки и да реагира ако забележи непринципиелно зголемување на цените, тврди премиерот Христијан Мицкоски.

Тој вели дека состојбата со цените „ја следи одблиску“.

„Реков дека нема да толерирам трикови, внимателно следиме што се случува во маркетите и се разбира доколку има одредени непринципиелни однесувања што јас ги нарекувам трикови ќе делуваме. Инаку имаме во план да носиме мерки, со кои јавноста ќе биде запознаена благовремено“, рече Мицкоски.

На предлогот на Министерството за економија и труд, Владата на 20 февруари донесе мерка со која се ограничија маржите на стотина групи производи, додека на осум производи беа замрзнати цените. Меѓутоа, оваа мерка важеше до 30 април.

Но, според министерот за економија и труд, по ова нема драстично зголемување на цените.

„Нема драстично зголемување на цените во делот, каде што ние сме надлежни, во делот на прехранбени основни производи. Секој месец Државен пазарен инспекторат ќе биде на терен ќе гледа, ако случајно се случува да имаме зголемување енормно без економски оправданост од трговците на цените, нормално дека ќе донесеме пак одлуки“, рече Дурмиши на 14 јуни.

Зголемување на цените беше забележано и од Државниот завод за статистика (ДЗС). Во својот последен извештај тој нотираше дека инфлацијата во мај се зголемила за 1,5 отсто во однос на април 2025, а во тоа најголем удел имало зголемувањето на трошоците за живот токму за храната и безалкохолните пијалаци каде тоа изнесувало 4,1 процент.

XS
SM
MD
LG