Достапни линкови

Родителите од Кочани бараат објаснувања за обвинението за „Пулс“


Во пожарот во „Пулс“ загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени, Кочани (фотоархива).
Во пожарот во „Пулс“ загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени, Кочани (фотоархива).

Семејствата на жртвите ќе поднесат писмено барање до обвинителството за им објаснето обвинението и како најпогодени од трагичниот настан очекуваат транспарентност и директна комуникација со институциите. Обвинението предизвика и политички реакции. Опозицијата бара и политичка и морална одговорност, а премиерот Мицкоски вели дека тоа граѓаните ќе го кажат на локалните избори за неколку месеци.

Родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани бараат Јавното обвинителство лично да ги запознае и да им го објасни обвинението кое беше поднесено за една од најголемите трагедии во Северна Македонија.

Своите барања и сомнежи тие ги изразија на деветтиот по ред протестен „Марш на ангелите“ одржан денеска (14 јуни) во Кочани. Ваков протест семејствата на жртвите организираат секоја сабота по трагедијата што се случи во „Пулс“ на 16 март 2025 година во која загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени.

„Ние родителите не сме правници, соопштението ни беше дадено по членови и закони, кој постапил, кој не постапил по членови од градежниот закон, од кривичниот законик … и реално ништо не сфативме. Претпоставувам и другите родители, освен кои се четворицата од обезбедување и кои се тројцата градоначалници, другите по име и презиме не ги сфативме“, изјави Марија Петрушова, мајка на Андреј Панов, едно од загинатите момчиња во дискотеката.

Тие најавија дека в понеделник ќе достават и писмено барање до Јавното обвинителство за лично да им се објасни обвинителниот акт бидејќи како што река, тие се најпогодени од трагичниот настан. Очекуваат, како што рекоа, транспарентност и директна комуникација со надлежните институции.

„Сметаме дека е од суштинско значење обвинителството конечно и целосно да нè запознае со исходот од истражната постапка, како и со содржината на поднесениот обвинителен акт – кои физички и правни лица се опфатени, против кои лица се води постапката а кои се изземени од одговорност, за да ги отстраниме сите дилеми кои се јавуваат кај нас“, рече Петрушова.

Со обвинителниот акт кој вчера (13 јуни) го презентираше Јавното обвинителство на прес-конференција во Скопје, опфатени се 34 физички лица и три правни лица.

Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, двајца ексминистри за економија, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, инспектори од државниот пазарен инспекторат, градежни инспектори од општината, членови на обезбедувањето, како и тројцаодговорни лица, сопственици и управители на фирмата КЛАСИК ДМ – Кочани со подружница Кабаре ПУЛС и фирмата ММММ КАФЕ – Кочани.

Сите се опфатени во еден предмет и се гонат дека го сториле кривичното дело „предизвикување на тешки дела против општата сигурност“.

Протести во Кочани додека не се истера правдата
please wait

No media source currently available

0:00 0:16:30 0:00

Политички реакции за обвинението за Кочани

Обвинението предизвика и политички реакции. СДСМ реагираше дека со обвинението се потврдило дека постои обид да се „минимизира и релативизира одговорноста на носителите на актуелни функции и институции поврзани со трагедијата во Кочани“.

„Наместо да се лоцира институционалната одговорност и да се повикаат на одговорност актуелните директори на Државниот пазарен инспекторат, УЈП и други релевантни органи кои имаа обврска да постапуваат, фокусот се префрла на индивидуални случаи и на маргинални групи, избегнувајќи ја суштината – зошто и како фирма увезувала и со месеци продавала опасна пиротехника без дозвола, и кој тоа го дозволил“, реагираше СДСМ.

Социјалдемократите на прес-конференција покрај кривична, побараа и морална и политичка одговорност и од премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев.

ДУИ, пак, реагирајќи за тоа зошто со обвинението се опфатени нивните членови – поранешните министри Крешник Бектеши и Валон Сарачини, обвини за „селективна правда и јасно политички мотивирана акција“, како и дека „обвинителството ја изгубило својата независност и станало инструмент за политички прогон и изборен инженеринг“.

Молк за жртвите, аплауз за лекарите и свирежи за Владата
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:39 0:00

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, денеска порача дека граѓаните на следните локални избори што треба да се одржат во октомври, ќе кажат дали тој лично треба да сноси политичка одговорност.

„Ако граѓаните сметаат дека јас треба да заминам и да сносам политичка одговорност, уште истиот ден тоа ќе го направам. Нема да чекам, како што беше тоа случај во 2021 година. Но, знам дека граѓаните не го делат истото мислење со СДСМ и останатите коишто се обидуваат преку некрофилска кампања да добијат некој политички поен“, изјави Мицкоски на 14 јуни.


XS
SM
MD
LG