Вести
Во Тирана протест против владата на премиерот Рама

Поранешниот албански премиер и лидер на крилото на опозициската Демократска партија за нејзина обнова, Сали Бериша, пред денешниот протест, свикан од него побара масовност за да му се каже, како што изјави, „на автократот дека неговите денови се изброени“. Тој изјави дека ова бил протест од витално значење за Албанија, бидејќи Еди Рама и неговиот тим ги злоупотребуваат слободите, финансиите, битието и достоинството на албанските граѓани. „Ова е и порака и повик до сите Албанци да се приклучат на оваа праведна кауза. Кауза, која има заеднички именител а тоа е заштитата на слободите на Албанците. Температурите се високи, но уште поголема е народната омраза кон овој нарушувач на причините за слободата. Се е поврзано со слободите на албанските граѓани. Етузијазмот е голем а незадоволството безгранично“, рече Бериша кој предупреди на „остра реакција доколку полицијата насилно реагира врз демонстрантите на протестот“.
Демонстрантите со ултиматум до Рама - или поевтини горива или оставка
„Секој обид за заплашување и насилно однесување врз учесниците на протестот од страна на полицијата ќе биде евидентиран и ќе добие заслужена лична и законска казна“, се закани Бериша. Протестот закажан се одржува под мотото „ Албанија во опасност-Не вели што ќе ми е мене?“, собирно место е седиштето на Демократската партија во 19 часот, од каде продолжуваат до пред влада.
види ги сите денешни вести
Државната изборна комисија донесе упатство за избор на нови избирачки одбори за локалните избори

Државната изборна комисија денеска (7. август), донесе неколку одлуки во пресрет на локални избори.
Комисијата усвои упатство за именување на претседател, членови и нивни заменици во избирачките одбори, што произлегува од законските обврски за формирање нови состави од редовите на државната администрација, откако годинава истече четиригодишниот мандат на избирачките одбори, кои беа избрани пред локалните избори во 2021 година.
Како што посочи претседателот на ДИК Борис Кондарко, донесена е и методологија за именување на претседател, членови и нивни заменици на новите избирачки одбори.
„Изборот ќе се спроведе преку систем на случаен избор од Министерството за јавна администрација (МЈА), согласно важечките законски процедури и врз основа на упатство за родовата и националната застапеност“, нагласи тој.
Кондарко информираше дека Предлог-методологијата за именување на претседател, членови и нивни заменици на новите избирачки одбори произлегува од донесено упатството, а се однесува за новиот избор кој ќе следи до крајот на август на новиот состав од редовите на администрацијата.
„Потоа, во септември, ќе следи нивна соодветна обука и доставување прирачници за нивната работа“, изјави претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Кондарко.
Тој посочи дека оваа точка е поврзана со претходно усвоеното Упатство (точка 10) и претставува „логичен следствен чекор во постапката за составување на новите избирачки одбори во пресрет на Локалните избори 2025 година“.
Едногласно беше усвоена и Предлог-одлука за измена на описот на избирачки места во кои бројот на избирачи надминува 1000 како дел од редовната постапка за усогласување со законската одредба дека на едно избирачко место не смее да има повеќе од 1.000 избирачи.
Промените се однесуваат на избирачки места во општините Гостивар, Кисела Вода, Чаир, Струмица, Куманово и во Тетово, каде што ќе се изврши нова распределба на гласачите – без да се менува вкупниот број на избирачки места. Овие одлуки се дел од подготвките за одржување на изборите во согласност со Изборниот законик и со цел обезбедување фер и ефикасен изборен процес.
ДИК ја усвои и Предлог-одлуката за измена и дополнување на Годишниот план за вкупни потреби за јавни набавки за 2025 година на ДИК.
Членот на ДИК, Ангелчо Ристов рече дека предмет на измена во Годишниот план се набавка на сервер за системскиот и софтверскиот оддел на ДИК. Втората е набавка на систем за складирање на податоци, исто така, наменет за серверскиот оддел на Комисијата.
Беше усвоена и Предлог-одлука за дополнување на Упатството за работа на Oпштинските изборни комисии и Општинската изборна комисија на град Скопје.
Воедно, комисијата го прифати Предлог-правилникот за неможност за извршување на повеќе работни обврски по два или повеќе основи во постапката за организирање и спроведување на еден ист изборен процес.
На седницата исто така, беше усвоена и Предлог-одлуката за неможност за извршување на работни обврски по два или повеќе основи во постапка за организирање и спроведување на ист изборен процес и Предлог-одлука за изгледот на беџовите за идентификација.
Во самата одлука се наведува дека следните категории лица не можат истовремено да бидат ангажирани по повеќе основи од страна на ДИК: членови на изборни органи, членови на избирачки одбори, членови и секретари на општински изборни комисии, сертифицирани обучувачи за изборни органи, лица ангажирани како помошни тела во Стручната служба на ДИК.
Кондарко најави дека на денот на распишување на изборите ДИК ќе одржи јавна седница на која ќе го донесе роковникот со изборни дејствија што ќе следат.
Според бројот на учесници, изборната администрација, вклучувајќи ги и вработените во Државната изборна комисија (ДИК), локалните избори се најголеми и најмасовни.
Карактеристично за овие избори е и тоа што дијаспората нема да може да гласа, а ако некој од македонските државјани сака да го искористи своето право тоа ќе може да го направи само доколку допатува во земјата.
Вкупниот буџет за одржување на локалните избори 2025, кој е веќе објавен, изнесува 9 милиони 760 илјади евра, од кои две третини се пари наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање.
Осуден германски државјанин за веење знаме на „Голема Албанија“ на фудбалски натпревар

Осуден на две години условна казна доби германски државјанин за кривичното дело предизвикување омраза на меѓународниот фудбалски натпревар меѓу фудбалските клубови Шкендија и Карабах. Оваа пресуда ја донесе Основниот суд Скопје 1 по извршена идентификација, во која Основното јавно обвинителство по итна постапка покреана обвинение.
„Против него беше поднесено обвинение, бидејќи на 5 август, непосредно пред фудбалскиот натпревар помеѓу ФК „Шкендија“ и ФК „Карабаг“, со истакнување и веење знаме на „Голема Албанија“ и со натпис „Автохтона“, предизвикал чувство на омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност. Тоа го забележале полициски службеници, кои го лишиле од слобода“, се вели во соопштението на ОЈО Скопје.
Во него е наведено дека врз основа на обезбедените докази Основниот кривичен суд Скопје изрече пресуда со која обвинетиот го огласи за виновен и го осуди на условна казна затвор од две години, која нема да се изврши доколку осудениот не стори ново кривично дело во следните 5 години.
Во исто време, бидејќи станува збор за странски државјанин, Судот донесе одлука да го протера и да му забрани влез во државава во следните пет години.
Во меѓувреме, МВР и Јавното обвинителство соопштија дека продолжуваат да преземаат мерки за откривање и идентификување на сторители на кривични дела на ширење на омраза и нетрпеливост поврзани со спортски натпревари.
Ова е втор спортски настан на кој во период од една недела, навивачи скандираат националистички пароли предизвикувајќи меѓуетнички препукувања.
Алиу: Бесплатен влез за онколошките пациенти на новиот паркинг на Клинички

Ќе има четири различни влезови на новиот паркинг на Клинички – најави министерот за здравство, Азир Алиу денеска (7. август).
Тој информираше дека за онколошките пациенти влезот ќе биде бесплатен, за пациенти со упат, како што рече, влезот ќе биде евтин. За вработени ќе има трета цена и за граѓани кои доаѓаат поради „икс причини“ ќе биде трета цена која што ќе биде најскапа.
„Ценовникот на паркингот нема да биде ист за сите, почнувајќи од нула денари до цени за граѓани кои што не се пациенти“, изјави Алиу по промоцијата на новиот модул за електронска евиденција на здравствените прегледи во областа на медицина на трудот.
Одговарајќи на новинарско прашање поврзано со изградбата на новиот паркинг простор на Клинички, министерот рече дека наредната недела на прес-конференција ќе соопшти повеќе детали, но, вели, она што може да го каже во овој момент е тоа дека договорот ќе биде потпишан со Јавното претпријатие Градски паркинг кое и досега раководеше со паркингот на Клинички.
„Очекуваме во текот на денот да се потпише договорот помеѓу Министерство за здравство и ЈП Градски паркинг. Исто така, ќе бидат отворени дополнителни влезови, еден од нив ќе биде отворен на Кардиологија за да може пациентите кои што имаат потреба од интервенција во таа Клиника да може директно таму да влезат“, додаде ресорниот министер.
Тој кажа дека излезите ќе бидат исти, бројот на паркинг места ќе биде двојно поголем од сега, поради оптимизацијата на просторот.
Според него, засега нема да има изградба на нов тврд или монтажен објект, бидејќи како што рече, со оваа оптимизација бројот на паркинг места ќе биде повеќе од доволно.
Прашан зошто договорот се потпишува со истата институција којашто раководеше со паркингот на Клинички, односно ЈП Градски паркинг, тој рече :„мојот пристап како министер е да се работи со институции кои имаат експертиза во областите“.
„Проблемот досега не беше во ЈП Градски паркинг, туку во менаџирање на процесите во паркингот. Знаете дека ниту ЈП Градски паркинг, ниту Министерството за здравство немаа некој процес за следење на активностите на паркингот“, истакна Алиу.
Тој посочи дека сега се дефинира начинот на плаќање, но и се дефинира начинот на креирање на извештаи во реално време.
„Значи 24 часа ќе се има мониторинг на целиот простор. Исто така, ќе има камери за следење на автомобилите. За цената сѐ уште не е разговарано, ќе треба да има промени во цената, рече Алиу.
За тоа како ќе се направи поголем број на паркинг места, министерот нагласи дека има доста неискористен простор којшто ќе се искористи. Доколку има потреба и доколку оптимизирањето на паркинг просторот не даде резултати, тој посочи дека ќе се размислува за монтирање на катна гаража.
„Знаете дека имаме позади Клинички простор којшто буквално не е достапен ни за пешаци, ниту за автомобили, едноставно тој ќе биде оптимизиран. Работеа неколку архитекти и според нив ќе имаме дупло повеќе паркинг простор отколку што имаме сега. Доколку имаме потреба и резултатите покажуваат дека и со ваков тип на паркинг места и со оптимизација на тие слободни паркинг места, нема да бидат доволни, ќе одиме со третата фаза, монтирање на катна гаража внатре“, рече Алиу.
Кризната состојба за шумските пожари продолжена за уште 30 дена

Владата одлучи да ја продолжи кризната состојба предизвикана од пожарите на отворено, за 30 дена.
Со ова продолжување се обезбедува навремена помош за сите засегнати подрачја, односно сите ресурси вклучително и човечки, технички, логистички остануваат мобилизирани, сè со цел да се справат со пожарите и заштита на населението од огнените стихии – соопшти владината прес служба денеска ( 7. август).
Поради високиот ризик од шумски пожари во државата, властите упатија апел до граѓаните да бидат внимателни и да ја почитуваат целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште (донесена од 01.07.2025 година и ќе трае до 31.08.2025 година).
Во спротивно сите оние кои не се придржуваат кон оваа одлука, која е донесена за спречување на пожари, ќе бидат казнети со парична казна од 1.500 до 2.000 евра - стои во владиното соопштение.
Претходната владина одлука за прогласување кризна состојба поради зголемениот број пожари, беше донесена на 8. јули.
Владината портпаролка, Марија Митева тогаш на прес конференција соопшти дека одлуката е донесена врз основа на тогашната седница на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи поради сложената состојба на теренот, високите температури, силните ветрови и ризикот за животната средина, имотот и безбедноста на граѓаните.
Славески: Рано е за каков било ефект од американските царини за земјава

Гувернерот Трајко Славески изјави дека е рано да се почувствуваат првите ефекти од воведувањето на американските царини кои засега за Македонија изнесуваат 15 отсто. Со оглед дека ваквата одлука е донесена „буквално пред некој ден“, допрва ќе се прават потребните анализи, вели првиот човек на Народна Банка.
„Се уште немаме ефект од воведувањето на царините. Дури и проценките на САД се, зашто и кај нив ќе има влијание, дека по пет-шест месеци ќе може да ги почувствуваат првите ефекти. Царинските стапки се буквално од пред некој ден. Треба да направиме анализи, да видиме во која мерка тоа би влијаело, сега немам прецизен податок за тоа“, нагласи Славески, одговорајќи на новинарски прашања на прес-конференција.
Одлуката на САД според која македонските производи ќе се царинат за плус 15 отсто, стапува во сила денеска, а беше донесена на 1 август.
Царина од 15 отсто САД ќе имаат и со Европската Унија, со која склучија трговски договор на 27 јули.
Од земјите во регионот, со царинска стапка од 15 проценти ќе бидат и производите од Хрватска и Словенија, производите од Србија ќе се царинат со 35 отсто, од Босна и Херцеговина со 30 проценти, а најниска царина ќе имаат Албанија и Црна Гора, 10 отсто.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува царините од САД за Македонија да паднат и под 15 отсто, зашто, како што изјави пред една недела, преговорите продолжуват во втората половина од август, по летните одмори.
Министерството за финансии смета дека царините може да се намалат до 10 проценти, а според директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, до крајот на септември треба да се знае која царинска стапка ќе биде дефинирана.
Четворица обвинети во случајот „Штекли“ признаа вина

На денешното рочиште за случајот „Штекли“, поврзан со организирана продажба на дрога во скопската населба Аеродром, четворица обвинети – Данчо Масев, Димитар Трајков, Владимир Веселиновски и Бранислав Зајков – поднесоа предлог за признавање вина, по што судот донесе решение за раздвојување на кривичната постапка.
Во однос на обвинетиот Раде Трајковски Штекли, судот најави дека на следното рочиште ќе се соочат психијатриските вештачења од одбраната и Обвинителството.
Како што информираше судијата Илија Трпков, во врска со психолошката состојба на Трајковски, одбраната доставила вештачење во кое се наведува дека Трајковски страда од растројство со шизофрени карактеристики, има халуцинации и параноидни идеи, и не е способен да ја следи судската постапка.
Спротивно на тоа, обвинителството доставило изготвено психијатриско вештачење во кое се тврди дека Трајковски е апсихотичен и способен да учествува во расправата.
Претседателот на Судечкиот совет, потоа го одложи судењето за 3 септември со најава дека на наредната расправа ќе ги повика вештите лица од двете страни за да ги соочи нивните мислења. Потоа, Судот ќе одлучи на кое вештачење ќе му верува, или ќе нареди ново психијатриско вештачење доколку се утврди потреба.
Обвинителството за гонење на организиран криминал поднесе обвинение против вкупно 10 лица, по речиси едногодишна истрага која вклучувала посебни истражни мерки.
Првично биле опфатени 16 лица, од кои седум веќе склучиле спогодби и добиле затворски казни од 3 до 3,5 години.
Според обвинителството, групата била добро организирана, со јасно дефинирани улоги - од набавка до продажба на кокаин и марихуана. Дрогата се чувала во изнајмени станови, а се продавала по цени од 4500 до 6000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана.
Комуникацијата се одвивала преку апликацијата Snapchat, а клучни докази биле обезбедени преку „Cellebrite“ системот за анализа на мобилни телефони, кој е донација од Соединетите Држави.
Нефункционални објекти и опрема, затворен Aква парк и пропуштени можности за дополнителни приходи на спортскиот центар „Борис Трајковски“

Нефункционални објекти и реквизити, затворен Aква парк, неизвесност околу иднината на соларниот систем и пропуштени можности за дополнителни приходи, утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР) во Ревизијата на Друштвото за изградба, управување и издавање на повеќенаменската сала „Борис Трајковски“ за 2023 година.
„Со ревизијата е утврдено дека друштвото во 2023 година остварило приходи од закупнини во вкупен износ од 10.901 илјада денари, врз основа на 24 активни договори за издавање деловни објекти под закуп. Три од договорите, биле склучени во периодот од 2011 до 2013 година и се со важност од 10 до 15 години, согласно тогашната важечка законска регулатива, додека другите договори се склучени врз основа на постојниот Закон за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Северна Македонија“, информираат од ДЗР.
Со извршените анализи, додаваат, констатирано е дека кај два договори, цената постигната на јавно наддавање била само незначително повисока од почетно утврдената; кај пет договори цената останала непроменета во однос на почетната и - кај 14 договори постигнатата цена е пониска од првично проценетата, со намалувања кои се движат од 6% до дури 50%. Овие договори се склучуваат на период од четири години, а по нивниот истек се продолжуваат со анекси, под исти услови и без ревидирање на цените според актуелните пазарни услови.
Со ревизијата е опфатено и работењето на Аква паркот, при што утврдено е дека во 2023 година, вкупниот остварен приход изнесувал 4.290 илјади денари, што е за 41% помалку од планираниот износ. Во 2024 година, Аква паркот е затворен поради економската неисплатливост, како и поради истечениот гарантен рок од 10 години на вградените реквизити, опрема и инсталации, период во кој изведувачите гарантираат за квалитетот на изведените работи.
„Резултатите од анализата покажуваат дека приходите од користење на пливачки базен, лизгалиште, мала сала, куглана, конгресна сала и пинг понг центар во последните три години во континуитет бележат пораст кој продолжува и во 2024 година, додека Аква паркот има тренд на пад на остварените приходи, а во 2024 година не работи и не остварува приходи“, посочуваат ревизорите.
Дополнително, ревизорите укажуваат на неизвесност во однос на натамошното функционирање на вградениот „соларен систем“ кој се состои од соларни панели и топлински пумпи за загревање на пливачкиот базен. Системот е ставен во употреба во 2014 година и функционирал со прекини заклучно до 2023 година, но поради утврдени технички недостатоци на соларните панели системот не функционира и за нив не е најдено ново соодветно решение, се посочува во ревизијата.
Истовремено, во извештајот истакната е пропуштената можност на Борис трајковски ДООЕЛ Скопје за остварување приходи од стопанисување со паркингот, за кој друштвото има стекнато право на користење, но со години наназад не остварува приходи од издавање на паркингот.
Ревизорскиот извештај за Спортскиот центар „Борис Трајковски“ открива дека објектот бил изграден уште во 2011 година преку задолжување на Град Скопје, со заем во износ од 260 милиони денари. Договорено било овој износ да се враќа во три еднакви месечни рати уште истата година, но слабата финансиска кондиција на управителот го направила тоа невозможна мисија. Наместо во 2011, исплатата започнала дури во 2019 година, осум години подоцна.
Во меѓувреме, центарот работел со загуба, а ликвидноста била нарушена. Од 2019 до 2022 година, не успеал самостојно да генерира доволно средства за да го враќа долгот, па наместо тоа, целата обврска паднала на товар на државниот Буџет. Министерството за финансии го зголемило основниот влог на државата во друштвото, и со тоа ги покрило сите три рати. Последната била исплатена дури во 2023 година.
Јужна Кореја и САД ќе одржат големи воени вежби на 18 август

Јужна Кореја и САД ќе одржат големи воени вежби овој месец со цел да ја зголемат својата заедничка борбена готовност во услови на растечки воени закани од Северна Кореја, соопштија денеска сојузниците, цитирани од јужнокорејските медиуми.
Годишните вежби „Улчи фридом шилд“ (УФС) ќе се одржат од 18 до 28 август и ќе вклучуваат обука за реални закани за подобрување на капацитетите на сојузниците во сите области, соопштија војските на двете земји.
Овогодишните маневри ќе доживеат мала промена - 20 од 40-те задачи за обука ќе бидат одложени за септември, изјави портпаролот на Здружениот штаб на Јужна Кореја на денешниот брифинг.
Одлуката за промена на распоредот е главно поттикната од екстремните временски услови, рече тој, негирајќи дека зад тоа стојат политички фактори.
Овогодинешната вежба ќе го тестира одговорот на војските од двете страни на зголемените нуклеарни закани од Северна Кореја, како и најнапредните технологии што се користат во модерното војување, рече портпаролот, наведувајќи ги конфликтите во Украина и Блискиот Исток. Вежбата ќе вклучува сценарио за лансирање ракети од Северна Кореја, но нема да опфати потенцијален нуклеарен тест од страна на Пјонгјанг, додаде тој.
Трамп воведува 50 проценти царина за увоз од Индија

Претседателот на САД, Доналд Трамп (Трамп), во среда потпиша извршна наредба со која се воведува дополнителна царина од 25 проценти за Индија за купување руска нафта, со што вкупниот број на царини што САД ги наметнаа на нивниот сојузник ќе достигне 50 проценти.
Царините треба да стапат во сила 21 ден по потпишувањето на наредбата, што значи дека и Индија и Русија би можеле да имаат време да преговараат со администрацијата за царините за увоз.
Потезите на Трамп би можеле да ја нарушат економијата на Индија, која до неодамна се сметаше за алтернатива на Кина од страна на американските компании кои сакаат да го преместат своето производство. Кина, исто така, купува нафта од Русија, но тоа не беше вклучено во наредбата потпишана од американскиот претседател.
За време на преговорите со Пекинг, Трамп воведе царини од 30 проценти за стоки од Кина, што е помалку од вкупните царини за увоз со кои се закани Њу Делхи.
Трамп им објави на новинарите во вторник дека царините ќе бидат воведени, велејќи дека САД во среда имале состанок со Русија, додека неговата администрација се обидува да ја заврши војната во Украина.
„Ќе видиме што ќе се случи“, рече Трамп за неговите планови за царини. „Потоа ќе донесеме одлука“.
Американскиот специјален претставник Стив Виткоф се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ во среда, објави прес-службата на рускиот шеф на државата, без дополнителни детали за состанокот. Беше наведено само дека состанокот траел околу три часа.
САД имаа трговски дефицит од 45,8 милијарди долари во стоки со Индија во 2024 година, покажуваат американските статистики.
Со население од 1,4 милијарди луѓе, Индија е најголемата земја во светот и е начин САД да се спротивстават на влијанието на Кина во Азија. Сепак, Индија не ги поддржа санкциите што ги воведоа САД и нивните сојузници врз Москва во врска со Украина, иако индиските претставници тврдеа дека сакаат мир.
Децата кои се на долготрајно лекување ќе следат настава во болнички услови

Децата кои се на долготрајно лекување на Клиниката за детски болести во Скопје, ќе можат да следат настава откако и официјално беше соопштено дека ќе се воведе формално основно образование во болнички услови. Ова беше најавено од министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за здравство Азир Алиу и Марија Вук, претседателка на НВО САНО - (Здружение кое им помага на децата со канцер).
Како што беше појаснето, МОН со поддршка од граѓанскиот сектор, воведува формално основно образование за децата кои се на подолгорочно лекување на Клиниката за детски болести во Скопје.
„Направени се измени на законска и подзаконска регулатива и училиштата каде се запишани децата кои се на лекување на Клиниката, треба да ги вклучат во настава од септември – директно, односно онлајн додека траат часовите, или преку асинхрона комуникација (наставникот му испорачува материјали на ученикот, му задава задачи, оценува знаење...). Наставникот може да организира и индивидуална настава за ученикот, преку некоја дигитална алатка, беше речено на Клиниката и истакнато дека сето ова ќе зависи и од здравствената состојба на детето.
Целта е децата да немаат застој во воспитно-образовниот процес и по завршување на лекувањето, полесно да се ресоцијализираат, да се вратат во училиштето и меѓу другарчињата. Беше нагласено дека ниедно дете не смее да биде лишено од образование само затоа што се лекува и дека болеста не значи изолација, прекин или заборавеност. Во тек биле обуки за ефективна работа на далечина на наставниците со овие деца.
Директорот на Клиниката, Реџеп Мемеди, истакна дека образованието не е само средство за учење, туку и клучна алатка за емоционална стабилност и зачувување на самодовербата на децата, па според тоа, додаде, вклучувањето на децата од болница во формалното образование значи половина здравје, бидејќи доброто ментално здравје кај овие мали пациенти значи дека многу полесно и помотивирано ќе го поминат долготрајниот пат на лекување.
Министерот за здравство Азир Алиу пак, најави дека ќе бидат изработени методологија и материјали што децата ќе треба да ги поминат, со цел да ги добиваат здравствените, но и образовните услуги.
Тој најави дека од утре (7 август) ќе се креира работна група, со цел обезбедување на квалитетен соодветен кадар за работа. Во моментов, на конкретниот оддел во Клиниката се лекуваат околу 20 деца, но тој број се менува. Како што соопштија надлежните кај децата со малигни заболувања, понекогаш третманот траел и до две години, зависно од самата патологија. Првите шест месеци, биле принудени цело време да бидат на Клиниката.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете