Достапни линкови

Вести

Белата куќа: Бајден ќе соработува со победникот на изборите во Турција

Портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби
Портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби

Американскиот претседател Џо Бајден со задоволство ќе работи со кој и да победи на изборите во Турција, изјави портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби.

„Му честитаме на турскиот народ што ја изрази својата волја на гласачките места на мирен начин“, рече Кирби на онлајн брифингот, пренесен од британските медиуми.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во саботата, ден пред изборите, изјави дека американскиот претседател „наредил Ердоган да биде соборен“ на претседателските избори во Турција.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент претходно најави дека Турција е долгорочен сојузник на Соединетите Држави и дека Вашингтон внимателно ќе ги следи изборите, додавајќи дека „САД нема да заземат страна на изборите“.

Вториот круг од претседателските избори во Турција ќе се одржи во недела, на 28 мај, бидејќи ниту еден од кандидатите во првиот круг не доби повеќе од 50 отсто од гласовите, објави во понеделник претседателот на турската Изборна комисија, Ахмет Јенер.

Како што јави турската телевизија ТРТ, според прелиминарните резултати од првиот круг од изборите, актуелниот шеф на државата освои 49,51 отсто, а неговиот противкандидат, лидерот на Републиканската народна партија, Кемал Киличдароглу, освои 44,8 отсто од гласовите, додека Синан Оган 5,17 отсто од гласовите.

види ги сите денешни вести

Трговците, производителите и дистрибутерите на средба кај Дурмиши за цените на храната

илустрација
илустрација

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска попладне (8 август) ќе има средба со трговците, производителите и дистрибутерите на која ќе стане збор за цените на прехранбените производи. Како што информира, ова ќе биде крајна опомена и предупредување до нив да се однесуваат соодветно. Во спротивно, најави дека Владата ќе воведе ригорозни мерки.

„Нашето барање е да дејствуваат соодветно, да не ги зголемуваат цените. Ова ќе биде крајна опомена и предупредување до нив. Во спротивно, ќе преземеме мерки кои ќе бидат ригорозни. Ако се однесуваат како претходните месеци, ќе преземеме соодветни чекори, ќе донесеме остра одлука. Со тоа што ги викаме на средба, значи дека се подготвуваме за преземање мерки, истакна министерот“, одговорајќи на новинарски прашања.

Инаку министерот на денешната прес-конференцијата ја промовираше мерката „училишна кошничка“ што вчера ја донесе Владата.

Мерката која ќе важи од 15 август до 15 септември 2025 година, предвидува намалување на цените на школскиот прибор за најмалку 10 отсто во трговијата на големо и 15 проценти во трговијата на мало.

Мерката ќе важи за сите видови продавници кои продаваат училишен прибор-книжарници, супермаркети, спортски продавници, а опфаќа широк спектар производи: тетратки, ранци, моливи, боици, фломастери, калкулатори, ножици, лепак, папки и други основни материјали.

Секој производ што ќе биде опфатен ќе биде јасно означен со натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, а во сите продавници ќе биде поставен плакат со информации за мерката.

Цените ќе се споредуваат со референтната цена од 1 јуни 2025 година или со набавните документи за поново внесените производи.

САД ја удвоија наградата на 50 милиони долари за апсење на Мадуро

Николас Мадуро
Николас Мадуро

Соединетите Држави (САД) на 8 август објавија дека ја дуплирале наградата, на 50 милиони долари, за апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кој е обвинет од американските власти за трговија со дрога.

„Денес, Министерството за правда и Државниот департмент објавуваат награда од 50 милиони долари за информации што ќе доведат до апсење на Николас Мадуро“, напиша главниот обвинител Пам Бонди на социјалната мрежа X.

Претходната награда објавена во јануари беше 25 милиони долари.

САД сметаат дека изборот на Мадуро за претседател во јануари, за време на администрацијата на Џозеф Бајден, е нелегитимен.

Во јули оваа година, неговата партија освои огромно мнозинство градоначалнички места на локалните избори, кои беа обележани со бојкот од страна на опозицијата.

Истиот месец беше првата годишнина од претседателските избори на кои Мадуро беше прогласен за победник.

Националниот изборен совет ја прогласи Мадура за победник на претседателските избори, без да даде детали за гласањето, тврдејќи дека била жртва на компјутерско хакирање што многу експерти го сметаат за неверодостојно.

Опозицијата потоа прогласи победа и ја обвини владата за измама. Поради ова, голем дел од нив ги бојкотираа парламентарните избори одржани во мај, на кои таборот на Мадуро освои 253 од 285 места, според Националниот изборен совет.

Дваесет и четири години од нападот кај Карпалак

илустрација
илустрација

Во Прилеп и во месноста Карпалак денеска (8 август) ќе бидат одбележани 24 години од загинувањето на армиските резервисти: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.

Повеќе делегации ќе ги посетат вечните почивалишта на загинатите, во Прилеп и населените места, а ќе биде посетена и месноста Карпалак каде на 8 август 2001 година во заседа загинаа 10-те прилепски бранители, кога беше нападнат армискиот конвој.

Во Прилеп вчера почна одбележувањето на 24-годишнината од загинувањето на прилепските армиски резервисти кај Карпалак, со поклон пред спомен-обележјето во кругот на касарната „Мирче Ацев“.

Потполковникот Сашко Палески, командант на гарнизонот „Мирче Ацев“ во Прилеп истакна дека спомените за загинатите ќе се чуваат, со порака - „никогаш да не се повтори“!

Почит на загинатите пред спомен-обележјето во касарната оддадоа повеќе делегации, како и семејствата на загинатите и здруженија на бранителите.

Во чест на загинатите бранители, вчера беше посетен нивниот споменик во прилепското село Лениште и манастирот „Света Петка“ каде се одржа вечерна богослужба.

На 8 август 2001 година, за време на конфликтот, кај месноста Карпалак, на патот Скопје – Тетово, армискиот конвој беше нападнат од заседа. Животот го загубија десет резервисти на Армијата.

Над 350 невработени утре ќе ги потпишат договорите за ангажман во справувањето со пожарите

Пожар Индустриска зона во Визбегово, фабрика, јули 2025
Пожар Индустриска зона во Визбегово, фабрика, јули 2025

Вкупно 352 кандидати ја завршија дводневна теоретска и практична обука изведена во координација со претставници на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и територијалните противпожарни единици на Град Скопје, каде се одвиваше обуката – информираше директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.

„Овие лица утре ќе потпишат договор за работно ангажирање во рамки на владината мерка од оперативниот план за 2025, јавни работи за заштита и превенција од пожари и оплеменување на животната средина на локално ниво (пошумување)“, додаде тој.

Ангелов денеска (7. август) истакна дека вкупно 499 кандидати се пријавиле на јавниот повик на Владата, а од нив на обука се појавиле 364 кандидати.

Центарот за управување со кризи пак, претходно денеска соопшти дека до 15 часот, имало еден активен пожар, еден под контрола и еден изгаснат пожар. на територијата на државава.

Од Центарот за управување со кризи посочија дека активен е пожарот во село Неготино, блиску до пругата, во општина Врапчиште, каде што гори ниска вегетација.

Под контрола е пожарот во валандовското село Јосифово каде што е зафатена ниска вегетација и лозови насади, а изгаснат е пожарот во село Цер, Кичевско, каде што е опожарена ниска вегетација – додадоа од ЦУК.

Инаку, за мерката за ангажирање на 400 лица, пред сѐ, во создавањето на противпожарните појаси, Владата информираше на 07. јули.

Владината портпаролка, Марија Митева на прес конференција соопшти дека секој ангажиран учесник ќе добива финансиска поддршка од 24.000 денари.

Државната изборна комисија донесе упатство за избор на нови избирачки одбори за локалните избори

Графичка илустрација - Локални избори 2025
Графичка илустрација - Локални избори 2025

Државната изборна комисија денеска (7. август), донесе неколку одлуки во пресрет на локални избори.

Комисијата усвои упатство за именување на претседател, членови и нивни заменици во избирачките одбори, што произлегува од законските обврски за формирање нови состави од редовите на државната администрација, откако годинава истече четиригодишниот мандат на избирачките одбори, кои беа избрани пред локалните избори во 2021 година.

Како што посочи претседателот на ДИК Борис Кондарко, донесена е и методологија за именување на претседател, членови и нивни заменици на новите избирачки одбори.

„Изборот ќе се спроведе преку систем на случаен избор од Министерството за јавна администрација (МЈА), согласно важечките законски процедури и врз основа на упатство за родовата и националната застапеност“, нагласи тој.

Кондарко информираше дека Предлог-методологијата за именување на претседател, членови и нивни заменици на новите избирачки одбори произлегува од донесено упатството, а се однесува за новиот избор кој ќе следи до крајот на август на новиот состав од редовите на администрацијата.

„Потоа, во септември, ќе следи нивна соодветна обука и доставување прирачници за нивната работа“, изјави претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Кондарко.

Тој посочи дека оваа точка е поврзана со претходно усвоеното Упатство (точка 10) и претставува „логичен следствен чекор во постапката за составување на новите избирачки одбори во пресрет на Локалните избори 2025 година“.

Едногласно беше усвоена и Предлог-одлука за измена на описот на избирачки места во кои бројот на избирачи надминува 1000 како дел од редовната постапка за усогласување со законската одредба дека на едно избирачко место не смее да има повеќе од 1.000 избирачи.

Промените се однесуваат на избирачки места во општините Гостивар, Кисела Вода, Чаир, Струмица, Куманово и во Тетово, каде што ќе се изврши нова распределба на гласачите – без да се менува вкупниот број на избирачки места. Овие одлуки се дел од подготвките за одржување на изборите во согласност со Изборниот законик и со цел обезбедување фер и ефикасен изборен процес.

ДИК ја усвои и Предлог-одлуката за измена и дополнување на Годишниот план за вкупни потреби за јавни набавки за 2025 година на ДИК.

Членот на ДИК, Ангелчо Ристов рече дека предмет на измена во Годишниот план се набавка на сервер за системскиот и софтверскиот оддел на ДИК. Втората е набавка на систем за складирање на податоци, исто така, наменет за серверскиот оддел на Комисијата.

Беше усвоена и Предлог-одлука за дополнување на Упатството за работа на Oпштинските изборни комисии и Општинската изборна комисија на град Скопје.

Воедно, комисијата го прифати Предлог-правилникот за неможност за извршување на повеќе работни обврски по два или повеќе основи во постапката за организирање и спроведување на еден ист изборен процес.

На седницата исто така, беше усвоена и Предлог-одлуката за неможност за извршување на работни обврски по два или повеќе основи во постапка за организирање и спроведување на ист изборен процес и Предлог-одлука за изгледот на беџовите за идентификација.

Во самата одлука се наведува дека следните категории лица не можат истовремено да бидат ангажирани по повеќе основи од страна на ДИК: членови на изборни органи, членови на избирачки одбори, членови и секретари на општински изборни комисии, сертифицирани обучувачи за изборни органи, лица ангажирани како помошни тела во Стручната служба на ДИК.

Кондарко најави дека на денот на распишување на изборите ДИК ќе одржи јавна седница на која ќе го донесе роковникот со изборни дејствија што ќе следат.

Според бројот на учесници, изборната администрација, вклучувајќи ги и вработените во Државната изборна комисија (ДИК), локалните избори се најголеми и најмасовни.

Карактеристично за овие избори е и тоа што дијаспората нема да може да гласа, а ако некој од македонските државјани сака да го искористи своето право тоа ќе може да го направи само доколку допатува во земјата.

Вкупниот буџет за одржување на локалните избори 2025, кој е веќе објавен, изнесува 9 милиони 760 илјади евра, од кои две третини се пари наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање.

Осуден германски државјанин за веење знаме на „Голема Албанија“ на фудбалски натпревар

Илустрација, Обвинителство
Илустрација, Обвинителство

Осуден на две години условна казна доби германски државјанин за кривичното дело предизвикување омраза на меѓународниот фудбалски натпревар меѓу фудбалските клубови Шкендија и Карабах. Оваа пресуда ја донесе Основниот суд Скопје 1 по извршена идентификација, во која Основното јавно обвинителство по итна постапка покреана обвинение.

„Против него беше поднесено обвинение, бидејќи на 5 август, непосредно пред фудбалскиот натпревар помеѓу ФК „Шкендија“ и ФК „Карабаг“, со истакнување и веење знаме на „Голема Албанија“ и со натпис „Автохтона“, предизвикал чувство на омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност. Тоа го забележале полициски службеници, кои го лишиле од слобода“, се вели во соопштението на ОЈО Скопје.

Во него е наведено дека врз основа на обезбедените докази Основниот кривичен суд Скопје изрече пресуда со која обвинетиот го огласи за виновен и го осуди на условна казна затвор од две години, која нема да се изврши доколку осудениот не стори ново кривично дело во следните 5 години.

Во исто време, бидејќи станува збор за странски државјанин, Судот донесе одлука да го протера и да му забрани влез во државава во следните пет години.

Во меѓувреме, МВР и Јавното обвинителство соопштија дека продолжуваат да преземаат мерки за откривање и идентификување на сторители на кривични дела на ширење на омраза и нетрпеливост поврзани со спортски натпревари.

Ова е втор спортски настан на кој во период од една недела, навивачи скандираат националистички пароли предизвикувајќи меѓуетнички препукувања.

Алиу: Бесплатен влез за онколошките пациенти на новиот паркинг на Клинички

Азир Алиу, министер за здравство
Азир Алиу, министер за здравство

Ќе има четири различни влезови на новиот паркинг на Клинички – најави министерот за здравство, Азир Алиу денеска (7. август).

Тој информираше дека за онколошките пациенти влезот ќе биде бесплатен, за пациенти со упат, како што рече, влезот ќе биде евтин. За вработени ќе има трета цена и за граѓани кои доаѓаат поради „икс причини“ ќе биде трета цена која што ќе биде најскапа.

„Ценовникот на паркингот нема да биде ист за сите, почнувајќи од нула денари до цени за граѓани кои што не се пациенти“, изјави Алиу по промоцијата на новиот модул за електронска евиденција на здравствените прегледи во областа на медицина на трудот.

Одговарајќи на новинарско прашање поврзано со изградбата на новиот паркинг простор на Клинички, министерот рече дека наредната недела на прес-конференција ќе соопшти повеќе детали, но, вели, она што може да го каже во овој момент е тоа дека договорот ќе биде потпишан со Јавното претпријатие Градски паркинг кое и досега раководеше со паркингот на Клинички.

„Очекуваме во текот на денот да се потпише договорот помеѓу Министерство за здравство и ЈП Градски паркинг. Исто така, ќе бидат отворени дополнителни влезови, еден од нив ќе биде отворен на Кардиологија за да може пациентите кои што имаат потреба од интервенција во таа Клиника да може директно таму да влезат“, додаде ресорниот министер.

Тој кажа дека излезите ќе бидат исти, бројот на паркинг места ќе биде двојно поголем од сега, поради оптимизацијата на просторот.

Според него, засега нема да има изградба на нов тврд или монтажен објект, бидејќи како што рече, со оваа оптимизација бројот на паркинг места ќе биде повеќе од доволно.

Прашан зошто договорот се потпишува со истата институција којашто раководеше со паркингот на Клинички, односно ЈП Градски паркинг, тој рече :„мојот пристап како министер е да се работи со институции кои имаат експертиза во областите“.

„Проблемот досега не беше во ЈП Градски паркинг, туку во менаџирање на процесите во паркингот. Знаете дека ниту ЈП Градски паркинг, ниту Министерството за здравство немаа некој процес за следење на активностите на паркингот“, истакна Алиу.

Тој посочи дека сега се дефинира начинот на плаќање, но и се дефинира начинот на креирање на извештаи во реално време.

„Значи 24 часа ќе се има мониторинг на целиот простор. Исто така, ќе има камери за следење на автомобилите. За цената сѐ уште не е разговарано, ќе треба да има промени во цената, рече Алиу.

За тоа како ќе се направи поголем број на паркинг места, министерот нагласи дека има доста неискористен простор којшто ќе се искористи. Доколку има потреба и доколку оптимизирањето на паркинг просторот не даде резултати, тој посочи дека ќе се размислува за монтирање на катна гаража.

„Знаете дека имаме позади Клинички простор којшто буквално не е достапен ни за пешаци, ниту за автомобили, едноставно тој ќе биде оптимизиран. Работеа неколку архитекти и според нив ќе имаме дупло повеќе паркинг простор отколку што имаме сега. Доколку имаме потреба и резултатите покажуваат дека и со ваков тип на паркинг места и со оптимизација на тие слободни паркинг места, нема да бидат доволни, ќе одиме со третата фаза, монтирање на катна гаража внатре“, рече Алиу.

Кризната состојба за шумските пожари продолжена за уште 30 дена

Пожар во близина на Преспанско Езеро, до природниот резерват Езерани / Архива
Пожар во близина на Преспанско Езеро, до природниот резерват Езерани / Архива

Владата одлучи да ја продолжи кризната состојба предизвикана од пожарите на отворено, за 30 дена.

Со ова продолжување се обезбедува навремена помош за сите засегнати подрачја, односно сите ресурси вклучително и човечки, технички, логистички остануваат мобилизирани, сè со цел да се справат со пожарите и заштита на населението од огнените стихии – соопшти владината прес служба денеска ( 7. август).

Поради високиот ризик од шумски пожари во државата, властите упатија апел до граѓаните да бидат внимателни и да ја почитуваат целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште (донесена од 01.07.2025 година и ќе трае до 31.08.2025 година).

Во спротивно сите оние кои не се придржуваат кон оваа одлука, која е донесена за спречување на пожари, ќе бидат казнети со парична казна од 1.500 до 2.000 евра - стои во владиното соопштение.

Претходната владина одлука за прогласување кризна состојба поради зголемениот број пожари, беше донесена на 8. јули.

Владината портпаролка, Марија Митева тогаш на прес конференција соопшти дека одлуката е донесена врз основа на тогашната седница на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи поради сложената состојба на теренот, високите температури, силните ветрови и ризикот за животната средина, имотот и безбедноста на граѓаните.


Славески: Рано е за каков било ефект од американските царини за земјава

Трајко Славески, гувернер на Народна банка на РСМ
Трајко Славески, гувернер на Народна банка на РСМ

Гувернерот Трајко Славески изјави дека е рано да се почувствуваат првите ефекти од воведувањето на американските царини кои засега за Македонија изнесуваат 15 отсто. Со оглед дека ваквата одлука е донесена „буквално пред некој ден“, допрва ќе се прават потребните анализи, вели првиот човек на Народна Банка.

„Се уште немаме ефект од воведувањето на царините. Дури и проценките на САД се, зашто и кај нив ќе има влијание, дека по пет-шест месеци ќе може да ги почувствуваат првите ефекти. Царинските стапки се буквално од пред некој ден. Треба да направиме анализи, да видиме во која мерка тоа би влијаело, сега немам прецизен податок за тоа“, нагласи Славески, одговорајќи на новинарски прашања на прес-конференција.

Одлуката на САД според која македонските производи ќе се царинат за плус 15 отсто, стапува во сила денеска, а беше донесена на 1 август.

Царина од 15 отсто САД ќе имаат и со Европската Унија, со која склучија трговски договор на 27 јули.

Од земјите во регионот, со царинска стапка од 15 проценти ќе бидат и производите од Хрватска и Словенија, производите од Србија ќе се царинат со 35 отсто, од Босна и Херцеговина со 30 проценти, а најниска царина ќе имаат Албанија и Црна Гора, 10 отсто.

Премиерот Христијан Мицкоски очекува царините од САД за Македонија да паднат и под 15 отсто, зашто, како што изјави пред една недела, преговорите продолжуват во втората половина од август, по летните одмори.

Министерството за финансии смета дека царините може да се намалат до 10 проценти, а според директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, до крајот на септември треба да се знае која царинска стапка ќе биде дефинирана.

Четворица обвинети во случајот „Штекли“ признаа вина

Рочиште за случај „Штекли“ за организирана продажба на дрога во скопски Аеродром, Скопје 7 август 2025
Рочиште за случај „Штекли“ за организирана продажба на дрога во скопски Аеродром, Скопје 7 август 2025

На денешното рочиште за случајот „Штекли“, поврзан со организирана продажба на дрога во скопската населба Аеродром, четворица обвинети – Данчо Масев, Димитар Трајков, Владимир Веселиновски и Бранислав Зајков – поднесоа предлог за признавање вина, по што судот донесе решение за раздвојување на кривичната постапка.

Во однос на обвинетиот Раде Трајковски Штекли, судот најави дека на следното рочиште ќе се соочат психијатриските вештачења од одбраната и Обвинителството.

Како што информираше судијата Илија Трпков, во врска со психолошката состојба на Трајковски, одбраната доставила вештачење во кое се наведува дека Трајковски страда од растројство со шизофрени карактеристики, има халуцинации и параноидни идеи, и не е способен да ја следи судската постапка.

Спротивно на тоа, обвинителството доставило изготвено психијатриско вештачење во кое се тврди дека Трајковски е апсихотичен и способен да учествува во расправата.

Претседателот на Судечкиот совет, потоа го одложи судењето за 3 септември со најава дека на наредната расправа ќе ги повика вештите лица од двете страни за да ги соочи нивните мислења. Потоа, Судот ќе одлучи на кое вештачење ќе му верува, или ќе нареди ново психијатриско вештачење доколку се утврди потреба.

Обвинителството за гонење на организиран криминал поднесе обвинение против вкупно 10 лица, по речиси едногодишна истрага која вклучувала посебни истражни мерки.

Првично биле опфатени 16 лица, од кои седум веќе склучиле спогодби и добиле затворски казни од 3 до 3,5 години.

Според обвинителството, групата била добро организирана, со јасно дефинирани улоги - од набавка до продажба на кокаин и марихуана. Дрогата се чувала во изнајмени станови, а се продавала по цени од 4500 до 6000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана.

Комуникацијата се одвивала преку апликацијата Snapchat, а клучни докази биле обезбедени преку „Cellebrite“ системот за анализа на мобилни телефони, кој е донација од Соединетите Држави.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG