„Јас не познавам родител кој не фатил врски за да го запише детето во која било од државните градинки во Аеродром. Гужвата е преголема, а листите на чекање се предолги. Ако немаш ургенција, нема ни да ти ја погледнат пријавата“, вели скопјанецот Андреј. С. кој морал да искористи лични контакти за да го запише својот син во градинка.
Со сопругата сметале дека запишувањето на нивното второ дете би било полесно, но наишле на нов проблем.
„Кога прашавме во градинката ни рекоа дека нема значење тоа што таму веќе е запишано поголемото дете. Ни кажаа дека второто ќе го запишат во оној клон односно објект каде што ќе има место. Тоа значи дека треба да трчаш после работа од една во друга градинка за да си ги земеш децата“, додава Андреј.
Аеродром со најдолга листа на чекање за упис во градинките
Неговата општина, всушност предничи на листата на општини на територијата на Град Скопје, каде што е најголем бројот на деца кои чекаат за упис во некоја од градинките.
Покрај Аеродром, проблемот е особено изразен и во Ѓорче Петров, Кисела Вода, Гази Баба, Карпош и Сарај..
Надвор од Скопје, листите на чекање за упис се најдолги во Битола, Куманово, Струга, Охрид и Гостивар – велат од Министерството за социјална политика, демографија и млади за Радио Слободна Европа.
Од вкупно 80 општини во државата, во 68 општини се нуди некоја од формите за предучилишно згрижување, воспитание и образование – додаваат од ресорното Министерство.
Токму до оваа институција е адресиран предлогот за државни субвенции на Асоцијацијата „Полет“ која брои 20 приватни градинки, каде месечната сума што ја плаќаат родителите се движи од 18.000 до 24.000 денари. Овие градинки во моментот згрижуваат нешто повеќе од 1200 дечиња, чиј престој таму, според предлогот, уште во старт би бил субвенциониран.
Можност за дополнителни капацитети за 1260 деца во приватните градинки
Асоцијацијата предлага тие да добиваат месечен ваучер од по 250 евра. На годишно ниво, тоа би ја чинело државата 3.780.000 евра.
Приватните градинки велат дека дополнително би можеле да обезбедат и опремат просторни капацитети за згрижување на уште 1260 дечиња. Од оваа вкупна бројка, пет до десет проценти би биле деца од ранливи категории. Проектот предвидува за нив, посетата на градинка да биде целосно бесплатна како гаранција за правичност за секое дете.
Стефан Кливановски, кој е дел од оваа Асоцијација и сопственик на градинка со објекти во Аеродром и Кисела Вода, потенцира дека сумата која тие ја бараат е помала од онаа со која веќе се субвенционираат државните градинки.
„Државата месечно издвојува околу 18.000 денари за секое дете згрижено во јавна предучилишна установа. Родителот учествува само со 1.490 денари, а во одредени општини со 2.000 денари, додека остатокот до целата вредност го покрива државата. Логично и праведно би било, субвенциите што фактички постојат, да го следат детето, без оглед на тоа дали е згрижено во јавна или приватна градинка“, вели Кливановски во изјава за Радио Слободна Европа.
Според него, ова би претставувало поттик за отворање нови приватни градинки. На овој начин, додава тој, децата ќе имаат поголем пристап до квалитетна грижа, независно дали се во државен или приватен систем.
Кливановски смета дека доколку се прифати нивниот предлог, предучилишното образование би било поефикасно и би опфатило повеќе деца, а тоа нема да го оптовари државниот буџет за капитални инвестиции во нови градинки.
„Моделот предвидува родителот најпрво да се обрати до државна градинка. Доколку таму нема слободно место, ќе добие потврда за тоа, со која ќе може да го запише своето дете во приватна градинка по сопствен избор и да ја користи државната субвенција. На ваков начин, не само што ќе се зголеми опфатот на деца, туку ќе се стимулира и вработување во приватниот сектор“, додава претставникот на „Полет“.
Модел за намалување на нееднаквоста меѓу децата
Од оваа Асоцијација сметаат дека моделот кој тие го предлагаат, ќе ја намали нееднаквоста меѓу децата чии родители можат да си дозволат приватна установа и оние кои се оставени на долгите листи на чекање во јавните градинки.
„Особено загрижува состојбата во Скопје, каде недостигот на капацитети ја продлабочува социјалната нерамнотежа. Треба да се има предвид дека предучилишното образование не е само подготовка за училиште – тоа е темел за целокупниот интелектуален, емоционален и социјален развој на децата“, посочува Кливановски за РСЕ.
Тој потенцира дека бројот на деца кои одат во градинка овде, е далеку под стандардите на развиените земји.
Оваа состојба, вели Кливановски, ги ограничува детските потенцијали:
„Искуствата од високо развиените земји покажуваат дека големиот процент на деца кои посетуваат градинка е во корелација со посилни образовни системи и подобар општествен развој. Сепак, според податоците на Државниот завод за статистика, во 2023 година во градинките во Македонија биле запишани помалку од 30% од децата на возраст од 0 до 6 години“.
Кливановски додава дека во некои други земји, токму властите се обратиле за помош до приватниот сектор, по што почнале да се отвораат и нови капацитети. Како пример, тој ја посочува соседна Србија.
„Кога отпочнал субвенционираниот престој, градот Белград броел 72 приватни градинки. За кратко време, таму се достасува до бројка од 322 нови приватни градинки и рапидно зголемување на процентот на опфат на деца во градинките“, потенцира Кливановски додавајќи дека ваквиот испробан модел, македонските власти, треба само да го пресликаат.
И недостигот на кадар како дел од проблемот
За овој предлог, претставници на Асоцијацијата веќе оствариле средба со ресорниот министер Фатмир Лимани, како и со раководните структури во надлежното министерство – потврдија оттаму за Радио Слободна Европа.
-Во фокусот на разговорот беа исто така актуелните предизвици со кои се соочува предучилишното воспитание и образование. Се дискутираше за потребата од системски пристап во подобрувањето на законската рамка, професионализација и лиценцирање на кадарот, како и за проширување на пристапот до приватните предучилишни установи преку јасни и фер механизми на државна поддршка – се наведува во писмениот одговор до РСЕ.
Од Министерството за социјална политика, демографија и млади, за РСЕ велат дека како проблем во предучилишното образование е детектиран и недостигот на кадар, но додаваат дека работат на негово надминување.
Овој проблем е застапен и во оние градови каде што нема потреба од „врски“ за упис во градинките – потврдуваат родители од внатрешноста со кои разговараше Радио Слободна Европа.
Мајка на тригодишно дете од Штип, вели дека кога го запишале во една од градинките, веднаш имало место. Сепак, во групата која брои 15 деца има само една негувателка и една воспитувачка, а како што вели, во други градинки групите на деца се поголеми, но бројот на вработени кои се грижат за нив е ист.
Слична е ситуацијата и во соседната општина, Радовиш, но нашата соговорничка од овој град вели дека од моментот на упис до тргнувањето на детето во градинка може да помине и половина година.
„Децата чекаат на листата бидејќи нема доволно вработени. Во групата на мојот син има повеќе од 20 деца, а во други групи се и по 30, но за нив се грижат само една воспитувачка и една негувателка. Уште при уписот ни беше кажано дека ќе мораме да почекаме поради проблемот со малиот број вработени. Јас сум задоволна од нив, работат со децата и бараат начини за да ги држат мирни, но сепак се само две“, вели мајката на четиригодишно дете.
Додека надлежните најавуваат решавање на овој проблем, веќе е отпочната изградбата на нови градинки во општините Чаир, Могила, Делчево, Желино, Долнени, Карпош и Валандово. Од ресорното Министерство додаваат дека се работи и на доградба на детски градинки во Гевгелија, Карбинци и Дебар.
За Радио Слободна Европа, оттаму информираат дека по една нова градинка ќе добијат општините Зелениково и Брвеница.
Преку Програмата АА 2023 година нови детски градинки се во изградба во општините Кисела Вода, Гази Баба, Ѓорче Петров, Бутел и Карпош.
Согласно потпрограма АА 2024 година на Владата, планирано е нови градинки во општините Петровец, Гази Баби во Инџиково, во Ѓорче Петров и Карпош, а со потпрограма АА 2025 година во општините Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош и Чашка – додаваат од Министерството.