Прекројувањето на собраниските редови го отежни носењето на реформските закони и други важни собраниски одлуки за кои е потребно Бадентерово мнозинство или покрај поддршка и од мнозинството пратеници од немнозинските заедници во Северна Македонија, како Албанци, Турци, Бошњаци итн.
Дел од претставници на власта веруваат дека нема да имаат проблеми, други се надеваат на совеста на опозицијата. Таму пак, некои се очекува да тактизираат од закон до закон, а други се песимисти дека воопшто ќе се најдат на иста фреквенција со мнозинството.
„Ако се оди во духот како и досега, тешко дека би поддржале вакви предлог закони кои не совпаѓаат со реалноста, духот“, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ) пратеникот од опозициската ДУИ Блерим Беџети, координатор на пратеничката група на Европскиот фронт.
„Зависи, но понекогаш треба да се испрати и порака до власта“, порачува и пратеникот Халил Снопче, кој од неодамна со уште двајца пратеници од крилото на Алијанса за Албанците предводен од Таравари, премина во опозициските редови.
Бадентерово мнозинство е потребно за реформските односно системските закони и одлуките кои директно ги засегаат културата, употребата на јазици, образованието, личните документи, употребата на симболите. За дел од нив, како што појаснуваат од кабинетот на спикерот Африм Гаши, потребен е „мал бадентер“ – мнозинство гласови од пратениците од малцинствата кои се присутни на конкретната седница, додека за другите „голем бадентер“ – мнозинство од вкупниот број гласови од немнозинските заедници.
Од одлуките кои допрва или веќе се во собраниска процедура и потребен е бадентер се, на пример, Изборниот законик, потоа измените на Законот за локална самоуправа со кои се предвидува отповикување градоначалник со референдум, избор на Програмскиот совет на МРТ, законски измени кои ќе овозможат полагање испити за вработување негувателки во градинки итн. Тука се и дел од законите предвидени со реформската агенда од Планот за раст чиј рок за носење истекува месецот, а се од областа на правосудството.
Каков е распоредот на сили?
Во актуелниот состав на македонското Собрание, од вкупно 120 пратеници 39 се припадници на малцинствата кои гласаат по принципот на Бадентер.
Ова значи, дека за власта да биде комотна потребни и се 20 пратеници. Арбен Таравари со заминувањето во опозиција со себе повлече тројца пратеници што ја остави пратеничката група на Влен(Вреди) – владиниот партнер од албанскиот блок, со само 11 пратеници. Ако на нив се додадат уште три-четворица кои се од малцинствата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери, како и оние за кои се шпекулира дека би преминале на владејачката страна, неофицијалните пресметки велат дека на власта би и недостигале уште барем уште пет пратеници за да има „голем бадентер“.
Но, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели „не се толку“.
„Помалку се, многу помалку“, рече Мицкоски во гостување на Алсат ТВ на 12 јуни, но не сакаше да спомене конкретни имиња на пратеници.
„Имам чувство дека ќе се обезбеди [бадентер]“, уверуваше премиерот.
„Докажете се како власт“
Од ДУИ велат дека тие тешко оти ќе и излезат во пресрет на власта и ќе и помогнат за да истурка некој закон со бадентер, иако од оваа партија на самиот старт на мандатот на Владата помогнаа со обезбедување двотретинско мнозинство за реорганизација на министерствата и за продолжување на мандатот на в.д. градоначалниците.
Но, сега велат, ситуацијата е поинаква и константно бараат предвремени парламентарни избори.
„Власта уште од самиот почеток го нема бадентеровото мнозинство. Ако се следат ставовите на ДУИ, јасно е дека тешко ќе се најдеме [со власта]. Веќе не зборуваме за селективна правда туку за одмаздување, зборуваме и за употребата на јазици, а знаете дека токму од владејачките партии го оспоруваат законот за јазици, евроинтеграциите не мрдаат … И реално во интерес на државата е да има предвремени парламентарни избори“, вели Беџети од опозициската ДУИ.
Меѓу тројцата пратеници Албанци од крилото на Таравари кои до неодамна беа дел од мнозинството, пак, во моментов владее револт бидејќи првата одлуката на власта била да ги исклучи од сите парламентарни комисии во кои членувале. Тоа не било така во минатиот собраниски состав, кога исто така Таравари и двајца пратеници преминаа од власт во опозиција.
„Ако така дејствуваат, се разбира и ние понекогаш ќе дадеме порака – ајде докажете се, да видиме дали имате бадентер. Меѓутоа, ако има некој закон што сметаме дека е во интерес на државата, граѓаните и на нашите гласачи, што е во склад со нашите програмски определби сигурно дека ќе го поддржиме. Меѓутоа, принципиелно не верувам дека тоа често ќе се случува. Самиот нивен однос е во таа насока, да те иритира“, вели пратеникот Снопче за РСЕ.
Во интерес на реформите, пак, наскоро пред пратениците ќе се најдат барем пет од осум закони кои се дел од агендата од Планот за раст што Северна Македонија го договори со Европската комисија, а чиј рок е јуни 2025. Станува збор за закони кои ги подготвува Министерството за правда и се однесуваат на правосудството. Од нив, за три е потребно бадентерово мнозинство.
Министерот за правда, Игор Филков, според она што го кажа на последниот брифинг со новинарите, се надева на совеста на пратениците од опозицијата.
„Прашањето за Бадентер не се однесува само за Министерството за правда и јас се надевам дека сите политички партии кои се активни чинители на општествениот живот во Македонија се свесни дека не смеат да ги кочат законите кои што се носат во интерес на граѓаните и ќе бидат свесни дека со тоа прават штета на еден сериозен процес“, изјави Филков на 13 јуни.
Последните поделби во парламентот кои влијае на намалување на бројот на пратеници од немнозинските заедници во парламентарното мнозинство беа предизвикани поради несогласувања околу локалните избори што треба да се одржат во октомври годинава. Арбен Таравари не се согласи со останатите тројца партнери во коалицијата Влен – Демократското движење на Изет Меџити, Беса на Билал Касами и Алтернатива предводена од Зеќирија Ибрахими, за тоа дека треба да се настапи со заеднички листи за советници. Неговиот став беше дека треба да се настапи со засебни листи.
Покрај несогласувањата за локалните избори, Таравари јавно критикуваше и ја напушти власта бидејќи рече дека не ги испорачале промените што ги ветиле.