Вести
Унгарија и Словачка ги блокираа санкциите на ЕУ кон грузиските лидери

Унгарија и Словачка кои се предводени од популистички, проруски лидери, на 16 декември го блокираа пакетот санкции на Европската унија против највисоките грузиски функционери поради насилното задушување на прозападните протести во последните недели.
Министрите за надворешни работи на членките на ЕУ, пред самитот во Брисел на 19 декември започнаа план за суспендирање на визната либерализација за лицата со дипломатски пасоши на Грузија.
Очекуваните потези на Унгарија и Словачка спречија спроведување на низа мерки против грузиските функционери кои вклучуваа забрана за издавање визи и замрзнување на нивните средства, за што беше потребна едногласна поддршка од 27-члената Унија.
Сепак, за суспензија на процедурите за визна либерализација за имателите на грузиски дипломатски пасоши, потребно е само мнозинство гласови, што значи 55 отсто од членките кои сочинуваат 65 отсто од вкупното население на ЕУ.
Европската комисија започна со планирање на суспензијата и на самитот оваа недела може да биде испратен предлог до членките на ЕУ.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан и словачкиот премиер Роберт Фицо ги попречија лидерите на ЕУ кои се обидуваат да ја казнат Грузија за нејзиното насилно задушување на протестите.
Двајцата се против санкциите кон Кремљ поради војната против Украина и изразија поддршка за владата предводена од Грузискиот сон во Тбилиси.
ЕУ досега не ги санкционираше грузиските политичари, но претходно оваа година замрзна повеќе од 100 милиони евра од фондовите на ЕУ кои одеа за Грузија и ги прекина пристапните преговори со Тбилиси.
Претходно во понеделникот, шефицата за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Каја Калас, рече дека ЕУ подготвила список на грузиски лидери за санкции по насилното задушување на протестите поради одлуката на владејачката партија Грузиски сон да ги одложи пристапните преговори со ЕУ.
„Предложивме листа на санкции за овие луѓе кои навистина користат сила и насилство против опозицијата“, рече Калас пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Таа потоа додаде дека сите треба да се „согласат со списокот“, но дека тоа не е случај.
„Сите случувања што во моментов ги гледаме во Грузија не одат во насока каде што треба да бидат земјите кандидати“, рече Калас.
Западните лидери се загрижени поради, како што велат, сè понасилните мерки против демонстрантите и растечките проруските тенденции во владата предводена од Грузискиот сон.
САД овој месец воведоа визни ограничувања за грузиските официјални лица поради „поткопување на демократијата“ за време на протестите.
Американскиот Стејт департмент на 12 декември објави дека „ќе го забрани издавањето визи за одговорните или соучесниците во уривањето на демократијата во Грузија“.
Демонстрантите, исто така, повикаа на нови избори по наводите за местење на гласовите за време на парламентарните избори во октомври, чии резултати опозицијата одби да ги признае, тврдејќи дека Грузискиот сон го наместил гласањето.
Грузискиот сон е партија која е основана од милијардерот и поранешен премиер Бидзина Иванишвили, кој е пријател на Русија. За партијата критичарите велат дека станува се поавторитарна, а на власт е од 2012 година.
Проевропската претседателка Саломе Зурабишвили, која застана на страната на демонстрантите, рече дека изборите биле наместени со помош на Русија.
види ги сите денешни вести
ЕУ одвои еден милион евра помош за Авганистан

Европската Унија одобри средства во износ од еден милион евра за хуманитарно финансирање на најитните потреби на населението засегнато од силниот земјотрес што во неделата го погоди североисточниот дел на Авганистан, јави МИА.
Дополнително, ЕУ реши да донира и околу 130 тони хуманитарна помош од сопствените резерви. Оваа помош, која вклучува шатори, облека, медицински материјали и средства за прочистување на водата, ќе бидат доставени преку два хуманитарни лета до Кабул финансирани од ЕУ, кои треба да се реализираат во текот на оваа недела.
Доделените финансиски средства, пак, ќе бидат дистрибуирани преку хуманитарните партнери на ЕУ кои веќе спроведуваат операции за помош на теренот.
ЕУ ја активираше и сателитската услуга Коперник за да изработи мапи за итни случаи, што ќе помогне во испораката на помошта.
Овие средства се надоврзуваат на претходно доделените 161 милион евра хуманитарна помош во 2025 година на хуманитарните организации што дејствуваат во Авганистан.
Во неделата североисточните авганистански провинции Кунар, Нангахар и Лагман ги погоди земјотрес со интензитет од шест степени, при што, според расположливите извештаи, загинале најмалку 1400 луѓе. Се стравува дека конечниот биланс на загинати ќе биде поголем.
Руте: Очекувам „јасна претстава“ за европскиот придонес кон гаранциите за Украина

Шефот на НАТО, Марк Руте, изјави дека очекува разговорите меѓу европските лидери во Париз да ги зацврстат плановите за безбедносни гаранции за Украина и да го отворат патот за добивање појасна слика за вмешаноста на Соединетите Држави.
„Утре ќе биде важен состанок, па очекувам утре, или наскоро по утре, да имаме јасна претстава за тоа што можеме колективно да постигнеме“, изјави Руте пред новинарите.
„Тоа значи дека можеме да се ангажираме уште поинтензивно, исто така и со американската страна за да видиме што сакаат да постигнат во однос на нивното учество.“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на разговорите во Париз во четврток (3 септември) со лидерите од таканаречената „Коалиција на добронамерните“.
Предводена од Франција и Велика Британија, групата од околу 30 земји има намера да обезбеди поддршка за војската на Киев и евентуално да распореди дел од своите војници во Украина, ако и кога ќе се договори прекин на огнот.
Распоредувањето би имало за цел да ја одврати идната руска агресија.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој ги поттикнува напорите за завршување на војната, изјави дека Вашингтон би можел да игра улога во поддршката на Европејците. Сепак, тој ја отфрли можноста за испраќање на американски војници на терен, а кои точни обврски би бил подготвен да ги даде остануваат нејасни.
Дипломатите за АФП изјавија дека европските земји во коалицијата биле притиснати да излезат со конкретни детали за тоа што би можеле да придонесат на состанокот на воените началници минатата недела.
Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон во вторник соопшти дека сега има „доволен придонес за да можеме да им кажеме на Американците дека сме подготвени да ги преземеме нашите одговорности сè додека тие ги преземат своите - што значи давање „заштита“ на европските партнери.
Таа „заштита“ би можела да вклучува различни аспекти, вклучувајќи разузнавање, логистичка поддршка и комуникации.
Трамп досега залудно се обидуваше да организира самит меѓу претседателите Владимир Путин и Володомир Зеленски, откако го постави црвениот тепих за рускиот лидер во Алјаска минатиот месец.
Во вторник, Трамп рече дека е „многу разочаран“ од Путин што не успеа да се придвижи кон мировен договор за Украина.
Израел лансираше нов шпионски сателит како „порака“ до непријателите

Израел лансираше нов шпионски сателит во орбитата, а министерот за одбрана Израел Кац го опиша како „порака“ до своите непријатели дека се под постојан надзор.
„Лансирањето на сателитот Офек 19 вчера е достигнување од највисоко глобално ниво. Малку земји поседуваат вакви можности“, напиша министерот за одбрана Израел Кац на X.
„Ова е исто така порака до сите наши непријатели, каде и да се - ве следиме во секое време и во секоја ситуација“, додаде тој.
Лансирањето на сателитот во вторник вечер (2 септември)се случи два месеци по 12-дневната војна меѓу Израел и Иран, во која Израел нападна ирански нуклеарни и воени објекти, како и станбени области, на повеќе од 1000 километри (600 милји) оддалеченост.
Според Даниел Голд, раководител на директоратот за истражување и развој на Министерството за одбрана, собрани се над 12000 сателитски снимки од иранска територија за насочување на нападите.
Операцијата „нагласи дека поседувањето напредни капацитети за набљудување во нашиот регион е клучно за постигнување супериорност во воздух и на копно“, рече Боаз Леви, извршен директор на државната компанија „Израел аероспејс индустрис“, која работеше на проектот заедно со Министерството за одбрана.
Инаку Израел се приклучи на клубот на вселенски сили во 1988 година со распоредувањето на својот прв сателит „Офек“.
Кос: Вратите на ЕУ се отворени за тие што ќе ги исполнат Копенхашките критериуми

Копенхашките критериуми во минатото овозможија многу успешно проширување на ЕУ и процесот на прием на нови членки треба да продолжи да се гради врз нив, бидејќи владеењето на правото и демократската отпорност се клучни за кредибилен процес на проширување, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос.
„Нашата Унија е отворена и тие врати ќе останат отворени за оние кои целосно, праведно и транспарентно ќе ги исполнат Копенхашките критериуми“, истакна Кос на заедничката прес-конференција со данската министерка за европски прашања Мари Бјере и еврокомесарот за демократија, правда и владеење на правото Мајкл Мекграт по завршувањето на неформалниот состанок на министрите за европски прашања на членките на ЕУ и на кандидатите за членство во Копенхаген.
Кос додаде дека ако ЕУ сака да стане посилна ќе мора процесот на проширување да го базира на заслуги и на објективниот напредок постигнат од секоја земја кандидатка, при што приемот на секоја од нив ќе зависи од темпото на спроведување на реформите.
Еврокомесарката истакна дека во случајот на Северна Македонија „штом Владата ќе го промени Уставот“ ќе може да продолжи нејзиниот пристапен процес.
Таа нагласи дека на средбата разговорите се фокусирале на тоа како проширувањето ја зајакнува безбедноста на Европа и на условите за успешно спроведување на реформи за членство, со цел граѓаните на идните земји членки да ги почувствуваат придобивките од ЕУ уште пред зачленувањето на нивните земји во Унијата.
„Проширувањето некако се вплетка во геополитичкиот натпревар помеѓу слободните демократски општества, од една и авторитарните режими, од друга страна“, изјави Кос.
Еврокомесарката Кос истакна дека на состанокот се разговарало и за начините за напредок во преговорите за пристапување и покрај „билатералните загрижености на некои земји членки околу преговарачките рамки и одлуките на Советот“.
„Во овој поглед, Комисијата веќе поедностави одредени чекори во пристапните преговори во рамките на ограничувањата на методологијата за пристапување, но секако е отворена и за понатамошни подобрувања, под услов за тоа да се добие согласност од Советот“, рече Кос.
Таа се осврна и на објавените резултати од истражувањето на Евробарометар за проширувањето, нагласувајќи дека загриженост околу безбедноста по избувнувањето на војната во Украина резултирала со растечкиот тренд на јавна поддршка за пристапниот процес.
Сепак, според неа, паралелно со проширувањето мора да се работи и на подготовка на ЕУ за приемот на нови членки.
Трамп: Многу сум разочаран од Путин, оваа војна нема смисла

Додека рускиот претседател Владимир Путин ја следи парадата во Кина и додека неговите сили продолжуваат да ги напаѓаат украинските градови, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека е „многу разочаран“ од лидерот на Кремљ и дека планира да направи „нешто“ во наредните денови во врска со тоа.
„Многу сум разочаран од претседателот Путин, можам да го кажам тоа“, изјави Трамп во радио емисијата на Скот Џенингс на 2 септември кога беше прашан дали се чувствува предаден од постапките на Путин по нивниот самит на Алјаска на 15 август.
„Имавме одличен однос, многу сум разочаран. Илјадници луѓе умираат. Тие не се Американци. Тие се Руси и Украинци. И тоа е војна што нема смисла“, додаде Трамп.
„Ќе направиме нешто за да им помогнеме на луѓето да живеат. Седум илјади луѓе умираат секоја недела - претежно војници. И ако можам да помогнам да се запре тоа, мислам дека имам обврска да го направам тоа“, додаде тој, без да даде детали.
Трамп, кој го стави крајот на војната на Русија во Украина како врвен приоритет на неговата администрација, изрази растечко разочарување од одбивањето на Путин да се согласи на прекин на огнот или да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во исто време, руските сили продолжија да ги напаѓаат украинските градови, предизвикувајќи цивилни жртви и штети во инфраструктурата, дури и додека одржуваат копнени акции против помалку вооружената и помалку екипажлива војска на Украина.
Нападите продолжија рано на 3 септември, при што властите пријавија уште еден напад со беспилотни летала врз главниот град Киев и рекоа дека се издадени предупредувања за воздушен напад низ целата земја.
Тимур Ткаченко, началник на воената администрација на главниот град, рече дека „воздушната одбрана работи во Киев. Останете во засолништа додека не се даде согласност“.
Деталите не беа веднаш достапни.
Трамп вети дека ќе воведе нови царини или санкции против Москва доколку не се движи кон мир, иако до овој момент се воздржа од преземање какви било мерки. Европските сојузници на Вашингтон и Киев претходно воведоа серија штетни санкции врз Русија по нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Еден ден претходно, американскиот министер за финансии Скот Бесент за Фокс њуз изјави дека администрацијата оваа недела ќе ги разгледа опциите за одговор на САД на најновите напади на Русија.
Путин „го направи спротивното од тоа што го спроведе она што му го посочи на претседателот Трамп дека сака да го направи“, рече Бесент.
„Всушност, тој, на презирен начин, ја зголеми кампањата за бомбардирање. Значи, мислам дека со претседателот Трамп сите опции се на маса и мислам дека ќе ги разгледаме многу внимателно оваа недела“, додаде Бесент.
Коментарите доаѓаат додека Путин присуствува на воена парада во Кина по повод 80-годишнината од капитулацијата на Јапонија, што го означи крајот на Втората светска војна. Лидерот на Кремљ рече дека врските со Пекинг сега се на „невидено ниво“, што ги загрижува некои лидери на Западот.
Сепак, Трамп, во радио интервјуто рече: „Воопшто не сум загрижен, не.“
„Досега имаме најсилна војска во светот и тие никогаш не би ја употребиле својата војска против нас. Верувајте ми, тоа би било најлошото нешто што би можеле да го направат“, додаде тој.
На други места на дипломатскиот фронт, европските сојузници на Киев во таканаречената Коалиција на волјата - предводена од францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер - треба да се состанат во Париз на 4 септември за да разговараат за потенцијални безбедносни гаранции за Украина.
„Заедно со нашите партнери и во координација со НАТО, ќе работиме на дефинирање робусни безбедносни гаранции за Украина. Ова се неопходен предуслов за кредибилно движење кон мир“, напиша Макрон на X по разговорите со шефот на НАТО, Марк Руте.
Во меѓувреме, Зеленски ги повтори своите предупредувања дека руските сили се подготвуваат за нова офанзива во источна Украина.
„Сега гледаме уште едно зголемување на руските сили во одредени сектори на фронтот. Путин одбива да биде принуден на мир“, рече Зеленски во своето вечерно видео обраќање, без да даде детали.
„Русија продолжува да изведува напади. Секако, ние ќе одговориме на ова“, додаде Зеленски по уште една серија смртоносни напади врз украинските градови, вклучувајќи го и главниот град Киев.
На 29 август, Зеленски, исто така, предупреди дека е неизбежна нова руска офанзива.
„Концентрацијата на руските трупи таму е до 100.000“, рече Зеленски, осврнувајќи се на фронтовските линии во близина на високо стратешкиот град Покровск.
Обвинителството оформи предмет за наводите за незаконско следење на комуникациите

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска (2 септември) соопшти дека по насоки на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски оформило предмет во кој се преземаат дејствија на проверки на наводите за следење на премиерот.
При тоа, од Обвинителството посочуваат дека детално ќе бидат испитани и наводите во последните известувања од АНБ.
Оттаму додаваат и дека Јавното обвинителство нема никаква можност за незаконско следење на комуникациите.
- Обвинителството единствено ги проследува законски заснованите барања од АНБ за превентивни разузнавачки мерки до Врховниот суд, кој потоа издава соодветна наредба за реализација на мерките. Согласно законот за следење на комуникациите, наредба за посебни истражни мерки може да се издаде само за кривични дела строго предвидени во самиот закон, посочуваат од Обвинителство.
Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски вчера изјави дека за случајот е информирано надлежното јавно обвинителство. Сепак, тој не откри детали колку лица биле опфатени со прислушувањето бидејќи се работи за класифицирани документи.
За периодот кога е вршено прислушувањето, Христовски рече дека во 2019 година АНБ била сѐ, само не реформирана агенција.
- Тоа што се случувало внатре било да една помала група составувајќи ја од еден поранешен директор и помала група вработени, и тоа како имаме индиции дека ја злоупотребиле својата службена положба. За истото е известено надлежното јавно обвинителство и повеќе детали за ова не би можел да споделам, се со висока квалификација и се сензитивни, и не би сакале да нарушиме некој законски процес и воедно да попречиме процес кој е или би бил отпочнат од јавното обвинителство, рече Христовски.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој бил следен во периодот кога бил опозициски лидер, рече дека остава работата да ја заврши обвинителството. Тој се надева дека оние што ја злоуотребиле службената положба во тоа време, ќе одговараат.
- Очекувам овие глодари да завршат онаму каде што им е местото, позади решетки, еднаш засекогаш да се ставио крај на злоупотребата на ваквиот тип на агенции и ресурсите со кои тие располагаат, изјави вчера Мицкоски.
Коментирајќи ги наводите за следење на премиерот и други функционери, лиерот на СДСМ, Венко Филипче денеска рече дека „јавноста заслужува одговори и транспарентност.
„Да ве потсветам имаше најава некаква за поткуп на премиерот, понатаму дека бил следен со дронови, понатаму дека ќе има дестабилизација и еве сега некакво следење. Денеска има изјава и од поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност, и тој самиот вели, еве, барем нека се декласифицираат информацијата, па да видиме каква е вестината. За да нема лов на вештерки, лов на вештерки, лов во матно мислам дека граѓаните јавноста го заслужуваат тоа“, рече Филипче.
Природно-математичкиот факултет во Нови Сад ја обвини полицијата за насилство врз демонстрантите

Управата на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Нови Сад ја обвини полицијата за „физичко насилство и употреба на хемиски средства“ врз студентите и другите демонстранти за време на протестната прошетка во тој град на 1 септември.
Со комеморативни протестни прошетки во повеќе градови низ Србија на 1 септември, десетици илјади граѓани одбележаа десет месеци од загинувањето на 16 лица при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.
Инцидентите во Нови Сад се случија по протестната прошетка, во близина на универзитетскиот кампус, каде што се наоѓаат повеќето факултети.
Откако собирот во Нови Сад заврши, дел од демонстрантите се упатија кон Факултетот за физичко образование во тој град, создавајќи врева.
Десетици припадници на Жандармеријата, кои стоеја пред зградата на факултетот, набргу почнаа да ги потиснуваат кон кампусот.
Студентите кои учествуваа во блокадата ги обвинија на социјалните мрежи за неоправдана прекумерна сила и тепање на демонстрантите.
Министерството за внатрешни работи, од друга страна, тврди дека полицијата „професионално и навремено“ реагирала согласно законот, и дека повеќе демонстранти во Нови Сад фрлале пиротехнички средства и различни предмети кон припадниците на полицијата.
Уапсени се три лица.
Управата на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Нови Сад во соопштение повика на зачувување на автономијата на универзитетот и на „прекин на сè поизразеното насилство на улиците на Србија, особено кон студентите“.
„Како нивни професори, секогаш цврсто ќе стоиме зад нашите студенти, кои на мирен начин го искажуваат својот протест со кој бараат одговорност за уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад“, се наведува во соопштението.
„Исто така, никогаш нема да реагираме со сила кон нашите студенти – тие секогаш биле и ќе останат наши млади колеги со кои соработуваме во интерес на образованието и општиот општествен интерес“, соопшти Управата на новосадскиот ПМФ.
Несреќата на Железничката станица во изминатите десет месеци предизвика масовни протести низ цела Србија, на кои се бараше одговорност од власта.
Власта ја отфрли одговорноста за несреќата, а претседателот на државата, Александар Вучиќ, одби да распише вонредни парламентарни избори, кои во мај ги побараа демонстрантите предводени од студентите.
Автопревозниците во БиХ постигнаа договор со властите, најавено повлекување на возилата од протестот

Постигнат е договор меѓу претставниците на автопревозниците и претставниците на власта во Босна и Херцеговина, соопшти попладнево тамошниот Авто-мото клуб.
Велибор Пеулиќ, главен координатор на Конзорциумот „Логистика БиХ“, коj ги обединува автопревозниците, во изјава за новинската агенција Срна, рече дека превозниците го прекинале штрајкот бидејќи се исполнети сите барања.
Со министерот за финансии и трезор во Советот на министри, Срѓан Амиџиќ го решаваме прашањето за поврат на ДДВ, но и тоа го усогласивме“, изјави Пеулиќ, пренесува Срна.
Тој додаде дека ќе работат со Управата за индиректно оданочување на БиХ, на намалување на времето на задржување на превозниците на царинските терминали.
Во изминатите два дена, автопревозниците ги блокираа царинските терминали и пристапите кон најголемите градови поради, како што велат, дискриминација и во Европската унија, и во БиХ.
Меѓу другото, бараа намалување на давачките, како и поедноставени правила за обука и вработување на возачи.
Министерот за транспорт на БиХ, Един Форто, изјави на 1 септември дека барањата на автопревозниците, главно се исполнети, дека некои од нив треба да ги исполнат пониските нивоа на власт, додека клучното – изземање на возачите од правилото на ЕУ за престој од 90 дена во шест месеци – може да се реши само со заедничко барање на земјите од регионот до Брисел.
Блокадата на главните сообраќајни правци од страна на камионите ја парализираше економијата на Босна и Херцеговина, која за 24 часа изгуби најмалку 16 милиони евра.
Толку, во просек, дневно се наплатуваат даноци, царини и транспортни услуги за увоз и извоз.
Според податоците на Агенцијата за статистика на БиХ, во првите четири месеци од оваа година со камиони биле извезени 1,53 милиони тони стока, а увезени 118.600 тони, или околу 464 милиони евра вредна стока неделно.
Евробарометар: 70 отсто од македонските граѓани поддржуваат членство во ЕУ

Вкупно 70 отсто од македонските граѓани го подржуваат членството на земјата во Европската Унија. При тоа, од зачленувањето очекуваат придобивки како што се отворени граници, слободна трговија и подобар квалитет на животот - покажуваат резултатите од најновото истражување на Евробарометар посветено на процесот на проширување на ЕУ.
На прашањето „Кога сметаат дека Северна Македонија ќе стане земја членка на ЕУ“, 27 отсто одговориле „во следните пет години“, 35 проценти „за пет до 15 години“, а 16 отсто дека „ќе бидат потребни повеќе од 15 години, но ќе се стане“.
Ист толкав процент, 16, сметаат дека „државата никогаш нема да стане земја членка на ЕУ“, а шест отсто изјавиле дека не знаат.
Кога станува збор за ставот кон ЕУ, 23 проценти од граѓаните на земјава имаат „многу позитивна“ слика за Унијата, 42 отсто „прилично позитивна“, 20 проценти „неутрална“, 10 отсто „негативна“, а четири проценти „многу негативна“.
Еден процент од анкетираните немаат став.
Дури 90 отсто од анкетираните изјавиле дека „се добро“ или „делумно“ информирани за процесот на интеграција на државата во ЕУ, а 70 проценти дека членството во ЕУ би донело повеќе придобивки отколку недостатоци за земјата.
Најголема загриженост за одливот на млади и миграцијата
Како придобивки од членството во ЕУ, 48 отсто од македонските граѓани ги сметаат отворените граници и можноста за да се патува во другите земји од Унијата без визи, 43 проценти слободната трговија и бесцаринската зона, а 42 проценти поквалитетниот живот и повисокиот животен стандард.
За 44 отсто од граѓаните на земјава најголема загриженост во врска со членството во ЕУ предизвикува одливот на млади и миграцијата, за 20 проценти зголемувањето на бирократија, а за 17 отсто преголемиот број европски регулативи и ограничувањето на националната слобода.
Главна пречка за пристапувањето на земјава кон ЕУ според 41 отсто од анкетираните македонски државјани е „широко распространетата корупција“, за 38 проценти „недостигот на владеењето на правото и неадекватното судство“, а за 37 отсто „несогласувањето на одредени земји членки“.
Според истражувањето, 51 отсто од македонските државјани сметаат дека поддршка за економскиот развој на државата би придонел за понаклонет став на граѓаните кон ЕУ, а по 45 проценти оценуваат дека најголем придонес за тоа би имале поддршката за побрз процес на интеграција на државата во Унијата и поддршката на напорите за намалување на корупцијата.
Кога станува збор за тоа во кои сфери ЕУ треба да игра поголема улога во пружањето поддршка на земјава, 39 отсто од граѓаните сметаат дека тоа треба да се економскиот развој и трговијата, 32 проценти – здравството, а 24 отсто – поддршката на младите.
Довербата кон ЕУ повисока од довербата кон НАТО
Доверба кон ЕУ, според Евробарометар, изразуваат 75 отсто од македонските граѓани, што е пониска од довербата кон Светската Банка и ММФ кои изнесуваат 79, односно 76 проценти, но повисока од довербата кон НАТО, која е 73 отсто.
Во однос на финансиска поддршка од ЕУ за земјава, 93 отсто од анкетираните изјавиле дека се свесни за неа, 85 проценти сметаат дека таа поддршката е „голема или умерена“, 46 отсто оценуваат дека Унијата пружа „најзначајна финансиска поддршка на државата“, а 53 проценти дека таа поддршката е ефективна.
Во извештајот од истражувањето на Евробарометар се посочува дека во државите кандидати за членство генерално преовладува голем ентузијазам за пристапување во ЕУ, но тој во исто време е под влијание на специфични економски и геополитички проблеми на секоја земја.
Според резултатите од истражувањето, мнозинството жители на земјите од Западниот Балкан го поддржуваат зачленувањето на нивните држави во ЕУ, со исклучок на Србија каде поддршка за пристапување кон блокот е најниска во регионот и изнесува 33 отсто. Најголема поддршка за членство во ЕУ има во Албанија од 91 отсто.
Значителна поддршка за членство на нивните земји во ЕУ изразуваат и жителите на Грузија од 74 и на Украина од 68 проценти.
Највисока позитивна оценка за ЕУ нотирана во Албанија
Кога станува збор за имиџот на ЕУ, во земјите од Западниот Балкан доминира позитивна слика за Унијата, при што граѓаните ја ценат европската поддршка за економскиот развој и напорите за борба против корупцијата.
Највисока позитивна оценка за ЕУ се бележи во Албанија од 82 отсто, а најниска во Србија од 38 проценти.
Кога станува збор за земјите од т.н. Источното соседство на ЕУ, најпозитивна слика за Унијата има во Молдавија од 55 отсто, пред Украина со 49 и Грузија со 43 проценти.
Главен предизвик, според Евробарометар, претставува ниското ниво на свест за Европската Унија и политиката на проширување во сите земји кандидатки и потенцијални кандидати за членство, при што значителен дел од граѓаните изјавиле дека се чувствуваат недоволно информирани.
„Најдобро информирани“ се жителите на Молдавија и на Црна Гора, каде 48, односно 39 отсто од анкетираните изјавиле дека се „добро“ или „многу добро“ информирани.
За разлика од ова, „најслабо информирани“ се Украинците и Србите, каде таа стапка изнесува 23, односно 20 проценти.
Кога станува збор за Турција, поддршката за членство на земјата во ЕУ изнесува 49,9 отсто.
На ниво на ЕУ, пак, поддршка за пристапувањето изразуваат 56 отсто од европските граѓани, при што таа е особено висока меѓу лицата на возраст од 15 до 39 години веруваат, каде достигнува до две третини.
Генерална поддршка за проширувањето на ЕУ
Генерално, граѓаните на ЕУ го поддржуваат проширувањето и сметаат дека кандидатите за членство треба да му се приклучат на блокот кога ќе ги исполнат потребните услови, посебно оние поврзани со почитување на владеењето на правото, борбата против корупцијата и заштитата на основните права, при што 56 отсто од нив оценуваат дека нивната држава би имала корист од приемот на нови членки.
Сепак, дел од анкетираните Европејци изразуваат загриженост од миграцијата, корупцијата, криминалот и финансиските трошоци од процесот на проширување.
Кога станува збор за информираноста, 67 отсто од граѓаните на ЕУ изјавиле дека не се чувствуваат добро информирани за процесот на проширувањето.
Според еврокомесарката за проширување Марта Кос, резултатите од истражувањето покажуваат дека граѓаните на ЕУ, а особено помладите луѓе, го поддржуваат проширувањето.
- Евробарометарот испраќа уште една јасна порака: луѓето сакаат кредибилен процес базиран на вредности, воден од вистински реформи. Заедно со земјите членки ќе се ангажираме директно со граѓаните, ќе се осврнеме на нивните загрижености и ќе покажеме како проширувањето носи мир, просперитет и пообединета Европа, порача Кос.
Со истражувањето за поддршката на процесот на проширување на ЕУ биле опфатени сите 27 земјите членки на Унијата, како и државите кандидати и потенцијални кандидати за членство.
До ДИК доставени 69 иницијативи за градоначалници на општините и за градоначалник на Град Скопје

До вчера на полноќ до подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија (ДИК) доставени се вкупно 69 иницијативи за предлагање на листи за градоначалници на општините и градоначалник на Град Скопје.
Од ДИК денеска (2 септември) соопштија и дека се доставени 68 иницијативи за предлагање на листи на советници за советите на општините и советот на Град Скопје.
- Листите на кандидати заедно со евидентираните потписи како предлог и целокупната друга документација се поднесуваат до општинските изборни комисии до 13 септември 2025 година, до 24 часот, кои одлучуваат за потврдување на истите - велат од ДИК.
Потписи за независни кандидати за градоначалници се собрани за општините Пробиштип, Македонска Каменица, Куманово, Крива Паланка, Охрид, Дебарца, Прилеп, Долнени Струга, Дебар Струмица, Радовиш, Брвеница, Свети Николе, Гевгелија, Демир Капија, Кичево, Македонски Брод, Кочани, Чешиново Облешево, Битола, Могила, Новаци, Ресен, Гостивар, Демир Хисар, Виница, Сарај, Центар, Аеродром,Карпош , Шуто Оризари, Арачиново, Кисела Вода, Зелениково, Студеничани, Чучер Сандево и градоначалник на Град Скопје.
- Кон листите за кандидати поднесени од група избирачи, покрај Образецот за собрани потписи за листата за градоначалник на општината односно Градот Скопје и/или листа на кандидати за членови на советот на општината односно Советот на Градот Скопје, се доставуваат и сите документи кои се потребни согласно Упатството за начинот и постапката за поднесување на прием и потврдување на кандидатски листи за локалните избори 2025, кое е објавено на официјалната веб-страна на Државната изборна комисија.
Рокот за собирање на потписите заврши ноќеска, 1 септември 2025 година во 24 часот на полноќ, стои во соопштението од ДИК.
Локалните избори беа распишани на 9 август. Првиот круг на гласање ќе се одржи на 19 октомври, а две недели подоцна – на 2 ноември и вториот круг.
Ова ќе бидат осми по ред локални избори од независноста на државата.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете