Достапни линкови

Една година Влада – државата меѓу „горда и понижена“


Владата на Северна Македонија составена од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ беше избрана на 23 јуни 2024 г.
Владата на Северна Македонија составена од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ беше избрана на 23 јуни 2024 г.

Од ветувања за фуриозен старт до најави дека „доаѓа времето на Македонија“, Владата одбележува една година мандат. Власта вели - гради темели, опозицијата обвинува - граѓаните се на раб на достоинство. Што вети, а што исполни Владата во првата година и дали државата е поблиску или подалеку од ЕУ?

Откако пред една година на граѓаните им ветуваше дека Македонија ќе биде „повторно твоја“ и „горда“, Владата сега им порачува дека „доаѓа времето на Македонија“. Но, со опозициски очила перцепцијата е поинаква, па заклучокот е оти „Македонија е понижена“.

И додека политичките актери промовираат слогани, граѓаните првата година од мандатот на актуелната Влада го завршија со минимална потрошувачка кошничка од 62.691 денар за едно четиричлено семејство, според пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија за мај. За овие трошоци не се доволни ни две минимални плати од 24.379 денари.

Кога се во прашање парите и економијата, она што ја одбележа првата година беа и барањата на синдикатите за минималец од 500 евра, но и задолжувањата на Владата кај Унгарија со заем од една милијарда евра, како и договорот со Велика Британија каде државата ќе се задолжи дури шест милијарди евра.

Економски тигар или полоша економија и од воената 2001-ва

На 23 јуни 2024, кога Собранието ја изгласа новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ (ВЛЕН) и ЗНАМ, премиерот Христијан Мицкоски најави фуриозен старт и економски раст.

Една година подоцна, тој вели „секој почеток е тежок“ и дека не почнале од нула туку од минус и сега „градат нови темели“. Сепак, во краткото резиме на една година владеење, тој ги истакна покачувањето на пензиите за 5.000 денари, над 1,2 милијарди евра странски инвестиции, вработување на нови 1.000 полицајци, навремената испорака на учебници, 500 милиони евра што преку унгарски кредит завршија кај фирмите и општините…

„Македонската економија на 4-то место во Европа според растот на БДП, во првиот квартал и се наоѓа веднаш зад Ирска, Данска и Полска …“, се пофали Мицкоски.

Тому оваа, како што ја нарекува лидерот на СДСМ Венко Филипче, „леснотија со која Владата убедува дека се живее добро и дека сме економски тигар“ најмногу боли.

За социјалдемократите, државата е во економска криза, а растот на платите е закочен додека трговците и моќниците се оставени да прават што сакаат со цените.

Граѓаните се плашат да ги отворат сметките за да проверат колку треба да платат секој месец. Секојдневно не убедуваат дека имаме силен економски раст, но реалните бројки се брутални. Инфлацијата е речиси 4,5%, а растот скромни 2,6 проценти. За првпат имаме негативен економски резултат, полош и од војната во 2001 година. Граѓаните живеат на работ на достоинството“, рече Филипче на трибина што опозициската партија ја организираше во пресрет на годинишната од формирањето на новата Влада.

„Компас“: Исполнети 9% од социоекономските ветувања

Што исполнила или не власта досега, увид овозможува и платформата „Компас“ што ја подготвија група невладини организации, предводени од Фајнанс тинк.

Токму за економско-социјалните мерки, нивниот мониторинг покажа дека се засега се исполнети четири од вкупно 43 ветувања или само 9 проценти. Меѓу исполнетите се и тоа што не се зголемени даноците на личен доход и на добивка, не се оданочува реинвестираната добивка и што за 5.000 денари се зголемени пензиите.

28% од социо-економските ветувања, пак, се во насока на исполнување, како што се отворање на нови 55.000 работни места и намалување на невработеноста до 7,5%. Во спротивен правец од исполнување, пак, се 12% од ветувањата, а 44% не се исполнети.

Покрај социо-економските, анализата ги опфаќа и мерките од уште четири други области како образование, здравство, млади и жени. За сите пет области, власта дала 139 ветувања, а досега остварила само 18 што е 13%, додека 51 ветување (31%) е во насока на исполнување. Најголема исполнетост, се нотира во „Компас“, има во образованието.

ЦУП нотира умерен напредок

Дел од овие, но и ресори како здравството, инфраструктурата, земјоделството, енергетиката, дигитализацијата, правосудството, европските интеграции, доброто управување, се меѓу областите што ги мониторира и Центарот за управување со промени (ЦУП) преку својата платформа „Одговорна Влада“.
Нивниот пресек на исполнувањата на ветеното, се однесува на првите девет месеци во кои нотираат дека е постигнат „умерен напредок“.

За доброто управување, велат, се забележува јасен фокус на унапредување на регулативата, иницијални активности за имплементација клучните системски мерки. Сепак, сметаат дека има простор за подобрување. Едно од нив е во однос на кадаровската политика.

„Кога станува збор за планирање и отчетност на долг рок, препораките се да се воспостави систем за стратешко и кадровско планирање на подолгорочен период (повеќе од една година), што ќе овозможи ефективна мобилност и унапредување на административниот кадар“, вели за РСЕ, извршната директорка на ЦУП, Неда Малеска Сачмароска.

Ако Владата сака пари од ЕУ, мора да почитува рокови

Како што нагласува таа, треба да се овозможи и вистинско функционирање на Ревизорскиот комитет и координација на Меѓуресорското тело за антикорупција.

„Во делот на дигитализацијата Владата во првите девет месеци има среден степен на реализација во областа дигитализација, но сè уште е рано да се претпоставува дали планираните цели и мерки ќе бидат имплементирани во четиригодишниот мандат на Владата.Највисок приоритет за Владата и МДТ мора да биде спроведувањето и исполнувањето на поставените мерки и рокови во Реформската агенда на Северна Македонија 2024-2027 година“, вели Малеска Сачмароска.

Таа вели дека се за пофалба покренатите законски измени во однос на дигитализацијата, но нагласува оти роковите и целите мора да се исполнат за државата да ги добие парите кои се понудени од ЕУ како поддршка за реформите.

Поблиску или подалеку од ЕУ

Токму со фокус на оваа реформска агенда, Владата во првата година од мандатот ги одржува и евроинтеграциите, смета Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика.

Исто така, додава таа, се одржува и усогласеност со заедничката надворешна и безбедноста политика, што е еден од најзначајните критериуми во изминатите три години.

„Но, од аспект на севкупниот процес на пристапување, очигледно е дека Владата не е подготвена да направи исчекор во однос на уставните измени, барем пред локалните избори, а веројатно и подолго, што пак креира долгорочни ризици со оглед на геополитичките случувања во Европа и пошироко“, вели Кацарска за РСЕ.

Со уставните измени што треба да ги направи Северна Македонија, бугарската заедница треба да се вметне во Преамбулата од Уставот, што е услов за да се одржи и втората меѓувладина конференција меѓу Скопје и Брисел.

Опозицијата постојано обвинува дека државата се оддалечила од стратешката цел и власта нема ниту план ниту волја да го помести процесот напред. Владата, пак, сака гаранции дека ќе нема други условувања од бугарска страна.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, смета дека државата покажала посветеност кон полноправното членство во ЕУ со тоа што во првата година станала прва земја од регионот што потпишала Партнерство за безбедност и одбрана со Унијата, стана дел од заедничкиот европски систем на плаќања – СЕПА и прва ги добила парите од Планот за раст.

Според него, пречката е политичка и е од бугарска страна. А, во дијалогот со Софија засега нема исчекор. Контакти меѓу двете страни имаше, има и иницијатива за средба со посредство на европски претставници, но засега официјална потврда дека такво нешто ќе се случи наскоро нема.

Првата шанса е претстојниот Самит на НАТО во Хаг што почнува утре (24 јуни), каде Северна Македонија ќе биде претставувана од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а Бугарија од премиерот Росен Жељазков.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG