Владината шкода со службениот возач и овој понеделник го чекаше Министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите, Шабан Салиу пред судот додека тој се пријавуваше дека не е побегнат.
Радио Слободна Европа го фотографираше службеното возило пред судската зграда од кое излезе и во кое влезе министерот за кој има мерки за претпазливост, да се јавува еднаш неделно во судот.
Тој е опфатен со обвинението за случајот со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, но како директор на Дирекцијата за заштита и спасување, функција на која беше во периодот од 2008 до 2017 година.
Обвинителството го товари за Тешки дела против општата сигурност исто како и останатите 34 ца обвинети, а обвинението се уште е во фаза на оценка во Кривичниот суд.
РСЕ го праша Министерот зошто со службено возило доаѓа да се пријави во суд кога тоа е негова приватна работа, а тој кусо одговори:
„Па јас сум на работа, од каде знаете за што доаѓам во судот?“, рече Салиу.
Тој не сакаше да даде официјална изјава за РСЕ бидејќи како што рече се наоѓаме на улица.
Радио Слободна Европа испрати и прашања до него на официјалниот е-маил објавен на интернет порталот на Владата, но до објавувањето на текстот одговор не доби.
Од Владата за РСЕ велат дека за сите функционери, важат истите правила и процедури во однос на користењето на службените ресурси.
„Секое користење на службено возило треба да биде во согласност со пропишаните процедури, транспарентно и со јасна намена поврзана со извршување на службените обврски“, се вели во одговорот од Владата.
Инаку ова не е прв пат Салиу да се пријавува во суд доаѓајќи со службеното возило кое го чека неколку минути додека службите го евидетираат, паркирано на автобуската станица пред судот. И минатиот понеделник тој исто така, дојде со истото возило за што РСЕ поседува фотографии.
Министерот без ресор Шабан Салиу, доаѓа во Кривичен суд - Скопје со истата шкода и на фотографии од 21.05.2025
Од судот потврдуваат дека Салиу се јавува редовно
Од Кривичниот суд во Скопје за РСЕ потврдуваат дека Салиу мерката за претпазливост ја исполнува два пати во неделата и тоа во понеделник и петок. Таа му е определена откако Апелациониот суд во Штип му го укина притворот а тој се жалеше на ефективниот притвор каде помина еден месец откако беше приведен како осомничен.
„Согласно решението од претходна постапка за определување мерки за
претпазливост, лицето е должно секој понеделник и петок да се јавува на
овластено лице во судот, и согласно проверките редовно се јавува на
обврската“, велат во одговорот од судот.
На новинарско прашање за неговата инволвираност во случајот, како поранешен функционер кој е опфатен со истрагата, Салиу претходно за медиумите одговори дека не чувствува никаква одговорност и дека никој не е виновен додека не се докаже неговата вина.
„Апсолутно не чувствувам одговорност. Верувам во нашата држава, во системот и правосудните органи. Со срце и душа тврдам дека немам вина. Оставам на совеста на државата да одлучи “, рече Салиу (05.06.2025 година).
Обвинителот Љупчо Коцевски претходно за сомнежите во делот за обвинетите од ДЗС рече дека со своето неизвршување на должностите вработените во институцијата и директорите, спротивно на јавниот интерес, во целост го нарушиле системот за заштита и спасување.
„Со тоа во континуитет ги изложиле граѓаните на опасност од непроверени и контролирани објекти од аспект на исполнувањето на потребните законски услови за безбедност, заштита од пожари и опасност по нивното здравје и живот“, рече Коцевски (13.04.2025).
Видете и ова: Обвинение против 34 лица за катастрофалниот пожар во КочаниОбвинението за пожарот во кој загинаа 62 млади луѓе, а уште 200 беа повредени обвинителството го поднесе на 13 јуни.После неколку денови ОЈО Скопје ја доби надлежноста поради обемноста на случајот.
Во судот во Скопје пристигна на почетокот на јули, но се уште нема оценка на обвинението напишано на 160 страници.
Од судот на реакциите дека предолго трае оценката одговорија дека „правдата мора да биде брза, но не избрзана“.
Сега извори од судот за РСЕ потврдуваат дека оценката на обвинението не може да се очекува пред 4 август поради недостаток на судии.
Пропадна тендерот за таблици за службените возила, МВР најде решение
Министерството за внатрешни работи минатиот месец распиша оглас во кој бара фирма за да се изработат регистарски таблици во црвено-жолта боја за службените возила. На овој начин државата сака да воведе контрола со злоупотребите на возилата од функционерите кои според етичкиот кодекс не би смееле да ги користат за службени цели.
На огласот се пријавила само една фирма, но во одговорот за РСЕ од МВР велат дека таа не ги исполнувала условите. И покрај тоа што трае жалбената постапка МВР одлучило дека овие таблици ќе ги изработува фирмата која и до сега е ангажирана со рамковна спогодба и која ги изработува сите регистрации за Северна Македонија.
„Постапката за набавка на регистарски таблици во боја наменети за службени возила е завршена и донесена е Одлука за поништување на постапката согласно одредбите од Законот за јавни набавки, за што тече период на жалба. Испорака на таблици во боја наменети за службени возила, ќе има согласно одредбите од тековната Рамковната спогодба со економскиот оператор Квантум - Скопје и склучениот договор за нарачка во законски утврдените рокови“, се вели во одговорот на МВР.
Видете и ова: Црвено - жолти таблички за службени возила - реална или фиктивна борба против злоупотребиИнаку од Владата велат дека целта на воведувањето „обоени“ таблички е за да се олесни контролирањето на употребата на службените возила и нивната злоупотреба. Директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски најави дека по воведувањето претставки од граѓани ќе може да се пишуваат до СОЗР која јавно ќе ги објавува „престапниците“.
„Податоците ќе бидат јавни па и вие медиумите ќе можете да ги објавувате. Токму вие би требало да го поздравите воведувањето на оваа пракса“, рече Томовски (03.07.2025 година).
Сепак и за него не беше ништо спорно ако функционерите си ги носат на пример децата во градинка со службено возило, бидејќи тој злоупотреба гледа кога се во повисоки приватни и партиски цели.
Предлогот за овој начин на контрола го даде поранешниот состав на Комисијата за спречување на корупција. Очекувањата беа дека црвено-жолтите таблички ќе се закачат на возилата пред изборите, а сега од МВР велат дека веќе почнала нивната набавка.
Медиумите објавуваат и други случаи на можна злоупотреба
Во антикорупциската комисија од минатогодишните избори пристигнала само една претставка за сомнеж за злоупотреба на службено возило за партиски цели и по неа не е одлучено. Медиумите пак веќе почнаа да објавуваат неколку случаи на злоупотреба на возилата од страна на актуелни функционери, деновиве.
Последниот случај беше кога интернет порталот 360 степени објави фотографии од неколку службени возила пред седиштето на владејачката партија „Вреди“ доцна навечер на 15 јули 2025 година.
Видете и ова: Ознаката НМК ќе ги чини граѓаните 11 милиони евраПорталот доби потврда дека тоа се возилата на вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџети и вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи кои биле на состанок во врска со владини политики.
Еден од лидерите на Вреди, Биљал Касами, пак рече дека неговите сопартијци можеби биле на средба како владини функционери, затоа што на евентуална партиска средба би бил присутен и самиот тој.
Денеска премиерот Христијан Мицковски рече дека како Влада работат до доцна навечер и неговите колеги сигурно биле на состанок за работи поврзани со Владата, но ако не биле и ги користеле за приватни и партиски цели да им се извинат на граѓаните.