Извештајот на Томас Вајц во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент
Првиот обид за усвојување на овој извештај, на 4-ти јуни, пропадна, односно, беше одложен за 24 јуни, поради притисоците од бугарските европратеници, кои тврдеа дека Вајц имал „ненајавени средби“ со македонските власти и ги нарушил правилата за транспарентност на Европскиот парламент, со што, според нив, предложениот текст е компромитиран и необјективен.
Но, главниот проблем им беше што во извештајот децидно се признаваше македонскиот јазик и идентитет. Бараа пред македонскиот идентитет да стои зборчето „сегашен“, што претставува обид да се наметне тезата дека македонска нација е вештачки создадена на корените на бугарската нација.
Инаку во Извештајот на Вајц се потсетува на потребата од одржување на моментумот и кредибилитетот на процесот на европска интеграција и се забележува дека земјава продолжува да покажува посветеност на евроинтеграцијата и усогласеност со политиките на ЕУ.
Видете и ова: Вајц, поради притисок од бугарски европратеници, го одложи гласањето за Извештајот за Македонија„Европскиот парламент повикува на брз напредок во преговорите за пристапување, истовремено истакнувајќи ја важноста на усвојувањето на уставните амандмани; ги охрабрува сите политички партии во Северна Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус за овие амандмани, што би го зајакнало мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзало нејзиниот напредок кон членство во ЕУ“, се наведува во Предлог-извештајот на Вајц, кој е известувач на ЕП за земјава.
Каков извештај ќе биде изгласан и дали воопшто ќе биде изгласан, ќе дознаеме во вторник.
Можна македонско – бугарска средба, со посредници, на високо ниво на Самитот на НАТО?
Иницијативата за состанок, на маргините на самитот на НАТО, кој почнува на 24 јуни, дојде од претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.Замислен како средба меѓу претседателите на Македонија и на Бугарија, а на кој би можеле да присуствуваат и високи претставници на ЕУ, САД, како и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Можност за размена на аргументите, ставови за спорните прашања и евентуални излезни решенија од ќорсокакот во односите меѓу двете земји, со што би се откочиле пречките на македонскиот евро-интегративниот пат.
Видете и ова: Калас од Скопје: Работиме на механизми за деблокада на евроинтегративниот процесМакедонската страна веднаш ја прифати иницијативата, но од Бугарија немаше прецизен одговор, барем не јавно. Во меѓувреме, Софија објави дека на самитот на НАТО, наместо претседателот Румен Радев, ќе оди бугарскиот премиер Росен Жељазков. Ни тоа не беше проблем за македонската страна.
„Ако има каква било иницијатива за средба на ниво претседател-премиер, тоа треба да се прифати без разлика што јас нема да бидам таму, тоа е мојот став и убеден сум дека тоа ќе биде став и на претседателката“, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Претседателската Сиљановска се согласи.
Но, засега, таква средба, на претстојниот самит на НАТО, не е закажана.
Во меѓувреме, од Скопје и Софија нема сигнали за компромис
За македонско – бугарскиот спор, претседателот Румен Радев на 16 јуни изјави дека не станува збор за нерешени билатерални прашања, за наметнување вето или за запирање на процесот на интеграција, туку за внатрешни предизвици кои се поврзани со човековите права во Република Северна Македонија.
„Има Договор за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година и во него има два протокола. Има преговарачка рамка од 2022 година, европски консензус на сите земји членки и од власта на Северна Македонија, така што Бугарија никогаш не поставила и нема да постави услови надвор од тој договор, надвор од преговарачката рамка и надвор од двата протоколи“, рече Радев.
Видете и ова: Бугарскиот парламент усвои нова резолуција во врска со напредокот на Северна Македонија кон ЕУСепак, клучен проблем се протоколите, а некои точки од нив се тешко остварливи, особено историските и идентитетските прашања.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека тоа што го зборуваат претставниците на Бугарија ќе имаат можност да го докажат на 24 јуни со повлекување на амандманите во Европскиот парламент, и да ја прифатат иницијативата за средба во рамки на состанокот на НАТО во Хаг кон крајот на месецов.
„Пристигнуваат многу различни пораки од официјална Софија. Нашите стари рекле „помалку слушај што зборуваат, повеќе гледај што работат“. Има таква можност да го покажат ова што го зборуваат. На 24 јуни на Комисијата за надворешни работи при ЕП се наоѓа извештајот во којшто очекувам бугарските членови на ЕП да ги повлечат амандманите во кои бараат македонскиот многувековен идентитет и јазик да се додефинираат со зборчето сегашен или „present“, и во рамките на тој дух да биде усвоен тој извештај и потоа и патоказот за малцински права којшто многу скоро ќе биде на дневен ред. Така што имаат можност ова што го зборуваат да го покажат и на дело“, изјави Мицкоски.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова не ја коментираше директно изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев, но нагласи дека тоа не значи дека се согласува со него.
„Идентитетските прашања, се надвор од која било преговарачка рамка, бидејќи се надвор од Договорот за ЕУ, од Лисабонскиот договор и од Повелбата за фундаментални права. Таму, се гарантира националниот и културниот идентитет, не само на членките на ЕУ, туку и на кандидатите за членство во ЕУ“, изјави Сиљановска.
Оттука, и покрај напорите на европските дипломати и барем декларативната заложба на првите луѓе на ЕУ за продолжување на процесот на проширување на Унијата со нови земји членки, во барањето солуција за Македонија, наредната седмица не треба да се очекуваат чуда. Она што може да се очекува, е да им стане појасно на многумина во Европа каде е суштината на македонско – бугарскиот проблем. Потоа, е работа на дипломатијата и на искрената желба на сите за постигнување компромис, кој е од интерес и на Македонија и на Бугарија, но и на Европската Унија.