Достапни линкови

Закони има и се носат, ама без политичка волја нема непартиска администрација


Вработени во државна администрација (илустрација).
Вработени во државна администрација (илустрација).

Новите закони за администрацијата се донесени и сега ќе се чека да ги дадат првите резултати. Власта ветува реформа додека констатира дека 40% од административците ништо не работат. Синдикатите велат проблем се партиските и роднинските вработувања, а недостигаат стручни работници. Ќе се промени ли состојбата со новите закони?

Закони за јавната администрација во Северна Македонија имало и ќе има, а за да нема партискo и роднинскo вработување треба да има и политичка волја, децидни се и синдикалците и експертите откако беше донесен новиот пакет закони што, власта вели, ќе овозможи ефикасна и професионална служба во корист на граѓаните.

„И првиот закон за државни службеници од 2000-та го профилираше мерит-системот. Имаме многу закони, особени тие од 2014, со кои се бара департизација на администрацијата, професионализација итн. Но, немаше политичка волја. Сега и новите закони формално правно го гарантираат истото, но треба политичка волја. Ако ја има, тогаш може да очекуваме вистинска реформа“, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ), Борче Давитковски, пензионираниот универзитетски професор по административно правно и јавна администрација.

Кај нас главата е битна, а не опашката, додава тој.

Новите закони се однесуваат на вработените во јавниот сектор, на јавната администрација, како и на нејзино стручно усовршување и обука. Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, ги нарече „реформски“ и закони со кои ќе се стави крај на партиските вработувања и клиентелизмот.

Една од поголемите новини што тие ќе ја донесат е што ќе се формира Академија за стручно усовршување на административни службеници, со која вработените ќе подлежат на обуки и испити.

Но, за да се искорени праксата на партиски и роднински вработувања, апсолутно е потребна и политичка волја, порачува и претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски.

Предизборно вработување или реална потреба на институциите

Додека новите законски регулативи кои на хартија ветуваат реформи, се носеа во Собранието, УПОЗ реагираше дека од почетокот на годинава се објавени рекорден број огласи за вработување – 730, па вработените во Агенцијата за јавна администрација се под притисок да ги завршат процедурите пред претстојните локални избори, додека самите тие примаат плати под просечната во државата.

„Од една страна викаме треба да запрат партиски вработувања и да не се вработуваат кумови, старосвати, роднини, а од друга има веќе над 730 огласи во Агенција за администрација кои треба да завршат до распишување на избори“, вели Деаноски за РСЕ.

За Министерството за јавна администрација, пак, нема ништо спорно. Тие велат дека ги следат состојбите и забелешките на синдикатите, но новиот бран вработувања е потребен.

„Сакаме да истакнеме дека станува збор за редовни постапки кои произлегуваат од претходно утврдени годишни планови за вработување на институциите, одобрени во согласност со законската процедура“, велат за РСЕ од Министерството за јавна администрација.

Оттаму потенцираат и дека тоа што се објавени огласи не значи и автоматско вработување односно е само почеток на постапката и „процедурите за селекција траат подолг временски период и вклучуваат објективна евалуација врз основа на утврдени критериуми“.

„Неработниците“ да работат

Според последните расположливи информации во јавниот сектор во Северна Македонија вработени се околу 130.000 лица, а од нив приближно 22.000 се административни службеници на национално и локално ниво.

Но, според министерот за јавна администрација Горан Минчев, не сите работат. Давајќи отчет за една година од мандатот, тој излезе со проценка дека само 25-30% од вработените го носат товарот, околу 30% не го даваат максимумот, а дури 40 проценти од администрацијата ништо не работи или се обидува да не дојде на работа и тоа е резултат на „партиските, етничките и роднинските вработувања“.

Од УПОЗ, пак, велат никој не се запрашал зошто е тоа така и власта секогаш го вперува прстот кон друг, а не кон себе. Според синдикатот, постојат институции кои се превработени, но од друга страна недостигаат стручни работници.

„Проблем претставува што се вработуваат секогаш партиски и роднински кадри без разлика кој е на власт. И се вработуваат во институции каде има повисоки плати. Оние што се вработуваат во органи на државна управа, како што се министерствата, агенции, фондови, се најниски плати во државата и секогаш се на удар дека се неработници“, вели Деаноски за РСЕ.

„Неработниците“, надлежните очекуваат дека ќе ги вратат во процесот преку едукација, обука итн.

Според новите закони, сите административни службеници ќе мора да поминат генерички обуки за административно работење, а ќе имаат и специјализирани обуки. Колку обуки, кога и какви ќе поминуваат вработените ќе се утврдува со годинашните планови и потребите на институциите. Обука, а потоа и испит ќе имаат и сите нововработени.

Целиот процес на обуки ќе се спроведува преку новото тело Академијата за стручно усовршување, која според новите закони, ќе се формира во рамки на Министерството за јавна администрација. Во рамки на неа, ќе се ангажираат обучувачи од дома и странство, академската заедница, стопанството, судии адвокати итн.

Академија за администрација без политичко влијание?

За професорот Борче Давитковски, чекорот да се формира Академија е добар не само поради можноста за усовршување и напредок туку и за спречување влијанија.

„Во Академијата се предвидени експерти, независни стручњаци така што не би можело туку така да се влијае за унапредување на административната служба.Се тоа е во функција да се зголеми квалитетот на вработените во јавниот сектор, секако ако се почитува тој закон како што треба, бргу ќе ги видиме и резултатите“, вели Давитковски.

Редовните обуките, кои ги немало изминатите шест-седум години, се неопходни, вели и првиот човек на УПОЗ. Пред сè, нагласува Деаноски, тие се важни за измените на законите кои се носат, а од кои зависи услугата на администрацијата кон граѓаните.

„Се носат и се штанцаат закони на секои пет минути, дури имаме и институции кои немаат пристап до Службен весник ниту до тие закони, а се очекува од вработените тие закони сами да ги учат и познаваат без да имаат какви било обуки“, вели Деаноски.

Тој е уверен дека бројката од 40% неработници не е точна, но вели, и хипотетички да е така, само Академијата нема да придонесе тие да почнат да работат туку е потребно и зголемување на платите и наградување за вработените да бидат мотивирани.

Новиот пакет закони деновиве треба да влезе во сила, а ќе почне да се применува дури од 1 јануари 2027 година. Од Министерството за јавна администрација објаснуваат дека, на пример, формирањето на Академијата е сложен процес кој бара доволно време за да се направи организациски и оперативен план, програми за обуки, избор на обучувачи итн. Дополнителниот, целиот процес го пролонгираат и локалните избори што треба да се распишат на почетокот на август, а да се одржат во октомври.

Во следниот период, од овој сектор се очекува и нов пакет закони кои ќе ги опфатат високата раководна служба, системот на плати во јавниот сектор, како и организацијата и работата на органите на државата управа.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG