Достапни линкови

Таравари поднесе оставка на министерската функција


Арбен Таравари
Арбен Таравари

Арбен Таравари и официјално ја поднесе својата оставка од функцијата министер за здравство и денеска ја достави до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

„Одговорноста што ја преземав со оваа функција ја извршував со максимална посветеност, транспарентност и чувство за должност кон граѓаните и државата. Одлуката ја носам по внимателна, лична и професионална проценка, уверувајќи дека овој чекор е во најдобар интерес и за институцијата и за моите лични принципи“, пишува Таравари во оставката.

Тој додава и дека останува отворен за соработка кога е во прашање јавниот интерес иако овој потег практично значи дека тој и неговата партија Алијанса за Албанците заминуваат во опозиција.

Со излегувањето од коалицијата ВРЕДИ која е дел од Владата сите други функции на кои беа назначани личности од Алијанса на Албанците остануваат во ВРЕДИ, изјави денеска вицепремиерот Изет Меџити.

„Не сме дошле до конкретните имиња, но тоа што е важно е сите ресори што ги имаше Алијанса за Албанците, остануваат во рамките на ВРЕДИ. Тоа што самиот најавува оставка но не и за другите функционери тоа покажува и докажува дека има донесено одлука која што не кореспондира со членството и структурите на партијата. Има видливи поделби и тие веќе ги гледаме секојдневно“, изјави Изет Меџити.

Алијанса на Албанците има 5 пратеници, од вкупно 14 колку што има коалицијата ВРЕДИ, но во моментов не се знае дали некои од нив ќе преминат во другите три партии од оваа коалиција на албански партии која е дел од власта или ќе му се придружат на Таравари во опозиција.

Во Собранието денеска е формирана нова пратеничка група на ВРЕДИ од 9 пратеници, а пратеникот Беким Ќоку е нејзин нов координатор, информираа денеска од кабинетот на спикерот Африм Гаши.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера не сакаше да открива дали сите функционери на Таравари заминуваат или некој би можел да остане во власта, ниту дали ресорите што ги имаше Алијанса за Албанците остануваат во ВРЕДИ.

Тој рече дека сите кадровски решенија кои ги имаа од партијата на Таравари ќе бидат познати идната недела.

Несогласувањата во коалицијата ВРЕДИ почнаа пред повеќе од еден месец кога Алијансата за Албанците предводена од Таравари реши на претстојните локални избори да настапат со свои листи за советници. По оваа одлука неговите коалициските партии во ВРЕДИ го обвинија за соработка со опозициската ДУИ и одлучија коалицијата да стане партија, но без Алијансата.

Одлуката да се излезе од Владата Таравари објасни дека се должи на тоа што "Промените што ги ветивме не ги испорачавме за што граѓаните не критикуваат. Затоа решивме да се вратиме кај граѓанинот. Да побараме од нив доверба во октомври за локалните избори“.

Таравари имаше и една средба со премиерот Христијан Мицковски, по која премиерот кажа дека со или без Таравари во Владата, таа е стабилна, цврста и со големо мнозинство.


XS
SM
MD
LG