Достапни линкови

Филери се ставаат и на фризер - му треба ли ботокс на Законот?


Илустрација
Илустрација

Едни ставаат филери по дома, други додека се на фризер, наместо кај стручно лице. Законот е јасен, велат од Министерството здравство, но за да нема погрешни толкувања се разгледуваат предлог-измените на специјалистите во областа на естетската медицина, кои алармираат за злоупотребите и ризиците.

„Една пациентка си купила филер, гледала на Јутјуб како се става и сама се боцкала дома пред огледало, па дојде со искривена уста“, ни раскажа д-р Игор Пеев, специјалист по пластична и реконструктивна хирургијa.

Но, не сите се осудуваат сами да стават ботокс или филер - инекција, најчесто на база на хијалурон, со која се пополнуваат брчки за ефект на младешки изглед или се зголемува волумен на одредени делови од телото. Затоа пак, сѐ повеќе во последно време, поради пониските цени и лесната достапност, одат на непроверено.

За да понудат пониска цена, оние кои „боцкаат на диво“ бараат поевтини материјали. Па така, несоодветни филери се препакуваат во мали шприцеви и се продаваат како квалитетни, а купени се од Али Експрес или од Тему.

Но, пациентките најчесто кријат каде „ги боцкале“, сведочи хирургот, според кој најризична категорија која оди на непроверена опција се девојки на возраст од 18 до 30 години.

„Пациентка имаше речиси целосно спуштени очни капаци по апликација на ботокс. Инсистирав да каже каде се случило тоа, но таа ми рече: ‘во фризерско студио, ама не сакам да кажам кое'. Има многу надри лекарства последниве месеци, од новопечени доктори од земјава и од странство, посебно докторки од Косово на пример. Тие можат да бидат и псевдо доктори, доаѓаат со лиценца напишана на други јазици. Тие не знаат навремено да ги детектираат нус појавите и соодветно да ги третираат “, вели доктор Пеев.

Дека ботокс или филер не смее да аплицира секој и секаде туку само кај стручни лица, се согласува инфлуенсерката Миа Костова и вели дека ваквите услуги таа ги добива кај стоматолог со доедукација на тема лице и апликација на филери.

„Младите девојки не треба ни да почнуваат со такви зафати според мене, но ако веќе се решат многу е битно да знаат точно што се користи и секако зад ординацијата да стојат соодветни сертифицирани доктори. Сѐ останато коешто е – дојди во три, додека се прави фризура ќе те боцнеме, за мене е неприфатливо и апсолутно апелирам кон сите никогаш да не прифаќаат која и да е цената за тоа. Затоа што цената на она што подоцна може да се случи е многу поголема“, вели Костова.

Што може да се случи?

Дваесетитригодишна девојка со некроза или изумирање на ткивото на дел од носот заради несоодветна апликација на филер во регија каде не треба да се става, е последниот случај на нус појава со која се сретнал хирургот Пеев.

Кај неа примениле итен метод за растопување на филерот за да се спречи инфекција.

Може да има анафилактичен шок како алергиска реакција. Уште полошо сценарио е слепило поради запушен крвен сад, а може да дојде и до сепса, алармираат експертите.

И инфлуенсерката Костова, вели, била сведок на драматичен епилог во нејзината околина.

„Пријателка заврши со сериозен инфект по ставање на хијалурон во задник и не е тоа играчка и апсолутно ги поддржувам докторите коишто застануваат зад овој криминал“, додаде Костова.

Да се знае точно кој што смее да прави

Здружението за естетска медицина (ЗЕМ), Македонската асоцијација на пластични, реконструктивни и естетски хирурзи (МАПРЕКС) и Здружението на дерматовенеролози на Македонија (ЗДМ) во февруари побараа измени на Законот за јавно здравје за попрецизно да регулира нивната работа, односно да се знае кој точно може да прави естетски интервенции.

Од здруженијата сметаат дека, како што велат, застареноста и недореченоста во Законот, дозволува несоодветна примена и го загрозува здравјето на пациентите при изведување на медицински процедури од немедицински лица.

Oд Министерството за здравство за Радио Слободна Европа (РСЕ) одговорија дека во моментот се разгледуваат предлозите и решенија доставени од здруженијата.

Според нив, постојната законска регулатива, особено Законот за здравствената заштита и Законот за јавно здравје, се доволно јасни и недвосмислени во делот на тоа каде и под кои услови може да се врши здравствена дејност.

„Сепак, со цел да се елиминираат секакви можности за погрешни толкувања и незаконско вршење дејност, предлогот на стручните здруженија е внимателно анализиран и се смета за добра основа за решавање на проблемите во оваа област, со оглед на тоа што тој нуди сеопфатен стручен и експертски аспект на уредување на естетските медицински процедури“, велат од Министерството.

Додаваат и дека за појасно и подетално нормативно уредување, почнале да формираат работни групи, а паралелно останува законската обврска за надзор и инспекциски контроли од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG