Во собраниската Комисија за надворешна политика и надворешна трговија до сега не е пристигнато ниту едно барање за одржување на седница на која новоименуван амбасадор би ги бранел своите тези пред пратениците.
„Веднаш откако ќе добиеме такво барање од МНР ќе закажам седница на Комисијата“ вели за Радио Слободна Европа (РСЕ) нејзиниот претседател Муса Џафери, кој е пратеник од опозициската ДУИ.
Актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ која лани во декември од Собранието доби автентично толкување дека е законска обврска секој нов амбасадор дека мора да ги брани тезите пред пратениците во Комисијата и на тоа се повика да врати деветмина амбасадори кои ја „прескокнале“ оваа процедура, сега не испраќа барања за новите амбасадори.
Во меѓувреме македонските амбасади се празнат, на некои амбасадори им истекува мандатот, а нови не се именуваат.
Бранењето на тезите од страна на амбасадорите пред пратениците претходната власт на СДСМ и ДУИ го прескокнуваше затоа што се соочуваше со блокада поради незакажување на седници на собраниската Комисија за надворешни работи од страна ВМРО-ДПМНЕ, која како тогашна опозиција раководеше со ова тело.
Затоа неколку амбасадори го „прескокнаа“ овој чекор и заминаа директно во дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија.
Oтповикани амбасадори
Сегашната Влада тоа го искористи да ги врати во земјата пред истекот на нивниот мандат. Во февруари беа вратени деветмина амбасадори: од БИХ – Јакуп Реџепи, Црна Гора – Зеќир Рамчиловиќ; Чешка – Емил Крстевски; Шведска – Џенк Сејфила; Обединетото Кралство – Катерина Ставревска; Белгија – Методија Белевски, кој е нерезидентен амбасадор на земјава и за Луксембург и од Бугарија - Агнеза Руси Поповска.
Меѓу деветмината отповикани се и амбасадорката и постојана претставничка во Советот на Европа, Светлана Гелева, како и амбасадорот и шеф на Постојаната мисија при Меѓународните организации, Пајо Авировиќ.
Патот за покренување иницијатива за отповикување, го отвори актуелното владејачко мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ со изгласување автентични толкувања на два члена од Законот за надворешни работи на крајот на декември минатата година.
Според автентичното толкување , „сослушувањето“ на амбасадорите во Собранието е задолжително.
Арсовски: Нема потреба за политички и партиски пресметувања
Поранешниот амбасадор Љупчо Арсовски, кој бил дел од дипломатите кои учествувале во изготвувањето на законот за надворешни работи во 90-тите години, се присетува дека тогашната работна група сакала да го вметне тој дел за бранење на тезите во Собранието и како што вели, иако не било наведено како задолжително, идејата била да се даде на значење на целиот тој процес.
„Ако во највисокиот претставнички дом во државата парламентарците кажат дека не се задоволни, тогаш се добива една оценка која никој не може да ја избрише без разлика што не е наведено како задолжително. Со тоа сакавме да му дадеме големо значење и на самиот амбасадор во државата каде се испраќа покажувајќи дека тој ги поминал сите нивоа дома“, вели Арсовски за РСЕ.
Сепак, тој смета дека во ситуација кога веќе се испратени „нема потреба за политички и партиски пресметувања“.
Во меѓувреме оставка поднесе амбасадорот во ОН, Љубомир Фрчкоски, а беа повлечени и амбасадорот Весел Мемеди од Рим и Андреј Жерновски, кој беше амбасадор во Букурешт, но од други причини и за нив течат внатрешни процедури во МНР.
Четворица нови амбасадори чекаат „сослушување“
Во јануари Владата именуваше четворица нови амбасадори, но тие сѐ уште не се „сослушани“ во собраниската Комисија.
Тоа се нефрологот Игор Николов, кој треба да замине во Париз, Димитар Блажевски во Украина, Драган Ѓурчевски во Хрватска, кој е бивш директор на Агенцијата за млади и спорт, како и Андријана Цветковиќ по втор пат амбасадор во Јапонија.
Во МНР велат дека во овој момент, 17 дипломатско-конзуларни претставништва се без именуван амбасадор или генерален конзул. Освен четворицата избрани од МНР велат дека сѐ уште течат консултации за пополнување на испразнетите амбасади.
„Паралелно, се водат разговори помеѓу Министерството за надворешни работи, Владата и претседателот на државата, со цел да се дефинира поголема група на шефови на ДКП кои треба да ги пополнат испразнетите позиции во втората половина на оваа година“, велат од МНР.
Но освен овие 17, на 1. мај се празнат осумте амбасади чии шефови на мисии беа отповикани. Наскоро истекува мандатот и на амбасадорите во Загреб и Атина, така што вкупната бројка на испразнети амбасадорски позиции во македонските ДКП-а ќе надмине 25. До крајот на јуни ќе се испразнат уште неколку, или повеќе од половина од вкупно 51 амбасада ќе бидат празни.
Од МНР со став дека работата не ДКП-ата поради тоа што нема именувани амбасадори, не трпи.
„Во меѓувреме, сите ДКП се адекватно пополнети со раководни, професионални дипломати кои, во својство на вршители на должност, ги извршуваат сите предвидени дипломатски активности сѐ до испраќањето на новите амбасадори и генерални конзули“, наведуваат од МНР .
Но, без амбасадори останаа клучни дипломатско-конзуларни претставништва како во НАТО, Советот на Европа во Стразбур, во Софија, во ООН во Њујорк и Женева, амбасадата во Копенхаген, во Албанија, Казахстан, Катар, Ватикан, во Косово, Франција, Романија, Јапонија, Унгарија, Естонија, Украина, Рим, Астана, Канбера, а од 1 мај се враќаат амбасадорите од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Велика Британија, Белгија, Чешка, Шведска.
Ако се отвори страницата на МНР практично од неа не може да се дознае каде има или нема амбасадор, кој сѐ уште е таму, а кој е вратен.
Пратениците го чекаат и шефот на дипломатијата Муцунски
По 10 месеци на власт во собраниската Комисија за надворешна политика и надворешна трговија ниту еднаш пред пратениците не се појави шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски за да ги презентира потезите кои ги презема на надворешен план.
Пред две недели, како што вели претседателот на собраниската Комисија, Муса Џафери, била закажана седница на Kомисијата на која требало министерот Муцунски требало да зборува за евроинтеграциите, за неговите средби со странските политичари, за билатералните односи со соседите и други прашања од надворешната политика. Но, министерот Муцунски ја откажал затоа што „ненадејно морал службено да отпатува“. Сега пратениците очекуваат тој да закаже друг термин.