Вести
Болсонаро повторно хоспитализиран поради болки во стомакот

Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро беше итно пренесен во болница поради силна болка во стомакот, за која лекарите открија дека е предизвикана од блокада на цревата, соопштија од неговата канцеларија. Оттаму додаваат дека веднаш биле започнати испитувања за да се утврди дали е неопходна операција.
Болсонаро (66) бил на одмор на плажа во јужната држава Санта Катарина кога започнале болките, по што веднаш е пренесен во Сао Паоло со претседателскиот авион.
Лидерот на екстремната десница имаше низа здравствени проблеми откако беше прободен со нож во стомакот за време на претседателската кампања во 2018 година.
„Откако почувствува болка во стомакот, претседателот беше примен во болницата „Вила Нова Стар“ во Сао Паоло рано во понеделникот за да биде подложен на прегледи“, се вели во соопштението од неговата канцеларија.
Во јули, Болсонаро помина четири дена на третман за „интестинална опструкција“. По нападот со нож, Болсонаро најмалку четири пати беше подложен на операција на стомакот. Лекарите рекоа дека Болсонаро изгубил 40 отсто од својата крв во нападот со нож, кој за малку ќе го убиел.
Но, тој преживеа и ја освои претседателската функција во октомври. Сепак, неговиот рејтинг во моментов е на најниско ниво иако се подготвува да побара реизбор овој октомври. Болсонаро заостанува далеку зад неговиот веројатно главен противник, левичарот и поранешен претседател Луис Инасио Лула да Силва, за кого неодамнешните анкети покажуваат дека би можел да победи на изборите во првиот круг.
Одморот на Болсонаро, кој започна на 27 декември, предизвика контроверзии во Бразил, која е силно погодена од рецесија.
види ги сите денешни вести
Депонијата Дрисла сѐ уште гори

Сѐ уште е активен пожарот на депонијата Дрисла, што избувна вчера во 15:15 часот.
„Во централниот дел на депонијата гори поголема количина отпад, при што се испушта густ чад кој се чувствува и во пошироката околина“, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во гаснењето на пожарот интервенираат седум пожарникари со две противпожарни возила од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.
Од Центарот информираат дека пожарот не се шири и не претставува закана за околната шума, населба или населено место.
Депонијата Дрисла е лоцирана во југоисточниот дел од територијата на Град Скопје и е оддалечена 14 километри од центарот на градот. Се простира на површина од 76 хектари и во неа се врши третман на комунален отпад, градежен шут, индустриски и медицински отпад.
Членовите на Комисијата за надзор на АНБ и АР со безбедносни сертификати, ќе ги посетат агенциите денеска и утре

Членовите на Комисијата за надзор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР) кои имаат безбедносен сертификат ќе ја посетат АНБ и ќе ги разгледаат документите кои ќе им бидат доставени, беше одлучено на матичната собраниска комисија.
Членот на Комисијата и пратеничка на СДСМ, Славјанка Петровска, истакна дека како претставник на СДСМ и опозицијата ќе го поддржи надзорот на АНБ и АР.
Таа потенцираше дека е должна да ја извести јавноста дека класифицираните информации, доколку Агенцијата остане на ставот дека истите не треба да бидат класифицирани, нема да можат да бидат поделени деталите со јавноста.
„Нема да можеме да дадеме одговор на десетиците прашања, кои изминатиов период со право беа поставувани од разни чинители. Но, сепак и во такви услови, реков дека ќе учествуваме во надзорот на АНБ и Агенцијата за разузнавање“, рече Петровска.
Пратеничката од Левица Јована Мојсоска истакна дека нема да гласа за оваа точка, бидејќи како што рече, во мандатот на новиот директор на АНБ има злоупотреби и дека се повторува праксата пратениците од опозицијата да не можат да добијат безбедносен сертификат, државна тајна.
„Конкретно јас пред повеќе од шест месеци имам поднесено барање за безбедносен сертификат државна тајна иако Законот за класифицирани информации децидно предвидува дека треба да добијам одговор во рок од шест месеци, јас немам добиено одговор на моето барање. Не знам дали тоа е можеби од некој политички реваншизам затоа што Левица прва го обелодени скандалот со дипломата на директорот на АНБ, па сега поради тоа јас не можам да ја вршам мојата пратеничка функција“, истакна Мојсоска.
Со Комисијата претседаваше пратеникот Блерим Беџети.
Членовите на Комисијата донесоа и одлука за утре (11 септември) во 12 часот, да ја посетат Агенцијата за разузнавање.
Поводот за посетата на овие две агенции се обвинувањата од премиерот Христијан Мицкоски и од директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски дека во период од 2019 до 2024 година се вршело незаконско следење на комуникациите и движењето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во меѓувреме продолжуваат партиските препукувања за аферата за прислушување. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека СДСМ ги злоупотребиле службите за да се задржат на власт. Социјалдемократите пак бараат целосна декласификација на документите во име на транспарентност.
Обвинители и истражители од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) на 5 септември влегле во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) како дел од предистрагата за наводите за незаконско прислушување.
Според соопштението од Обвинителство била договорена динамиката за спроведување на увидот во документацијата со која располага АНБ, а која се однесува на наводите содржани во известувањата доставени до ОЈО ГОКК.
Нарушувањето на полскиот воздушен простор, го активира членот 4 од Договорот за НАТО

Претседателот на Полска, Карол Навроцки најави свикување на Националниот совет за безбедност во следните 48 часа. Неговата одлука следува по синоќешното нарушување на полскиот воздушен простор за време на рускиот напад со дронови врз западна Украина.
„Веста дека во рок од 48 часа ќе имаме целосни информации за тоа што се случи во Полска ме наведе да одлучам да свикам состанок на Советот за национална безбедност во рок од 48 часа, истакна Навроцки“, додавајќи дека сегашната ситуација е преседан во историјата на НАТО и Полска.
Претходно, полскиот премиер Доналд Туск соопшти дека поради синоќешниот упад на најмалку 19 руски дронови на полска територија е активиран е членот 4 од договорот на НАТО односно консултации кога на земја-членка и е загрозен територијалниот интегритет.
„Благодарни сме за зборовите на солидарност и поддршка од Алијансата, што е неопходна, но не е доволна. Тоа е заедничка одлука на претседателот на Полска и мојата земја. Член 4 е само увод во зајакнување на соработката и тука не се доволни зборовите. Очекуваме поголема помош. Оваа не е само наша војна . тоа не е исклучиво војна на Украинците, тоа е војна што Русија и ја објави на целиот слободен свет“, наведе Туск во Долниот дом на полскиот Парламент.
Туск ги информираше пратеници дека упадот на најмалку 19 руски дронови траел цела ноќ и оти последниот е соборен утрово во шест часот и 45 минути.
Во меѓувреме, портпаролката на НАТО, Алисон Харт изјави дека претставниците на Алијансата во Брисел денеска (10 септември) ќе разговараат за тоа како да одговорат на упадот со беспилотни летала во полскиот воздушен простор.
Таа додаде дека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте е во контакт со полските власти.
Харт потврди и дека противвоздушната одбрана на НАТО дејствувала заедно со полските сили против дроновите.
Според неименуван извор на НАТО, во синоќешната операција учествувале полски борбени авиони Ф-16, холандски Ф-35, италијански авиони за надзор и контрола на воздушниот сообраќај и авиони на НАТО за полнење гориво.
Новиот премиер на Франција ја презеде функцијата, протести во цела држава

Новиот француски премиер Себастијан Лекорну ја презема функцијата во среда (10 септември), додека демонстрантите излегоа на улиците во знак на отпор кон претседателот Емануел Макрон. На протестите биле предизвикани судири со полицијата, а десетици биле уапсени, јави АФП.
Демонстрациите, предводени од левичарско здружение под слоганот „Блокирајте сè“, се предизвик за 39-годишниот Лекорну, кој е близок сојузник на Макрон и министер за одбрана во последните три години.
Франција распореди околу 80 000 полицајци низ целата земја, додека демонстрантите во и околу Париз изградија барикади од корпи за ѓубре, блокираа училишта и патишта и фрлаа ѓубре врз полицијата рано наутро.
Во југоисточниот град Лион, демонстрантите блокираа пат што минува низ градот и запалија корпи, додека во западниот град Нант полицијата употреби солзавец за да ги растера демонстрантите.
Министерот за внатрешни работи Бруно Рејто ги предупреди демонстрантите дека ќе има „нулта толеранција“ за насилство.
Уапсени се речиси 200 демонстранти, изјави Рејто за новинарите, повеќето од нив во и околу Париз.
Во меѓувреме, во јужниот пристанишен град Марсеј, полицијата спречи околу 200 демонстранти да блокираат главен пат.
Одлуката на Макрон да именува близок сојузник за премиер беше „шлаканица во лицето“, рече Флоран, демонстрант во Лион кој го кажа само своето име.
„Ни требаат промени“, додаде тој.
Макрон го назначи Лекорну доцна во вторникот, еден ден откако неговиот претходник Франсоа Бајру го загуби гласањето за доверба во парламентот поради неговиот обид да спроведе мерки за штедење за намалување на долгот на Франција.
Лекорну, беше предложен да ја преземе највисоката функција во декември, но Бајру наводно го натерал претседателот да му даде шанса.
Лекорну е седмиот премиер откако Макрон ја презеде функцијата во 2017 година - трет во рок од една година.
Неговиот прв предизвик ќе биде да ѝ даде на Франција буџет за 2026 година без да ја доживее истата судбина како Бајру, чиј мандат траеше само девет месеци.
„Претседателот е убеден дека е можен договор меѓу политичките сили, почитувајќи ги убедувањата на сите“, соопшти кабинетот на Макрон.
Фон дер Лајен најави предлог за делумна суспензија на Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел

Во годишното обраќање пред европратениците, познато како „Состојбата на Европската Унија“, претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен најави дополнителни мерки против Израел како одговор на случувањата во Газа, вклучително и делумна суспензија на Договорот за асоцијација.
„Она што се случува во Газа ја потресе совеста на светот. Луѓе убиени додека молат за храна. Мајки кои држат безживотни бебиња. Овие слики се едноставно катастрофални. Затоа сакам да започнам со многу јасна порака. Гладот предизвикан од човекот никогаш не може да се користи како оружје. За доброто на децата, за доброто на човештвото ова мора да престане“, рече Фон дер Лајен.
Покрај директна помош за жителите на Газа, според Фон дер Лајен, Европа треба да направи повеќе и затоа Европската Комисија ќе предложи дополнителни мерки против Израел и покрај непостоењето на консензус меѓу земјите членки.
„Комисијата ќе направи се што може сама. Ќе ја замрзнеме нашата билатерална поддршка за Израел. Ќе ги запреме сите исплати, без тоа да влијаеме на нашата работа со израелското граѓанско општество или (Меморијаниот центар на Холокаусот) Јад Вашем. Ќе предложиме санкции за екстремистичките министри и за насилните доселеници. Исто така, ќе предложиме делумно суспендирање на Договорот за асоцијација за прашања поврзани со трговијата“, најави Фон дер Лајен.
Таа нагласи дека е свесна дека овие предлози за некого ќе биде премногу, за некого премалку, но Парламентот, Советот на ЕУ и Комисијата ќе мора да ги преземат своите одговорности за да се обебзеди мнозинство за поддршка на предлозите.
Шефицата на ЕК најави и формирање на „Донаторска група за Палестина“ следниот месец, вклучително и наменски инструмент за обнова на Газа.
Итна седница на Советот за безбедност на ОН за израелскиот напад во Катар

Советот за безбедност на ОН денеска (10 септември) треба да свика итен состанок за да разговара за нападот на Израел врз раководството на палестинската организација Хамас во Катар, дознава ДПА од дипломатски извори.
Седницата е побарана од Алжир и други земји-членки, наведуваат извори на агенцијата.
Хамас соопшти дека шест лица се убиени во вчерашниот ненадеен напад во Доха, вклучувајќи го и синот на Калил ал-Хаја, највлијателната фигура на исламистичкото движење во странство, и негов шеф на кабинет, пренесе ДПА.
Катар го осуди нападот како „очигледно кршење на сите меѓународни закони и норми“ и „сериозна закана за безбедноста“ на неговото население.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека нападот е одговор на смртоносниот напад на Хамас во Ерусалим во понеделникот, во која две вооружени лица на Хамас убија шест лица, и поради уште еден напад врз војници во Газа.
Катар, заедно со Египет и САД, посредува во војната во Газа меѓу Израел и Хамас, иако преговорите за прекин на огнот се во застој со месеци.
Арапските држави го осудија нападот.
Американскиот претседател Доналд Трамп и германскиот канцелар Фридрих Мерц беа исто така меѓу светските лидери кои изразија критики, потсетува ДПА.
Полициски час во Катманду, војската на улиците

Непалската војска продолжува да патролира по улиците за време на неограничениот полициски час во Катманду, по дводневните протести против корупцијата и забраната за социјални мрежи, во кои беа убиени најмалку 21 лице, а премиерот КП Шарма Оли поднесе оставка.
„Прво се обидуваме да ја нормализираме ситуацијата. Посветени сме на заштита на животите и имотот на луѓето“, изјави портпаролот на армијата, Раџа Рам Баснет.
Не се пријавени протести во Катманду, но локалните медиуми објавија дека се приведени околу 25 лица кои се обидувале да „направат проблеми“ на периферијата на главниот град.
„Тука нема демонстранти. Само неколку луѓе одат по улицата. Тука е мирно, изјави жител на градот“, а пренесоа медиумите.
Непалските медиуми објавија дека се прават подготовки за разговори меѓу властите и демонстрантите, но повеќе детали сè уште не се познати.
Претседателот на Непал, Рам Чандра Паудел, вчера ги повика сите страни, вклучително и граѓаните што протестираат, да бараат мирно решение преку дијалог за актуелното движење на генерацијата Z.
Апелот дојде во екот на насилните демонстрации во кои најмалку 21 лице беше убиено, а стотици беа повредени кога безбедносните сили отворија оган врз демонстрантите пред парламентот на Непал.
Демонстрантите подоцна упаднаа во клучните владини институции, вклучително и Канцеларијата на претседателот, додека сопругата на поранешниот непалски премиер Џала Нат Канала почина откако жива изгоре кога нејзината куќа беше запалена.
Регионалните медиуми објавија дека тројца полицајци биле линчувани и покрај тоа што го положиле оружјето откако биле нападнати од демонстрантите.
Непалската армија претходно јавно апелираше до граѓаните, особено до младите, да покажат воздржаност и да го зачуваат историското и културното наследство на нацијата во овој период на немири.
Ангелов: Има сомнежи дека пожарот во Дрисла е подметнат

Постојат сомненија дека пожарот во скопската депонија Дрисла е предизвикан намерно, изјави вечерта на 9 септември директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Пожарот, според неговите тврдења, нема опасност да се прошири надвор од депонијата.
„Бригадата за противпожарна заштита Скопје со сите сили се обидува да го локализира пожарот во депонијата Дрисла, направени се противпожарни појаси за да не се дозволи огнот да тргне кон блиската трева, грмушки и шума од горната страна на депонијата“, вели Ангелов.
Црниот чад од пожарот кој изби во попладневните часови можеше да се забележи од повеќе населби во Скопје.
Ангелов претходно потенцираше дека гаснењето на која било депонија е сложен процес поради „хемиските и биолошките процеси кои се одвиваат во внатрешноста на депонијата како резултат на кои се создаваат запаливи гасови“.
Депонијата Дрисла се простира на површина од 76 хектари и во неа се врши третман на комунален отпад, градежен шут, индустриски и медицински отпад.
Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Градот Скопје, Звонко Томевски, информираше дека на терен се десет противпожарни возила, а била побарана и помош од Јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Од таму пратиле две цистерни за дотур на вода и од нив директно на самата локација се дополнуваат противпожарните возила.
Бил побаран и авион на ДЗС, но немало услови да се интервенира од воздух.
„Станува збор за посериозен пожар од поголеми размери, имаше опасност да се зафати околната борова шума која е во близина на депонијата и да се предизвика дополнително шумски пожар којшто можеше да загрози понатаму и објекти кои се во близина“, додаде командантот на скопските пожарникари.
Сепак, неговите очекувања се дека за брзо пожарот ќе биде изгаснат.
Дрисла е лоцирана во југоисточниот дел од територијата на Град Скопје и е оддалечена 14 километри од центарот на градот.
Судот во Баку ја потврди 9-годишната казна затвор за новинарот на РСЕ

Суд во Азербејџан ја потврди деветгодишната затворска казна изречена на новинарот и економист Фарид Мехрализада по обвиненијата за кои тој вели дека се директно предизвикани од неговото критичко известување за азербејџанскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
На 9 септември, судот ги отфрли жалбите за пресудите против Мехрализада и шест други новинари од кои сите негираа каква било вина за кривичните дела што им се ставаат на товар. На групата новинари првично им беа изречени казни помеѓу 7 и пол и девет години на 20 јуни.
„Остро ја осудуваме одлуката на судот да ја потврди неправедната и неоснована казна за Фарид. Денес требаше да го одбележиме враќањето на Фарид кај сопругата и бебето. Наместо тоа, тој останува зад решетки, лишен од правдата што ја заслужува“, изјави претседателот и главен извршен директор на Радио Слободна Европа, Стив Капус, по објавувањето на соопштението од судот.
Мехрализада првпат беше приведен на 30 мај 2024 година, кога безбедносните агенти го фатија, му ставија качулка на главата и шепотејќи му на уво, му порачаа: „Премногу зборуваш“.
Два дена подоцна, судот во Баку го смести Мехрализада во притвор за „заговор за шверц на девизи“ во врска со случајот што азербејџанските власти го покренаа против „Абзас Медиа“.
Веднаш по апсењето, „Абзас Медиа“ излезе со соопштение во кое тврдеше дека Мехрализада нема директна врска со медиумот и оти е еден од многуте експерти чии коментари биле пренесувани на нивната веб-страница.
Основачот на „Абзас“, Улви Хасанли и главниот уредник, Севињ Абасова, исто така, беа осудени на по девет години затвор на 20 јуни.
Уште еден вработен во „Абзас“, Махамад Кекалов, беше осуден на 7 и пол години, додека уредникот на информативната агенција Туран, Хафиз Бабали, доби девет години. Новинарките Наргиз Абсаламова и Елнара Гасимова беа осудени на по осум години затвор.
За време на судењето, Мехрализада внимателно ги раскажуваше околностите под кои бил уапсен како доказ дека случајот е политички мотивиран поради неговите „критички мислења во врска со социјалните и економските политики во Азербејџан“.
Економските анализи на Мехрализада често ја критикуваа зависноста на Азербејџан од нафта и гас и ги доведуваа во прашање официјалните статистики за невработеност и сиромаштија.
Тој првично беше обвинет за шверц, но потоа обвинението беше проширено вклучително и со обвиненија за нелегално претприемништво, даночно затајување и фалсификување документи – обвинувања што тој и неговите поддржувачи ги карактеризираа како измислени и дополнителни докази за тоа дека зад случајот стојат политички сили.
Тренд на потиснување на неистомислениците
Откако ја презеде власта кратко пред смртта на неговиот претходник и татко, Хејдар Алиев, во 2003 година, претседателот на Азербејџан Илхам Алиев се соочи со обвинувања за потиснување на неистомислениците со притворање новинари, опозициски личности и активисти на граѓанското општество.
Се чини дека овој тренд се забрза неодамна, со апсење на повеќе од 30 новинари и борци за човекови права кои се гонат по слични обвиненија, а коишто меѓународните институции ги сметаат за политички мотивирани.
Сепак, азербејџанските власти постојано ги негираат овие критики. За случајот на Мехрализада и другите неодамна приведени лица, Владата инсистира на тоа дека апсењата произлегуваат од конкретни кривични дела, а не од политичка одмазда.
Пожар во скопската депонија Дрисла

Голем пожар попладнево избувнал во скопската градска депонија Дрисла, информираа од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информираше дека не станува збор за алармантен пожар, но оти гаснењето е сложено.
„Бригадата за противпожарна заштита на Скопје работи на негово гаснење. Гасењето пожар на која било депонија е сложен процес поради хемиските и биолошките процеси кои се одвиваат во внатрешноста на депонијата како резултат на кои се создаваат запаливи гасови“, посочи Ангелов.
Депонијата Дрисла е лоцирана во југоисточниот дел од територијата на Град Скопје и е оддалечена 14 километри од центарот на градот. Се простира на површина од 76 хектари и во неа се врши третман на комунален отпад, градежен шут, индустриски и медицински отпад.
Изминатиот период Скопје се соочува со уште еден пожар, на поранешната градска депонија Вардариште. Таа е лоцирана на левиот брег на реката Вардар, веднаш под индустрискиот комплекс „Металски завод Тито“, на околу седум километри од центарот на градот.
Иако е затворена пред три децении, локацијата и денес претставува сериозен еколошки ризик, се користи како дива депонија, а избувнувањето пожар во неа е честа појава.
За решавање на проблемот со Вардариште, жители на скопската општина Аеродром, која е најпогодена од загадување на воздухот кога таму избувнува пожар, од 2 септември секојдневно излегуваат и на околу еден час ја блокираат раскрсницата меѓу булеварите „Србија“ и АСНОМ.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете