Кочани за Петровден: Едни за молк, други за заздравување по трагедијата

Северна Македонија - Изгорената дискотека „Пулс“, Кочани

Четири месеци по пожарот во дискотеката „Пулс“ во кој загинаа 62 лица и околу 200 беа повредени, Кочани во следните три дена ќе го одбележи Петровден, патрониот празник на градот. Вo сабота, на 12 јули, предвидена е комеморација за загинатите, марш за правда, но и музички концерт, што предизвика жестоки реакции во јавноста. В.д.градоначалникот Крстевски во писмено обраќање до јавноста вели дека на општеството му е потребно да заздрави по трагедијата.

Измешани се чувствата во Кочани поради Петровден, патрониот празник на градот, во чии рамки ќе има музичка манифестација, четири месеци по пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март во кој загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени.

Тридневното одбележување почнува денеска, 11 јули и ќе трае до недела.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трагедијата во диско клуб во Кочани предизвика шок и вознемиреност

Здружението на граѓани „16 март 2025-Кочани“ побара од в.д. градоначалникот Венко Крстевски да ги одложи музичко -забавните активности и го повика да покаже почит кон нивната болка.

Ова здружение обединува околу 80 луѓе, претставници на 38 семејства на загинати во пожарот.

„Ова е недолично, нема емпатија и поддршка ни кон семејствата на загинатите ни кон повредените. Таква манифестација со концерт е преуранета. Не поминаа ни шест месеци откако ни загинаа децата“, изјавија од Здружението за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Програма за одбележување на Петровден во Кочани, додека градот е излепен со плакати "Нови Сад 16 жртви - 300.000 демонстранти, „Пулс “ 62 жртви - 200 демонстранти"

Откако Општината ја објави програмата за празникот, има лавина коментари од граѓани кои сметаат дека не е време за славење.

„Ќе има ли сила и срце некој да запее на местото каде се палеа свеќи и се кинеа срце и душа на родителите чии деца требаше да се веселат на овие настани. Ќе има години за славење, децата ќе ги нема“, „Добро е организирано, само во погрешно време и на погрешно место“, „Дали ќе имаат доблест повиканите уметници да се откажат од хонорар и да ги донираат средствата за повредените?“, се само некои од коментарите на страницата на општина Кочани на мрежата Фејсбук.

Видете и ова: Крстевски: Кочани будно ќе го следи судењето, не дозволуваме „тргување“ со жртвите

По реакциите од граѓаните. в.д.градоначалникот Крстевски во писмено обраќање до јавноста вели дека на општеството му е потребно да заздрави по трагедијата.

„Сите ја носиме болката од несреќата што нè погоди. Но, време е да се собереме и не бегаме еден од друг! По разговори со психолози, експерти за трауми и социјални работници, па и со луѓе од Шведска што поминале низ слична тага, нивните препораки се: дружбата, но и музиката ни се потребни за да заздравиме. Ова не значи дека го забораваме минатото – туку дека ја прифаќаме болката и пробуваме да се бориме со неа заедно!“, напиша Крстевски.

Понатаму, вели дека малите бизниси во Кочани едвај врзуваат крај со крај и дека градот треба да ги отвори портите за сите кои биле навикнати да пазаруваат во Кочани и да ги поддржат локалните ресторани, мали и средни претпријатија.

Според програмата, на 11 јули, вечерта во Градскиот парк ќе настапат Dj Acko, Марија Данева & #HASHTAG и Владо Јаневски.

За вечерната забава на 12 јули во Градскиот парк се најавени Dj Olie, Пијан Славеј и групата Суперхикс. Забавата е најавена од 21 часот, веднаш по „Маршот на ангелите“ во 18.05 часот, на кој родителите на загинатите излегуваат секоја сабота и бараат правда од институциите.

За истиот ден е предвидена и комеморација за загинатите во пожарот, што ќе се одржи во Домот на културата.

Донациите се намалуваат - потребни се креми против лузни

Додека траеја подготовките за манифестацијата, иницијативата „Супорт Кочани“ ja обезбеди втората пратка компресивна облека, повторно преку донации. Во оваа пратка се вклучени 43 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 17 повредени лица.

Во првата пратка имаше 149 парчиња компресивна облека. Вредноста на двете прати е 23.560 евра.

Видете и ова: Пристигна нова компресивна облека за повредените во „Пулс“, обезбедена со донации

Според податоците од „Супорт Кочани“, заклучно до 5 јуни, се префрлени 600.000 евра директно на сметките на семејствата погодени од трагедијата. До крајот на месецот ќе бидат распределени уште околу 60.000 евра собрани преку индивидуални уплати.

Оваа иницијатива обезбеди и поддршка за Општата болница во Кочани со набавка на медицински помагала за повредените, Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“ донираше хипербарична комора и целосно опремена просторија за физикална терапија, клима уреди, лекови, креми и помагала.

Од „Супорт Кочани“ велат дека солидарноста е голема, но веќе се поминати четири месеци од трагедијата и дека донациите се намалуваат. Сега, на повредените најмногу се потребни креми против лузни кои се скапи и ги нема во државата.

Што направи Владата?

Од Владата велат дека Кочани, помошта и поддршката на сите погодени од трагичниот настан, остануваат најголем приоритет.

Во делот на финансиска помош, од Владата одговорија дека се обезбедени 30 милиони денари за транспорт и сместување на членовите на семејствата на повредените пациенти. За семејствата на настраданите беа исплатени по 150.000 денари преку Црвениот крст. Одморалиштето „Пониква“ беше пренаменето за Центар за рехабилитација. Беше отворена телефонска линија за директен контакт со повредените и со нивните семејства.

Видете и ова: Два месеци по трагедијата: Кочани не смее да остане град на тагата

Во тек е реконструкција на просторот на физикална медицина во Кочанската болница, со вкупна површина од 350 квадратни метри, која се очекува да биде завршена до крајот на јули.

„Како Влада силно веруваме дека поддршката не треба да биде еднократна, туку истата да е континуиран процес. Ќе продолжиме во насока да го олесниме животот на повредените и на семејства кои ги загубија своите најмили трагичниот настан“, велат од Владата во одговорот до РСЕ.

Но, од Здружението на семејствата на починатите во трагедијата во Кочани минатата недела испратија допис до институциите, поради незадоволство од бавната реакција на институциите и одолговлекувањето на судската постапка против обвинетите во случајот. Меѓу нивните барања се : исплата на еднократна парична помош, да ја добијат потребната инситуционална помош, како и да се обезбеди комплетен видео и аудиозапис за време на судската постапка.

СДСМ со амандмани на буџетот бара пари за Кочани

Опозициската СДСМ имаше две иницијативи за помош на настраданите од пожарот во Кочани. Прво, поднесе предлог-закон за поддршка на настраданите во трагедијата во Кочани, но ВМРО-ДПМНЕ гласаше против.

Вчера, СДСМ најави дека ќе ги повлече сите преостанати амандмани на предложениот ребаланс на буџетот и ќе поднесат два нови, за справување со последиците од пожарот во „Пулс” и за тековните пожари низ државата.

Оливер Спасовски, координатор на пратеничката група на СДСМ, изјави дека за Кочани, сакаат да обезбедат средства за посебното законско решение за обесштетување на семејството на починатите, меѓутоа и за сите повредени од овој пожар.

Видете и ова: Актуелен и поранешни министри дел од нови 19 осомничени за пожарот во Кочани

Судски процес за пожарот во „Пулс“

Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани ќе се одвива во Кривичниот суд во Скопје, но уште не е познато кога ќе почне судскиот процес. Обвинети се 34 лица кои со постапувањето или непостапување во системот предизвикале да се случи катастрофата. Во обвинението се опфатени и трите фирми на сопственикот на дискотеката кој е првообвинет.

Во меѓувреме, од пожарот во „Пулс“ има уште неколку повредени кои уште се на болничко лекување.Најголем дел од повредените се на рехабилитација и санирање на лузните.

Несреќата се случи во раните утрински часови на 16 март, во кочанската дискотека „Пулс“, по употреба на пиротехника на настап на групата „ДНК“. Истрагата утврди тешки дела против општата безбедност, затоа што објектот имал фалсификувана лиценца за работа што сопственикот ја добил со мито, иако не ги исполнувал минимално-техничките услови за Лиценца за вршење угостителска дејност. Во објектот во моментот на пожарот имало 650 посетители помеѓу кои најмалку 31 дете, соопшти Обвинителството.

Починатите во пожарот беа на возраст од 16 до 48 години. Најголем број се на возраст на 24 и 26 години.