Вести
Американската Апелација пресуди, царините на Трамп се нелегални

Американскиот Апелационен суд на 30 август пресуди дека многу од царините што ги наметна американскиот претседател Доналд Трамп се нелегални.
Во исто време, Судот дозволи царините да останат на сила до средината на октомври, за да може американскиот претседател да има доволно време „да се бори пред Врховниот суд“.
Пресудата го потврди заклучокот на понискиот суд дека Трамп „ги пречекорил своите овластувања“ со користење на вонредни економски овластувања за воведување широк спектар на царини, објави новинската агенција Франс прес.
По објавувањето на пресудата, Трамп остро ја критикуваше одлуката на Судот на неговата платформа „Truth Social“ и објави дека ќе се бори „со помош на Врховниот суд на САД“.
„Апелациониот суд донесе неправилна одлука за нашите царини дека треба да бидат укинати, но тие знаат дека Соединетите Американски Држави на крајот ќе победат“, рече Трамп.
Пред пресудата, претставници на администрацијата на Трамп изјавија дека прогласувањето на царините за нелегални и нивното блокирање би ѝ наштетило на надворешната политика на САД.
„Таквата пресуда би ги поткопала пошироките стратешки интереси на САД дома и во странство, што веројатно би довело до одмазда и раскинување на договорените договори од страна на странските трговски партнери“, рече американскиот министер за трговија Хауард Лутник.
Царините на американската администрација стапија во сила на 7 август, за увоз од десетици земји, во опсег од 10 до 50 проценти.
Тоа значи дека компаниите што увезуваат странска стока во САД ќе мора да плаќаат даноци на владата, а експертите велат дека тие компании би можеле да ги префрлат трошоците на потрошувачите. Меѓу 90-те земји низ светот, новите царини важат и за земјите од Западен Балкан.
види ги сите денешни вести
Голем пожар во Виница во фабрика за вафли

Голем пожар избувна вечерва во фабриката „Макпрогрес“ во Виница. На терен интервенираат пожарникари од Виница и Кочани, а беше побарана помош и од противпожарните единици од соседните општини.
Со огнот е зафатен еден погон информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, а според Министерството за внатрешни работи, според досегашните информациите, нема повредени лица.
На социјалнтие мрежи се објавени видео снимки од кои може да се види силен оган и густ чад како се издига од фабриката попозната по производите „Винчини“, а многубројни противпожарни екипи се на самото место и се обидуваат да се справат со пожарот.
Присутни се и припадници на Доброволното противпожарно друштво (ДПД) Кочани, а според Ангелов, на пожарот територијалните противпожарни единици на Виница и Кочани се обидуваат да спречат огнот да се прошири кон останатите погони.
„На помош се тргнати и пожарникари од Свети Николе, Струмица и Пробиштип“, информира директорот на ДЗС.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека пожарот е пријавен во 18:40 часот преку единствениот број за итни случаи – 112.
„Денес, во 18:40 часот, во Центарот за управување со кризи преку бројот Е-112 е добиена пријава за пожар во фабриката за кандирани производи и вафли ‘Винчини’ во Виница“, велат од ЦУК.
Од ЦУК велат дека за градоначалникот на Виница, Миле Петков, е дадена насока да побара дополнителна поддршка и помош од соседните општини.
„Поддршка е побарана и од Општина Македонска Каменица и Штип. Доколку биде потребно, ќе се ангажираат сили и од други општини. Со оглед на тоа дека станува збор за специфичен урбан пожар, неопходно е ангажирање исклучиво на професионални пожарникари“,вели директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Пожарот, како што информираат оттаму, избувнал во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката, по што на терен веднаш излегле екипите на ТППЕ Виница со неколку противпожарни возила и пожарникари.
Се одржува Парада на гордоста во Белград, бучава наместо музика

Силни полициски сили го обезбедуваат центарот на Белград каде што се одржува овогодинешниот протестен Mарш на гордоста.
Портите на паркот Мањеж во Белград, каде што започнува прошетката, се отворени.
Барањата на ЛГБТИ+ заедницата остануваат непроменети со години бидејќи ниту едно од нив не е исполнето.
Првите две се однесуваат на усвојувањето на Законот за истополови заедници и Законот за родов идентитет.
Нацртот на Законот за истополови заедници е изготвен пред неколку години, но српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека „додека е на таа позиција, тој нема да биде усвоен“.
„Оттогаш не сме слушнале ниту еден збор за усвојувањето на тој закон и тука приказната запре. Што се однесува до Законот за родов идентитет, има некои предлози, но официјалниот нацрт на тој закон не постои, а неговото усвојување е уште помалку сигурно. А животите на луѓето минуваат и тие не можат законски да ги регулираат своите животи“, изјави Матија Стефановиќ од Белградскиот прајд за Радио Слободна Европа.
Горан Милетиќ, еден од организаторите, изјави во Мањеж дека слоганот на овогодинешниот Прајд „За семејството“ е избран поради клучно барање - а тоа е усвојувањето на Законот за истополови заедници.
Тој изјави дека ова е една од најсложените организации на Прајд досега поради социо-политичката ситуација.
Оваа година, Прајд е протест и „се солидаризира со студентите и граѓаните“, кои десет месеци се на улиците барајќи одговорност од властите за смртта на 16 лица во несреќа во Нови Сад.
Студентите во блокадата не ја изразија јавно својата поддршка за Прајд.
„Можеби мислат дека поврзувањето на нивните студентски протести со Прајд ќе го одвлече фокусот од примарните барања поврзани со борбата против системот и корупцијата. Веројатно постои и страв од јавни реакции, со оглед на високото ниво на хомофобија и трансфобија“, изјави Матеа Стефановиќ од организацијата Талас за РСЕ/РЛ.
Тој е редовен учесник во антивладините протести.
„Она што системот им го прави на студентите со месеци, го прави и на ЛГБТ заедницата со години. Но, и покрај сето тоа, многу ЛГБТ лица, вклучувајќи ме и мене, се на улиците.“
Иако концертот на гордоста е задолжителен дел од Белградскиот прајд, организаторите оваа година објавија дека не можат да затворат очи пред она што се случува во земјата. Организаторите објавија дека овогодинешнешната парада сепак е повеќе протест од кога било.
„На протестната прошетка, креваме бучава - за правда, за институции, за сите долгогодишни семејства невидливи пред законот, за сите транс и небинарни луѓе кои со години страдаат од системска и социјална дискриминација, како и за студентите, од кои многу се квир и кои се борат за подобра иднина 9 месеци на блокадите“, се додава во соопштението.
„Затоа оваа година, наместо музика, правиме бучава за време на прошетката“, објавија тие.
Агенција на ОН: Поштенскиот сообраќај кон САД е намален за повеќе од 80 проценти

Поштенскиот сообраќај кон САД е намален за повеќе од 80 проценти откако Вашингтон воведе нови тарифи, додека 88 оператори низ целиот свет целосно или делумно ги суспендираа услугите, соопшти Светскиот поштенски сојуз во саботата, пишува агенцијата АФП.
Агенцијата на Обединетите нации за поштенска соработка, работи на „брз развој на ново техничко решение што ќе помогне поштата повторно да оди во САД“, изјави нејзиниот генерален директор Масахико Метоки во соопштението.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп објави на крајот на јули дека ги откажува даночните ослободувања за мали пакети што влегуваат во САД од 29 август.
Овој потег предизвика серија најави од поштенските служби, вклучувајќи ги и оние во Австралија, Велика Британија, Франција, Германија, Индија, Италија и Јапонија, дека повеќето пакети наменети за САД повеќе нема да бидат прифаќани.
Светскиот поштенски сојуз соопшти дека податоците споделени меѓу поштенските оператори преку неговата електронска мрежа покажуваат дека сообраќајот кон САД е намален за 81 процент на 29 август, во споредба со претходната недела.
„Дополнително, 88 поштенски оператори го известија Светскиот поштенски сојуз дека ги суспендирале некои или сите поштенски услуги кон САД додека не се најде решение“, се вели во соопштението.
Меѓу нив се германската компанија Дојче Пост (Deutsche Post), британската Кралска пошта (Royal Mail) и два оператори во Босна и Херцеговина.
Светскиот поштенски сојуз, со седиште во швајцарскиот главен град Берн, е основан во 1874 година и има 192 земји-членки. Тој поставува правила за меѓународна размена на пошта и дава препораки за подобрување на услугите.
Фајнанс тинк: Нема нови работни места иако растот во вториот квартал благо забрза

Институтот за економски истражувања и политики Фајнанс тинк денеска соопшти дека растот во вториот квартал благо забрза, но не создаде нови работни места. Динамиката на економијата од вториот квартал, според Фајнанс тинк, се очекува да продолжи во текот на годината. Остануваат на проекцијата за реален раст на БДП во 2025 од 3.5 проценти, додека проекцијата за растот на цените се ревидира на 3.7 проценти (од 3.1 процент).
„Во вториот квартал од 2025, БДП се зголеми за 3.4 проценти на годишна основа, благо забрзувајќи ја динамиката од претходните квартали.Остварувањето е во линија со нашите очекувањата изразени во претходниот Макроекономски монитор и проекцијата од 3.5 проценти за целата 2025 година. Забрзувањето е, во голема мера, водено од растот во личната потрошувачка (3 проценти),која продолжи да го отсликувапозитивниот реален раст на платите, растот на пензиите и другите доходи и интензивираната кредитна поддршка на домаќинствата. Додека,јавната потрошувачка (-1 процент) се намали по интензивирањето во текот на 2024, наведува Фајнанс тинк во Макро-мониторот 14(2), за вториот квартал од 2025.
Растот на бруто инвестициите (6 проценти), укажува Фајнанс тинк, останува високо , додека,извозот (9.1 процент) и увозот (8 проценти) закрепнаа по продолжен период на стагнација и падови, но варибилноста и понатаму ги одразува неизвесностите кај трговските партнери на европскиот континент и од царинската политика на САД. На производната страна, растот во овој квартал е на широка основа како и претходно, со благи забрзувања кај земјоделството (1.8 проценти) и индустријата (3.9 проценти),а задржување на динамиката кај градежништвото (7.3 проценти) и услугите (2.7 проценти).
Како што наведува Институтот, невработеноста во вториот квартал од 2025 понатамошно благо се намали на 11.5 проценти (од 11.7 проценти). Но, посочува, во овој квартал, се намали и активноста на населението (52.2 проценти од 52.4 проценти), како резултат на што се намали вработеноста на 46.2 проценти (од 46.3 проценти).
„Овие движења упатуваат на зголемување на воздржаноста на пазарот на труд. Сепак, губењето 1,000 работни места во нето износ во однос на претходниот квартал е секторски хетерогено. Најмногу работни места се изгубени во ИТ секторот (над 4 илјади, поради глобални секторски трендови) и јавната администрација (над 3 илјади), а креирани се работни места во градежништвото (над 4 илјади), хотели и ресторани (близу 4 илјади) и земјоделството (над 3 илјади), односно секторите со солиден реален раст на додадената вредност, посочуваат од Фајнанс тинк.
Во вториот квартал од 2025, инфлацијата благо забави на 3.8 проценти на годишна основа (од 4.2 проценти), но, истакнува Институтот, и понатаму остана висока. Опстојувањето е сé повеќесврзано со ефектите од порастот на реалните доходи врз потрошувачката (раст на базичната инфлација од 4.9 проценти). Овие ризици налагаат потреба од понатамошна претпазливост и од фискалната и од монетарната страна.
Според институтот динамиката на економијата од овој квартал се очекува да продолжи во текот на 2025 година. Ризик за растот остануваат глабалните неизвесности, а на домашната сцена основен ризик е упорната инфлација.
Проекцијата за реален раст на БДП во 2025 од 3.5 проценти, додека проекцијата за растот на цените се ревидира на 3.7 проценти (од 3.1 проценти), наведуваат од Фајнанс тинк.
Нова наредба на Трамп: Земјите што неправедно притвораат американски државјани се спонзори на тероризам

Претседателот на САД, Доналд Трамп, потпиша извршна наредба со која може да се означат земјите што погрешно притвориле американски државјани како државни спонзори на тероризам, вклучувајќи ги Иран, Авганистан, Русија и Кина.
На брифингот за медиумите на 5 септември, високи претставници на администрацијата изјавија дека Вашингтон ќе ги таргетира земјите што држат неправедно притворени Американци, како и оние што се вклучуваат во „заложничка дипломатија“.
„Како и со ознаката за држава спонзор на тероризам, ниедна нација не треба да сака да заврши на оваа листа“, изјави државниот секретар Марко Рубио во соопштението.
Наредбата ќе воведе казнени мерки, вклучително и санкции, за оние за кои Вашингтон смета дека неправедно притвораат Американци.
Друг висок претставник на администрацијата им рече на новинарите дека казните ќе бидат слични на оние според сегашните ознаки за странски терористички организации, вклучително и казни како што се санкции, контрола на извозот и забрана за влез во САД за оние за кои ќе се утврди дека се поврзани со нелегални притворања.
„Денес сè се менува во врска со одметнатите режими и режимите што мислат дека Американците можат да се третираат како пиони“, им рече друг претставник на новинарите.
„Денес повлекуваме многу јасна линија. Нема да ги користите Американците како адут за преговарање“, рече функционерот, зборувајќи под услов да остане анонимен.
Службениците им кажаа на новинарите дека администрацијата на Трамп обезбедила враќање на 72 американски граѓани, вклучувајќи ги и оние од Русија и Авганистан.
„Извлековме многу луѓе и ќе продолжиме“, рече претседателот Доналд Трамп на 5 септември.
Според политиката, Вашингтон ќе ја извести земјата откако ќе утврди дека имало неправедно притворање, рекоа функционерите.
Земјите ќе имаат одреден временски период да дејствуваат пред Вашингтон да воведе санкции.
Еден од функционерите рече дека Вашингтон би можел да одлучи да ги укине санкциите ако се утврди дека се преземаат правилни мерки.
„Во случај како Иран или Русија, мислам дека ќе видите промена тука“, рече функционерот.
Американските функционери рекоа дека веруваат дека Русија држи девет американски државјани. Се верува дека Иран држи осум.
Русија е под посебни санкции од САД и Европа поврзани со инвазијата на Украина што започна во февруари 2022 година.
Иран е означен од САД како држава спонзор на тероризам и е исто така под целосната листа на санкции од САД.
„Глобал Рич“, непрофитна организација која работи на обезбедување ослободување на американски граѓани кои се држат како заложници или се неправедно притворени во странски земји, го поздрави потегот.
„Оваа ознака е нешто што ќе им даде сила на напорите на владата на САД да ги врати дома притворените Американци и да ги одврати земјите што го кршат законот од вклучување во „заложничка дипломатија“, изјави извршниот директор Мики Бергман во соопштението.
Акција на полицијата на антивладиниот протест во Нови Сад

Полицијата интервенираше на неколку места во Нови Сад на 5 септември за време на антивладиниот протест свикан од студенти кои ги блокираа високообразовните институции.
Полицијата првично ги потисна демонстрантите пред Филозофскиот факултет во тој град, каде што се собраа демонстрантите.
За време на протестот беше фрлена голема количина пиротехнички средства и солзавец, објави репортер на РСЕ.
Полициската акција подоцна продолжи на неколку локации во Нови Сад.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, објави дека полицијата ја извршувала својата работа на строго професионален начин и дека 11 полицајци биле повредени.
Вучиќ, исто така, рече дека демонстрантите „со присуство на претставници на Европскиот парламент се обиделе да ја загрозат безбедноста на Србија и да ги окупираат просториите на Филозофскиот факултет во Нови Сад“.
Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, претходно изјави дека на протестот во Нови Сад присуствувале претставникот на Европскиот парламент, Расмус Нордквист од Данска, како и Вула Цеци од Грција, копретседател на Европскиот парламент.
Студентите во блокадата по протестот објавија на социјалните мрежи дека Вучиќ „морал да го оправда доведувањето на полицијата до овој степен (во Нови Сад), па затоа повторно нападна мирни граѓани“.
„Полицијата брка луѓе на улица и апси голем број граѓани“, наведоа тие во соопштението.
Агенцијата Бета објави дека околу стотина полицајци учествувале во полициската интервенција пред факултетот, како и две возила-камиони, кои се користат за превоз на припадници на таа единица.
Овој протест претходно го повикаа студентите во блокадата, наведувајќи дека протестот е одговор на „полициската бруталност“, како и „неоправданото притворање на полицајци во зградите на два факултета во Нови Сад“.
Имено, на покана на деканот, полицијата е присутна на два факултета во Нови Сад, Филозофскиот факултет од 26 август и Факултетот за спорт и физичко образование од 1 септември.
На 26 август, деканот на Филозофскиот факултет, Миливоје Алановиќ, влезе во зградата на факултетот со неколку вработени и ги избрка студентите кои го блокираа факултетот.
На негов повик, десетици полицајци се наоѓаат во зградата континуирано од тогаш.
Исто така, на 1 септември, деканот на Факултетот за спорт и физичко образование (ДИФ) во Нови Сад, Патрик Дрид, влезе во факултетот во придружба на полицијата.
Во Србија, антивладините протести, предводени од студенти, траат повеќе од девет месеци, со кои се бара одговорност од владата за смртта на 16 лица при падот на крошната на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември.
Израелската армија повикува на евакуација на градот Газа

Во сабота, 6 септември, израелската армија ги повика жителите на градот Газа да се евакуираат во „хуманитарната зона“ на југот од Појасот Газа, во очекување на претстојниот копнен напад врз најголемиот град на палестинската територија, како што јавува АФП.
„За да се олесни заминувањето на жителите на градот, ја прогласуваме (крајбрежната) област Ал-Маваси“ за хуманитарна зона, на југот од Појасот Газа, објави портпаролот на израелската армија на социјалните мрежи.
Портпаролот им се обрати на „жителите на Газа и на сите оние што се таму“ на арапски јазик.
„Искористете ја оваа можност да се преселите во хуманитарната зона без одложување и да им се придружите на илјадниците луѓе што веќе отишле таму“, додаде таа.
Обединетите нации (ОН) проценуваат дека околу еден милион луѓе се во градот Газа и предупредуваат на претстојна „катастрофа“ во случај на израелска офанзива врз градот.
ОН проценува дека има околу еден милион луѓе во и околу градот Газа, предупредувајќи на претстојна „катастрофа“ ако израелската армија продолжи со своите планови за освојување на градот.
Израел е под зголемен притисок дома и во странство да ја прекине офанзивата и војната во Газа.
Хамас, прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ, минатиот месец се согласи на предлог за прекин на огнот, кој вклучуваше привремено примирје и постепено ослободување на заложниците што ги држи во Газа.
Сепак, Израел побара палестинската милитантна група веднаш да ги ослободи сите заложници, да го положи оружјето и да се откаже од контролата врз Газа, меѓу другите услови.
Во посебна изјава во саботата, армијата соопшти дека хуманитарната зона на југот има потребна „инфраструктура како што се теренски болници, водоснабдување и постројки за десалинизација, заедно со континуирано снабдување со храна, шатори, лекови и медицинска опрема“.
Додадено е дека хуманитарните напори во зоната „ќе продолжат континуирано во соработка со ОН и меѓународните организации, паралелно со проширувањето на копнената операција“.
Израел првпат го прогласи Ал-Маваси за безбедна зона на почетокот на војната, што беше предизвикано од напад на Хамас на 7 октомври 2023 година.
Сепак, војската оттогаш изврши бројни бомбардирања во областа, велејќи дека целта биле борци на Хамас кои се криеле меѓу цивилите.
Трамп вели дека верува оти Белорусија ќе ослободи стотици политички затвореници во „блиска иднина“

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, кој изненади многумина во август со телефонски разговор со белорускиот лидер Александар Лукашенко, рече дека верува оти оваа источноевропска нација ќе ослободи многу од стотиците политички затвореници што ги држи.
„Верувам дека ќе ослободат многу од тие 1.400“, изјави Трамп пред новинарите на 5 септември, додавајќи дека тоа би можело да се случи „во прилично блиска иднина“.
Тој не даде детали.
На 15 август, американскиот претседател рече дека го повикал авторитарниот Лукашенко само неколку часа пред неговиот самит во Алјаска со рускиот претседател Владимир Путин, кој има блиски врски со Лукашенко.
Во тоа време, Трамп напиша на социјалните мрежи, при тоа опишувајќи го Лукашенко како „многу почитуван претседател“, дека разговорот се фокусирал на ослободувањето на политичките затвореници.
За Лукашенко, кој долго време е критикуван и изолиран од Западот како диктатор и верен сојузник на Путин, поканата на Трамп претставуваше дипломатски пробив.
Според Валеро Кавалеуски, раководител на протеран експертски тим, Агенција за евроатлантски прашања, акцентот на Трамп врз политичките затвореници е длабоко симболичен.
„Трамп го стави хуманитарното прашање, ослободувањето на политичките затвореници, на самиот врв на својата порака“, изјави Кавалеуски за Радио Слободна Европа.
„Ова нагласува дека хуманитарните преговори се погодни и за Минск и за Вашингтон. Тие избегнуваат тешки прашања како што се геополитиката или војната во Украина, додека дејствуваат благородно и достоинствено затоа што се однесуваат на животите на луѓето.“
Марина Касинерава од организацијата „Дисидентби“, која ги поддржува политичките затвореници, рече дека точниот број на политички затвореници во Белорусија е непознат.
„Системот направи сè за да ги скрие злосторствата против човековите права, вклучително и затворањето на распоредот за судења“, рече таа.
Белорускиот центар за човекови права „Вјасна“ соопшти дека документирал 1.197 лица во Белорусија кои се сметаат за политички затвореници од 6 септември.
„Повеќето од овие луѓе беа цел на политички мотивирани гонења поврзани со настани што се случија за време и по претседателските избори во август 2020 година“, соопшти групата.
Земјата беше потресена од масовни протести поради спорните претседателски избори на кои долгогодишниот авторитарен Лукашенко дојде на власт за шести последователен мандат. Опозицијата и западните влади тврдат дека гласањето било наместено.
Ова доведе до брутална репресија од страна на белоруските власти и масовни апсења на луѓе поврзани со уличните протести.
Во изминатите пет години, 8.532 лица се соочија со политички мотивирани кривични обвиненија, а 7.299 беа осудени, според „Вјасна“.
Активистите за човекови права велат дека ослободувањето на стотици политички затвореници би било многу добредојдено. Но, тие истакнуваат дека, доколку репресијата не престане, таков потег ќе биде повеќе тактички маневар отколку системска промена.
Истражители од ОЈО ГОКК на увид во АНБ за аферата за прислушувањето

Обвинители и истражители од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) на 5 септември влегле во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) како дел од предистрагата за наводите за незаконско прислушување. Според соопштението од обвинителствоо била договорена динамиката за спроведување на увидот во документацијата со која располага АНБ, а која се однесува на наводите содржани во известувањата доставени до ОЈО ГОКК.
„Со оглед дека станува збор за обемна и сензитивна документација врз основа на која треба да се обезбедат релевантни докази, како и фактот дека истата има степен на доверливост, увидот ќе трае во наредниот период, а ќе се преземаат и други предистражни дејствија“, се вели во соопштението од ОЈО ГОК.
Во меѓувреме, на сајтот на Собранието беше објавено дека Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање ќе одржи седница на 10 септември во 11 часот со точка на дневен ред Предлог на заклучок за вршење на надзор над работата на АНБ.
Претходно денеска истата седница беше закажана во 11 часот и во 17 часот, но не се одржа.
„Истовремено, за истиот ден е предвидена и надзорна посета во просториите на Агенцијата за национална безбедност“, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши.
Од Обвинителството информираа на втори септември дека по насоки на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, оформиле предмет во кој се преземаат дејствија на проверки на наводите за следење на премиерот Христијан Мицкоски, како и дека детално ќе бидат испитани и наводите во последните известувања од АНБ.
Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски претходно изјави дека за случајот е информирано надлежното јавно обвинителство не откривајќи детали колку лица биле опфатени со прислушувањето бидејќи се работи за класифицирани документи. За периодот кога е вршено прислушувањето, Христовски рече дека во 2019 година АНБ била се, само не реформирана агенција.
„Повеќе било фасада од реформирана институција. Тоа што се случувало внатре било да една помала група составувајќи ја од еден поранешен директор и помала група вработени и тоа како имаме индиции дека ја злоупотребиле својата службена положба. За истото е известено надлежното јавно обвинителство и повеќе детали за ова не би можел да споделам, се со висока квалификација и се сензитивни, и не би сакале да нарушиме некој законски процес и воедно да попречиме процес кој е или би бил отпочнат од јавното обвинителство, рече Христовски.
Премиерот Христијан Мицкоски,во изминатиот период трврди дека бил следен во периодот кога бил опозициски лидер. Тој се надева дека оние што ја злоуотребиле службената положба во тоа време, ќе одговараат.
„Очекувам овие глодари да завршат онаму каде што им е местото, позади решетки, еднаш засекогаш да се ставио крај на злоупотребата на ваквиот тип на агенции и ресурсите со кои тие располагаат, изјави Мицкоски.
Коментирајќи ги наводите за следење на премиерот и други функционери, лиерот на СДСМ, Венко Филипче денеска рече дека „јавноста заслужува одговори и транспарентност.
„Да ве потсветам имаше најава некаква за поткуп на премиерот, понатаму дека бил следен со дронови, понатаму дека ќе има дестабилизација и еве сега некакво следење. Денеска има изјава и од поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност, и тој самиот вели, еве, барем нека се декласифицираат информацијата, па да видиме каква е вестината. За да нема лов на вештерки, лов на вештерки, лов во матно мислам дека граѓаните јавноста го заслужуваат тоа“, рече Филипче.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на 2-ри септември соопшти дека по насоки на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски оформило предмет во кој се преземаат дејствија на проверки на наводите за следење на премиерот. При тоа, од Обвинителството посочуваат дека детално ќе бидат испитани и наводите во последните известувања од АНБ како и дека Јавното обвинителство нема никаква можност за незаконско следење на комуникациите.
ЕУ во Косово загрижена за криминализацијата на невладините организации

Канцеларијата на Европската Унија во Косово изрази загриженост во врска со неодамнешните медиумски извештаи кои, според соопштението, „се обид за заплашување и криминализирање на работата на невладините организации“.
Реакција на ЕУ уследи по емисија емитувана на телевизијата Клан Косова на 4 септември, во која српската невладина организација Актив од Северна Митровица беше обвинета за „напад врз полицијата и државата Косово“.
„Како и медиумите, невладините организации се клучен столб на косовското граѓанско општество, а нивната улога е да ги следат, анализираат и да ги повикуваат властите, вклучително и косовската полиција, на одговорност“, се вели во соопштението на Канцеларијата на ЕУ во Косово.
Се додава дека на крајот на 2024 година, Актив, во соработка со неколку други српски невладини организации, објавил јавен извештај во кој го привлекува вниманието кон несоодветното однесување на одредени припадници на косовската полиција и употребата на „неовластени симболи“.
„Министерството за внатрешни работи и косовската полиција го признаа овој проблем и формираа работна група за негово решавање, во партнерство со меѓународната заедница, вклучително и ЕУ“, се наведува понатаму во реакцијата.
Невладината организација Актив, исто така, реагираше претходно, истакнувајќи дека силно ги осудува и категорично ги отфрла како неточни, злонамерни и неодговорни наводите изнесени во емисијата „Ора Стате“ на телевизијата Клан Косова.
Во соопштението, Актив наведува дека новинарот Куштрим Беколи изнесе низа неосновани обвинувања против нив, осврнувајќи се на извештајот „Етнизација на косовската полиција: Уривање на темелите на Ахтисари на граѓанска и мултиетничка институција“, кој беше заеднички објавен од пет организации на граѓанското општество - Нова социјална иницијатива, Центар за афирмативна социјална акција, Институт за територијален економски развој, Актив и Центар за застапување на демократска култура.
„Најсериозното обвинување беше тврдењето дека невладината организација Актив се занимава со „шпионажа“ и претставува закана за уставниот поредок на Косово. Ваквите клеветнички изјави претставуваат сериозна навреда и опасно се претставуваат како факти, со што нашата организација и другите српски невладини организации во Косово се ставаат во потенцијална опасност, особено во чувствителната и нестабилна социо-политичка средина во која работиме“, се наведува во студијата.
Во студијата „Етнизација на косовската полиција“, српските невладини организации истакнаа дека полицајците прикажуваат симболи на Албанија и Ослободителната војска на Косово на своите униформи и дека такво нешто не придонесува за мир и толеранција, туку напротив ги зајакнува постојните поделби и тензии.
Објавено е по низа поплаки за полицијата во северно Косово од граѓани и предупредувања од граѓанското општество дека полицијата користи „сила“ за воспоставување власт.
Косовското Министерство за внатрешни работи во тоа време изјави за Радио Слободна Европа дека се свесни за поплаките од граѓани од српската заедница во врска со работата на полицијата и дека тесно соработуваат со Инспекторатот на косовската полиција по ова прашање.
Актив, во својот одговор, нагласи дека нападот врз нив го поткопува граѓанското општество, го делегитимира гласот на српската заедница во Косово и ги загрозува темелите на мултиетничко и демократско општество.
Организацијата ги повика регулаторните институции на Косово, како што се Независната комисија за медиуми (МММ) и саморегулаторното тело Косовскиот совет за печат, како и меѓународната заедница, да реагираат, а институциите на Косово, особено Обвинителството, да ги истражат постапките на Клан Косова, „да покренат соодветни постапки и да преземат конкре
Итни чекори за заштита на граѓанското општество од кампањи за клевета и наративи на омраза“.
Невладината организација Сбункер, која промовира демократски вредности во Косово и регионот, исто така, презентираше студија претходно оваа година насловена како „Борба против екстремизмот во Косово: Трендови, предизвици и контрамерки“, која исто така укажува на порастот на етнонационализмот и неговиот придонес кон поделбите во општеството.
Истражувањето наведува дека интервјуата и фокус групите покажале дека кај младите Албанци, национализмот има повеќе одбранбен карактер – се фокусира на заштита на суверенитетот на Косово и барање правда за минатото, наместо на исклучување на другите етнички групи.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете