Малкумина на број, без државни пари и партиска војска зад нив, независни општински советници велат дека се сардисани на изборниот фронт од моќните и богати партии. Според нив, нерамноправната битка за советничко место во општините меѓу партиите и граѓанските иницијативи се гледа во проблематичниот праг за влез на изборни листи.
Независните советници додаваат дека граѓанските иницијативи на гласачките ливчиња немаа право да го користат името на иницијативата по која би биле препознаени, туку мора да го користат името и презимето на носителот на листата. Предност на партиите во избори е и финансирањето од државниот буџет на изборната кампања, што како право не им следува на граѓанските иницијативи.
Пратениците од владејачкото мнозинство не се согласуваат со обвинувањата за дискриминација, велат дека прагот е неопходен за да им даде политички легитимитет.
Битката на независните советници за понизок праг за кандидирање на изборите трае една година, кога беше воведен праг за потписи од еден процент од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за кандидати за градоначалник или советници во општините или пак за пратеници во Собранието. Но, со последната одлука на Уставниот суд, со кој се укинаа членовите од изборниот закон се отвори дилемата дали воопшто ќе може да кандидираат без определен праг.
Независните побараа автентично толкување кое се уште не е ставено на дневен ред во Собранието, а пратениците од власта и опозицијата предложија повисок праг од тој укинатиот од Уставен суд. Со други зборови предлогот е речиси двојно повисок од претходниот што го укина Уставниот суд.
Зелен хуман град станува партија
Една од деветте граѓански иницијативи „Зелен Хуман град“ реши да не чека правна разрешница и да стане партија. Оваа иницијатива која брои двајца советници во Градот Скопје со тоа ќе ја избегне можноста за собирања на 3500 потписи колку што е предвидено во новите предлог измени на Изборниот законик. За споредба за формирање на партија потребни се само илјада потписи.
„Дали сакаме партија? Не, воопшто. Но уште помалку сакаме сега да се повлечеме, кога партиите се обидуваат насилно и на секој начин да нè спречат. Мора да ја продолжиме битката зад која застанаа 10.000 скопјани на последните локални избори“,се вели во нивната последна објава на 22 јули на социјалната платформа Фејсбук.
Според нивното толкување, во моментов немаат алтернатива затоа што, како што велат, или ќе станат партија или ќе треба да кренат бело знаменце.
Видете и ова: Јовановски: Како независни очекуваме подобри резултати на изборитеГраѓанските иницијативи како скопските „Шанса за Центар“, „Независни за Карпош“, „Зелените“ од Гази Баба, битолската граѓанска листа „Поинаку“, струмичката „Стига е“ и тетовската „Подобро за Тетово “ се дел од граѓанскиот обид да се направат измени во функционирањето на општините преку Советите.
На локалните избори 2021, независни кандидати добија советничко место во 41% од сите општини во Македонија и Град Скопје со освоени вкупно над 56.000 гласови.
„Картелот од 4 политички партии, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ЗНАМ и ВЛЕН најверојатно од страв од интегритетот кој го покажаа граѓанските иницијативи се обидува да ги елиминира од советите во општините постоечките, но и сите други кои би се обиделе да се кандидираат на претстојните избори,“ вели советникот од Шанса за Центар, Јане Димески.
Последните предложени измени на изборниот законик кои до Собранието во скратена постапка ги поднесоа пратениците од власта и опозицијата предвидуваат речиси двојно зголемување на прагот за потписи од членот на законот што го укина Уставниот суд.
За општината Битола која брои 88 илјади гласачи, од претхо потребните 350 потписи со новиот предлог закон се предвидени 900 потписи. За Струмица која на минатите избори броела 49 илјади гласачи, потребни се најмалку 500 потписи. Според пратениците од владејачкото мнозинство поставувањето на ваквиот праг е во интерес на легитимитет на избраниците.
Што вели власта?
„Мислам дека за да може да има некој легитимитет и да учествува на политичката сцена, мора да добие првична поддршка. Во Законот стои дека до 10.000 гласови треба да имаат 100 потписи, што е минимален праг, и под тој праг, навистина е чудно како сака некој да учествува во работата на Совет ако не може да добие 100 потписи од 10.000 жители“, вели еден од подносителите на законските измени Ѓорѓија Сајкоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој очекува измените на изборниот законик да добијат широка поддршка и да поминат во Собрание пред локалните избори.
Видете и ова: Гаши: Прашањето за учество на независните кандидати на изборите ќе мора да се решиНо, Сајкоски не се согласува со ставот на независните советници дека во изборите тие настапуваат со нерамноправни демократски орудија во однос на политичките партии.
„И независните кандидати или претставници на невладини организации, сега што имаат свои барања, сакаат да бидат дел од политичката сцена во Македонија.И стануваат политички сегмент, не се независни“, вели тој.
Димески, пак смета дека искуството на партиите со независните советници е до толку непријатно што за пратениците е поприфатливо да изгласаат предлог закон кој е спротивен на препораките на ОБСЕ и ОДИХР, Венецијанската комисија, а воедно е и неуставен.
„Така доаѓаме до апсурдна ситуација во која ако граѓанска листа сака да се кандидира за Скопје треба да собере за само 15 дена во канцелариите на ДИК потписи со кои за споредба би можеле да се формираат на национално ниво 3,5 политички партии“, вели Димески.
Неговата колешка од Битола, претседателската на советот на општината Габриела Илиевска од иницијативата „Поинаку“ смета се оставени во милост и немилост на пратениците.
„Замислете, ние сме донесени во ситуација да зависиме од партиите кои земаат наши пари за кампања, кои користат пари од буџетот за нивна промоција, на нивните кандидати. Ние ги молиме да излеземе како независници и притоа не земаме ни еден денар од буџетот за да водиме кампања. Сметам дека оваа дискриминаторска политика во нашата држава треба да застане“, вели таа.
Видете и ова: Изборната трка почна предвреме: Министри и градоначалници на теренПолитичките партии годинава во мај годинава поделија 7 милиони евра од државната каса, голем дел од трошоците за изборните кампањи им се покриени од државниот буџет. Дополнително партија основана со илјада потписи доволно е да добие и сто гласа на избори за да влезе во списокот на партии финансирани од државниот буџет.
На 12 јуни здружените пратениците од власта и опозицијата во Собранието по трет пат се обидоа да го зголемат прагот за потписи за учество на изборни листи. Претходно со измените на изборниот законик во 2024 година беше предвидено покачување на изборниот праг кој Уставен суд годинава го укина.
Таков обид имаа и во 2021 година кога бараа измени со кои требаше да собираат 10.000 потписи за да се стекнат независните со право за кандидитура за Совет на Град Скопје. Тогаш тоа барање не помина во Собранието.