Достапни линкови

Патриотско профилирање: Русија тестира тинејџерски мозоци за да пронајде лидери и „антилидери“


Свеченост по повод завршувањето на годината во средното кадетско училиште „Генерал Јермолов“ во Ставропол, Русија (архивска фотографија)
Свеченост по повод завршувањето на годината во средното кадетско училиште „Генерал Јермолов“ во Ставропол, Русија (архивска фотографија)

Државна организација спроведува тестови за „невропрофилирање“ на 10.000 деца и тинејџери за да идентификува лидери и „антилидери“ во обид да го зголеми патриотизмот и да ги насочи младите кон улоги за кои резултатите сугерираат дека одговараат. Ако звучи како 1984 или некоја дистописка иднина, не е.

Тоа е Русија во 2025 година - време кога претседателот Владимир Путин, кој ја вовлече својата земја во разорна војна против Украина и во растечка конфронтација со Западот, се стреми да поттикне патриотизам и да го потисне несогласувањето.

Лансиран од Роспетиотцентар (Руски патриотски центар), дел од државната агенција за младински прашања, целта на федерално финансираниот проект за профилирање е „воспитување на хармонично развиени луѓе“, според документите на веб-страницата за владини набавки што ги испита Система, руската истражна единица на РСЕ/РС .

Независни едукатори ја критикуваа програмата, а еден ѝ кажа на Система дека таа ја користи „псевдонауката“ за цели на „манипулација“ и дека има одгласи и на комунизмот и на фашизмот.

Момче учествува во детска парада во воена облека во Јејск, Русија. (архивска фотографија)
Момче учествува во детска парада во воена облека во Јејск, Русија. (архивска фотографија)

„Ова е уште еден обид на властите да ги контролираат луѓето и да влијаат врз нивните одлуки“, рече едукаторката Дима Зицер .

Тестираните лица на возраст од 12 до 18 години доаѓаат од неколку руски региони. Програмата трае до август, а 50 учесници „со изразен позитивен профил“ ќе бидат избрани да учествуваат на петдневен семинар во септември во Севастопол, на украинскиот полуостров Крим, кој е окупиран од Русија, според документите што ги прегледала Система.

Сепак, таков профил можеби нема да се претвори во патриотизам или лојалност, сугерира описот на семинарот на веб-страницата за набавки. Организаторите ќе се обидат да идентификуваат „лидери и/или антилидери (учесници склони кон деструктивно однесување)“, се вели во него, а учесниците кои „ги оцрнуваат идеите за патриотизам“ ќе бидат веднаш отстранети од настанот.

Целта на програмата е „трансформација на пристапите кон образованието, кариерното насочување и патриотското воспитување на младите луѓе“, соопшти Роспатриотцентар на својот Телеграм канал.

Каде би можеле да одат учесниците на крајот како резултат на проектот е нејасно.

Сепак, официјални лица во сибирскиот регион оваа недела открија планови за младински центар вреден 65 милиони долари - кој ќе се вика Палата на младите - со цел промовирање на патриотско образование и државно одобрени вредности кај руските деца и тинејџери.

Владимир Козлов, раководител на „Персона“, руска компанија која продава тестови за „невропрофилирање“ и е партнер во проектот, одби да одговори на прашањата испратени од „Система“ преку Телеграм. „Роспатриотцентар“ не одговори на барањето за коментар.

Вклучените организации, исто така, дадоа малку детали за методите на тестирање што се користат во студијата.

Заклучоци за патриотизмот

Заклучоците за учесниците се извлекуваат врз основа на „различни потсвесни когнитивни перцепции на визуелни симболи“, соопшти Персона во презентацијата.

„Убедени сме дека патриотизмот започнува со разбирање на сопствената улога во иднината на земјата“, рече Козлов во коментарите објавени на каналот Телеграм на Роспатриотцентар. „Технологиите за невропрофилирање на нашата компанија им помагаат на тинејџерите да ја пронајдат оваа улога - точно, свесно и мотивирано“.

Детски психолог од Москва, кој разговараше со „Система“ под услов да остане анонимен од безбедносни причини, рече дека постојат „стотици методи за невропрофилирање кои се докажале како сигурни“, вклучувајќи прашалници и „класични Роршахови дамки од мастило“.

„Овие тестови можат да ви кажат многу за една личност: дали има лидерски квалитети, колку е покорна, дали зборува искрено или повторува она што мисли дека другите сакаат да го чујат од неа“, рече детскиот психолог. „Прашањето е како се користи и за која цел.“

Зицер не се согласи, тврдејќи дека „невропрофилирањето е псевдонаука“ и нарекувајќи ги напорите за идентификување на потенцијални лидери или насочување на тинејџерите кон одредена професија или пат во животот „манипулација“.

„Многу е погодно за државата да му даде насока на човек на 14-годишна возраст за да лета по предложената траекторија до својот гроб“, рече тој, сугерирајќи дека државата треба да го прави спротивното - да отвори што е можно повеќе патеки.

„Функцијата на образовниот систем е да обезбеди изразување на широк спектар на таленти. Но, изборот [која траекторија да се следи] е на страната на поединецот. И тоа е основата на критичкото размислување“, рече Зицер.

Под Путин, претседател или премиер од 1999 година, Кремљ јасно стави до знаење дека не е заинтересиран за поттикнување на критичко размислување. Путин ги засили напорите за задушување на несогласувањето и замолчување на независните гласови кога се врати на претседателската функција во 2012 година, а репресијата се забрза откако тој ја започна целосната инвазија на Русија врз Украина во 2022 година.

Владата се обидува да всади патриотизам кај децата уште од првиот мандат на Путин. Критичарите велат дека користела алатки, од учебници по историја до милитаристички часови, за да изврши притисок врз младите луѓе да ги прифатат геополитичките наративи на Кремљ и да ја поддржат војната против Украина.

Напишано од Стив Гутерман, врз основа на извештај од Система


XS
SM
MD
LG