Вести
Пристигна нова компресивна облека за повредените во „Пулс“, обезбедена со донации

Повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани ќе добијат нова компресивна облека, која повторно е обезбедена по пат на донации. Донираната пратка е пристигната - соопшти граѓанската иницијатива „Support Kocani“ од каде информираа дека веќе е и доставена во Општата болница во Кочани.
- Во оваа пратка се вклучени 43 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 17 повредени лица. Облеката беше испорачана во Македонија во понеделник навечер, а веќе денес е доставена на Општата болница во Кочани. Фактурата за оваа пратка, во износ од 283.802 денари, е целосно исплатена од страна на Support Kocani, велат од граѓанската иницијатива.
Ова е втора по ред испорака на компресивна облека што ја обезбедува иницијативата Support Kocani откако претходно обезбеди една пратка во вредност од 923.458 денари.
Вкупниот износ на двете набавки е 1.207.260 денари, односно 23.560,37 евра, средства обезбедени преку донации од хумани граѓани, фирми и поддржувачи од земјата и дијаспората.
Вкупно 45 повредени во пожарот во Кочани веќе ја завршија првата фаза од рехабилитацијата во одморалиштето на МВР на Пониква, каде добија медицинска нега и физикална терапија.
СДСМ поднесе амандман за трагедијата во Кочани
Со цел и повредените, но и семејствата на загинатите во овој пожар да добијат финансиска поддршка, опозициската СДСМ поднесе амандман во Собранието.
„Ова е еден од клучните амандмани поднесени на ребалансот на Буџетот, со цел да се предвидат 934.340.000 денари како директна помош за погодените семејства“, информираше пратеникот на СДСМ Оливер Сапсовски на комисиската расправа за ребаланс на буџетот вчера (7 јули).
Тој рече дека средствата предвидуваат еднократен надомест за загинатите и финансиска поддршка на повредените, во согласност со степенот на инвалидност. Но откако амандманот не беше прифатен, Спасовски ја обвини власта дека не покажала слух и не понудила образложение за неприфаќањето.
„Навистина не ми е јасно како е можно народните претставници овде како пратеници во законодавниот дом, за работа за којашто се најповикани, а тоа е да покажат дека институциите, секогаш и во најтешките моменти, се тука за било кој граѓанин, а посебно за една ваква трагедија, која што ја зафати државата во претходниот период и од тоа сметам дека мораше сите ние да покажеме малку поголемо чувство на одговорност“, нагласи Спасовски на прес конференција по завршување на расправата.
Стојаноска: Владата има план како да се помогне
Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска сепак од собраниската говорница порача дека Владата спроведува „координирана акција за помош и има јасен план за долгорочна поддршка на повредените и семејствата на загинатите од трагедијата во Кочани“.
Таа повика на воздржаност и да ѝ се дозволи на актуелната власт да ги преземе сите надлежности.
Во пожарот што се случи на 16 март годинава животот го загубија 62 лица помеѓу кои шест деца, а над 200 беа повредени.
види ги сите денешни вести
Трамп ѝ се закани на Москва со царини ако не постигне договор со Украина за 50 дена

Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани на Русија со „многу сериозни“ царини доколку не се постигне договор за прекин на огнот меѓу Киев и Москва, што би го прекинало најдолгиот и најсмртоносен конфликт во Европа од Втората светска војна.
Трамп изјави дека ќе ја искористи трговијата за да помогне во ставањето крај на војната, која сега е во четвртата година, додавајќи дека таа е „одлична за решавање на војни“.
Американскиот претседател, зборувајќи на прес-конференција со лидерот на НАТО, Марк Руте, додаде дека се согласил со западната воена алијанса да обезбеди воена опрема во вредност од „милијарди долари“ за Украина, која ќе ја платат членките на НАТО.
Оружјето што САД ќе го испратат „во рок од неколку дена“ до НАТО за поддршка на Украина вклучува ракетни системи и батерии „Патриот“. Трамп посочи дека САД ќе добијат пари за целата опрема што ќе ја испратат до НАТО за употреба во Украина.
„Многу сме незадоволни од Русија. Ќе воведеме многу сериозни царини ако не постигнеме договор за 50 дена“, рече Трамп, додавајќи дека зборува за секундарни царини „од околу 100 проценти“.
Тој не даде дополнителни детали.
Претходно, денеска специјалниот претставник на САД за Украина, Кит Келог, се сретна со претседателот Володимир Зеленски во Киев за да разговараат за воената помош пред она што американскиот претседател Доналд Трамп го најави како „важно соопштение“ за пристапот на САД кон Русија.
„Разговаравме за патот кон мирот и што практично можеме да направиме заедно за да го приближиме. Ова вклучува зајакнување на украинската воздушна одбрана, заедничко производство и набавка на одбранбено оружје во соработка со Европа“, напиша Зеленски на социјалната платформа X позната како Твитер.
„И, секако, санкции против Русија и оние што ѝ помагаат“, додаде тој, нагласувајќи дека „јасно е дека Москва нема да запре освен ако нејзините неразумни амбиции не бидат запрени со сила“.
Киев и другите градови низ Украина беа цел на чести и моќни воздушни напади од страна на руските сили во последните недели, што предизвика загриженост кај Доналд Трамп и други функционери во Вашингтон, кои почнаа да се прашуваат дали рускиот претседател Владимир Путин воопшто има намера да започне мировни преговори со цел да се стави крај на најдолгиот и најсмртоносен конфликт во Европа во последниов половина век.
Тој, исто така претходно, го критикуваше Владимир Путин, што е уште една во низата негови негативни изјави за рускиот претседател.
„Тој зборува убаво, а потоа навечер бомбардира сè... Не ми се допаѓа тоа“, изјави на 13 јули Трамп пред новинарите во американската воена база во близина на Вашингтон.
„Европската Унија плаќа за тоа. Ние не плаќаме ништо, но ќе испратиме. Всушност, ќе им испратиме разни компоненти од многу софистицирана воена опрема. Ќе ни платат 100 проценти за тоа, и така сакаме“, додаде Трамп.
На 2 јули, Вашингтон објави дека запира дел од испораките на оружје за Украина. Сепак, Трамп оттогаш сè повеќе изразува фрустрација од одбивањето на Путин да се согласи на прекин на огнот, а на 10 јули рече дека САД ќе испратат дополнително оружје во Украина преку земјите од НАТО или други европски сојузници.
На 4 јули, во разговор со Трамп, германскиот канцелар Фридрих Мерц ја покрена можноста Берлин да купи системи „Патриот“ од Вашингтон, а потоа да ги предаде на Украина. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус треба да пристигне во Вашингтон на 14 јули на разговори со американски претставници.
Соединетите Американски Држави досега испорачаа три батерии на ракетниот систем „Патриот“ во Украина, сите за време на администрацијата на претседателот Џо Бајден.
„Патриот“ е еден од најнапредните системи за воздушна одбрана во светот, способен да пресретнува балистички и крстосувачки ракети.
Украина, исто така, доби уште четири батерии „Патриот“, три од Германија и една од група европски земји.
Зеленски назначи нова премиерка

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека новиот премиер на Украина ќе биде првата вицепремиерка Јулија Свириденко.
Со ова официјално започна нова фаза од реконструкцијата на украинската влада.
Поранешниот премиер Денис Шмихал ја водеше владата од март 2020 година, а неговиот мандат сега завршува во контекст на обемни структурни и одбранбени реформи.
„Предложив Јулија Свириденко да го преземе раководството на украинската влада и значително да ја обнови нејзината работа. Очекувам наскоро да биде претставен нов акционен план“, рече Зеленски во објава на платформата X.
Објавата доаѓа по неговата средба со Шмихал, каде што беа договорени чекори за рационализација на државната администрација и пренасочување на максималните ресурси кон одбраната на земјата.
На Фејсбук, Зеленски објави „значајна трансформација на системот за управување“ со цел намалување на трошоците на државната администрација, зајакнување на дерегулацијата и зголемување на ефикасноста.
„Така, ќе насочиме повеќе ресурси кон одбраната на Украина и заштитата на нејзините граѓани“, нагласи тој.
Радев:Северна Македонија сама се блокира на патот кон ЕУ

Северна Македонија сама се блокира на патот кон ЕвропскатаУнија со тоа што не сака да ги исполни критериумите за членство. Ова во Загреб го изјави бугарскиот претседател Румен Радев на заедничката прес конференција со неговиот домаќин и колега Зоран Милановиќ, јавува бугарската новинска агенција БТА.
Радев е категоричен дека Бугарија не е пречка на македонскиот евроинтегративен пат затоа што не поставува никакви нови услови освен оние што веќе се договорени.
„Инсистираме да се почитува сè што е договорено“, вели тој.
Бугарскиот претседател додаде дека Бугарија нема да се откаже од заштитата на правата на Бугарите кои живеат на македонска територија.
„Сè уште чекаме Република Северна Македонија да исполни еден јасно напишан услов што би ја отворил вратата за почеток на преговорите. А тоа е гарантирање на рамноправноста на Бугарите во оваа земја преку нивно вклучување во уставот заедно со другите народи што ја формираат држава“, изјави Радев, а пренесе Бугарското национално радио.
Според него, постои јасен консензус, усвоен во јули 2022 година, и од бугарската и од Владата на РСМ, како и од сите земји членки на ЕУ.
Тој ја истакна важноста на одлуката на бугарскиот парламент поврзана со напредокот на Северна Македонија, како и писмото до раководителите на европските институции и земјите-членки на ЕУ што го испрати кон крајот на јуни.
На 11 јуни македонското министерство за надворешни работи и надворешна трговија упати дипломатски протест до официјална Софија поради, како што се вели, навредливите изјави на бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев.
Повод беше јавниот настап на Георгиев на бугарската телевизија БТВ, каде што тој го нарече премиерот Христијан Мицкоски „северномакедонски премиер“ и порача дека Северна Македонија треба да има предвид дека Бугарија веќе е фактор во ЕУ и регионот.
Од македонското МНР порачаа дека изјавите со кои се користи навредлив речник и се омаловажуваат претставници на една суверена држава претставуваат директно кршење на меѓународните дипломатски стандарди и не придонесуваат за градење на добрососедски односи.
По тоа следуваше и изјавата на Мицкоски рече дека на Георгиев му дале задача да се задева исто како „глушецот со лавот“.
Бугарскиот премиер Росен Жељазков го повика својот македонски колега Христијан Мицкоски да најде начин и да ѝ се извини на Бугарија за изјавата со лавот и глушецот.
Ваквите тензични дипломатски тонови следуваат по минатонеделниото изгласување на извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2023 и 2024 година во Европарламентот. На седницата беа изгласани Дел од заедничките амандмани предложени од европратениците Анджеј Халицки во име на Европската народна партија (ЕПП), Кетлин Ван Бремпт во име на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократиите (СД) и Дан Барна во име на либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ), се однесуваа на бришење на формулацијата „македонски јазик и идентитет“ од документот.
Односите меѓу двете соседски земји во последните години се затегнати. Бугарија во ноември 2020 година стави вето за преговарачката рамка за Северна Македонија со Европската Унија поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.
Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис за преговарачката рамка на Северна Македонија која прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница. Од друга страна, пак, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.
По постигнатото решение, Северна Македонија на 19 јули 2022 година ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.
Меѓутоа, владата во Скопје, која беше формирана по изборите во мај 2024 и ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, бара гаранции дека во иднина нема да има други условувања од бугарска страна. Меѓу предлозите кои се прифатливи за неа и беа лиферувани во јавноста се и уставни измени со одложено дејство – да се изгласаат сега, но да важат од членството на земјата во ЕУ предводена од ВМРО-ДПМНЕ по изборите.
Бугарија, пак, беше во политичка криза – за четири години одржа седум парламентарни избори бидејќи ниту една партија не можеше да формира влада. Во јануари годинава, во Софија конечно се формираше политичка влада, меѓутоа и нејзините ставови се дека не е можно репреговарање на договорените услови за евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија.
Привремено или трајно одземените возила ќе можат да ги користат сите државни институции

Согласно новите измени на Законот за управување со конфискуван имот, од денеска (14 јули) сите државни институции можат да дојдат до возилата кои што се привремено или трајно одземени, а со кои располага Агенцијата за управување со одземен имот, информира директорката на Агенцијата Ирена Илиевска.
Како што појасни, досега со овие возила можеа да управуваат само Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана, но од денеска ќе можат и државните институции кои што ќе поднесат барање до Агенцијата за управување со одземен имот.
„Согласно последните измени кои што се донесени и кои што веќе се на сила, сега со измените кои што ги предложи самата Агенција, поради тоа што увидовме дека возилата пропаѓаат и на дел од нив може да се изврши продажба за оние кои што се конечно завршени постапка, меѓутоа за оние кои што се привремено одземени не беше возможна продажбата, ниту отстапувањето, па затоа предложивме нови законски измени кои што веќе од денеска стапуваат на сила. Со овие измени, до возила може да дојдат сите државни институции кои што ќе поднесат барање до Агенцијата за управување со одземени имот“, рече Илиевска.
Агенцијата на располагање има околу 1700 до 1800 возила, дел од нив се привремено, а дел конечно одземени, односно за нив целосно е завршена постапката.
„Што се однесува за привремено одземени возила, најпрво ние како Агенција треба да побараме согласност од сопственикот од којшто е одземено возилото. Доколку сопственикот не даде согласност, ние се обраќаме до органот којшто го одзел возилото и доколку добиеме согласност од сопственикот или од органот којшто го одзел возилото, ние можеме да донесеме одлука согласно барањата на институциите, тие возила да ги преотстапиме на државни институции, со тоа што, доколку е привремено, институциите кои што ќе го преземат возилото должни се да уплатат 93 отсто од вредноста на возилото, која што ќе се утврди врз база на проценка, да ги уплатат средствата во државниот Буџет, а 7 отсто од средствата да ги уплатат на Агенцијата за управување со одземен имот“, рече Илиевска.
Во случај возилото да треба да се врати на сопственикот по одреден временски период, директорката на Агенцијата појасни дека институцијата која што го презела треба да ги врати на сопственикот тие 93 отсто од вредноста на проценката, додека тие седум отсто ќе треба да ги исплати Агенцијата.
„Доколку настане случај дека тоа возило треба да се врати по одреден временски период на сопственикот, институцијата која што го презела, на која што било отстапено возилото согласно одлука на Влада, треба да ги врати на сопственикот, тие 93 отсто од вредноста на проценката, а оние 7 отсто ќе треба да ги исплати Агенцијата на самиот сопственик. Сето тоа го предложивме за оваа категорија на возила, поради тоа што постапките од одземање до конечно завршување траат премногу долго. Значи имаме пресуди за возила кои што се по различни основи, дали се одземени по основ на убиство, носење на дрога, по основ на мигранти или икс други причини и поради тоа постапката оди доста долго“, рече Илиевска.
Илиевска истакнува дека Агенцијата нема соодветни услови за чување на возилата и тие со години стојат на нивните плацеви на отворено.
Иран вели дека „нема конкретен датум“ за нуклеарните разговори со САД

Иран соопшти дека „нема конкретен датум“ за состанок со Соединетите Држави за нуклеарната програма на Техеран, по војната со Израел што ги попречи преговорите.
„Засега, не е утврден конкретен датум, време или локација во врска со ова прашање“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Есмаил Бакаеи, за плановите за состанок меѓу највисокиот дипломат на Иран, Абас Арагчи и американскиот претставник Стив Виткоф.
Арагчи и Виткоф се состанаа почнувајќи од април, без да склучат договор по пет рунди разговори на највисоко ниво меѓу нивните две земји откако Вашингтон во 2018 година го напушти значајниот нуклеарен договор.
Преговорите со посредство на Оман беа прекинати откако Израел започна изненадувачки напади врз нуклеарните постројки на Иран на 13 јуни, започнувајќи 12-дневна војна во која подоцна се приклучија и САД.
„Ние бевме сериозни во дипломатијата и во процесот на преговори, влеговме со добра волја, но како што сите беа сведоци, пред шестата рунда, ционистичкиот режим, во координација со САД, изврши воена агресија против Иран“, рече Бакаеи.
Израел и западните земји го обвинуваат Иран дека се стреми кон нуклеарно оружје, обвинение што Техеран постојано го негира.
Иако е единствената ненуклеарна сила што збогатува ураниум до чистота од 60 проценти, блиску до нивото потребно за боева глава, Меѓународната агенција за атомска енергија, соопшти дека нема индикации дека Иран работи на вооружување на своите залихи.
Израелската офанзива минатиот месец, за која рече дека имала за цел да спречи нуклеарна закана од Исламската република, уби нуклеарни научници и високо рангирани воени офицери, а погоди и воени, нуклеарни и други објекти и станбени области.
Соединетите Држави започнаа серија напади врз нуклеарната програма на Иран на 22 јуни, погодувајќи го објектот за збогатување ураниум во Фордо, во покраината Ком јужно од Техеран, како и нуклеарните објекти во Исфахан и Натанц.
Обемот на штетата од нападите останува непознат, а Бакаеи рече дека „сè уште е под истрага“.
Иран одговори со ракетни и беспилотни напади врз Израел и нападна американска база во Катар како одмазда за нападите на Вашингтон.
Мицкоски: Преговорите со коалициските партнери се одвиваат во одлична насока

Преговорите со коалициските партнери се во тек и се движат во одлична насока, изјави премиерот Христијан Мицкоски по денешниот настан во Царинската управа, одговорајќи на новинарско прашање до каде се преговорите со ЗНАМ и можноста за заеднички кандидати во некои општини на претстојните локални избори.
„Преговорите со политичките партии се во тек. Сите политички партии кои се дел од нашата внатрешна коалиција се приоритет и тие се во тек, се разговара. Очекувам коалицијата да биде потврдена, а потоа ќе продолжат преговорите со владините партнери. Во овој момент мислам дека се движат во одлична насока“, рече Мицкоски.
Прашан дали се водат преговори за заеднички кандидати во Центар и Куманово, тој одговори дека кога ќе има повеќе детали ќе излезат во јавноста со информација.
Инаку за повеќе од половина општини во земјава, познат е барем по еден кандидат за локалните избори. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ заедно објавија 70 имиња.
Партиите на власт ќе соработуваат во некои општини.
Првиот круг од гласањето веројатно ќе се одржи на 19 октомври, како што најави премиерот Христијан Мицкоски. Неговата партија, ВМРО-ДПМНЕ досега објави најмногу кандидати – 40. Потоа, опозициската СДСМ – 30, а по еден кандидат потврдија и ЗНАМ и крилото на Арбен Таравари од Алијанса за Албанците.
Дополнително, уште двајца независни кандидати официјално најавија кандидатури. Тоа се в.д. градоначалникот, кој беше независен советник, Венко Крстевски за Кочани и бизнисменот Менди Ќура кој ќе се бори за градоначалничката функција во Струга.
На саемот во Нови Сад полагање испити со полициски кордон и протест на студентите во блокада

Студентите кои го блокираа Правниот факултет во Нови Сад организираа собир пред новосадскиот саем, со цел да го спречат одржувањето на најавениот испит пред зградата на факултетот во кој има приватно обезбедување и полициски кордон.
Студентите и граѓаните кои се собраа на нивниот повик во понеделник, 14 јули, блокираа еден влез, додека професорите и оние кои дојдоа да полагаат испити влегоа низ другите, кои беа отворени.
Припадници на полициската интервентна единица во опрема за растурање на демонстрациите беа распоредени на неколку влезови.
Обезбедувањето на новосадскиот саем им забрани на новинарите да влезат во просториите каде што се одржуваа испитите.
Студентите што го блокираа Правниот факултет претходно изјавија дека не сакаат да полагаат испити со приватно обезбедување и дека сакаат да го одбранат интегритетот на својот факултет.
Тие му рекоа на менаџментот на нивниот факултет дека не сакаат да „глумат нормалност“ и дека нивната борба сè уште трае.
Од декември 2024 година, студентите ја блокираат работата на државните факултети низ целата земја.
Тие бараат, пред сè, утврдување на политичка и кривична одговорност за смртта на 16 лица при падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, како и распишување вонредни парламентарни избори.
Смртта на луѓе во Нови Сад предизвика бран протести предводени од студенти во земјата.
Демонстрациите станаа симбол на пошироко незадоволство од владеењето на правото во Србија - заедно со прашањето дали небрежноста и корупцијата на системот довеле до несреќата во Нови Сад.
Најмалку 37 загинати во вооружени судири меѓу Друзи и бедуини во сирискиот град Свеида

Најмалку 30 лица се убиени, а стотина се повредени во конфликт меѓу локалните воени групи и племиња во сириската покраина Свеиди, каде што живеат мнозинството друзи, соопшти Министерството за внатрешни работи на таа земја.
Сириските власти објавија дека испратиле сили за директна интервенција за запирање на конфликтот на југот од земјата, во близина на границата со Јордан, пренесува Ројтерс.
Сириската опсерваторија за човекови права (SOHR) наведува дека во конфликтот меѓу бедуинските племиња и локалните борци загинале најмалку 37 лица.
Гувернерот на покраината, Мустафа ал-Бакур, и неколку друзски лидери ги повикаа жителите на воздржаност и побараа интервенција од централната влада.
Свеида, покраина со население од околу 700 000 жители, е дом на најголемата заедница на Друзи, етничко-религиозно малцинство кое потекнува од исмаилитското движење на шиитскиот ислам.
Најновото насилство доаѓа по бран киднапирања, вклучувајќи го и киднапирањето на трговец од племето Друзи во петокот на автопатот помеѓу Свеида и сирискиот главен град Дамаск.
Поради немирите, испитите за средно училиште во Свеида, кои требаше да се одржат во понеделник, беа откажани. Покрај тоа, автопатот Дамаск-Свеида е затворен.
Секташкото насилство меѓу бедуинските и друзските фракции периодично се разгорува во Свеида, во услови на долготраен конфликт меѓу двете заедници.
Откако сирискиот лидер Башар ал-Асад беше соборен од страна на исламистичките бунтовници во декември минатата година, новата влада се бори да ја одржи безбедноста во длабоко поделената и етнички разновидна земја, потсетува Ројтерс.
Смртоносните судири во април и мај меѓу друзските милитанти и владините сили завршија со тоа што локалните и религиозните лидери се согласија да работат на ограничување на насилството и интегрирање на друзските борци во новата влада.
Стравот од секташки конфликти се зголеми и откако стотици членови на алавитската заедница, на која ѝ припаѓаше Асад, беа убиени во март.
По една недела уште гори кај селото Николиќ во Дојран, активни се уште четири пожари

Пет пожари и утринава (14 јули) се активни на територијата на државата, се вели во извештајот на Центарот за управување со кризи (ЦУК).
До 7 часот утрово, сè уште е активен пожарот кај селото Николиќ во општина Дојран каде што повеќе од една недела гори нискостеблеста шума.
Противпожарните екипи и понатаму водат битка со пожарот кај селото Горњани во општина Чучер Сандево, како и со огнените стихии меѓу селата Џидимирци и Крушје во Велешко, на територијата на Македонски Брод, меѓу селата Црешево, Локвица, Крапа и Слатина и во населбата Три Багреми во општина Прилеп.
Во изминатото деноноќие, според ЦУК се изгаснати 19 пожари на повеќе локации на територијата на државата, меѓу кои дел и на териториите на скопските општини Гази Баба и Шуто Оризари, каде покрај ниска вегетација и нискостебелеста шума, горел е отпад на отворено.
Изгаснати пожари во изминатите 24 часа има и во Прилеп, Ресен, Охрид, Виница, Куманово, Крива Паланка, Ранковце, Тетово и Гостивар.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов вчера изјави дека најзагрижувачки е пожарот кај селото Николиќ во Дојранско кој се одвива повеќе од една недела, а сериозни се огнените стихии во атарот на село Локвица во општина Македонски Брод и кај велешкото село Крушје, кој според Ангелов, се заканува да прерасне во голем пожар.
Макрон: Слободата никогаш не била толку загрозена како сега

Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа (13 јули), во предвечерието на Денот на Бастилја, изјави дека „слободата никогаш не била толку загрозена“ од крајот на Втората светска војна во 1945 година како што е сега и „никогаш мирот на европскиот континент не зависел толку многу од непосредните одлуки“.
„Живееме во момент на превирања. Одамна ја разбравме нивната неизбежност. Никогаш порано мирот на нашиот континент не зависел толку многу од нашите непосредни одлуки“, рече Макрон во своето традиционално обраќање до вооружените сили пред Денот на Бастилја.
Меѓународниот поредок воспоставен по Втората светска војна е сè повеќе оспорен и ослабен, и „бидејќи повеќе нема правила, преовладува законот на најсилниот. Франција треба „да се соочи со толку многу предизвици за да остане слободна, господар на сопствената судбина“, додаде тој.
Макрон во обраќањето до армијата рече дека сака да го зголеми планираниот буџет за одбрана со уште 3,5 милијарди евра во 2026 година, а потоа уште три милијарди евра во 2027 година, така што буџетот за одбрана ќе се удвои за време на неговите два мандата.
Во Франција, националниот празник, Денот на Бастилја, ќе биде одбележан денеска (14 јули) со традиционална воена парада на авенијата Шанзелизе, во Париз, објавија локалните медиуми, додавајќи дека парадата ќе се одржи во светлината на зголемените безбедносни мерки поради нестабилноста во светот.
Празникот се слави во чест на падот на Бастилја, озлогласената париска тврдина-затвор, на 14 јули 1789 година. Тоа беше еден од клучните моменти на Француската револуција.
Падот на Бастилја е симбол на единството на нацијата и крајот на апсолутистичката монархија. После тоа, на 26 август 1789 година, беше усвоена Декларацијата за човекови и граѓански права. Таа декларација подоцна ги воспостави француските национални вредности - слобода, еднаквост и братство.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете