Достапни линкови

Ангелов „сонува“ за елитна единица, со пожарите се бори со воени возила и доброволци


Ангелов: Детектирав многу корупција во ДЗС, може да завршат во затвор
please wait

No media source currently available

0:00 0:18:00 0:00

Додека пожари беснеат во земјава директорот на ДЗС Стојанче Ангелов смета дека добро се справуваат со нив. Наместо интервентна единица тој доби пренаменети оклопни возила и доброволци во најава, но во интервју за РСЕ вели дека не е задоволен. За жртвите се истражува дали се од пожарите.

Господине Ангелов, неделава низ државата имаше многубројни пожари. Во нив има и материјална штета, но и жртви. Каква е вашата оценка, како државата се справува со овие пожари?

Пожари имаше и неделата претходно и неделата пред таа. Ескалацијата се случи оваа недела. Во еден ден имавме 63 пожари, најмалку 63 пожари. Силниот ветер, исклучително силниот ветер кој на моменти дуваше со повеќе од 60 км, па до 85-86 км, во зависност од подрачјето, направи голема беља, затоа што придонесуваше за брзо ширење на пожарот, кој по сувата вегетација, трева, грмушки, зафати неколку објекти. Со самото тоа што во наредниот ден без малку и да немаше активни пожари, сметам дека исклучително успешно се справивме со овие 63 пожари,бидејќи толкав број на пожари во еден ден се крупен залак и за многу помоќни држави, но сите државни ресурси, сите локални ресурси, вклучително и голем број на граѓани кои си го бранеа своето, беа на терен, се бореа против пожарите и успеавме да ги изгаснеме или ставиме под контрола сите овие 63 пожари.

Вие се залагате за формирање на една противпожарна интервентна единица. Но во моментов гледаме дека државата се справува со возила кои се пренаменети од војнички во противпожарни и од друга страна е распишан веќе и оглас за ангажирање на 400 доброволци кои ќе добиваат некаков хонорар за да се справуваат со пожарите. Дали е тоа она за што вие сонувавте, за што се залагате за да се создаде како одбрана, противпожарна одбрана во државата?

Патот долг 1000 милји започнува со еден единствен чекор. Ова е првиот чекор, бидејќи сега во суштина, ако гледаме функционално, започнува да се формира специјалната единица за која зборувам неколку години наназад. Во овој момент ние имаме со војнички речник две чети, една која веќе е формирана, тоа е оклопната чета, со војнички речник повторувам, во суштина се работи за поранешни воени возила кои се пренаменети во противпожарни возила.

Чија беше оваа идеја за овие оклопни возила да се стават во функција? Коментарите се дека сепак се импровизира со нив. Сепак тие не се создадени за намената која сега се користат?

Па комитите во 19-тиот век, на почетокот на 20-тиот век, од цреша правеле топ и тие импровизирале. Овие возила...

Но, сега живееме во едно понапредно време, не се назадува ли со ова?

Овие возила имаат исклучително моќни мотори, исклучително моќна шасија која може да го носи товарот од 6 тона. Зборувам за БТР-80 на кој има монтирано резервоар за вода од 6 тона. Притоа, во самиот резервоар за вода или условно да ја наречам цистерна за вода имаме ќелии, така што водата не се движи слободно, со што би го намалувала балансот, односно рамнотежата на самите возила. Возилата се сестрано тестирани од врвни стручни лица, почнувајќи од машински инженери. Возилата се тестирани, испитани, имаат поминато технички преглед и уредно се регистрирани на име на Дирекцијата за заштита и спасување.

Чија беше оваа идеја? Како се дојде до оваа идеја да се стават во употреба?

Идејата потекнува од неколку луѓе, но генерално најзаслужни за реализација на оваа идеја се премиерот Христијан Мицкоски, кој лично беше инволвиран, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, кој беше цело време логистика, вклучително и сега, затоа што одржувањето на волкав број на возила е крупен залак би рекол. Но не треба да се потценуваат овие возила. Минатите неколку дена тие беа успешно користени во реална ситуација.

Знаете, коментарите се дека не одиме напред со нешто помодерно, со поспецијализирани возила за различни терени, туку напротив се враќаме назад со возила кои се воени, не допираат ли до вас овие критики?

Најверојатно читаме различни коментари. Јас читав коментари на пожарникари и на луѓе од оваа област кои пак се воодушевени. Но генерално, ниту едните ниту другите нема мене како директор на Дирекцијата за заштита и спасување да ме натераат да креирам политика врз основа на коментари на обични граѓани кои ги сакам, ги почитувам, знам дека имаат добра намера, но немаат доволно познавање. Зошто вие мислите дека некој обичен граѓанин, притоа може да е професор на некој факултет, но не од оваа област. Може да е некој функционер, може да е обичен работник, може да е возач, може да е било што. Зошто мислите дека тој знае повеќе од инженерите кои работеа на прилагодување на овие возила или од мене кој командува со овие возила. Јас ве убедувам дека овие возила драстично ја зголемија нашата моќ за борба против пожарите и ние тоа го покажавме. Во еден ден да се изгаснат повеќе од 63 пожари не е ниту лесно ниту едноставно.

Но има и жртви во пожарите, двајца изгореа сега, не е ли ова трагедија?

Се извинувам, морам да ве корегирам. Во првиот случај за жртвата за која се зборува, случајот се уште не е расчистен. Во Ѓорче зборувате, во Ѓорче Петров. Жртва која ја нашле во штала. Треба да се направи истражување зошто ова лице не побегнало од шталата, бидејќи ако оган доаѓа кон вас, наједноставно е да се оддалечите. Значи треба да видиме, не е жртва која настрадала гасејќи го пожарот. Во Паланка загинало лице кое гасело, колку што имав информации, околу својот дом, исто треба случајот добро да се разгледа. Оттаму доаѓаат и моите апели кои се „сејфти фрст“. Безбедноста на прво место. Граѓаните се добредојдени, треба да ни помагаат, но притоа да не се изложуваат на претерана опасност, бидејќи пожарникарите имаат соодветна опрема и соодветна обука.

Сега државата ќе ангажира и 400 луѓе коишто ќе се јават на огласот. Колку пак тие ќе бидат подготвени за да учествуваат во гаснењето на пожарите? Какви ќе бидат за нив условите? Дали ќе имаат некакво здравствено осигурување, бидејќи знаеме дека ќе се соочуваат со сериозни ситуации?

Во контекст на ова прашање ќе го дополнам одговорот на претходното. Повторно ќе направам една паралела со војна. Ако вие војувате и сте командант и војувате со опасен непријател, дали треба да бидете изненадени ако некој загине во таа војна? Да. Дали вие очекувате дека до крајот на летото ние треба да ги изгасиме сите пожари без притоа никој да биде повреден или да не се случи некоја друга, би рекол, потешка последица?

Очекувањата на граѓаните се дека треба професионалци да се справуваат и во таа насока е зошто државата не вработува професионални пожарникари, туку ќе ангажира 400 луѓе коишто првпат ќе се соочат со таква ситуација.

А пожарникарите кога се вработуваат во територијалните противпожарни единици се професионалци или се граѓани?

Па кога веќе работат, се професионалци, се вработени. А овие луѓе дали ќе бидат вработени?

Ќе станат професионалци. Па ако вие сте ги слушале моите, мислам на јавноста – да се извинувам, не на вас лично – мојата прес-конференција, веќе одржав две прес-конференции на оваа тема. Нашата намера е од овие 400 луѓе најпрво да поминат соодветна обука, неколкудневна за запознавање и теоретска и практична. Потоа, оние од нив коишто ќе бидат одбрани, бидејќи не сите ќе ги ангажираме за гасење на пожари, дел од нив ќе работат на превенција, на заштита од пожари, може некаде ќе чистат трева, можеби некаде ќе собираат гранки. Оние за коишто ќе процениме дека имаат капацитет да се борат против пожарите, најпрво ќе бидат пуштени онаму каде што гори некоја ниска трева. Постепено ќе се направи селекција, оние коишто се физички и психички подготвени, оние коишто можат да се носат со опасноста при гасење на пожари, ќе се пуштаат на посложени пожари.Нашата цел е на крајот од нив да селектираме лица коишто ќе бидат професионално вработени во територијалните противпожарни единици. Ова и претседателот на Владата го кажа во неговите изјави. Значи, наша цел е наместо вработување по сомнителни критериуми во локалните противпожарни единици, да се вработат најдобрите, токму овие луѓе, а од најдобрите од најдобрите би биле дел од втората чета, условно кажано, во Дирекцијата за заштита и спасување којашто е исто така во фаза на формирање.

Реакција имаше и за надоместокот којшто ќе го добиваат, ајде и во последно време беше актуелна и информацијата дека се зголеми и вашата плата од страна на Владата.

Тоа е злонамерно тврдење, многу подло и злобно, но сметав дека не заслужува одговор, но бидејќи вие ме прашавте ќе ви одговорам.

Да, ги споредуваат сега овие ангажирани лица со вашата плата којашто пак се зголеми за 200 евра.

Мојата плата не е зголемена ниту за еден денар, тоа е груба невистина, но немам намера да губам време по судови да тужам. Мојата плата е идентична, може тоа да го проверите бидејќи е јавно достапен податок. Платата на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување беше пониска за отприлика оваа сума којашто вие ја спомнавте. Владата само направи израмнување за да не дојдам на во моментов многу поодговорна позиција, бидејќи знаете формирањето на оваа нова единица е навистина одговорна работа и да бидам израмнет со платата којашто имав претходно. Во суштина, немам ниту денар поголема плата. Ако вие сметате дека треба еден вработен во Дирекцијата или пожарникар или волонтер којшто учествува во гасење на пожари да има иста плата со директорот, тогаш тоа е ваш став. Јас со тоа не се согласувам.

Кочанската несреќа се случи во период кога од дирекцијата немаше инспектор таму. Дали сега во моментов е назначен нов инспектор за заштита од пожари збориме и дали веќе се научи лекцијата колку сериозно може да биде ова?

Знаете дека целиот град Кочани знаел дека има дискотека. Авторитетите, зборувам сега за локалните власти, полиција и други инспекции, сите знаеле каква е дискотеката. Но се работи за една ужасна стравична несреќа, еден несреќен случај за којшто шансите да се случи се многу мали, но ете се случи. Сочувство до семејствата, болката никогаш нема да исчезне, загубата никогаш нема да биде надоместена. Многу млади луѓе, млади деца настрадаа на овој ужасен начин, но ќе укажам дека се работи за криво насаден систем. Порано во Министерството за внатрешни работи постоел еден цел сектор предводен од началник, којшто под него имал други пониски началници и така натаму. Тоа бил секторот за противпожарна заштита, условно сфатете го насловот, бидејќи ми вадат зборови потоа на Фејсбук. Во тој сектор за некој да стане началник, требало да работи 10, 20 па и повеќе години. Одеднаш со формирањето на дирекцијата, политичка одлука да се извади овој целиот сектор од Министерството за внатрешни работи.

Сега е во рамките на дирекцијата, што преземавте?

Се формира дирекцијата и се става директор од надвор којшто не знаел каде се наоѓа. После него бил една година, после него доаѓа друг директор којшто исто така не бил од таа област, па потоа доаѓа Шабан Салиу којшто останал овде 10 години. Значи, некогаш не е доволна само желбата да се менаџира, треба и знаења.

Дел од тој систем е токму сега ДЗС, сакаме ние или не сакаме да признаеме и затоа нејзини се обврските да има таму инспектори по градовите од оваа област, имате ли капацитети?

Како можете да исправите криво насадено дрво? Ќе посадам ново дрво. Значи треба да се направи нова институција којашто ќе ги обедини функциите на двете постоечки – на ЦУК и на ДЗС. Треба да се формира нов сектор во којшто ќе бидат отстранети сите детектирани слабости, а верувајте има многу и за нив јавно зборувам постојано.

Тоа значи дека сега нема инспектор во Кочани од оваа област?

Имаме.

Од рамки на дирекцијата?

Инспекторот од Виница го покрива Кочани, но видете, ние имаме апсурдна ситуација. И нашите инспектори, но и останатите вработени коишто даваат согласности за градба, доградба, надградба, пренамена на простор се лица коишто имаат одреден тип на образование и имам детектирано повеќе лица коишто имаат факултет за одбрана. Еве ќе речам, можеби има некој со земјоделски факултет и тие вршат контрола на документи испратени и потпишани од по минимум двајца инженери од областа на градежништвото, градежни инженери. Знаете, тоа е една апсурдна ситуација кога некој со одбрана, тој може да е извонреден...

Може да е извонреден студент на одбрана, но како тој ќе изврши контрола и ќе му даде согласност на некој градежен инженер којшто учел таква насока и го работи впрочем тоа со години и години.

Ако добро ве разбирам сега, нема да се вработуваат нови инспектори со оглед на тоа што постојат очигледно секаде недостиг во сите општини, туку ќе се чека спојувањето на двете институции, па тогаш да се трансформира целата оваа надлежност на дирекцијата?

Како менаџер се трудам она кое што е можно да го распоредам на начин којшто ќе биде најфункционален. Моменталните наши капацитети се многу слаби, се далеку од потребните, со прераспоредување на луѓето гледам да ја подобрам оваа функција, но исто така ќе кажам – детектирав, иако овој збор го употребувам неколку пати, многу корупција. Многу обвинувања во јавноста кон инспекторите и кон останатите вработени.

Ги проверивте овие наводи за коишто зборувате?

Не. Јас не сум тој којшто проверува. Јас сум менаџер на оваа институција.

Да, но ако се случува во рамки на институцијата, сепак треба да се пријави за кај надлежните органи веќе ако се детектирала корупција, дали вие го сторивте тоа?

Се разбира дека ако пријавам нема јавно да кажам, бидејќи на тој начин ќе бидат сокриени трагите. Може да олеснам на оние коишто се виновни, но за почеток предупредив. Сакам да кажам дека поголемиот дел од инспекторите и вработените се чесни луѓе коишто чесно си ја работат својата работа, но повеќе од сигурен сум и мојата перцепција не ме лаже, бидејќи долго време сум дел од областа на безбедноста, работев и во МВР долго време, дека да постои корупција на, би рекол, различни нивоа. Но од друга страна имаме соучесници коишто и тоа како се подготвени да платат за да добијат некоја дозвола којашто не е во согласност со законот.

Како што се случувало и со Кочанската, тоа го видовме од обвинението?

Ги предупредувам и јавно оние коишто ќе посегнат по пари, некои од нив ќе завршат во затвор, бидејќи во овој момент се работи на откривање на одредени негативни појави во рамки на дирекцијата и мислам дека оваа информација беше доволна за да се сопрат некои процеси, бидејќи и вработените сега со моето доаѓање знаат дека не се шегувам и, ајде да кажам поедноставно, се плашат. Зборам за оние неколкумина за коишто постојат сомненија, но презумпцијата на невиностне ми дозволува да зборам повеќе.

Колку се безбедни сега објектите од овој тип? Знаеме дека дел се затворени дискотеките затоа што не ги исполнуваат условите, но сепак постојат и други објекти каде што се собираат голем број на луѓе. А колку може да се безбедни, дали можат да се чувствуваат безбедно граѓаните?

За почеток, дали од некој инспектор на ДЗС треба да зависи безбедноста на нашите деца и на нашите...

Од целиот систем. Видовме дека, да, Кочани е лекција дека од целиот систем треба да зависи.

Дали оној кој што отвара кафич или дискотека нема свесност дека може да дојде до пожар или друг несреќен случај и луѓето кои што се внатре треба безбедно да излезат надвор, а притоа внатре да има средства кои што ќе помогнат за брзо гаснење на пожарот? Дали треба инспекторот на ДЗС? Впрочем, еве една ексклузива. Ние проверуваме документи кога даваме согласност. Ние не проверуваме фактичка состојба на терен, значи ги гледаме документите во кои што пишува што сè е направено. Така што инспекторите се тие кои што подоцна можат да излезат. Но дали знаете, на пример, на територијата на Скопје колку деловни објекти има со најразлична намена, од обични продавнички, бурекџилници...

Големи маркети, па дискотеки, кафичи, ресторани. А како кажете ми, колку инспектори ние треба да имаме за тие редовно да одат по сите овие објекти и да вршат контрола? Па тоа е невозможно. Затоа треба да се направат коренити реформи. Дури сметам дека во оваа фаза овие согласности кои што ги дава дирекцијата можеби треба да се децентрализираат и општината преку инспектори свои вработени да го прави тоа.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG