Вонреден попис, но, не теренски, туку електронски најави премиерот Христијан Мицкоски од собраниска говорница само еден ден откако Уставниот суд на Северна Македонија со неодамнешната одлука укина одредби од Методологијата за пописот спроведен во 2021 година, конкретно оние што се однесуваа на категоризацијата на населението на „резидентно“ (оние кои живеат во земјава) и „нерезидентно“ (граѓани кои повеќе од 12 месеци престојуваат во странство).
„Ви гарантирам дека со вкрстување на базите, 90 отсто од населението ќе го попишеме преку електронскиот попис, а само отприлика 10 проценти ќе треба теренски“, рече Мицкоски, додавајќи дека е подготвен како претседател на Владата таквиот попис да се направи веќе идната година и за тоа да се предвидат пари во буџетот.
Сепак, предлогот на Мицкоски за идната година да се спроведе вонреден електронски попис на населението беше условен со прифаќање на една изборна единица „веднаш“.
„Често зборувам дека дијаспората е нераскинлив дел од унитарниот карактер на Македонија како држава и затоа ве молам како политичка партија да поддржите една изборна единица во која што ќе овозможите дијаспората да гласа“, рече Мицкоски.
Предлогот за електронски попис во 2026 година го има и во владината програма, рече министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Но, коалициониот партнер во Владата, Влен, негира дека имало какви било разговори за попис на населението пред редовниот рок и нагласуваат дека „нема да има друг попис следната година“.
„Секој иден попис мора да биде резултат на длабинска анализа и политички консензус, кој ќе ја исправи измамата на ДУИ и СДСМ и ќе обезбеди фер, инклузивен и прифатен процес од сите страни. ВЛЕН останува цврсто во одбрана на албанската дијаспора, која со децении е главен столб на економскиот, социјалниот и националниот опстанок на Албанците во Северна Македонија. Тие не се ‘нерезиденти“, туку се неразделен дел од нашата нација и директен придонесувач за развојот на нашата земја“, реагираше коалицискиот партнер Влен.
Од партијата порачаа и дека ќе бараат кривична одговорност за бришење на дијаспората од пописот во 2021 година.
Од ДУИ испратија реакција во која се наведува дека власта се обидува да направи дигитален инженеринг со најавите за електронски попис идната година.
„Уште во 2022 година лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски јавно одби да ги прифати резултатите од пописот на населението, алудирајќи особено на фактот дека Албанците сочинуваат 29.5% од вкупната популација. Тој тогаш вети дека, штом ќе дојде на власт, ќе организира ‘електронски попис’ за да ги ‘коригира’ резултатите.Ова не е изолиран случај, туку дел од серија националистички ветувања собрани под слоганот „да им се покаже местото на Албанците“, порачаа од ДУИ.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче изјави дека електронскиот попис, каков што се предлага од новата власт, не може да обезбеди прецизни податоци за местото на живеење на граѓаните, ниту пак да ја потврди нивната национална припадност.
Тој предупреди дека со електронски попис постојат два клучни предизвици дека неточна географска распределба и отсуство на податок за националност се сериозни предизвици за валидноста на еден електронски попис.
„Прво, многу луѓе имаат лични карти со адреси каде што реално не живеат, или поседуваат имот на повеќе локации. Тоа е случај со над 25% од населението, што значи дека пописот нема да ја отслика реалната слика каде живеат луѓето. Второ, во ниту една електронска база на податоци не постои евиденција за националноста. Дури и кога се вкрстуваат бази од институции како Фондот за здравство, ПИОМ или УЈП, графата за етничка припадност ја нема“, нагласи тој.
Предизвици и институционални капацитети
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, смета дека Владата има капацитет за спроведување дигитален попис во 2026 година. Тој нагласи дека поради забелешките за пописот од 2021 – за кој, како што кажа, уште тогаш било предупредено дека методологијата не е соодветна – веќе е формирана работна група која работи на подготовка на услови за електронски попис. Целта, според Андоновски, е да се врати довербата на граѓаните во процесот.
Посочи дека за таа цел ќе се работи активно на прочистување на базите од други институции за се направи добра подготовка со што дигитален попис би се спровел уште во 2026 наместо редовниот период по десет години.
„Таргетот е 2026-та. Сакаме да ја вратиме довербата на граѓаните во системот. А дали ќе се спроведе тогаш или редовно во 2031, треба да бидеме подготвени – додаде министерот, посочувајќи ја Словенија како пример на држава која има „одлична дигитална алатка за попишување“.
Една од базите за кои е потребно прочистување е Фондот за здравствено осигурување. Директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски истакна дека бројот на здравствените осигуреници не се совпаѓа со резултатите од пописот во 2021 година и веќе доставиле иницијатива до владата да се направат одредени анализи.
„Над половина од здравствените осигуреници се по други основи, а не по основ на плата и на осигурени деца. Покренавме иницијатива пред Влада да се преиспитаат критериумите. Тоа е интерсекторска работа која ќе потрае бидејќи имаме помалку жители од тоа што во моментот имаме здравствени осигуреници“,истакна Клековски.
Статистика ќе чека на владина одлука
„Доколку Владата донесе официјална одлука и соодветно законско решение за реализирање вонреден попис базиран на административни извори, Државниот завод за статистика ќе постапи согласно со законските обврски и ќе ги преземе сите неопходни чекори за негова реализација“, велат од институцијата за РСЕ, напоменувајќи дека препораките на Обединети нации, следниот циклус на пописи на населението и становите е околу 2030 година.
Од таму не коментираат дали на нов предвремен попис гледаат политичка одлука.
„Предвремен попис на населението, домаќинствата и становите би се спровел единствено во случај на официјална одлука од надлежните органи и донесување на соодветно законско решение за реализирање вонреден попис. Пописните активности треба да се темелат исклучиво врз стручни, методолошки и законски основи, во согласност со меѓународните стандарди. ДЗС како професионално и независно тело, е единствено надлежен за негово спроведување“, рекоа од Државниот завод за статистика за РСЕ.
Статистичарите не сакаа да ја коментираат одлуката на Уставниот суд, но нагласуваат дека ќе ја почитуваат и ќе постапува во согласност со неа.
Уставниот суд неодамна оцени дека директорот на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности со воведување на оваа поделба на резидентно и нерезидентно население преку подзаконски акт, што не е предвидено во Законот за попис. Оваа категоризација е прогласена за неуставна и незаконска, бидејќи Законот не му дава овластување на директорот да ја дефинира на овој начин структурата на населението.
Во Собранието беше поднесена и интерпелација од ДУИ, која има за цел да ја испита одговорноста на надлежните институции за спроведувањето на пописот и да ја истражи можната злоупотреба на статистичките податоци.
Со ова, Уставниот суд ја потврди потребата за ревизија на пристапот кон пописот, а интерпелацијата ја отсликува политичката напнатост и несогласувањата во однос на тоа како треба да се обезбедат точни и веродостојни податоци за населението.
На пописот во 2021 година беа преброени 1.836.713 лица како „резидентно население“, а како „нерезидентно население“, односно оние граѓани што се повеќе од 12 месеци во странство, беа попишани 260.606 лица. Поради фактот што станува збор за укинувачка, а не поништувачка одлука, Судот напоменува дека Одлуката ќе се применува од моментот кога ќе биде објавена во Службен весник, но нема да важи ретроактивно за веќе спроведениот попис од 2021 година.