„Секое дете заслужува шанса и затоа нашата помош ќе оди кај малите херои. Обезбедуваме донација за местото каде што секојдневно се спасуваат детски животи, Детската клиника“, вели за Радио Слободна Европа, атлетичарот Антонио Пандовски кој организира донаторска акција за Клиниката за детски болести.
Во рамките на акцијата што ја организира со поддршка на Фондацијата „Ице Бегов“, досега се собрани 43.370 евра.
Акцијата завршува в понеделник, но Антонио е оптимист дека до тогаш ќе ја постигнат крајната цел, а тоа е сума од 45.500 евра. Како што и претходно објави РСЕ, овие средства се потребни за да се купат шест апарати за Клиниката, кои би им помогнале на „најмалите пациенти што ги водат најтешките битки“.
Антонио вели дека сакале донацијата да направи вистинска разлика, па затоа претходно разговарале со раководството на Клиниката, кое ги предочило најитните потреби.
„Сакавме нашата помош да биде конкретна и видлива и да стигне токму до оние на кои им е најмногу потребна“, додава младиот прилепчанец, кој минатата година ја загубил мајка си, откако таа се разболела од рак.
А искуството со лекувањето во некоја од јавните здравствени установи овде, често е мотив за донации кај блиските на пациентите. Ова за РСЕ, го посочува Ѓорѓи Јанев, доктор на науки во областа на социјалната медицина и здравствената економија.
Предности и недостатоци на донациите во јавното здравство
Меѓу донаторите во домашното јавно здравство, кои се околу 340, има и компании и акционерски друштва.
Сите тие обезбедиле 424 донации, објави ресорното министерство на новиот електронски модул за донации во здравството.
Д-р Јанев вели дека донациите претставуваат важна компонента од финансирањето и развојот на здравствениот систем во држави како што е Македонија, но освен предности, тие имаат и недостатоци.
„Донациите ја подобруваат инфраструктурата и опременоста, но може да служат и како финансиска поддршка за научни истражувања. Особено, тие може да бидат од помош во кризни ситуации како катастрофи или епидемии“, потенцира д-р Јанев.
Сепак, според него, здравството не треба да зависи од донациите, бидејќи тоа води кон непредвидливост.
Во разговорот за Радио Слободна Европа, тој сугерира дека иако со нив може да се подобрат условите, државата не треба со донациите да ги замени обврските кои ги има во обезбедувањето основни здравствени услуги.
„Во суштина, одржливиот систем треба да балансира меѓу државните вложувања, здравственото осигурување и можните донации за да се осигура квалитетна и одржлива здравствена заштита за сите, а не да се потпираме на донации за основните работи без кои не може да функционира една здравствена установа“, додава д-р Јанев.
Донациите - честа појава во државите со ограничени ресурси
Тој посочува дека државата итно треба да направи проценка на состојбата на сите објекти кои се водат како јавни здравствени установи, а потоа да донесе план и стратегија за тие да испорачаат подобри услуги.
„Донаците треба да одат преку веќе утврдена стратегија која ќе ја спроведат Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување“, додава соговорникот на РСЕ.
Потпирањето на донации, вели тој, е често во државите со ограничени ресурси. Недоволните финансии од државниот буџет и Фондот, старата или недоволна опрема, масовната миграција и финансирањето „од ден за ден“ се само дел од факторите кои ја наметнуваат потребата од донации.
Д-р Јанев вели дека позитивно е тоа што граѓаните и фирмите често сакаат да придонесат, особено за локалните болници, но тоа не треба треба да биде главен извор на средства за нормално функционирање на здравството.
„Со други зборови - донациите не треба да бидат основа за опстанок на здравствениот систем, туку дополнителна поддршка. Ако јавните здравствени установи мора да се потпираат на нив за основно функционирање, тоа укажува на системски финансиски проблем и недоволна државна инвестиција во јавното здравство“, порачува докторот.
Едно од решенијата според него, е посебна законска рамка која би овозможила транспарентно управување со донациите.
„Тие да се насочуваат кон иновации и подобрување на квалитетот, на пример, кон истражување, нови технологии и клинички студии, а не за основни потреби“, додава д-р Јанев.
Оттука, меѓу решенијата кои тој ги предлага, се и зголемените инвестиции, дигитализација на системот, како и подобра финансиска одржливост на Фондот. Зголемените инвестиции во здравството, би значеле и повеќе средства за обука и специјализации на здравствените работници, за чиј недостиг се „алармира“ со години наназад.
Климатизирани болнички услови со донации
Токму донациите придонесоа за модернизација и подобрување на условите на дел од клиниките, за што во месецот кој изминува, властите се пофалија во два наврати.
Министерот за здравство, Азир Алиу при неодамнешната посета на КАРИЛ внимателно го слушаше вработениот кој го придружуваше и му реферираше како е решен деценискиот проблем на клиниката и тоа со поставување на клима уреди, добиени од донација.
„Ставивме две клими во оперативните сали, тоа го набавивме со донации, немавме никаков трошок за набавка. Сега темепратурата во салите е до 21 степен со што ни се намалија инфекциите што ги имавме“, е дел од разговорот со Алиу прикажан на видеото што го објавија дел од медиумите.
На 13 август, Клиниката за урологија ја промовираше целосната реконструкција на болничкото одделение, за која се потрошени 300.000 евра - 100.000 евра обезбедени од фондовската сметка, 100 илјади евра од сопствени средства и останатите 100 илјади евра преку донации.
Опремувањето на болничките соби, пак, дојде како резултат на искористени субвенции од приватна компанија. Раководниот тим на клиниката се пофали дека вработените се откажале од нови службени мобилни телефони кои им следуваат и за сума од 500.000 денари купиле две машини за перење алишта и 18 клима уреди за болничките соби.
„Со оглед дека на Клиниката летно време е многу топло и нема клима уреди за пациентите одлучивме дека ќе се откажеме сите од мобилни телефони. Реално имавме голема потреба од машини за перење и од клими. Сега при самото влегување на Клиниката е свежо, не се забележува дека е топло надвор, сите соби се климатизирани и имаат ЛЦД телевизори кои се од приватна фирма“, изјави тогаш за новинската агенција МИА, директорот Шабани.
Главната медицинска сестра на Клиниката, Виолета Стојановска посочи дека за две години потворно ќе имаат субвенции и нешто друго ќе направат.
„Претходно имавме донација за две клими за кои немаше инсталација и стоеја како украс. Во другите простории, во болничките простории немаше клима. Такви беа условите. Сега во секоја болничка соба има и прочистувачи на воздух. Имаме многу донации во смисла на колички, кревети за прегледи, ново ЕКГ и други апарати“, појасни Стојановска.
Фирми градат паркинзи, МПЦ донира црковни книги во психијатриска болница
Одржувањето хигиена е половина здравје. Но, во голем број клиники во рамки на клиничкиот центар Мајка Тереза тоа е невозможно. Бидејќи освен вода за миење раце, во тоалетите нема ниту сапун, ниту хартија за бришење раце.
„Во тоалетите мириса ужасно, кога бев на контрола пред две недели почна да ми се повраќа, да ти е страв да влезеш. Не знам дали има недостиг на вработени, но греота е што и најтешко болните не можат да ги извршат своите потреби“, сведочи за РСЕ, пациентка на Клиниката за онкологија.
Вели проблемот со нехигиената таму се провлекува со години, меѓу другото, и во периодот на ковид-пандемијата кога токму одржувањето на хигиената беше една од препораките на стручната фела.
„Кога нема основни работи како што е сапун, што да очекуваме за останатото“, коментира соговорничката.
Иако дел од граѓаните трошат од својот џеб трошат за заштита на сопственото здравје во болнички услови, сепак, има и такви кои биле задоволни од услугите во здравствениот систем, па донирале 30 наддушеци во интерно, хируршко и нервно одделение.
На листата која неодамна ја објави Министерството за здравство за периодот 2024-2025, голем број болници, институти и амбуланти ширум земјата примилe 424 донации од 338 донатори. Нивната вредност изнесува 6,654,970 евра.
Анонимни граѓани, државни институции, приватни здравствени и градежни компании и амбасади се наоѓаат на долгата листа која ја објави министерството.
Нивната вредност зависи од големината на донацијата - дали станува збор за маски, средства за дезинфекција, пелени, вакцини, лекови, епрувети, инвалидски колички и различен вид медицинска опрема и апарати.
Компании и акционерски друштва донирале и болнички инвентар - од кебиња, навлаки, перници, се до болнички кревети. А опремувани се и канцеларии со столици и мебел, телевизори, подарени се и клима уреди, компјутери за работа.
Има и такви примери каде градежна компанија во Виница го изградила и уредила здравствениот дом во градот.
Но, здравствените институции не примиле само финансиска, туку и материјална донација. На списокот се појавува и Македонската православна црква - Охридска архиепископија, која во изминатата година донирала „книги со верска содржина за болничка библиотека“ во Психијатриска болница во Демир Хисар.
Критики од Европската комисија
Дека финансиите, но и човечките ресурси во областа на здравството во Македонија се недоволни, нотираше и Европската комисија во последниот извештај за земјава.
Во извештајот за 2024 година, ЕК наведува дека „иако примарната здравствена заштита во Северна Македонија се обезбедува бесплатно, нејзиното финансирање е значително под просекот на ЕУ“.
Според Европската комисија, опсегот на здравствените услуги и нивната достапност, особено на специјализираните медицински услуги, и нивната географска дистрибуција се несоодветни. Нема доволно специјалисти, а соодносот на медицински сестри на 100.000 жители е под просекот на ЕУ.
Покривањето трошоци за здравствена грижа од сопствен џеб е на високо ниво, што претставува пречка за еднаков пристап до здравствената заштита – се вели меѓу другото, во Поглавјето 28 од извештајот на ЕК.