Вести
Рекоден број починати од ковид-19 во Бразил, расте притисокот врз Болсонаро

Бразил вчера регистрира рекордни 3 илјади 521 смртни случаи поврзани со ковид-19, а луѓето ширум земјата удираа во тенџериња за време на телевизиското обраќање на претседателот Жаир Болсонаро, кој го бранеше својот одговор на пандемијата.
Новиот рекорден број на починати во едно деноноќие се показател дека пандемијата во Бразил е надвор од контрола, а аналитичарите сметаат дека тоа е последица на конфузното воведување на вакцините, како и нееднаквите здравствени рестрикции, а сето тоа довело до преоптовареност на болниците.
Болсонаро е под се поголем притисок да ја стави пандемијата под контрола, иако тој упорно го намалува значењето на вирусот, изразува сомневање во вакцините и се противи на мерките кои се донесуваат на државно и на локално ниво.
види ги сите денешни вести
Истекува рокот за проверка на избирачкиот список за локалните избори

Заклучно со вчера (9 септември) во Избирачкиот список за Локалните избори 2025 во подрачните одделенија на Државната изборна комисија (ДИК) се провериле вкупно 5729 граѓани, од кои 3397 мажи и 2332 жени.
Како што информираат од ДИК за МИА, осум лица побарале запишување во Избирачкиот список, 136 лица побарале бришење од кои 134 поради смрт и две лица поради отпуст од државата. Вкупно 59 лица побарале промена на податоците во избирачкиот список најчесто заради промена на презиме или промена на адреса на живеење.
Проверката во Избирачкиот список трае до утре, 11 септември (четврток) до полноќ.
Во сабота (13 септември) на полноќ истекува рокот за поднесување на кандидатури за локалните избори.
Локалните избори се закажани за 19 октомври. Ќе се бираат градоначалници и совети во 80 општини и Градот Скопје.
Денеска членовите на Државната изборна комисија (ДИК) ја одржаа 134 редовна седница на која донесоа повеќе одлуки во функција на претстојните локални избори.
Членовите на ДИК утврдија измени на образецот, познат како Образец број 16 според кој се поедоставува работата на Општинските изборни комисии (ОИК) при сумирање на резултатите на гласачките места каде што се пополнуваат записниците. Според членовите на ДИК со Образецот-16 се овозможува поефикасно работење на Општинските изборни комисии.
Воедно утврдија и едногласно изгласаа Упатство за утврдување на идентитетот на гласачите кое како што беше речено е прилагодено за локални избори, прифатија барања на девет членови на ОИК за нивно изземање со претходно образложение на поднесените барања за изземање од членување во ОИК и едногласно врз приниципот на случаен избор, избраа девет нови членови на соодветните изборни комисии.
Поранешна претседателка на Врховниот суд на Црна Гора и поранешен градоначалник на Будва на листата на санкции на САД

Поранешната претседателка на Врховниот суд на Црна Гора Весна Меденица и поранешниот заменик-градоначалник и градоначалник на општина Будва Мило Божовиќ беа ставени на листата на санкции на американскиот Стејт департмент поради значителна корупција што овозможила шверц на наркотици, беше објавено на 10 септември.
Во соопштението се наведува дека Божовиќ ги злоупотребил јавните функции за поддршка на организираниот криминал и меѓународната трговија со дрога, додека Меденица посредувала во судски одлуки и примала мито со цел да ја поддржи криминалната организација.
Во одлуката се вклучени и членовите на нивните најблиски семејства, семејството Божовиќ - Драгана, Балша и Павла, како и семејството Меденица - Милош и Марија.
Стејт департментот наведува дека ваквите мерки ја потврдуваат посветеноста на САД на борбата против транснационалниот криминал и одговорноста на лицата вклучени во трговијата со дрога.
Што е познато за нив?
Весна Меденица беше една од највлијателните личности во црногорското судство во последните две децении. Таа помина 17 години како судија, а три пати беше избрана за претседател на Врховниот суд, иако Уставот на Црна Гора дозволува максимум два мандати.
Пред тоа, таа ја извршуваше и функцијата Врховен државен обвинител. Меденица беше уапсена во април 2022 година по објавувањето на транскриптот на Европол, во кој беа прислушувани телефонски разговори од апликацијата „Скај“ на нејзиниот син Милош и телохранителот, полицаецот Дарко Лаловиќ, во кои тие договарале шверц на дрога и шверц на цигари.
Од транскриптите се покажа дека Меденица била свесна за нивните криминални активности и наводно била подготвена да ги заштити. Специјалното обвинителство ја обвинува дека, користејќи ја својата позиција во периодот од 2019 до 2021 година, посредувала во решавање на судски случаи во корист на одредени компании, додека примала мито.
Исто така, таа беше обвинета дека вршела притисок врз судиите да донесат пресуди спротивни на законот. Според обвинението на Специјалното државно обвинителство од октомври 2022 година, Милош Меденица е, меѓу другото, обвинет за создавање криминална организација во 2019 година со цел шверц на цигари и нелегално влијание врз судството.
На судењето пред Вишиот суд во Подгорица, Меденица ги негираше сите обвинувања, тврдејќи дека била жртва на политичка одмазда.
Имено, Весна Меденица долго време се сметаше за клучна фигура во судскиот систем под влијание на тогашната влада, предводена од Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Ѓукановиќ. Нејзината работа на чело на Врховниот суд предизвика критики од домашната и меѓународната заедница поради проблеми во владеењето на правото и корупцијата.
Од друга страна, Мило Божовиќ, поранешниот градоначалник на Будва, беше уапсен во април 2023 година под сомнение за создавање криминална организација и неовластено производство и трговија со наркотични дроги.
Специјалното државно обвинителство поднесе обвинение против Божовиќ за кривични дела поврзани со создавање криминална организација и шверц на кокаин.
Во февруари оваа година, Никола Јовановиќ беше избран за нов претседател на Општина Будва.
Со ова заврши мандатот на претходниот градоначалник, Мило Божовиќ, кој го управуваше градот од затвор 22 месеци, потпишуваше плати за вработените, одлучуваше за инвестиции, јавни набавки...
Божовиќ е кадар на една од партиите на распуштениот проруски Демократски фронт на претседателот на парламентот Андрија Мандиќ.
Мицкоски најави дека во ЕК ќе ги оспори законите за повисоки плати за судии и обвинители

Претседателот на Владата, Христијан Мицковски, најави дека не планира да бара од пратениците да поддржат закони „со кои ќе треба да се зголемат, двојно, тројно примањата на оние кои имаат рејтинг само да проценти“. Ваквата изјава доаѓа откако во Министерството за правда во фаза на изработка се неколку закони, законот за судови, законот за обвинители, законот за судски совет, законот за совет на јавни обвинители, законот за обвинителска и законот за судска служба.
„Тоа се носечки шест закони. Тие имаат еден заеднички именител, тоа е повисока плата за судиите и за обвинителите, тоа е реформата. Ова е реформата којашто треба да се случи. Ако некој очекува дека реформата ќе биде, не знам што - не е така. Ова го бараат, повисоки плати за оние коишто наместо да се автори на правда, се автори на неправда. Но во ред преземавме обврска мора да се испорача, рече Мицкоски.
Тој допрецизира дека во моментов се прави компаративна анализа колкав е процентот што се издвојува од буџетите во другите европски земји за овие институции. Откако ќе се соберат податоците Мицкоски најави дека со Министерството за финансии, ќе појдат во Европската комисија за да докажат дека тоа што се бара од Северна Македонија не може да си го дозволи.
„Од нас се бара да имаме да речеме двапати повеќе од некои многу, многу побогати земји од ЕУ. Треба тоа да го направиме? Двапати повеќе да ги платиме овие со два посто рејтинг од тие како една би рекол многу богата за западно-европска земја, членка на ЕУ, не мислам така, посочи Мицкоски.
Во однос на другите два закони, за кривична постапка и на кривичен законик, кажа дека претходната власт го избришала ставот 5 и направила генерална амнестија и нагласи дека ќе се врати, но како што треба, по претходно спроведена компаративна анализа со земјите од ЕУ, за да се знае точно-што е голема, што е мала злоупотреба и за да не се користи за пресметка со политички неистомисленици.
Мајка на почината пациентка сведочеше на судењето за случајот „Онкологија“ против поранешниот директор Васев и двајца онколози

Во Основниот кривичен суд Скопје, денеска, со сведоци на Основното јавно обвинителство продолжи судењето против поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, Нино Васев и тројца онколози обвинети за несовесно лекување пациенти. Сведокот Јулија Мациевска, мајка на починатата Адријана Начевска, одговарајќи на прашања од страна на Обвинителството ја раскажа голготата која нејзината ќерка ја поминала откако започнала со лекување на Клиниката за онкологија во септември 2020 година.
На прашање дали на нејзината ќерка ѝ биле правени испитувања пред примање на терапијата, Мациевска рече дека ѝ била направена само крвна слика, но никогаш не ѝ била измерена телесната тежина. За тоа кога за првпат забележала дека ѝ се влошува здравствената состојба на нејзината ќерка, Мациевска рече „откако започна со примање на имунотерапии“.
„Додека ги примаше хемотерапиите имаше навистина тешки состојби, буквално експлозија на организмот … На Адријана никогаш не ѝ беше измерена телесна тежина, сега прочитав дека тоа морало да се направи. Секако дека јас алармирав за состојбата, бидејќи имав телефон и од Нино и од Мери, но одговорите беа дека тоа е нормално после секоја терапија и дека ќе ѝ помине. Адријана толку многу веруваше што кога ќе отидевме на Онкологија ние во доктор Нино гледавме господ. Не можам да кажам дека тие на почетокот не беа љубезни. Ги истуркавме хемотерапиите некако и таа се крена, дури спреми цела изложба, сѐ додека не почнаа тие имунотерапии, рече Мациевска.
Со секоја следна имунотерапија, додаде, симптомите биле сѐ посилни, но, рече, и покрај нејзините реакции Васев продолжил со давање имунотерапии нагласувајќи дека тоа е „превентивно и е најприродна биолошка терапија“.
„Доктор Нино рече дека ќе продолжиме со имунитерапии превентивно и дека тоа е најприродна биолошка терапија. Уште по првата терапија Адријана имаше реакција која што не беше добра, им кажав дека не е добра … Со секоја следна симптомите ѝ беа и тоа како силни, јас реагирав постојано дека мора да се прекине со тие имунотерапии … Кога првпат отидовме на Гастро, докторот таму ми вика „дали вие знаете каква е состојбата на вашето дете, таа не е добро, црниот дроб е оштетен и има вештачки метастази од неадекватна терапија“, сведочеше Мациевска и додаде дека на Клиниката за гастроентерохепатологија ѝ било посочено дека тие вештачки метастази се добиваат од неадекватна терапија.
Понатаму, сведокот се осврна кон карактерните особини на Васев, нагласувајќи дека во текот на лекувањето заедно со нејзината ќерка положувале силна доверба кон Васев.
„Нино Васев има една црта што изгледа ноншалантно и авторитетот го наметнува на свој начин, а кога ќе сака да си ја тргне одговорноста прави шеги и ќе ти го одвлече вниманието. На почетокот верувавме, но како мајка која е многу свесна, едноставно јас го прашувам нешто сериозно, а тој го одбегнува моето прашање. Моето дете сакаше и веруваше дека ќе биде добра … Од оваа дистанца, Нино Васев мртов ладен се слика со нас, ни кажува вицови за некоја плавуша во Драчево, но тоа мене не ме интересира кога детето ми е болно и во лоша здравствена состојба. Последната недела кога се боревме ги немаше никаде и Нино и Мери … Таа не умре од канцер на дојка, туку ја убија со тие хемии. Мене пари не ми требаат, јас го изгубив моето дете, ќе бараме материјална оштета и ќе ја донирам. Се приклучувам и кон кривичниот прогон, затоа што знаел што прави, но некаде по пат ја изгубил човечноста, сведочеше Мациевска.
Денешното рочиште продолжи без второобвинетета Мери Пешевска која призна вина. Васев и двајца обвинети Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, сите вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, на минатото рочиште пред Судот негираа вина.
Васев на минатото рочиште пред Судот рече дека не се чувствува за виновен и реагираше дека „се дозволило во постапката вешто лице што тој го сменил од директор на Клиниката во 2017 година“. Според неговата одбрана, пак, против Васев се води „некој вид на заговор“ и најави дека во целост ќе се спротивстават и побијат доказите на Обвинителството преку основани и цврсти докази, вклучително и вештачења и вербално сослушување на докторите од Србија и Словенија, кои ги изработиле вештачењата на Обвинителството.
Судскиот процес го води судијката Снежана Марковска.
Обвинението ги товари лекарите за продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба.
Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.
Депонијата Дрисла сѐ уште гори

Сѐ уште е активен пожарот на депонијата Дрисла, што избувна вчера во 15:15 часот.
„Во централниот дел на депонијата гори поголема количина отпад, при што се испушта густ чад кој се чувствува и во пошироката околина“, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во гаснењето на пожарот интервенираат седум пожарникари со две противпожарни возила од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.
Од Центарот информираат дека пожарот не се шири и не претставува закана за околната шума, населба или населено место.
Депонијата Дрисла е лоцирана во југоисточниот дел од територијата на Град Скопје и е оддалечена 14 километри од центарот на градот. Се простира на површина од 76 хектари и во неа се врши третман на комунален отпад, градежен шут, индустриски и медицински отпад.
Членовите на Комисијата за надзор на АНБ и АР со безбедносни сертификати, ќе ги посетат агенциите денеска и утре

Членовите на Комисијата за надзор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР) кои имаат безбедносен сертификат ќе ја посетат АНБ и ќе ги разгледаат документите кои ќе им бидат доставени, беше одлучено на матичната собраниска комисија.
Членот на Комисијата и пратеничка на СДСМ, Славјанка Петровска, истакна дека како претставник на СДСМ и опозицијата ќе го поддржи надзорот на АНБ и АР.
Таа потенцираше дека е должна да ја извести јавноста дека класифицираните информации, доколку Агенцијата остане на ставот дека истите не треба да бидат класифицирани, нема да можат да бидат поделени деталите со јавноста.
„Нема да можеме да дадеме одговор на десетиците прашања, кои изминатиов период со право беа поставувани од разни чинители. Но, сепак и во такви услови, реков дека ќе учествуваме во надзорот на АНБ и Агенцијата за разузнавање“, рече Петровска.
Пратеничката од Левица Јована Мојсоска истакна дека нема да гласа за оваа точка, бидејќи како што рече, во мандатот на новиот директор на АНБ има злоупотреби и дека се повторува праксата пратениците од опозицијата да не можат да добијат безбедносен сертификат, државна тајна.
„Конкретно јас пред повеќе од шест месеци имам поднесено барање за безбедносен сертификат државна тајна иако Законот за класифицирани информации децидно предвидува дека треба да добијам одговор во рок од шест месеци, јас немам добиено одговор на моето барање. Не знам дали тоа е можеби од некој политички реваншизам затоа што Левица прва го обелодени скандалот со дипломата на директорот на АНБ, па сега поради тоа јас не можам да ја вршам мојата пратеничка функција“, истакна Мојсоска.
Со Комисијата претседаваше пратеникот Блерим Беџети.
Членовите на Комисијата донесоа и одлука за утре (11 септември) во 12 часот, да ја посетат Агенцијата за разузнавање.
Поводот за посетата на овие две агенции се обвинувањата од премиерот Христијан Мицкоски и од директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски дека во период од 2019 до 2024 година се вршело незаконско следење на комуникациите и движењето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во меѓувреме продолжуваат партиските препукувања за аферата за прислушување. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека СДСМ ги злоупотребиле службите за да се задржат на власт. Социјалдемократите пак бараат целосна декласификација на документите во име на транспарентност.
Обвинители и истражители од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) на 5 септември влегле во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) како дел од предистрагата за наводите за незаконско прислушување.
Според соопштението од Обвинителство била договорена динамиката за спроведување на увидот во документацијата со која располага АНБ, а која се однесува на наводите содржани во известувањата доставени до ОЈО ГОКК.
Нарушувањето на полскиот воздушен простор, го активира членот 4 од Договорот за НАТО

Претседателот на Полска, Карол Навроцки најави свикување на Националниот совет за безбедност во следните 48 часа. Неговата одлука следува по синоќешното нарушување на полскиот воздушен простор за време на рускиот напад со дронови врз западна Украина.
„Веста дека во рок од 48 часа ќе имаме целосни информации за тоа што се случи во Полска ме наведе да одлучам да свикам состанок на Советот за национална безбедност во рок од 48 часа, истакна Навроцки“, додавајќи дека сегашната ситуација е преседан во историјата на НАТО и Полска.
Претходно, полскиот премиер Доналд Туск соопшти дека поради синоќешниот упад на најмалку 19 руски дронови на полска територија е активиран е членот 4 од договорот на НАТО односно консултации кога на земја-членка и е загрозен територијалниот интегритет.
„Благодарни сме за зборовите на солидарност и поддршка од Алијансата, што е неопходна, но не е доволна. Тоа е заедничка одлука на претседателот на Полска и мојата земја. Член 4 е само увод во зајакнување на соработката и тука не се доволни зборовите. Очекуваме поголема помош. Оваа не е само наша војна . тоа не е исклучиво војна на Украинците, тоа е војна што Русија и ја објави на целиот слободен свет“, наведе Туск во Долниот дом на полскиот Парламент.
Туск ги информираше пратеници дека упадот на најмалку 19 руски дронови траел цела ноќ и оти последниот е соборен утрово во шест часот и 45 минути.
Во меѓувреме, портпаролката на НАТО, Алисон Харт изјави дека претставниците на Алијансата во Брисел денеска (10 септември) ќе разговараат за тоа како да одговорат на упадот со беспилотни летала во полскиот воздушен простор.
Таа додаде дека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте е во контакт со полските власти.
Харт потврди и дека противвоздушната одбрана на НАТО дејствувала заедно со полските сили против дроновите.
Според неименуван извор на НАТО, во синоќешната операција учествувале полски борбени авиони Ф-16, холандски Ф-35, италијански авиони за надзор и контрола на воздушниот сообраќај и авиони на НАТО за полнење гориво.
Новиот премиер на Франција ја презеде функцијата, протести во цела држава

Новиот француски премиер Себастијан Лекорну ја презема функцијата во среда (10 септември), додека демонстрантите излегоа на улиците во знак на отпор кон претседателот Емануел Макрон. На протестите биле предизвикани судири со полицијата, а десетици биле уапсени, јави АФП.
Демонстрациите, предводени од левичарско здружение под слоганот „Блокирајте сè“, се предизвик за 39-годишниот Лекорну, кој е близок сојузник на Макрон и министер за одбрана во последните три години.
Франција распореди околу 80 000 полицајци низ целата земја, додека демонстрантите во и околу Париз изградија барикади од корпи за ѓубре, блокираа училишта и патишта и фрлаа ѓубре врз полицијата рано наутро.
Во југоисточниот град Лион, демонстрантите блокираа пат што минува низ градот и запалија корпи, додека во западниот град Нант полицијата употреби солзавец за да ги растера демонстрантите.
Министерот за внатрешни работи Бруно Рејто ги предупреди демонстрантите дека ќе има „нулта толеранција“ за насилство.
Уапсени се речиси 200 демонстранти, изјави Рејто за новинарите, повеќето од нив во и околу Париз.
Во меѓувреме, во јужниот пристанишен град Марсеј, полицијата спречи околу 200 демонстранти да блокираат главен пат.
Одлуката на Макрон да именува близок сојузник за премиер беше „шлаканица во лицето“, рече Флоран, демонстрант во Лион кој го кажа само своето име.
„Ни требаат промени“, додаде тој.
Макрон го назначи Лекорну доцна во вторникот, еден ден откако неговиот претходник Франсоа Бајру го загуби гласањето за доверба во парламентот поради неговиот обид да спроведе мерки за штедење за намалување на долгот на Франција.
Лекорну, беше предложен да ја преземе највисоката функција во декември, но Бајру наводно го натерал претседателот да му даде шанса.
Лекорну е седмиот премиер откако Макрон ја презеде функцијата во 2017 година - трет во рок од една година.
Неговиот прв предизвик ќе биде да ѝ даде на Франција буџет за 2026 година без да ја доживее истата судбина како Бајру, чиј мандат траеше само девет месеци.
„Претседателот е убеден дека е можен договор меѓу политичките сили, почитувајќи ги убедувањата на сите“, соопшти кабинетот на Макрон.
Фон дер Лајен најави предлог за делумна суспензија на Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел

Во годишното обраќање пред европратениците, познато како „Состојбата на Европската Унија“, претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен најави дополнителни мерки против Израел како одговор на случувањата во Газа, вклучително и делумна суспензија на Договорот за асоцијација.
„Она што се случува во Газа ја потресе совеста на светот. Луѓе убиени додека молат за храна. Мајки кои држат безживотни бебиња. Овие слики се едноставно катастрофални. Затоа сакам да започнам со многу јасна порака. Гладот предизвикан од човекот никогаш не може да се користи како оружје. За доброто на децата, за доброто на човештвото ова мора да престане“, рече Фон дер Лајен.
Покрај директна помош за жителите на Газа, според Фон дер Лајен, Европа треба да направи повеќе и затоа Европската Комисија ќе предложи дополнителни мерки против Израел и покрај непостоењето на консензус меѓу земјите членки.
„Комисијата ќе направи се што може сама. Ќе ја замрзнеме нашата билатерална поддршка за Израел. Ќе ги запреме сите исплати, без тоа да влијаеме на нашата работа со израелското граѓанско општество или (Меморијаниот центар на Холокаусот) Јад Вашем. Ќе предложиме санкции за екстремистичките министри и за насилните доселеници. Исто така, ќе предложиме делумно суспендирање на Договорот за асоцијација за прашања поврзани со трговијата“, најави Фон дер Лајен.
Таа нагласи дека е свесна дека овие предлози за некого ќе биде премногу, за некого премалку, но Парламентот, Советот на ЕУ и Комисијата ќе мора да ги преземат своите одговорности за да се обебзеди мнозинство за поддршка на предлозите.
Шефицата на ЕК најави и формирање на „Донаторска група за Палестина“ следниот месец, вклучително и наменски инструмент за обнова на Газа.
Итна седница на Советот за безбедност на ОН за израелскиот напад во Катар

Советот за безбедност на ОН денеска (10 септември) треба да свика итен состанок за да разговара за нападот на Израел врз раководството на палестинската организација Хамас во Катар, дознава ДПА од дипломатски извори.
Седницата е побарана од Алжир и други земји-членки, наведуваат извори на агенцијата.
Хамас соопшти дека шест лица се убиени во вчерашниот ненадеен напад во Доха, вклучувајќи го и синот на Калил ал-Хаја, највлијателната фигура на исламистичкото движење во странство, и негов шеф на кабинет, пренесе ДПА.
Катар го осуди нападот како „очигледно кршење на сите меѓународни закони и норми“ и „сериозна закана за безбедноста“ на неговото население.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека нападот е одговор на смртоносниот напад на Хамас во Ерусалим во понеделникот, во која две вооружени лица на Хамас убија шест лица, и поради уште еден напад врз војници во Газа.
Катар, заедно со Египет и САД, посредува во војната во Газа меѓу Израел и Хамас, иако преговорите за прекин на огнот се во застој со месеци.
Арапските држави го осудија нападот.
Американскиот претседател Доналд Трамп и германскиот канцелар Фридрих Мерц беа исто така меѓу светските лидери кои изразија критики, потсетува ДПА.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете