Ингеренциите на Претседателот се во рамките на надворешната политика, одбраната и безбедноста, пред се. Две работи се актуелни: Прво застојот во евроинтеграциите. И второ, договорот за стратегиско партнерство со Велика Британија, вреден 6 милијарди инвестициски кредит. Госпоѓо Давкова, дали сме поблиску или подалеку од пред една година од почетокот на преговорите за членство во ЕУ со оглед дека бугарската влада потсети оти условот за вметнување на бугарското малцинство за почеток на преговорите за членство не е единственото барање на Софија за овој процес?
Не можам со една реченица прецизно да ви одговорам. Зошто? Бидејќи, ако речам дека сме подалеку или поблиску тоа не е вистинскиот одговор, бидејќи понекогаш далечината или близината е многу релативна, зошто не значи дека ако почнеме ние преговори дека тоа навистина ќе значи исчекор. Во исто време може да дојде и ново барање или пак како што досега се случуваше да следат процеси кои ќе го оневозможуваат нашето договарање за кластерите и за поглавјата. Што мислам за овој период?
Прво забележувам промени. Веројатно е тоа логично да го одговорам како претседателка. Всушност нашиот преседан доведе до промисла на евроинтеграциските процеси, бидејќи сите знаат дека овој преседан ќе изроди нови и преседани. Имено да, јас честопати велам дека устав може да смените, но не можам јас да ветам дека ќе има уставни измени набрзо, бидејќи јас сум овластена предлагачка на уставни измени, но пратениците гласаат по сопствено уверување, бидејќи тие ги преставуваат граѓаните а не мене и другите власти, Најчесто прашање до мене од надвор е дали ќе има уставни измени и мојот кус одговор е - не можам да гарантирам, бидејќи не сум апсолутен монарх. Значи по мене барањето од надвор уставни измени е спротивно на темелните вредности и принципи на Европската Унија вградени во договорот за ЕУ вградени во Лисабонскиот договор и во повелбата за фундаментални права бидејќи таму има обврска или ветување дека ЕУ ќе ги почитува уставните и политичките структури на државите или дека ЕУ ќе го почитува националниот и културниот идентитет и дигнитетот и интегритетот.
Спомнавте креативна дипломатија за надминување на проблемот за почетокот на преговорите? Од соопштението од вашиот кабинет по средбата со Беате Мајнл-Рајзингер, министерка за европски и меѓународни работи на Република Австрија минатата недела разбравме дека разговорите за решавањето, на овој спор, би сакала да се случат во Виена. Се случува ли нешто на овој план и има ли маневарски простор за владата?
Креативна дипломатија, да. Нам ни е јасно дека преговарачката рамка е усвоена. Нам ни е јасно дека е тешко таа да се менува, иако случајот на Србија го покажа и поинаквото. Затоа јас велам дека штом ние укажуваме на проблеми поврзани со нашето преговарање тогаш и ЕУ треба да вложи енергија креативно да овозможи наше напредување и мислам дека ова што го спомнувате е на таа линија. Еве моите предлози што се: Европскиот Парламент може да донесе некаков акт за состојбите меѓу нас и Бугарија. Може исто така Советот да даде некакви инструкции, Може, исто така, еве да се во некаков акциски план до историската бугарско - македонска комисија да се предочи тие може да бидат слободни но да внимаваат, иако вие велите дека е теорија. Не е теорија. Тоа се уставни акти на ЕУ, и тие треба да ги почитуваат не само во однос на членовите, туку и во однос на сите други. Значи да им се предочи. Два протоколи потпишавме, така? Еве може уште еден, но да не можат да бидат основ за вето, туку дека ќе се разговара слично како што разговараа Германците и Французите, Полјаците и Германците за да видиме како низ интерпретација на решенијата можеме да дојдеме до конечен договор. Да потенцирам, во договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија нема ниту еден член ниту еден збор за уставни измени. Уставните измени никнаа од првиот и од вториот протокол.
Дали има некаква инцијатива за средба?
Во меѓувреме, видете, ние ја чувме министерката дека Австрија секогаш била зад регионот. Австрија смета дека во моментов најважното за ЕУ е политиката на проширување да се спроведе. Дека има разбирање за аспирациите на Украина и Молдавија, но дека има поголемо разбирање за Западен Балкан и тогаш рече, еве јас ви предочувам дека Австрија е спремна да разговараме за изнаоѓање некое креативно решение заедно со Бугарија.
Дали ја контактиравте Софија или Австрија ја контактирала?
Јас не можам, не знам, дека сигурно министерката или го сторила или ќе го стори тоа. На иста линија беше и коментарот на претседателот на Европскиот Советот, бидејќи и тој рече дека најпрво го оцени нашиот предлог за одложено решение како добро решение но дека не наишол на разбирање во соседството но изрази спремност меѓу нас тројцата, претседателот на Бугарија. Тој и јас.
Деталите од договорот за стратегиско партнерство со Велика Британија се општи и засега непознати. Каква е вашата политичка оценка за овој договор?
Надлежноста за склучувањето на договорите е поделена. Примус е претседателот. Меѓутоа уставот вели дека меѓународните преговори ги склучува претседателот а владата тогаш кога е тоа со закон утврдено. Тоа е утврдено со закон во економијата, образованието социјална заштита. Значи невообичаено е претседателот да дава политичка оценка стратешки договор за области како што е инфраструктура, болници, студентски домови... Да, јас сум информирана за областите но ваквите стратешки договори , по примерот на договорот со САД се во сфера на надлежноста на владата. Значи јас подржувам решенија кои што ќе овозможат развој и просперитет. Бидејќи најголемиот предизвик денеска е тој со оглед на ноторниот факт е дека и нашите најголеми традиционални партнери од ЕУ ,исто така, имаат сериозни економски проблеми.
Дали е овој договор алтернатива за статус квото со ЕУ?
Не, не. Јас не сум фаталист и ретко го употребувам изразот дека немаме алтернатива. Но тврдам дека ние како што сме дел од Европа географски културно и историски така сме и политички дел од ЕУ. И морам да напоменам дека и британските претставници кога доаѓаат тука, исто така, дијалогот го води во рамките на нашата започната, недовршена евроинтеграција. Значи, немаме алтернатива во овој поглед. Но бараат сите денеска во светот извори на средства за развој за надминување во таа смисла и ние особено. И еден интересен податок, можеби најголемиот дел од вложувањата на Обединетото Кралство во Западен Балкан ги има кај нас.
Како ја оценувате работата на власта во изминатава година? Имате редовни консултации со премиерот Мицковски?
Владата го црпи легитимитетот од Собранието и одговара пред Собранието и тоа има право и обврска да ја оценува работа на владата. Јас можам да кажам за надворешната политика и безбедноста. Се конслутираме, јас барам информации и секој си се држи дпо својата надлежност. Се конслутираме и се договараме, кој кога и каде ќе оди. Не се мешам во нивните внатрешни работи, но не дозволувам ни да има мешање во моите работи.
На колку закони досега сте ставиле вето?
Заега на еден закон во една година што не се случило претходно. Но во неколку случаи сум имала забелешки за неколку решенија. Јас ги добивам законите меѓу првите за да видам дали можеби има решенија кои сметам дека можеби не се во ред и утре би имало можност за вето. За некои интервенирале, а за некои ми објасниле зошто е така и зошто нема друго решение. На пример, во градежништвото каде мора да се најдат решенија. Но одговорно изјавувам дека ако дојде до решенија зад кои не можам да стојам јас ќе го употребам ветото.
Какви се вашите односи со опозициската ДУИ? Од оваа партија последно што реагираа е дека сте се позиционирале на страната на владата занемарувајќи ги механизмите за заштита од етничка мајоризација?
Не е точно, не е точно. Не можам јас да ги занемарам механизмите за етничката репрезентативност. Правичната и соодветна застапеност се уставна категорија. Моите изјави се секогаш врзани за уставот и за законот. Пораките беа дека треба да го оставаме Уставниот Суд да решава. Јас верувам во составот на овој Уставен Суд. Јас исто така мислам дека во евро интеграциите е важно не само да сме хармонизиран и со „акито“, туку ќе бидеме ќе бидеме оценувани и дали ги спроведуваме законските решенија во праксата законските решенија а тоа ќе го проверуваат главно Венецијанската комисија и ГРЕКО и ние мора да водиме сметка и за нивните мислења. Значи јас можам да влијаам во мојот кабинет да водам сметка и за составот на различните тела. Одговорно тврдам дека во конституирањето на телата како што се, Комисијата за признанија и одликувања, Комисијата за помилување, Советот за млади, секогаш внимавам не само на правичната застапеност и повеќе од тоа. Има зошто затоа што првиот критериум за мене стручноста и компетентоста.
Дали успеавте да бидете претседател на сите граѓани, како што рековте на почетокот на мандатот?
Тоа е всушност најважната функција ,иако ние секогаш велиме меѓународната политика. Мојот легитимитет извира од граѓаните, избрана сум на директни избори и уставната одредба дека ги преставува граѓаните надвор и во земјата. Моите активности не се канцелариски и се насочени на постојани средби со најразлични категории на граѓани а најмногу со најранливите категории. Тоа можете да го проверите. Јас во тој поглед, еве има и истражувања, мислам дека ја уживам довербата на граѓаните, не само од различни етнички заедници, туку и од граѓани со различни статуси, пол, возраст. Се обидувам но велам само евалуацијата не е вистинка евалуација туку има начини тоа да се провери.
Целото интервју можете да го поледнете во видеото погоре.