Достапни линкови

Вести

Зибери: Консензус за химна, задолжително учење албански...

Насер Зибери, кандидат за прв Албанец-премиер на С. Македонија, на предизборен митинг пред Владата
Насер Зибери, кандидат за прв Албанец-премиер на С. Македонија, на предизборен митинг пред Владата

Задолжителни часови по албански јазик во училиште, забрана за казина и игри на среќа во близина на училишта, цркви и џамии, Македонец и Албанец заеднички на чело на стратешки државни институции, консензус за химна... се дел од ветувањата на Насер Зибери, кандидатот за прв Албанец премиер на Северна Македонија, поддржан со изборната програма на ДУИ.

Тој денеска ја претстави програмата на ДУИ со „владина седница“ пред здградата на Владата во Скопје.

„Треба да ја уништиме биполарноста на двете најголеми македонски партии. Македонците не треба да ја гледаат еднаквоста како закана. Моето силно верување е дека она што е добро за Албанците во оваа земја е добро и за Македонците“, рече Зибери.

Зибери беше пратеник во македонското Собрание пред повеќе од 15 години, а денеска е кандидат за прв Албанец-премиер на Северна Македонија, идеја која ја промовираше лидерот на ДУИ, Али Ахмети и за која побара поддршка од целиот албански политички блок.

види ги сите денешни вести

Мрежата за заштита од дискриминација бара независно лице за Народен правобранител

Илустрација
Илустрација

Мрежата за заштита од дискриминација бара Собранието да избере стручно и независно лице, кое ќе работи во интерес на граѓаните и ќе обезбеди ефикасна заштита на нивните права, на функцијата Народен правобранител.

Собранието распиша оглас за избор на нов Народен правобранител, а огласот трае до 26 јули.

„Потребна е силна, независна и непристрасна институција Народен правобранител – не само за унапредување на правата на граѓаните, туку и за исполнување на клучните европски стандарди во владеењето на правото“, посочуваат од Мрежата, повикувајќи се на препораките од Агенцијата за темелни права на ЕУ и на Европската комисија.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на 17 јули соопшти дека на 12 јули 2025 година му престанала функцијата Народен правобранител на Насер Зибери, поради исполнување на условите за старосна пензија.

Претходно, народниот правобранител Зибери обвини дека Собранието го прекршило Законот за народен правобранител, бидејќи не распишало оглас за нов мандатар во предвидениот рок, односно најдоцна три месеци пред истекот на мандатот. Токму поради тоа, оваа институција сега останува без Омбудсман.

Сега од Мрежата за заштита од дискриминација потсетуваат дека транспарентноста на процесот и назначувањето врз основа на заслуги се клучни за легитимитетот и функционалноста на оваа институција. Потсетуваат дека изборот на партиски кадар ќе претставува директно нарушување на уставната определба за независност на Народниот правобранител.

„Апелираме до сите пратеници и парламентарни партии да се воздржат од партиски договори и притисоци и да спроведат транспарентен, инклузивен и фер процес. Ова не смее да биде уште една институција во која ќе се вработуваат партиски кадри“, порачуваат од Мрежата.

Тие уште еднаш ги повикаа политичките партии да поддржат непартиски кандидат и да покажат вистинска грижа за заштитата на граѓанските права.

Мандатот на Зибери започна во јануари 2021-ва и завршува по 4 и пол години, иако според законот треба да трае 8 години. На изборите 2020-тата, ДУИ го промовираше како кандидат за премиер -Албанец, а тогашната опозициска партија од албанскиот блок поради тоа го оспоруваше неговиот избор за Омбудсман.


Федерацијата тврди дека повредените млади велосипедисти од Исланд не ги почитувале препораките

Илустрација
Илустрација

Велосипедската федерација на Македонија денеска остро реагира на како што пишува шпекулациите во јавноста кои се однесуваат на несреќата во која беа повредени двајца велосипедисти од репрезентацијата на Исланд кои се учесници на Европскиот младински олимписки фестивал.

Од федератцијата велат дека жалат за несреќата но дека младите велосипедисти од Исланд, на своја рака и самоволно се упатиле на тренинг. Возеле надвор од утврдените термини и патеки, иако како што велат тоа е спротивно на добиените инструкции. Претходно им биле дадени јасни упатства според кои се предвидува со нив заедно да има и полициска придружба.

Тврдиме дека сите протоколи и безбедносни мерки беа спроведени од наша страна а се однесуваат на грижа и безбедност на нашите гости велосипедисти и при тоа сите натпревари поминаа во најдобар ред во организација со која можеме да се гордееме“ велат од федерацијата.

Организацискиот комитет истакнува дека ова е изолиран случај кој не е поврзан со официјалните активности и безбедносните протоколи на ЕМОФ.

Инаку вчера во близина на селото Зубовце, се случила сообраќајна несреќа во која биле повредени двајца малолетни велосипедисти од Исланд, учесници на Младинските европски олимписки игри.

Според информациите на Секторот за внатрешни работи Куманово, до несреќата дошло кога патничко возило „Фолксваген Пасат“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од 42-годишниот Н.Б. од Куманово, удрило во двајцата велосипедисти кои се подготвувале за велосипедската трка.

Младинските европски олимписки игри се оджуваат во земјава, во Скопје и Куманово и тие ќе траат до сабота, а учесници се голем број спортисти од повеќеевропски земји.




Коцевски: Субјективна перцепција на Левица дека владее токсична атмосфера во обвинителството

Љупчо Коцевски, јавен обвинител на РСМ
Љупчо Коцевски, јавен обвинител на РСМ

Јавниот обвинител на РСМ Љупчо Коцевски одговори на предлогот за негова интерпелација кој го предложи партијата Левица во Собранието. Порачува дека нејзиното поднесување според законот е недозволено и е потврда за нападите со кои се соочува институцијата.

Смета дека дел од наводите во поднесената интерпелација се исти или многу слични на оние со кои пред извесно време беше иницирана постапка за негово разрешување .

„Воопштените и со ништо непоткрепени формулации од типот „разно-разни афери“, „низа скандали“ и „хаотична состојба во начинот на функционирање на обвинителството“, со кои подносителите без никаков аргумент бараат моја одговорност само го потврдуваат фактот дека оваа интерпелација е политички, а не правно заснован инструмент со кој само се овозможува упад во самостојноста на Јавното обвинителство“, се вели во одговорот на Коцевски до Собранието.

Тој на четирите точки кои се наведени како клучни причини во интерпелацијата. То се селективни кривични истраги за трагдијата во Кочани, кои според напишаното од подносителите „не вклучувале актуелни вмровски носители на високи јавни функции“.

„Обвинителството осомничените не ги дели на членови на ВМРО, СДСМ, ДУИ, Левица, на Македонци, Албанци, Турци или Роми, на мажи или жени, ниту на кој било друг основ. Постапува спрема сите за кои се обезбедени докази“, пишува Коцевски.

Понатаму, во интерпелацијата се изнесуваат наводи за политичко влијание врз обвинителот и тоа директно од премиерот Христијан Мицкоски. Левица смета дека „е постигнат политички договор“ во постапката за неговоторазрешување за да запре во замена за селективност и неправичност на истрагите.

Во интерпелацијата уште има и точка „Функционален хаос во Вишото јавно обвинителство Скопје“, а како последно се наведени и наводи за „Непостапување по службена должност за дивоградбите на урбаната мафија во Скопје“.

Коцевски вели дека, наспроти наведеното, Јавното обвинителство има оформено предмети и по допрен глас и по поднесени кривични пријави и во Општина Чаир, и во други скопски општини и во други градови во државата. Дел од нив се во предистрага, дел во истрага, за дел е поднесено обвинение, за некои има и судски постапки и одлуки. Нагласува и дека инструмент „допрен глас“ јавното обвинителство го користи во ситуации кога институциите надлежни за откривање на кривичните дела не си ја вршат својата работа и во случаи кога квантумот на јавно објавени информации е доволно голем за да овозможи основано сомнение за извршено кривично дело и сторител.

На крај сумира дека фразата „Во Јавното обвинителство на РСМ владее нефункционална и токсична атмосфера“, е одраз само на субјективна перцепција на подносителите со која не може да се согласаи.

“Јавните обвинителства покажуваат зајакнат капацитет за истражување, подобра меѓуинституционална соработка, а четирите истражни центри сега се во функција”, се наведува во извештајот со кој се скенира состојбата во оваа област, по примерот на сличните извештаи што се изготвуваат за земјите-членки на ЕУ“, се вели во одговорот на Коцевски.

Тој бара од сите пратеници да ги отфрлат таквите наводи кои според него се целосно неосновани. Тој бара пратениците да ја заштитат институцијата Јавен обвинител и неговата самостојност гарантирана со Уставот и законите.

Тајланд го отфрла меѓународното посредништво за прекин на конфликтот со Камбоџа

Кралската тајландска армија на улиците на 24 јули 2025 година
Кралската тајландска армија на улиците на 24 јули 2025 година

Тајланд ги отфрли напорите за посредништво за прекин на конфликтот со Камбоџа, инсистирајќи Пном Пен да ги прекине нападите и ситуацијата да се реши исклучиво преку билатерални разговори, објави Министерството за надворешни работи на земјата.

Втор ден, размената на оган продолжува на неколку локации по должината на сега затворената граница меѓу Тајланд и Камбоџа, а најмалку 16 лица се убиени, повеќето од нив тајландски цивили. Ова е една од најжестоките борби меѓу југоисточните соседи во повеќе од една деценија.

САД, Кина и Малезија, која моментално претседава со регионалниот блок на АСЕАН, понудија да го олеснат дијалогот, но Бангкок бара билатерално решение за конфликтот, изјави портпаролот на тајландското Министерство за надворешни работи, Никорндај Баланкура, за Ројтерс.

„Не мислам дека ни е потребна посредништво од трета земја засега“, рече Никорндај.

Камбоџа и Тајланд се обвинуваат меѓусебно за започнување конфликт кој ескалираше за еден ден од лесно пешадиско оружје до тешко војување по должината на границата чиј суверенитет е оспорен повеќе од еден век.

„Остануваме на ставот дека билатералниот механизам е најдобриот излез; ова е конфликт меѓу две земји“, рече Никорндеј, додавајќи дека камбоџанската страна прво мора да го запре насилството по должината на границата.

Камбоџанската влада не одговори веднаш на барањето за коментар. Премиерот Хун Манет претходно побара од Советот за безбедност на Обединетите нации да свика седница, осудувајќи ја она што тој го нарече „неиспровоцирана и однапред планирана воена агресија“ на Тајланд.

Седницата на Советот ќе се одржи денес зад затворени врати.

Борбите избувнаа еден ден откако Тајланд го повлече својот амбасадор од Пном Пен и го протера камбоџанскиот претставник како одговор на експлозиите на мини во кои беа повредени тајландски војници.

Тајландските власти тврдат дека мините неодамна биле поставени од Камбоџа, што Пном Пен го отфрла како неосновано.


Извор: Ројтерс

Претседателката на ДКСК за која има обвиненија поднесе оставка

Претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска
Претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска

Претседателката на Антикорупциска Татјана Димитровска поднела оставка од функцијата утрово во Собранието, потврдија од Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Повеќе детали и за понатамошната процедура од кабинетот велат дека ќе објават подоцна во текот на денот, но дека постапиле согласно предвидените процедури.

Оваа оставка доаѓа по една недела откако Обвинителството за гонење организиран криминал и поднесе обвинение за две кривични дела.

Таа е осомничена за две дела и тоа за компјутерски фалсификат и за оддавање службена тајна.

Таа во првиот случај е обвинета дека ревизор од ДЗР во нејзино име и го положил тестот за сертификат за државна тајна.

За вториот случај пак според обвинителството Димитровска на ексдиректорот на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ, кој е обвинет во „Адитив“ му оддавала службена тајна. Ова било откриено при вештачењето на телефонот на Стојановиќ.

Димитровска тогаш порача дека кредибилитетот и интегритетот на Антикорупциската комисија не смеат да бидат оспорени, особено имајќи ги предвид принципот на презумпција на невиност и владеење на правото, како и фактот што останатите шест члена од Комисијата немаат поврзаност со делото за кое е осомничена.

ДКСК беше претходно критикувана за неколку свои постапки.

Во декември 2024 година за прв пат настан поврзан со член на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) влезе во матните настани, како конфликт на интереси, според барометарот на корупција која го изготвува секој месец невладината организација „Транспаренси Интернешнл“.

За невладината е спорно тоа што ДКСК рече дека не е конфликт на интерес тоа што антикорупционерката која го водеше случајот за Директорот на АНБ Бојан Христовски, Цвета Ристовска била наставник на факултетот чија диплома му беше оспорена со преставка.

Сличен настан кој беше на удар на јавноста е и оној кога се дозна дека новите членови на ДКСК побарале да имаат дипломатски пасоши. Претседателката Татјана Димитровска потврди дека го добила, но позитивен одговор очекуваа и другите членови. И покрај тоа што јавноста очекуваше дека тие како борци против корупцијата не би требало да имаат дипломатски пасоши, сепак останаа на ставот дека такво нешто им следува.

Израел и САД остро реагираа на најавата на Макрон за признавање на палестинската држава

Палестинска мајка Самах Матар го држи својот неухранет син Јусеф, кој страда од церебрална парализа, на 24 јули 2025 год
Палестинска мајка Самах Матар го држи својот неухранет син Јусеф, кој страда од церебрална парализа, на 24 јули 2025 год

Најавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека ќе ја признае палестинска држава на Генералното собрание на Обединетите нации во септември предизвика бран осуди во Израел и Вашингтон.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го нарече потегот „награда за терор“ и предупреди дека може да доведе до создавање на уште една „иранска база“. Тој исто така рече дека палестинската држава „под овие услови би била појдовна точка за уништување на Израел, а не за живеење во мир“.

„Да бидеме јасни: Палестинците не сакаат држава покрај Израел, туку наместо Израел“.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, рече дека САД „силно го отфрлаат“ планот на Макрон.

„Оваа непромислена одлука служи само за пропаганда на Хамас и го враќа назад мировниот процес. Тоа е шлаканица во лицето на жртвите од 7 октомври“, напиша Рубио на X.

Канадскиот премиер Марк Карни претходно го критикуваше Израел за она што го нарече „неуспех да се спречи хуманитарна катастрофа во Газа“ и ја повтори својата поддршка за решението со две држави. Карни ги обвини израелските власти за кршење на меѓународното право со блокирање на помошта финансирана од Канада за цивилите во Газа.

„Ги повикуваме сите страни да преговараат за итен прекин на огнот со добра волја“, додаде тој.

„Повторно го повикуваме Хамас веднаш да ги ослободи сите заложници и израелската влада да го почитува територијалниот интегритет на Западниот Брег и Газа“, рече Карни.

САД предупредија во дипломатски депеш во јуни дека се спротивставуваат на едностраните потези за признавање на палестинска држава, наведувајќи дека тоа може да биде спротивно на интересите на американската надворешна политика и да предизвика последици.

Амбасадорот на САД во Израел, Мајк Хакаби, изјави дека независна палестинска држава повеќе не е примарна цел на политиката на САД.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно изрази сомнежи во врска со решението со две држави и предложи САД да ја преземат контролата врз Газа. Предлогот беше осуден од бројни организации за човекови права, арапски земји, Палестинците и Обединетите нации, нарекувајќи го „етничко чистење“.

Благодарение на Франција, потпретседателот на Палестинската самоуправа, Хусеин Ал Шеик, рече дека одлуката на Макрон ја одразува „посветеноста на Франција на меѓународното право и поддршката за палестинското право на самоопределување и воспоставување независна држава“.

Во меѓувреме, „целиот хуманитарен систем се урива“ во Газа, а бројот на луѓе што умираат од глад расте, според Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (UNRWA).

Според Агенцијата, едно од пет деца во градот Газа сега е неухрането.

Повеќе од 100 меѓународни хуманитарни организации предупредија на масовно гладување, а Светската здравствена организација изјави дека голем дел од населението на Газа „гладува“.

Израел, кој го контролира влезот на сите залихи во Газа, вели дека нема опсада и го обвинува Хамас за сите случаи на неухранетост. Сепак, ОН предупреди дека нивото на помош што стигнува до Газа е „слабо“ и дека кризата со глад на територијата „никогаш не била толку ужасна“.

Израел ги прекина испораките на помош за Газа на почетокот на март по двомесечното примирје. Оттогаш воспостави нов систем за помош управуван од контроверзната Хуманитарна Фондација за Газа (GHF), поддржана од САД и Израел.

Според канцеларијата за човекови права на ОН, повеќе од илјада Палестинци се убиени во последните два месеци додека се обидуваат да добијат храна.

Одлуката на Макрон доаѓа пред конференцијата на ОН што Франција ја планира со Саудиска Арабија за да се утврди патна карта за палестинска држава, а воедно да се обезбеди безбедноста на Израел.

Дипломатите велат дека Макрон се соочува со отпор од сојузници како што се Велика Британија и Канада. Се очекува околу 40 министри за надворешни работи да пристигнат во Њујорк следната недела.

Израелските претставници лобираат против овој потег со месеци, а некои го нарекуваат „нуклеарна бомба“ за билатералните односи.

Според извори запознаени со развојот на настаните, Израел упатил сериозни предупредувања до Франција, вклучително и намалување на размената на разузнавачки податоци и закани за можна анексија на делови од Западниот Брег.

Условна казна за напад на новинарска екипа добија сопствениците на депонијата во Визбегово

Визбегово, дива депонија Јули 9, 2025
Визбегово, дива депонија Јули 9, 2025

Условна затворска казна за А. Н. и М. К. изрече скопскиот кривичен суд за лицата кои на 9 јули ја нападнаа новинарската екипа на телевизијата Алсат. Инцидентот се случи за време на големиот пожар на дивата депонија во скопско Визбегово, додека новинарите беа на терен и известуваа за сериозното загадување на воздухот.

И двајцата обвинети признале вина и се согласиле со сите обвинувања за кои ги товари Обвинителството.

Прогласувајќи ги за виновни судот им изрече условна затворска казна и тоа три години условно за А. Н. и една година и три месеци условно за М. К. Според пресудата, доколку не ги почитуваат условите на казната, таа ќе биде спроведена како ефективен затвор.

Инаку на 09.07.2025 гореше отпад за старо железо на ул. „Б. Буна“ во Скопје каде гореа хаварисани возила, на кои имало монтирано плински уреди и се слушаа детонации од истите.

Густиот чад од пожарот се гледаше од неколку страни на градот, а имаше остри реакции за загадувањето кое го предизвика овој пожар.

Новинарските екипи беа на терен и известуваа од местото на настанот каде се случи и инцидент по што беа уапсени сопствениците на оваа дива депонија.

Жртви на нападот беа новинарот Авни Тахири и снимателот Шенол Хајредин.



Русија и Украина разменија напади со беспилотни летала во регионот Донецк

Жена со своите кучиња го напушта местото на рускиот воздушен напад, за време на рускиот напад врз Украина, во Харков, Украина, на 24 јули 2025 година.
Жена со своите кучиња го напушта местото на рускиот воздушен напад, за време на рускиот напад врз Украина, во Харков, Украина, на 24 јули 2025 година.

Русија и Украина започнаа напади со беспилотни летала едни против други рано утринава на 24 јули, изјавија официјални лица од двете страни, додека жестоките борби продолжуваа да беснеат по линијата на фронтот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека нападот на Русија преку ноќ бил „одговор“ на предлогот на Киев за итно прекин на огнот за време на руско-украинските мировни преговори во Истанбул еден ден претходно.

Зеленски рече дека нападот вклучувал повеќе од сто ударни беспилотни летала и повеќе од четири ракети. Повеќето од беспилотните летала што ги користела Русија биле беспилотни летала „Шахед“ произведени во Иран, додаде тој.

„Русија продолжува со својот терор и ја попречува дипломатијата, поради што заслужува целосни санкции, како и наши напади врз нивната логистика, нивните воени бази и нивните воени производствени капацитети“, напиша Зеленски во објава на социјалната мрежа Телеграм.

Локалните власти објавија дека нападот главно бил насочен кон украинските градови Харкив, Одеса и Черкаси, оставајќи најмалку три лица мртви и десетици повредени.
Воениот шеф на Харкив, Олех Синехубов, рече дека нападот врз градот вклучувал водени ракети, кои руските воени сили често ги користат на фронтовската линија за да ја избегнат украинската воздушна одбрана.

Шест деца, вклучувајќи едногодишно девојче, беа повредени во нападот, додаде Синехубов. Станбени згради, цивилни автомобили и компанија за комунални услуги, исто така, претрпеа штета.

Локална жителка за РСЕ/РЛ изјави дека видела „сè уништено“ кога влегла во својот стан по нападот.

„Нашата соседка се скри меѓу два ѕида. Тоа е она што ѝ го спаси животот“, додаде таа.
Одделно, во украинското црноморско пристаниште Одеса, беспилотните летала предизвикаа неколку пожари, како и штета во историскиот центар, кој е дел од светското наследство на УНЕСКО.

Во меѓувреме, гувернерот на рускиот регион Краснодар, Венијамин Кондратиев, рече дека остатоците од паѓање на украински беспилотен авион убиле две жени во Сочи, еден од најпопуларните туристички градови во Русија.

Според руските воздухопловни власти, работењето на локалниот аеродром беше прекинато околу четири часа.

По ескалацијата на насилството во Црна Гора, Советот за национална безбедност предложи ветинг во судството

Седница на Советот за национална безбедност на Црна Гора, 24 јули 2025 година.
Седница на Советот за национална безбедност на Црна Гора, 24 јули 2025 година.

Советот за национална безбедност на Црна Гора, во кој доминираат членови на Владата, предложи итна проверка на носителите на судски функции и усвојување на Законот за конфискација на криминален имот, објави Владата на 24 јули.

Премиерот Милојко Спајиќ го свика Советот за да ги анализира убиствата со карактеристики на ликвидации во мафијашки стил, кои предизвикаа јавни немири во последните денови.

Поради ескалацијата на насилството, опозицијата во последните денови побара оставки од раководителите на безбедносните служби предводени од демократите - министерот за внатрешни работи Данило Шарановиќ и вицепремиерот задолжен за безбедност Алекса Бечиќ.

Според соопштението, Советот не дискутирал за одговорноста на лидерите во безбедносните служби. Разговарајќи за безбедноста, Советот оцени дека постои корелација помеѓу зголемувањето на бројот на кривични дела и укинувањето на притворите, како и недонесувањето пресуди во рок од три години.

Во последните денови, во Подгорица во Црна Гора се случија две убиства и две повреди, кои се поврзани со конфликт меѓу криминални кланови.

Во исто време, градоначалникот на Будва, Никола Јовановиќ, беше претепан во паб во Будва, при што се здоби со тешки телесни повреди.

Јовановиќ објави дека тројцата напаѓачи биле лица од интерес во однос на безбедноста според документ од Полициската управа, службеници на Новата српска демократија на Андрија Мандиќ, претседателот на Собранието.

Советот, исто така, на седницата констатира „сериозен проблем со ефикасноста на судскиот систем во сегментот на навремено донесување пресуди“, според Владата.
Тие ќе побараат од Судскиот совет податоци за бројот на судски одлуки што не се донесени во законскиот рок и бројот на притвори прекинати поради недонесување пресуди во рок од три години од подигањето на обвинението.

Советот му предложи на Министерството за правда да иницира измени на Законот за кривична постапка, со цел продолжување на максималниот тригодишен период на притвор за најтешките кривични дела.

Исто така, беше препорачано Министерството, во соработка со Европската комисија, итно да подготви модел за воведување на проверка на носителите на судски функции.
Проверката е проверка на имотот на судиите и обвинителите и членовите на нивните семејства, евентуални врски со криминал и проценка на нивните професионални квалификации.

Европската комисија претходно изјави дека приоритет на Црна Гора во преговорите со Европската Унија треба да биде исполнување на критериумите во поглавјата поврзани со владеењето на правото, а не целосно „ресетирање“ на реформите во судството, што би предизвикало дополнителни одложувања во напредокот.

Предлогот беше реакција на најавата на Владата за судски реформи, што го вклучува и Законот за проверка. Советот го повика Министерството за правда да го усвои Законот за конфискација на криминални приходи до октомври.На Министерството за финансии му се предлага да формира, во соработка со Европската комисија, посебна Финансиска агенција за контрола на финансиските извештаи и извештаи.

Повторно разгоре пожар во близина на преспанскиот Парк на природата „Езерани“

Пожар во близина на Преспанско Езеро, до природниот резерват Езерани
Пожар во близина на Преспанско Езеро, до природниот резерват Езерани

Во близина на Паркот на природата „Езерани“ покрај Преспанското Eзеро по втор пат за една недела се разгоре пожар. На терен се пет возила на противпожарните екипи кои се обидуваат да го намалат ризикот од проширување на пожарот кон селото Перово, велат од ресенската противпожарна едицина.

Жителите на селото Перово на социјалните мрежи објавуваат видеа во кои велат дека ризикот е голем пожарот да се префрли кон селото.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов изјави дека ер трактор набрзо ќе пристигне и помогне во гасењето на како што вели, и овој подметнат пожар.

„Пожарот брзо се ширеше поради ветрот кон селото Перово, но повеќе не е опасност за селото. Го гаснат пожарникари од Ресен, со поддршка од локалното население. Еден амфибија „ер трактор“ на ДЗС ја пресече линијата на огнот и им помага на силите кои гаснат од земја, да воспостават контрола врз овој тежок пожар што им се закануваше на неколку села. Наскоро ќе полета и вторит „ер трактор“, изјави Ангелов.

Пред два дена ( на 22 јули ) беше изгаснат тридневен пожар кој зафати голема површина од природниот резерват Езерани на брегот на Преспанското Eзеро.

Македонското еколошко друштво објави анализа по гасењето на пожарот посочувајќи дека штетата предизвикана во тој крај е голема врз живиот свет во паркот и нејзината проценета вредност е милиони евра.

„Пожарот кој се случи на 20 и 21 јули беше со најголем интензитет и предизвика огромни последици врз квалитетот на живот на локалното население, биолошката разновидност, како и квалитетот на водите од Езерото. Пламените јазици прогоатаа над 500 хектари површина, главно природа која треба да биде гордост во претставување на нашите природни вредности пред светот“, се вели во соопштението од Македонското еколошко друштво.

Според нив Околу 50 отсто од зафатените површини на заштитеното подрачје се шуми и овоштарници и се целосно уништени.

„Скоро половина од копнената површина на Паркот на природата „Езерани“ настрада во овој пожар, предизвикувајќи штети во вредност од милиони евра. „Езерани“ е прогласено за заштитено подрачје од четврта категорија според Законот за заштита на природа, во согласност со критериумите на Меѓународниот сојуз за заштита на природа (IUCN)“, се вели во нивното соопштение.

Во меѓувреме според последните објавени информации од Центарот за управување со кризи на целата територија на државата се активни уште седум други пожари, три се ставени под контрола а два се изгаснати.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG