Достапни линкови

Вести

ОН: Милиони може да умрат ако не бидеме солидарни

Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш,
Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш,

Милиони луѓе би можеле да умрат од новиот коронавирус, особено во сиромашните земји, доколку не им се помогне, предупреди денеска генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, апелирајќи за координиран глобален одговор на пандемијата.

„Ако дозволиме вирусот да се шири како шумски пожар - особено во најранливите региони во светот - тоа би убило милиони луѓе“, рече Гутереш кој дополни дека „глобалната солидарност не е само морален императив, туку дека таа е во интерес на сите“.

Гутереш истакна дека има потреба од координиран глобален одговор за да се спречи „здравствена катастрофа“, во која веќе починаа 9000 луѓе, а заразени се над 217.500 ширум светот.

„Богатите држави не треба да бидат убедени дека треба да се справат само со сопствените граѓани. Мојот многу силен апел до Г20 е да имаат посебна загриженост за африканските земји и другите земји во развој" изјави Гутереш.

Во однос на поддршката за глобалната економија, Гутереш рече дека фокусот треба да биде на помагање на најранливите: работници со ниски приходи и мали и средни бизниси.

„Тоа значи поддршка на плати, осигурување, социјална заштита, спречување на банкрот и губење на работни места“, рече тој.

Потребни се финансиски средства за поддршка на земјите во неволја, рече тој, додавајќи дека ММФ, Светската банка и другите меѓународни институции имаат клучна улога.

види ги сите денешни вести

Претседателката Сиљановска-Давкова за утре ја свика втората седница на Советот за безбедност

Гордана Сиљановска-Давкова / архивска фотографија
Гордана Сиљановска-Давкова / архивска фотографија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за утре напладне ја свика втората седница на Советот за безбедност.

Членови на Советот за безбедност по функција се: Африм Гаши, претседател на Собранието, Христијан Мицкоски, претседател на Владата, Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, Владо Мисајловски, министер за одбрана, Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија и тројцата членови, именувани од претседателката Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска-Јорданова и Владо Спиридонов.

Сиљановска-Давкова: Договорот со Велика Британија не е алтернатива за ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:23:48 0:00

На втората седница на Советот за безбедност, на покана на претседателката Сиљановска-Давкова ќе присуствуваат и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Конститутивната седница на Советот за безбедност се одржа на 4 ноември 2024 година.

Пожарникарите од Словенија ќе останат овде уште седум дена

Илустрација / Пожар Чучер Сандево, јули 2025
Илустрација / Пожар Чучер Сандево, јули 2025

Регистриран е пожар во општината Берово кај планината Голем Готен кон Малешевските планини, и тој е под контрола – информираше денеска (31 јули) директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али.

Тој посочи дека интервенираат специјалните возила на Дирекцијата за заштита и спасување, хеликоптер од Чешка, припадници од противпожарната единица од Берово, припадници од противпожарната единица од Словенија, како и доброволци од „Национални шуми“.

Планот на надлежните е словенечките сили да останат овде седум дена.

Директорот на дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов на денешната заедничка прес конференција со Али, изјави дека уште најмалку седум дена овде ќе остане и чешкиот хеликоптер „блек хок“.

Во однос на состојбата на Готен, тој рече дека е смирена од беровска страна, но поради чадот и маглата немаат точен увид.

„Моментално се бараат жаришта под чадот. Доколку пожарот покажува активност, бидејќи сѐ уште го водиме како контролиран, гаснењето ќе продолжи во текот на раните утрински часови. Блек-хокот е на располагање, се повлече во Скопје, но исто така на располагање го имаме и полицискиот хеликоптер, како и двата ер-трактори на Дирекцијата. Тука се, се разбира и Словенците. Нашиот план е тие да се овде на седум дена, затоа што количината на дожд е многу мала“, изјави Ангелов.

Според него, иако температурите се во опаѓање, тие сепак се повисоки од 30 степени, а како што рече, тоа значи дека вегетацијата многу бргу ќе се исуши.

„Веќе утре, ако не продолжат овие поројни и краткотрајни дождови, повторно ќе имаме лоши услови од аспект на можност за палење на пожари“, додаде Ангелов.

Одговарајќи на новинарско прашање колку хектари шума изгореле на Готен, тој рече дека точната евиденција се води во „Национални шуми“. Но како што посочи, од она кое го видел на терен, не гори целата шума.

Ние имаме цели парчиња коишто се преживеани, а на многу места пожарот е низок. Горат лисјата и другата ниска вегетација – истакна Ангелов.

Претходно, од Центарот за управување со кризи преку писмено соопштение информираа дека денеска до 13:00 часот имало пет пожари на отворен простор на територија на цела држава, од кои четири се изгаснати.

Распишан јавен оглас за нов претседател на ДКСК по оставката на Димитровска

Татјана Димитровска, архивска фотографија
Татјана Димитровска, архивска фотографија

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска (31 јули) донесе одлука за распишување јавен оглас за именување на нов претседател и член на ДКСК, по оставката на функцијата на Татјана Димитровска.

Претседателката на Антикорупциската комисија, Димитровска поднесе оставка на 25 јули, а на 29 јули македонското Собрание ја констатираше.

Оставката следеше по покренувањето на обвинение за две кривични дела: оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, обвинет во случајот „Адитив“, и за компјутерски фалсификат, бидејќи ревизор од ДЗР во нејзино име го положил тестот за сертификат за државна тајна.

Во оставката, Димитровска се повика на член 14 став 1 алинеја 1 од Законот за спречување на корупцијата, без дополнително образложение.

Престанокот на функцијата претседател или член на ДКСК е пропишан во Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, според кој, функцијата престанува пред истек на мандатот во случај – да поднесе оставка, трајно ја изгуби способноста за вршење на функцијата, што го утврдува Собранието, е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или настапи негова смрт.

Престанокот на функцијата член или претседател на ДКСК го констатира Собранието.

Гаши: Локалните избори ќе бидат распишани до крајниот датум

Африм Гаши, архивска фотографија
Африм Гаши, архивска фотографија

Локалните избори ќе се распишат до крајниот датум, во првата половина на август за да се остави простор да се пополнат испразнетите места на Народниот правобранител и на претседател на ДКСК - изјави денеска (31 јули) претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Доколку Комисијата за прашања на изборите и именувањата денеска донесе предлог одлука за избор на Народен правобранител и се постигне договор имајќи предвид дека за оваа функција е потребено гласање и со Бадинтер, Гаши, вели, би можел да свика итна седница уште денеска.

Што се однесува до Комисијата за спречување на корупција, претседателот на Собранието кажа дека денеска ќе биде распишан јавен оглас за претседател на ДКСК.

„Собранието во рок од десет дена треба да распише оглас. Ние тоа ќе го направиме денеска за да се стигнат тие рокови. И сега ќе видиме како тоа правно ќе треба да го анализираме затоа што не се одредбите до крај прецизни дали можеме во време кога се распишани избори да се направи избор или да се назначи претседател за спречување на Комисијата или пак Народен правобранител“, изјави Гаши.

Во однос на интерпелацијата на јавниот обвинител Љубомир Коцевски, првиот човек на законодавниот дом вели дека Собранието веќе се изјаснило и оти сега останува до другите органи кои треба да го слушнат овој глас на народните избраници, Владата и државниот обвинител.

Сепак, според Гаши, тоа треба да го стори и Советот на обвинители, доколку процени така.

Претседателот на Собранието, на Илинден нема да се обрати на Пелинце од здравствени причини и најави дека тоа ќе биде еден од потпретседателите на Собранието.

Пратениците од 4 до 22 август заминуваат на одмор, но Гаши потсетува дека законодавниот дом е во постојано заседание и дека доколку е потребно пратениците ќе бидат повикани на седница и за време на одморот.

Салиу: Не бев на одмор со службено возило, туку во суд

Шабан Салиу, министер без ресор
Шабан Салиу, министер без ресор

Министерот без ресор Шабан Салиу не гледа ништо спорно во тоа што во суд доаѓа со службено возило. Тој е дел од случајот кој го води обвинителството за смртта на 62 ца млади луѓе во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, и денеска пред новинарите изјави дека токму тие водат судска постапка против него.

„Се додека не бидам осуден не сум виновен. Не чувствувам никаква вина и треба да оставиме судовите да донесат одлука и да ја водат постапката, рече денеска министерот без ресор, задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, Шабан Салиу, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали чувствува вина за случајот со пожарот во дискотеката Пулс во Кочани, за кој се води истрага во која и тој е опфатен.

Обвинението за една од најголемите трагедии е веќе поднесено, но за сега не е прифатено од судот. Салиу во него е опфатен како директор на Дирекцијата за заштита и спасување, функција на која беше 9 години до 2017 та. За него се одредени мерки на претпазливост и треба да се јавува во суд во понеделник и петок, како гаранција дека нема да побегне од земјава.

Тој најави дека ќе ја докаже својата невиност.

Два понеделници по ред РСЕ го фотографираше како оваа мерка ја извршува со своето службено возило додека возачот го чека во него. За Салиу ова не е коректно однесување од новинарите.

„Не е коректно и не е фер новинарите да водат судска постапка, бидејќи има една општа презумпција на невиност. Не бев на одмор, не бев никаде, напротив во рамките на моите должности, го извршив и тоа, се пријавив.Од 8 до 17 часот сум на работа и не бев никаде надвор од државата, туку бев во судот“, посочи Салиу.

Инаку Владата пред два дена донесе одлука за сите државни возила да се обележат со црвени таблички токму за да се спречат злоупотреби за приватни цели. До 15 септември ќе треба сите возила кои се службени да бидат препознатливи, а граѓаните ќе може да пријавуваат можни злоупотреби.

Карни: Канада ќе ја признае палестинската држава во септември

Марк Карни, јули 2025
Марк Карни, јули 2025

Канада има намера да ја признае палестинската држава на состанокот на Обединетите Нации во септември – изјави вчера (30 јули) премиерот на оваа земја, Марк Карни. Со ова, дополнително се зголемува притисокот на израелската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху додека хуманитарната криза во Газа се влошува.

„Соработуваме со другите за да ја зачуваме можноста за решение за две држави, за да не дозволиме фактите на теренот - смртни случаи, населби, експропријации, да стигнат до таа точка дека тоа не е возможно", рече Карни.

Тој за новинарите изјави дека планираниот потег се темели на посветеноста на палестинската власт да спроведе реформи, вклучувајќи темелни промени во управувањето и одржување на општи избори во 2026 година, во кои ХАМАС „не може да има никаква улога".

Канада веќе долго време тврди дека ќе ја признае палестинската држава дури откако ќе завршат мировните преговори со Израел. Меѓутоа, Карни изјави дека реалноста на терен, вклучувајќи го гладот на граѓаните во Газа, значи дека „перспективите на палестинската држава буквално исчезнуваат пред нашите очи."

Меѓу причините тој ја наведе и „раширената закана од тероризмот на ХАМАС за Израел", забрзаната изградба на населби ширум Западниот Брег и Источен Ерусалим, како и гласањето во Кнесетот со кое се повикува на анексија на Западниот Брег.

„Канада го осудува фактот дека израелската влада дозволи да се случи катастрофа во Газа“, рече Карни.

Најавата пристигна по минатонеделната објава на Франција дека ќе ја признае палестинската држава и ден откако Британија изјави дека ќе го направи истото на Генералното собрание на ОН ако борбите во Газа, до тогаш не престанат.

Ваквите најави на некои од најблиските израелски сојузници одразуваат сè поголемо меѓународно незадоволство поради сериозната хуманитарна криза во Газа. Глобалната организација за следење на гладот предупреди дека во енклавата се одвива најлошиот можно сценарио на глад.

Владината канцеларија за медиуми во Газа со која управува Хамас, наведе дека израелската војска во средата во рок од три часа убила најмалку 50 луѓе, додека се обидувале да добијат храна од камионите за помош на ОН кои пристигнувале во северниот дел на Појасот Газа.

Израелското министерство за надворешни работи набргу потоа ја отфрли изјавата на канадскиот премиер.

„Промената на ставот на канадската влада во овој момент претставува награда за ХАМАС и му штети на напорот да се постигне прекин на огнот во Газа и рамка за ослободување на заложниците", соопшти министерството.

Екс државен правобранител и шефот на кабинетот на Гаши во трка за Омбудсман

Канцеларија на Народен правобранител, архивска фотографија
Канцеларија на Народен правобранител, архивска фотографија

Шеф на кабинет на собранискиот спикер, поранешен обвинител, поранешен државен правобранител, адвокати и вработени во институцијата „Народен правобранител“ се дел од 17-те кандидати за Народен Правобранител. Огласот беше распишан откако досегашниот омбдусман, Насер Зибери заврши порано затоа што замина во пензија на почетокот на месецот.

За позицијата на Зибери конкурирал актуелниот шеф на кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши, Дритон Небиу кој работи во Собранието како советник на пратенички групи од 2011. Тој е дипломиран правник и магистер за човекови права и демократија.

Меѓу пријавените е и поранешниот државен правобранител Фехми Стафа кој на таа позиција си поднесе оставка во 2022 година по „медиумската војна“ која настана меѓу поранешниот директор на Финансиската полиција, Арафат Муареми и тогаш суспендираната обвинителка за организиран криминал, Вилма Русковска.

Државното правобранителство и Муареми и обвинителите меѓусебно се обвинуваа кој е виновен што не може да му се конфискува имотот на Трансмет на бизнисменот Сеад Кочан, кој беше осуден во предметот Труст на СЈО за незаконско добивање тендер за ископ на јаглен во РЕК Битола.

Меѓу кандидатите е и колегата на Стафа, Шпенд Фидани кој изминатава година е вработен како државен правобранител за Скопје. За позицијата Омбудсман се пријавил и актуелниот заменик правобранителот од Кичево Илбер Руфати.

На списокот со 17 кандидати кој го објави Собранието се наоѓа и поранешниот обвинител Миле Арсениевски, кој од 2011 до 2022 година бил вработен во Основното јавно обвинителство Скопје.

Еден од кандидатите Николче Петковски последните десет години работел како началник за сектор за прекршоци во Министерството за внатрешни работи.

Останатите кандидати се правниците Мухамед Ходаи, Фатон Сељами и Аљбан Кардиу од Тетово, Светислав Јовановски од Куманово, Шемши Салаи од Врапчиште, Доан Сулејмановски од Прилеп, Николче Петковски од Скопје, Феузи Џафери од Гостивар, Фатмир Емрулау од с. Стрелци, Кичево, Илир Рамадани од Кичево, Емран Исмаил, Фадил Џелили.

За Народен правобранител може да биде избрано лице кое ги исполнува општите услови определени со закон за засновање на работен однос, да е државјанин на Република Северна Македонија, дипломиран правник кој има работно искуство над девет години на правни работи и чија активност е докажана во областа на заштитата на правата на граѓанинот и ужива углед за вршење на функцијата народен правобранител.

Мандатот на досегашниот Омбудсман Зибери започна во јануари 2021-ва и завршува по 4 и пол години, иако според законот треба да трае 8 години. На изборите 2020-тата, ДУИ го промовираше како кандидат за премиер -Албанец, а тогашната опозициска партија од албанскиот блок поради тоа го оспоруваше неговиот избор за Омбудсман.

Дополнително на оваа институција и недостигаат уште најмалку петмина заменици, чии мандати истекоа во изминативе три години, а пратениците од последните два пратенички состава не ги разгледаа понудените кандидати за пополнување на нивните позиции.

Во последниот извештај за 2023 и 2024 година, изготвен од европратеникот Томас Вајц е наведено дека тој со жалење констатира дека продолжува недостатокот на напредок во зајакнувањето на канцеларијата на Народниот правобранител.

Слабости во контролите во Фондот за здравствено осигурување, утврди Заводот за ревизија

Фонд за здравствено осигурување, архивска фотографија
Фонд за здравствено осигурување, архивска фотографија

Отсуство на единствен интегриран систем за упати, лекарски извештаи и фактурирање и значајни слабости во спроведувањето на контролите во здравствените установи од страна на Фондот за здравствено осигурување - утврдиле ревизорите по извршената ревизија на финансиските извештаи и усогласеноста на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија за 2023 година.

Според ревизорите, контролните активности за вршењето на здравствените услуги во здравствените установи не се соодветно воспоставени или спроведени. Поради ова, додаваат тие, не е обезбедено целосно потврдување на фактурите за извршени здравствени услуги.

- Новите вградени системски контроли во ИТ системот на Фондот за фактурираните рецепти од аптеките и постојниот мануелен начин на контрола на рецептите од аптеките не се целосни и доволно ефикасни, а системот еРецепт сѐ уште не е воспоставен, се наведува во соопштението од ДЗР.

Слабости во функционирањето на ИТ системот

Ревизорите утврдиле слабости и во функционирањето на ИТ системот на Фондот поради отсуство на ИТ стратегија, недостиг на ИТ кадар, застарена серверска структура и недоволна безбедност на ИТ системот, состојби коишто резултирале со сајбер напад во февруари 2023 година што довело до нарушено функционирање на целиот здравствен систем во државата.

-По настанатиот сајбер напад реализирани се договори за изнајмување на приватен облак за податочниот центар во Фондот, како и за услуги за системска и мрежна инфраструктура и систем за сајбер безбедност, велат од ДЗР.

Ревизорите утврдиле дека во постапката за упатување за лекување во странство на осигурените лица постојат повеќе слабости и неправилности, односно не е обезбедена соодветна правна заштита на барателите и не е воспоставена контрола и систем на следење на успешноста на лекувањето во странство, за што од страна на Фондот по овој основ се исплатени средства во износ од 311.237 илјади денари, односно околу 5 милиони евра.

-За побарувањата за дадени аванси за лекување во странство кои заклучно со 2023 година изнесуваат 300.292 илјади денари (околу 4,8 милиони евра) не се воспоставени соодветни контроли за потврдување на фактурите од странските болници и навремено затворање на дадените аванси, што доведува до континуиран пораст на истите, се посочува во соопштението.

При ревизијата утврдени се и повеќе слабости во прикажаните позиции во Билансот на состојба.

-Имено, имотно правниот статус на дел од градежните објекти и земјиштето се уште не е регулиран, нецелосно е утврдена вредноста на недвижниот имот и истиот не е целосно евидентиран во деловните книги. Обврските кон добавувачите ненавремено се евидентираат во деловните книги, што доведува до нивно нереално искажување во финансиските извештаи, истакнуваат од ДЗР.

Во делот на „нагласување на прашања за неизвесност“ ревизорите обелоденуваат повеќе состојби и тоа: отсуство на целосни информации за побарувањата по основ на неплатен придонес за здравствено осигурување, а наплатата на овие побарувања кои настанале заклучно со 2008 година е неизвесна.

Понатаму, постоење неизвесност за крајниот исход на судските постапки во кои Фондот се јавува како тужена страна во земјата во износ од 317.924 илјади денари и во странство во износ од 25.627 илјади денари, како и тужител со вкупна вредност од 67.996 илјади денари, референтните цени за здравствени услуги кои паѓаат на товар на Фондот не се ажурирани и не ги одразуваат реалните трошоци и придонесот за задолжително здравствено осигурување за граѓаните кои не се здравствено осигурени по ниеден основ не е целосно исплатен од страна на Министерството за здравство, односно салдото на неисплатениот придонес на крајот на 2024 изнесува 2.136.300 илјади денари.

Клучни ревизорски прашања

Во делот „клучни ревизорски прашања“ се известува за начинот на плаќање на извршените услуги на здравствените установи, укажувајќи дека не е обезбедено вистинско купување на услуги предвидено со Законот за здравственото осигурување.

Имено, како што посочуваат од ДЗР, Фондот во рамки на утврдениот буџет, наместо да ги надоместува извршените здравствени услуги е принуден да обезбеди средства за целосно функционирање на сите јавни здравствени установи, при што 2/3, односно 77 jавни здравствени институции имаат статус на неодржливи, поради реализиран значајно помал обем на услуги во однос на договорениот надоместок.

Во делот „останати прашања“, според ревизорите, се известува за Листата на лекови на товар на Фондот која не е ажурирана од 2014 година согласно новата Методологија, во 2024 година е дополнета со само осум лека.

Најмалку 8 мртви, десетици повредени во руските напади врз станбена зона во Киев

Украинската премиерка Јулија Свириденко, во центар, и министерот за внатрешни работи Игор Клименко, десно, го посетуваат местото на повеќекатна станбена зграда уништена од руски ракетен напад во Киев, Украина, четврток, 31 јули 2025 година.
Украинската премиерка Јулија Свириденко, во центар, и министерот за внатрешни работи Игор Клименко, десно, го посетуваат местото на повеќекатна станбена зграда уништена од руски ракетен напад во Киев, Украина, четврток, 31 јули 2025 година.

Најмалку 8 лица загинаа, а 52 се повредени - вклучувајќи девет деца во Киев по рускиот напад со ракети и беспилотни летала во текот на ноќта, според шефот на воената администрација на градот.

„Киев претрпе последици од комбиниран руски напад на повеќе од 27 локации“, рече Тимур Ткаченко на 31 јули. „Областа Соломјански беше силно погодена, заедно со Свјатошински, Шевченковски и Холосиевски“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека луѓето се заробени под урнатините.
„Киев. Ракетен удар. Директен удар врз станбена зграда. Луѓето се под урнатините. Сите служби за итни случаи се на лице место. Руски терористи“, објави тој на Телеграм.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха го нарече „ужасно утро во Киев“, велејќи дека руските напади уништиле станбени згради, оштетиле училишта и болници, а цивилите останале мртви, ранети и заробени под урнатините. Тој повика дека е „време да се натера [рускиот претседател Владимир Путин] да ги почувствува последиците“ и да се изврши максимален притисок врз Москва.

Рускиот напад дојде по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој рече дека е „многу разочаран“ од Путин затоа што одбил да ја заврши војната и дека ќе го скрати претходно објавениот рок од 50 дена за рускиот лидер да постигне договор за прекин на огнот.
Трамп рече дека новиот рок за Русија започнува на 29 јули и сега ќе биде само 10 дена или ќе воведе тарифи и други мерки за Москва.

Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, даде краток одговор на рокот од 10-12 дена на 29 јули, велејќи дека Кремљ „ги забележал“ коментарите на Трамп без да образложува.

Трамп покажа знаци на растечка фрустрација од одбивањето на Путин да се согласи на прекин на огнот, додека во исто време Русија ја напаѓа Украина речиси секоја ноќ со напади со беспилотни летала и ракети.

Во меѓувреме, вооружената и помалубројна армија на Украина се соочува и со притисок на терен, бидејќи руските сили прават нови напори да ги потиснат украинските бранители по фронтовската линија долга 1.000 километри на истокот од земјата.

Украина се подготвува за нови протести против корупцијата

Демонстрантит против законот со кој се укинува независноста на антикорупциските агенции НАБУ и САПО, во Киев на 24 јули 2025 година, во услови на руска инвазија на Украина
Демонстрантит против законот со кој се укинува независноста на антикорупциските агенции НАБУ и САПО, во Киев на 24 јули 2025 година, во услови на руска инвазија на Украина

Украинците повторно ќе излезат на улиците на 30 јули за да продолжат да вршат притисок врз владата, еден ден пред пратениците да разгледаат закон со цел враќање на независноста на две антикорупциски агенции.

Оригиналниот закон, кој беше донесен на 22 јули, беше критикуван за одземање на автономијата на Националното биро за борба против корупција на Украина и Специјализираната канцеларија за борба против корупција со тоа што ѝ даде на Канцеларијата на генералниот обвинител контрола врз агенциите.

Претседателот Володимир Зеленски, кој го потпиша законот, рече дека овој потег е потребен за да се ослободат агенциите од руското влијание кое долго време ги правеше ранливи на корупција.

Но, ограничувањата на нивната независност ги налутија Украинците, кои веднаш започнаа јавни протести иако руски ракети и беспилотни летала паднаа врз Киев и други градови само неколку часа претходно.

Еден ден подоцна, Зеленски направи пресврт и предложи новиот закон да се усвои на 31 јули, велејќи дека го слушнал гласот на народот и дека новиот закон сè уште ќе ги реши загриженостите за руското влијание, но нема да ја загрози независноста на антикорупциското тело.

„Украинците покажаа дека не сакаат слабеење на реформите и враќање кон автократските методи“, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) Олексиј Харан, професор по политички науки на Националниот универзитет Киев-Мохла, додавајќи дека нема да им биде лесно на политичарите да ја вратат довербата по превирањата предизвикани од законот.

Протестите доаѓаат во време кога Украина очекува САД и другите западни сојузници да извршат притисок врз Русија за мировни преговори за да се стави крај на повеќе од тригодишната војна што следеше по тоталната инвазија на Москва.

Длабоко вкоренетата корупција во Украина ја еродираше поддршката за Киев во некои кругови, и останува да се види како американскиот претседател Доналд Трамп ќе реагира на превирањата.

На 30 јули, Трамп го предупреди рускиот претседател Владимир Путин дека има 10 дена да постигне напредок во преговорите за прекин на огнот или ќе воведе тарифи и други мерки врз Москва.

Трамп покажа знаци на растечка фрустрација од одбивањето на Путин да се согласи на прекин на огнот, додека истовремено ја напаѓа Украина речиси секоја ноќ со напади со беспилотни летала и ракети.

Во меѓувреме, украинската армија, ослабена и ослабена, се соочува и со притисок на терен, бидејќи руските сили вложуваат обновени напори да ги потиснат украинските бранители по должината на фронтовската линија од 1.000 километри во источниот дел на опколената земја.

Украинскиот политиколог Володимир Фесенко изјави дека парламентот мора да одобри нов закон против корупција или ќе се соочи со уште полоши последици.

„Мислам дека претседателската канцеларија и огромното мнозинство членови на парламентот разбираат дека ако претседателскиот закон, кој ја враќа процедуралната независност на NABU и SAPO, не успее, последиците ќе бидат многу потешки од оние по оригиналниот закон, кој ја предизвика оваа криза“, изјави тој за РСЕ.

Покрај тоа, со оглед на тоа што на Украина ѝ е потребна американска воена помош во војната против Русија, Киев не може да си дозволи криза поради корупција.

„Клучно е испораката на оружје. Очекувам дека, со новите воени пакети за Украина, испораките на оружје можат да се зголемат за 10 дена“, рече тој, осврнувајќи се на новиот десетдневен рок на Трамп за Русија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG